Акатист за Успението на Пресвета Богородица

Кондак 1

Тебе, избраната од сите родови Божја Мајка и Царица, Која се искачи од небото кон земјата, побожни песни Ти принесуваме, ние Твоите слуги, за Твоето пречесно Успение, Богородице: Ти Која имаш победа над смртта, од сите смртоносни неволји избави нè, за да Ти повикуваме: Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави. 

 

Икос 1

 

Ангел претстател беше испратен да ì рече на Богородица, при Нејзиното надземно вознесение: и најавувајќи го доаѓањето кај Неа на Нејзиниот Син и Бог, светло блескајќи заради неа, и стоејќи, повикуваше вака:

Радувај се, преблагодатна Мајко на Царот;

Радувај се, небесна Царице, Мајко на Бога и Господа на небото и земјата.

Радувај се, претпочитувана заради доаѓањето кај Тебе на Твојот Син и Бог;

Радувај се, возвеличена од полнотата на Твоето присуство при заминувањето на Синот Твој.

Радувај се, Богоизбрана од сите родови;

Радувај се, свето сместилиште на Словото Божјо.

Радувај се, исполнување на пророчките кажувања;

Радувај се, пречесен венецу на апостолите.

Радувај се, укрепување и сило на царевите;

Радувај се, украсу на светителите и добрино на свештениците.

Радувај се, издигнување на богомудрите монаси кон вишното царство;

Радувај се, зашто ги отвораш рајските порти за родот христијански, кој секогаш Те ублажува.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 2

 

Виде апостолскиот хор, како со длабока почит од крајот на земјата до небото, Пренепорочна, пред Твоето пречесно Успение, стојат свештеноначалниците: Дионисиј, небесниот тајник, Јеротеј прекрасниот и Тимотеј со добар дел од свештенството, пеејќи Му на Бога: Алилуја!

 

Икос 2

 

Сето разумно создание и ангелските чинови, дојдоа со својот Цар, Кој ја прими во Своите животодавни раце душата на Својата Мајка; Петар, кој имаше горешта вера, со многу солзи повика кон Неа, велејќи:

Радувај се, Мајко на Создателот, Која заминуваш кон другиот свет;

Радувај се, зашто си земена од наднебесните и пошироки од небесата пространства.

Радувај се, зашто со Твоето вознесување ги освети четирите стихии;

Радувај се, зашто со Твоето преминување ги развесели небесните жители.

Радувај се, зашто беше примена во небесниот прекрасен Ерусалим;

Радувај се, зашто со радост влегуваш во неракотворните храмови.

Радувај се, Царице на херувимите и серафимите;

Радувај се, Владичице на архангелите.

Радувај се, прибежиште и избавување на верните;

Радувај се, помош и заштито на Твоето наследство.

Радувај се, Застапничке пред Бога за сиот свет христијански;

Радувај се, предобра Дарителке на секакви богатства.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 3

 

Силата на Севишниот го грабна Тома од Индија, кој по Божја волја не беше присутен на пречесното Успение на Богомајката, и го постави пред живоприемниот Нејзин гроб, а тој, пак, се наведна очекувајќи да ја види преставената, па откако сфати дека Таа се вознела на небесата со тело, поверува и повика: Алијуја!

 

Икос 3

 

Имајќи во себе помисли ученикот, зашто по Божја промисла не беше заедно со другите при погребението на Богомајката, се израдува поради Нејзиното бесмртно Успение, повикувајќи ì вака:

Радувај се, зашто Твојот Син со рацете Те зеде од земјата;

Радувај се, зашто замина во висините за да се насладуваш од Неговата слава.

Радувај се, зашто си придружувана од сите ангелски чинови кон небесата;

Радувај се, зашто си носена од херувимите кон небесата и над небесата.

Радувај се, зашто велелепно со песни си вознесувана од силите кон небесните порти;

Радувај се, зашто си опкружена и ублажувана од сите небесни жители.

Радувај се, небо на земјата, возвишувано кон горните населби;

Радувај се, престолу Господов, вознесен од земјата во небесното царство.

Радувај се, наше претстателство и цврсто застапништво;

Радувај се, Посредничке на грешниците за спасение.

