Не треба да се плашиме од антихристот или од бројот 666

Старец Порфириј

Старец Порфириј

Еднаш старец Порфириј ми рече:

„Отче Атанасиј (земајќи ме цврсто за рака), јас сум слеп, моите очи сега не гледаат зашто имам рак на хипофизата, но имам духовни очи и гледам. Пред да си одиш, сакам да ми кажеш што ви кажа старецот Емилијан за бројот 666 и за антихристот?“

Тоа беше во деновите на чернобилската несреќа и луѓето беа многу вознемирени и секој ден доаѓаше мноштво народ кај старец Порфириј, кој, пак, тогаш беше во близина на Атина, прашувајќи го: „Што ќе се случи, дали ќе дојде антихристот  и ќе ни стави печат со бројот 666?“

Старецот ме запраша: „Кажи ми дете мое, што вели старецот Емилијан за 666 и за антихристот?“

Му одговорив: „На соборот пред неколку дена, тој ни кажа да не се грижиме, туку треба да нè интересира живата врска со Христос, а не да обрнуваме внимание на антихристот, зашто тогаш тој ќе стане центар на нашите животи, наместо Христос“.

Старецот тропна со рацете по креветот и рече: „Што кажа дете мое, што кажа?! Слава Ти, Боже, што најдов духовен отец кој се сложува со мене!  Дете мое, што работат световните духовници? Душите на многу луѓе и семејства се растревожени, се создадоа многу психолошки проблеми со бројот 666, луѓето во светот не можат да спијат и земаат психијатриски лекови за да можат да заспијат. Што е ова? Христос не ги сака овие работи дете мое. Може ли да ти кажам нешто?“

„Што, старче?“ – му одговорив. Toj ми рече: „За нас христијаните, кога ќе Го спознаеме Христос не постои антихрист. Кажи ми нешто, јас седам на овој кревет, можеш ли и ти да седиш на моето место?“

Му реков: „Не стaрче“.

Тогаш ме праша: „A зошто?“

Јас му одговорив: „Затоа што ако седнам ќе ве потиснам вас“.

Повторно ме праша: „Дали никогаш не ќе можеш да седнеш овде?“

Му реков: „Кога ќе станете вие, старче, тогаш ќе можам да седнам“.

Тој ми рече: „Во право си, дете мое. Истото се случува и со нашите души. Кога Го имаме Христос во нас, може ли да дојде антихристот?“ Може ли нешто спротивно на ова да влезе во нашите души? Поради таа причина, дете мое, ние денес Го немаме Христос во нас, затоа што се грижиме за антихристот.

Кога е Христос во нас, сè станува Рај. Христос е сè, дете мое, и не треба да се плашиме од противникот, тоа секогаш треба да им се кажува на луѓето. И дозволи ми да ти кажам уште нешто. Ако навистина дојде сега антихристот и насилно со ласер ме жигоса со 666, јас не би се вознемирил. Ќе ми речете: „Старче, не ли е тоа печатот на антихристот?“ Да, но и илјада пати да напише на мене со ласер неизбришливо, пак не би се вознемирил.

Зошто? Затоа што дете мое, првите маченици ги фрлаа на дивите ѕверови, но кога ќе се прекрстеа, дивите ѕверови стануваа како јагниња. Тие ги фрлаа во море, но кога ќе го осенеа морето со крстот, тоа стануваше како суво и тие одеа по него. Ги фрлаа во оган, но кога ќе се прекрстеа, огнот ќе оладеше. Благословено дете мое, што станавме ние денес? Дали веруваме во Христос? Во нашиот Крст? Зошто дојде Христос? Не дојде ли Христос да нè укрепи во болеста?

Тоа треба да му го кажеш на старецот, дете мое. А ти треба да им кажеш на луѓето да не се плашат од антихристот, зашто ние сме Христови деца и деца на Црквата“.

Сето ова остави голем впечеток на мене.

И додавајќи ме запраша: „Може ли да ти кажам нешто?“

Реков: „Секако, старче“.

„Патријархот Димитриј, како дојде во Атина?“

„Со авион“, – му одговорив.

„Па, да, знам дека дојде со авион, сигурно не мислиш дека дојде со пливање? Со кои документи?“

„Со пасош, старче“ – му одговорив.

„Грчки или турски?“

„Не знам“, – реков.

„Пак мудруваш. Тој е дојден со турски, и кој е грбот на Турција, знаеш?“

Му одговорив: „Не знам, старче“.

„Сега претера, не знаеш кој е грбот на Турција? Па полумесечината. А знаеш ли како Отците ја нарекуваа полумесечината по појавата на Мухамед?“

„Не, старче“ – реков.

Шегувајќи се, рече: „Па јас треба да ти ја земам дипломата и да ја искинам, каков теолог си ти? Полумесечината е симбол на антихристот. Ако полумесечината е симбол на антихристот и ако пасошот на патријархот го има симболот на антихристот (и неговите печати, колку ли печати ставаа внатре?), дали тоа значи дека нашиот патријарх е антихрист?

Не, дете мое, не! Немој да ја ограничуваш толку Евангелската порака! Христос не е толку тесноград како луѓето кои сакаат да го бранат своето мислење.

Тоа треба да му го кажеш на старецот и тоа е она што треба да го кажувате на народот: Ние не треба да се плашиме од антихристот или од бројот 666“.

Превод од српски јазик:

Благоја Трајкоски, дипл. Теолог

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