Радувај се, Царице на христијаните, и по Бога надеж на небесното царство;

Радувај се, Мајко на животот, и по Господа наша надеж на вечен живот.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 4

 

Имајќи бура од невернички помисли евреинот Атониј, и гледајќи како апостолите го носат пречесното тело на Богомајката кон гробот, се обиде да го преврти: одеднаш, кога со ослепување на очите, неговите раце беа отсечени и останаа да висат на одарот, со вера Ја исповедаше Мајката Божја, повикувајќи кон Бога: Алилуја!

 

Икос 4

 

Ги слушнаа тајниците и очевидците на словото ангелите како пеат небесни химни, при погребението на богоугодното тело на Мајката Божја, и сакајќи да ì оддадат богоугодна чест, побрзаа заедно да ì запеат, велејќи:

Радувај се, зашто прими вест за Твоето преселување во небесното царство;

Радувај се, зашто од архангелот Гавриил прими радосна рајска награда.

Радувај се, зашто го просвети пречесното мноштво херувими;

Радувај се, зашто ги израдува серафимите.

Радувај се, зашто беше предизобразена од патријарсите;

Радувај се, зашто беше претскажана од пророците.

Радувај се, зашто злобната дрскост на евреинот брзо ја казни;

Радувај се, зашто на истиот исцеление му подари.

Радувај се, зашто неверувањето на Атониј го претвори во вера;

Радувај се, зашто го прими неговото нелажно исповедање.

Радувај се, зашто кон небото ги возведуваш оние кои имаат љубов и вера кон Тебе;

Радувај се, зашто ги спасуваш оние кои со вера го повикуваат Твоето име.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 5

 

Богоугодните ѕвезди – светите апостоли, во поднебесното раселување заради Евангелието, беа грабнати на облаци, по небесната шир, за да дојдат на погребението на Мајката Господова: Неа со пеења и песни ја придружуваа и со ангелските чинови повикуваа: Алилуја!

 

Икос 5

 

Кога Го видоа боговидците својот Владика, како ја прима во рацете душата на Својата Мајка, и откако сфатија дека Он е Господ, побрзаа со свештени химни достојно да ì воспеат:

Радувај се, Царице, Која го носиш Царот над сè;

Радувај се, и Самата носена од Неговите синовски раце.

Радувај се, царски скиптару во Христовата десница;

Радувај се, во рацете на Ное, гранче на гулабицата.

Радувај се, жезлу аронов, кој изникна нетление;

Радувај се, крину невенлив, кој расцвета бесмртие.

Радувај се, на богоотецот Давид перо боговдахновено;

Радувај се, слово на неговите пророштва, псалтиру и гусло прекрасна.

Радувај се, оживотворен кивоту на светоста Господова;

Радувај се, во Господовиот покој наш воскреснат животу.

Радувај се, скинијо осенувана од херувимите;

Радувај се, Светињо на светињите, пофалувана од серафимите.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 6

 

Богоносните проповедници – апостолите, по заминувањето на Божјата Мајка во  оној свет, како што седеа на заедничка трпеза и принесуваа леб во името Господово, одеднаш ја видоа одозгора Царицата Богородица придружувана од светли ангели: и откако слушнаа како им пренесува мир од Синот Нејзин и Бог, повикаа: Алилуја!

 

Икос 6

 

Од Твојата пречиста утроба ни засветли Сонцето на Правдата, Христос Бог, со волјата и добрата проповед на апостолите го просвети светот, и Тебе Богомајката од род во род Те прослави. Затоа и сите ние Те ублажуваме, повикувајќи Ти:

Радувај се, присноблажена од сите родови довека;

Радувај се, благоутробна и милостива кон луѓето.

Радувај се, зашто го исполни ветувањето на соборот на учениците;

Радувај се, зашто со надгледувањето на Твојот Син и Бог, ним мир им подари.

Радувај се, љубов на светиите и слатко гледање;

Радувај се, на преподобните мајки и свети девственици весело радување.

Радувај се, зашто ја надминуваш рајската населба на праведните;

Радувај се, зашто ги посетуваш сите кои се во небесната слава.

Радувај се, почеток на човечкото спасение;

Радувај се, исполнување на сите добри желби.

Радувај се, зашто по Бога Ти царуваш, Богородице Царице;

Радувај се, по Господа Владиката наш господаруваш, Ти, Госпоѓо и Владичице.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 7

 

Оние кои сакаат со вера да влегуваат во Твојот свет храм, Богородице, и кои Те слават, секогаш ги спасуваш и ги избавуваш од секакви напади и неволји: затоа и на благоверните луѓе, кои секогаш Те ублажуваат, дај им победа над противниците, и дај ни сè што ни е потребно за спасение, нам кои Ти се молиме и Му пееме на Бога: Алилуја!

 

Икос 7

 

Нова твар ни покажа, кога ни се јави, преку Тебе, Богородице, Творецот на сè и Господ: Ти пак промислувајќи слично на Него за нас, кои чесно го почитуваме Твоето пречесно Успение, прими го ова од нас:

Радувај се, Мајко Божја избрана од земните;

Радувај се, повозвишена од земните и небесните.

Радувај се, зашто ги надминуваш херувимите и серафимите;

Радувај се, зашто со облаци го собра хорот апостолски на Твоето погребение.

Радувај се, зашто по Твоето погребение со силата Божја посебно го донесе Тома;

Радувај се, зашто преку него го потврди Твоето телесно преселување на небото.

Радувај се, зашто си украсена со убавината на сите добродетели;

Радувај се, зашто си близу до најпрекрасниот од сите синови човечки – Твојот Син.

Радувај се, зашто како феникс процвета со воскреснато тело;

Радувај се, зашто како кедар во небесниот Ливан се умножи.

Радувај се, дрво на животот, насадено среде вишниот рај;

Радувај се, духовен корабу, воздигнат во висините од смртниот потоп.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 8

 

Познавајќи Те, помеѓу небесните, избрана Владичице, како сонце, во наднебесните недомисливи убавини и неискажливи добрини, умилно подавајќи ги рацете кон Твојот Син и Бог, и прерадосно поклонувајќи ì се на Неговата живоначална десница, постојано повикуваме: Алилуја!

 

Икос 8

 

Бивајќи целата земена горе кон небесата, и не оставајќи ја земјата, Богомајко, носена на синовските раце, отиде во непристапните предели, во оној град сесветлиот и прекрасен небесен Ерусалим, опкружена од херувими, со сите небесни сили, каде што го слушаш ова пеење:

Радувај се, зашто Твојата пресвета душа се вселува во вишниот сесветол Сион;

Радувај се, зашто и Твоето нетлено тело, таму, заедно со душата се прославува.

Радувај се, зашто влезе во престолниот град на Самиот Седржител;

Радувај се, зашто се вознесе во прекрасниот рај на вишниот Насадител.

Радувај се, зашто си пренесена во градот, основан од блескави камења;

Радувај се, зашто си воведена во оградата опкружена од небесните војски.

Радувај се, зашто си земена во Божјото благолепие над небесата;

Радувај се, зашто си почитувана повеќе од сите духовни умови.

Радувај се, зашто ги принесуваш пред Твојот Син и Бог молбите на верниците;

Радувај се, зашто и самата непрестајно се молиш за сите пред престолот на Твојот Син и Бог.

Радувај се, Претстоителке пред Бога, Која го спасуваш светот;

Радувај се, Богомдарувана Застапничке на родот христијански.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 9

 

Секој ангелски чин Те превознесува, Богородице, сите човечки родови, пак, Те славиме како Мајка Божја, и го почитуваме Твоето пречесно Успение, Царице: зашто заради Тебе земните се соединуваат со небесните, заедно пеејќи Му на Бога: Алилуја!

 

Икос 9

 

Красноречието на боговдахновените пророчки кажувања, сега гледаме како во Тебе се остварува, Богородице, зашто навистина Бога си ни Го родила во плот. Затоа верувајќи во таинството на Божјиот збор, повикуваме:

Радувај се, зашто си исполнување на законот и пророците;

Радувај се, ѕвездо јаковова, пророкувана од Валаам.

Радувај се, одару на великиот Цар, претскажан од Соломона;

Радувај се, руно оросено од Исуса, навестено од Гедеон.

Радувај се, неопална капино, предвидена од законоположникот;

Радувај се, горо света, пазена од светиот.

Радувај се, небесна лествицо, предвидена од Јакова;

Радувај се, порто непроодна, провидена од Језекиила.

Радувај се, сонце на домот Христов, најавено од псалмопеачот;

Радувај се, таинство, различно проречено од пророците.

Радувај се, во Тебе се извршија сите кажани пророштва;

Радувај се, зашто исполни сè што беше од Севишниот предвидено за спасение.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 10

 

Сакајќи да го спаси светот, Господ на сè од земниот род Те избра Тебе за Своја Мајка, и заради нас стана Човек. Се качи онаму, од каде што слезе, кон небото од земјата, и Тебе со Себе Те издигна за да пребиваш во вечна слава, и да царуваш со Него бескрајно. Затоа како Бог од сите слуша: Алилуја!

 

Икос 10

 

Крепост си на верните, Дево Богородице, и застапништво на сите кои прибегнуваат кон Тебе: зашто Создателот на небесата и на земјата низ Тебе со тело помина, Пречиста, со дух и тело Те пресели во небесата, за поблиску да се застапуваш за сите, кои ги научи да Ти повикуваат:

Радувај се, граде на Великиот Цар, изграден врз небесните гори;

Радувај се, крепост и покрову кој не се криеш од нас кога Ти пристапуваме.

Радувај се, помошничке на верните цареви против непријателите;

Радувај се, зашто ги победуваш нападите на агарјаните.

Радувај се, непоколеблива чуварке на благочестивата вера;

Радувај се, разрушување на еретичките армии.

Радувај се, радост и умиление на светот;

Радувај се, зашто го победи сепогубниот пекол.

Радувај се, победнички венецу на оние кои целомудрено се борат против плотта;

Радувај се, сечесно прославување на маченичките подвизи.

Радувај се, Посредничке на блажено упокојување за преподобните;

Радувај се, на блаженонатажените монаси Дарителке на вечно радување.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 11

 

Сите боговдахновени песни не се доволни за достојно да го воспееме Твоето сечесно Успение, сефална Владичице Царице Богородице: туку усрдно Тебе Ти го принесуваме, како Мајка на Царот на сите, ова наше смирено молење, со небесните чинови пеејќи Му на единствениот, Кој достојно Те прослави, Бог: Алилуја!

 

Икос 11

 

Ни се јави на земјата како блескав светилник на вистинската светлина, просветувајќи ни ги душите, и нас, кои го почитуваме Твоето сечесно преставување нè водиш кон разум божествен, за да пееме вака:

Радувај се, свеќо незгаслива на нематеријалниот оган;

Радувај се, незалезен зраку на невечерната светлина.

Радувај се, месечино осветлувана од сонцето на правдата;

Радувај се, светлино која светиш во темнина.

Радувај се, светилнику поставен на возвишениот свеќник;

Радувај се, извору на живот од гробот, изведен во светот.

Радувај се, Мајко на духовната светлина, која ги просветува душите на верните;

Радувај се, Мајко Божја, Која ги утешува душите на озлобените.

Радувај се, Дарителке на непосрамен крај на животот, на оние кои се надеваат на Тебе;

Радувај се, наследство на Божјите и Твои слуги, зашто на судот на Твојот Син, ги поставуваш од Неговата десна страна.

Радувај се, Преблажена, зашто преку Тебе сме блажени и ние, имајќи Те за помошничка;

Радувај се, Преблагословена во сите родови, зашто Господ е со Тебе, а преку Тебе и со нас.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 12

 

Кога ја видоа небесните духови благодатта на високопрестолната слава, која ì беше дарувана на небесата на Богомајката, удостоена со седење оддесно на Нејзиниот Син и Бог, Ја понесоа врз себе престолите и силите: Ја опкружија началата и властите, паднаа ничкум страшните херувими, серафими и господства, со архангелите и ангелите, повикувајќи: Алилуја!

 

Икос 12

 

Воспевајќи го Твоето сечесно Успение, сите ние го славиме Твоето заминување на небесата, Царице Богомајко: Ти, пак, освети ги, прослави и спаси ги сите кои со љубов Ти пеат:

Радувај се, зашто ја очисти земјата со стапките од Твоите пречисти нозе;

Радувај се, зашто го освети воздухот со Твоето искачување на небесата.

Радувај се, зашто се искачи на небесниот свод;

Радувај се, зашто ги гледаш сите небесни добрини.

Радувај се, зашто во слава седиш до престолот на Твојот Син и Бог;

Радувај се, убавино во десницата Господова, која ги украсува оние што Те ублажуваат со небесни дарови;

Радувај се, зашто со надежта во Тебе ги израдува сите жители на земјата.

Радувај се, облечена во сонце, која со благодат и слава го осветлуваш сиот свет;

Радувај се, зашто вети дека ќе ги чуваш и спасуваш сите оние, кои го повикуваат Твоето име на земјата.

Радувај се, од сите христијански родови почитувана како Мајка Божја, и нарекувана Богородица;

Радувај се, од истокот на сонцето до запад, преславно и православно славена од сите благочестиви.

Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.

 

Кондак 13

 

О, севоспеана Мајко на Бесмртниот Цар на небесата и земјата, Христос нашиот Бог, Која живееш и по смртта, прими го приносов што денес Ти го принесуваме за Твоето сечесно Успение, во овој живот и при нашето смртно заспивање, избави нè од секој напад, неволја и несреќа, удостој нè, Царице, со небесното царство, нас, кои Ти повикуваме: Алилуја!

 

(Овој кондак се кажува три пати, а потоа се чита икос 1 и кондак 1)

 

Молитва кон пресветата Владичица наша Богородица

 

О, Пресвета Богородице, Дево Владичице, повозвишена од ангелите и архангелите, и најчесна од сета твар, восхит велик на ангелите, возвишена проповед на пророците, преславна похвало на апостолите, прекрасен украсу на светителите, крепка тврдино на мачениците, спасително водство на иноците, неотклоно воздржание на испосниците, славо и чистото на девствениците, тивка радост на мајките, мудрост и поука на младенците, заштитничке на вдовиците и сираците, на голите риза, на болните оздравување, на пленетите избавување, тишино на оние што по море пловат, мирно пристаниште на оние што бура ги носи, сигурна водителке на заблудените, лесен премину на патниците, блажен спокоју на трудбениците, на измачените брза застапничке, на нападнатите покрову и прибежиште, надеж на безнадежните и помош на оние кои помош бараат.

На ништите богатство непропадливо, на нажалените непрестана утехо, на намразените љубовно смирение, на грешниците спасение и кон Бога обраќање, на сите правоверни цврста заштито, непобедлива помош и застапништво. Низ Тебе, Владичице, Невидливиот нам видлив ни стана, затоа молитва Ти принесуваме, Госпоѓо, ние грешните слуги Твои.

О, Премилостива и Пречудесна Царице на духовната светлина, Која Го роди нашиот Цар Христос, Животодавецот на сè, славена од небесните, и фалена од земните: ангелски уму, светлозарна ѕвездо, Пресвета меѓу светиите, Царице на цариците, Владичице на сета твар, боголепна Девице, нескверна невесто, на Светиот Дух палато, огнен престолу на невидливиот Цар, небесен кивоту, Носителке на Словото Божјо, огнообразна кочијо, одмориште на живиот Бог, неизглаголива Составителке на плотта Христова, гнездо на Орелот Небесен, грлице благогласна, гулабице кротка, тивка и незлобива, Мајко чедољубива, бездно на милоста Која го разгони градот на гневот Божји, безмерна длабочино, неизглаголива тајно, несфатливо чудо, благомирисно кадило, чесна багренице, боготкаена порфиро, душевен рају кој ја изнедри животоносната градина, цвету прекрасен кој ни Го расцвета небесното веселие, грозду на нашето спасение, путиру на Царот небесен во Кого од Светиот Дух се раствори виното на неисцрпна благодат, Застапничке на законот, почеток на вистинската вера Христова, непоколеблив столбу, пропаст на еретиците, мечу на гневот Божји против богоборците, страв за демоните, победо во војните, на сите христијани вистинско зачувување, и на целиот свет сигурно спасение.

О, Семилостива Госпоѓо, Дево Владичице, Богородице, услиши нè нас кои Ти се молиме, и покажи ја милоста Твоја на луѓето Твои. Моли Го Синот Твој да нè избави од секое зло и да ја сочува нашата обител и секоја обител, градот и ѕидините на верните, и луѓето кои благочестиво прибегнуваат и го призиваат светото име Твое, од секоја напаст, помор, глад, земјотрес, потоп, оган, меч, налет на иноплеменици и меѓусебни војни, од секоја болест и секоја неволја, та од никаква рана, ни закана и ни помор, ни секаков праведен гнев Божји да не бидат поразени слугите Твои; туку сочувај нè и спаси нè по милоста Своја, Госпоѓо, нас кои Ти се молиме, и полезно благорастворение на воздухот кон време на плоден принос дарувај ни; олесни, прости и помилуј нè, премилостива Владичице, севоспеана Богородице, нас кои сме во секоја беда и мака. Спомни си за слугите Твои, и не презирај ги солзите и воздишките наши, и обнови нè по добрината на Твојата милост, за со благодарност да се утешуваме, наоѓајќи Те за помошничка. Смилувај се, Госпоѓо Пречиста, на немоќта на луѓето Твои, надеж наша; расеаните собери ги, заблудените – на прав пат води ги, отпаднатите од верата отечка – пак врати ги, староста поткрепи ја, младите научи ги, младенците воспитај ги, и прослави ги оние кои Те слават, а особено Црквата на Синот Твој сочувај ја и сохрани ја во долгоденствие.

О, милостива и премилостива Царице на небесата и земјата, Богородице приснодево, со Твоето застапништво помилувај го чесното воинство, и сите православни христијани, запазувајќи ги под покровот на милоста Твоја; заштити ги со Твојата чесна риза и моли Го Христа нашиот Бог, Кој бессемено од Тебе се воплоти, да нè препојаса одозгора со силата против нашите видливи и невидливи непријатели, против иноплемениците и едноплемениците, кои војуваат против нас и против нашата Православна вера. Спаси и помилуј ги, Госпоѓо, членовите на Светиот Синод на нашата Православна Црква, свештениците и ѓаконите, и сиот православен народ, кои Ти се поклонуваат и се молат пред Твојата чесна икона; погледни кон сите нас со погледот на Твоето милостиво застапништво, подигни нè од гревовниот понор, и просвети ни ги очите на срцето, за да го видиме спасението; моли Го Синот Твој, милостив да биде кон нас, тука и на страшниот Суд; слугите Твои кои се преставија во благочестие од овој живот, во вечниот живот, со ангелите и архангелите, и со сите светии причисли ги, за да застанат оддесно на Синот Твој и Бог; и по молитвата Твоја направи да живеат со Христа, и да се насладуваат со ангелската радост во небесните живеалишта.

Зашто Ти си, Госпоѓо, слава на небесните и надеж на земните. Ти си надеж наша, и застапница на сите кои при Тебе притекнуваат, и кои ја просат светата помош Твоја. Ти си наша топла молителка кон Синот Твој и Бог наш; Твојата мајчинска молитва има голема моќ во молењето на Владиката; со Твоето претстателство пред престолот на благодатта да се осмелиме да пристапиме кон пресветите и живототворни Негови Тајни, иако сме недостојни. Затоа гледајќи го на иконата сечесниот Твој образ и раката Твоја, која Го држи Седржителот, се радуваме ние грешните, и со умиление припаѓајќи, со љубов ја целиваме, очекувајќи, Госпоѓо, со светите Твои богопријатни молитви, да го достигнеме бесконечниот небесен живот, и непосрамено да застанеме на Денот на Судот оддесно на Синот Твој и нашиот Бог, славејќи Го Него заедно со безначалниот Отец, и Пресветиот, и благ и живототворен и единосушниот Дух, во сите векови. Амин!

Превод од руски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: