МОЛЕБЕН ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

Свештеникот:

Благословен е нашиот Бог постојано – сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè. (3 пати)

Слава на Отца, и Сина и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Пресвета Троице, помилуј нè. Господи, очисти ни ги нашите гревови. Владико, прости ги нашите беззаконија. Свети, посети ги и исцели ги нашите немошти, заради Твоето име. Господи, помилуј! (трипати)

Слава на Отца, и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Отче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници; и не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот.

Возглас: Зашто Твое е царството, и силата, и славата на Оца, и Сина и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Псалм 33:

Ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш има во мојата уста. Со Господа ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа кротките и нека се зарадуваат. Возвеличете Го Господа со мене, и заедно да го превознесуваме името Негово. Го побарав Господа, и Он ме чу и од сите опасности мои ме избави. Пристапете Му и ќе се просветите, и лицата ваши нема да се посрамат. Кога несреќниот вика, – Господ го услишува и го спасува од сите негови беди. Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува. Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева! Бојте се од Господа, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои се плашат од Него. Осиромашеа и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра. Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа. Сака ли човек да живее и да види добри денови, нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него. Очите на Господа се обрнати кон праведниците, и ушите Негови – кон молитвите нивни. Но лицето на Господа и против оние што вршат зло; ќе го истреби од земјата споменот за нив. Повикаа праведниците, и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни. Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси. Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави. Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се строши. Зла смрт го снаоѓа грешникот, а оние, што го мразат праведниот, ќе загинат. Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои се надеваат на Него, нема да погрешат.

Слава, и ниње, Алилуја (3 пати).

И следува оваа ектенија:

Ѓаконот:

Во мир на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За небесен мир и за спасение на нашите души, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За мир на целиот свет, непоколебливост на светите Божји цркви, и за соединување на сите, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За овој свет храм, и за оние што со вера, побожност и страв Божји влегуваат во него, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За блажењејшиот архиепископ наш (името), високопреосвештениот наш митрополит (името), за чесното презвитерство, во Христа ѓаконството, преподобното монаштво, за сиот клир и народ на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За благочестивиот и Христољубив народ наш и за православните христијани, да им помогне и да одолеат на секој непријател и противник, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За овој град (или: ова село; или: оваа света обител), за секој град, земја и за оние што со вера живеат во нив, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За благорастворување на воздухот, за изобилие на земни плодови и мирни времиња, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

За оние што пловат, патуваат, боледуваат, страдаат, за заробените, и за нивно спасение, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

И се додаваат овие прозби:

За да им се испрати на овие ученици дух на премудрост и разум, и да им се отворат умот и устите, и да им се просветат нивните срца, за да примат награда за доброто учење, да се помолиме на Господа.

За да им се всади во нивните срца начело на премудроста, и твојот Божествен страв, и со тоа да се истера од нивните срца нивната бунтовност, и да им се просвети нивниот ум, за да се оддалечуваат од зло и да прават добро, да се помолиме на Господа.

За да им се отвори нивниот ум, за примање и разбирање и помнење на сите добри и душеполезни учења, да се помолиме на Господа.

За да им се дарува Неговата сопрестолна Премудрост, и за да се всади во нивните срца, та да научат што е угодно пред Него, да се помолиме на Господа.

За да напредуваат во премудроста и возраста во слава Божја, да се помолиме на Господа.

За да бидат тие радост и утеха на своите родители и тврдина на Светата Православна Црква со нивната премудрост и добродетелен живот, и со непоколебливоста во православната вера, да се помолиме на Господа.

За да се избавиме од секаква тага, гнев и опасност, на Господа да се помолиме.

Народот: Господи, помилуј.

Боже, заштити нè, спаси, помилуј и запази нè, со Твојата благодат.

Народот: Господи, помилуј.

Спомнувајќи ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија со сите Светии, самите себе, еден на друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме.

Народот: Тебе, Господи.

Свештеникот гласно:

Зашто Тебе Ти прилега секоја слава, чест и поклонение, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови.

Народот: Амин.

 

Потоа се пеат овие тропари, глас 6:

Како што си дошол, Спасителу, помеѓу Твоите ученици, давајќи им мир, дојди и кај нас, и спаси нè.

Безкнижевните ученици Твојот Свет Дух ги направи учители, Христе Боже, и со многугласната хармонија ја уништи прелеста на незнабошците, како сесилен.

Слава, глас 8: Благословен си, Христе Боже наш, Кој ги направи риболовците премудри, испраќајќи им Го Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената, Човекољубецу, слава Ти.

И ниње: Непосрамена претстоителке на христијаните, неизменлива застапничке пред Творецот, не ги презирај молитвените гласови на грешниците, туку побрзај, како добра, да ни помогнеш нам кои верно ти повикуваме: побрзај на молитва, и забрзај го молењето, Богородице, ти која секогаш покровителствуваш за оние кои те почитуваат.

Ѓаконот: Да внимаваме.

Свештеникот: Мир на сите.

Чтецот: И на твојот дух.

Ѓаконот: Премудрост, да внимаваме.

Чтецот: Од устите на бебињата и доенчињата си направил пофалба.

Стих: Ќе се израдува моето срце за Твоето спасение.

Потоа се чита апостолот до Ефесјаните (1, 16-19; 3, 19-21).

Браќа, не престанувам да Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои, та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Да можете да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја. А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè, што бараме или помислиме. Нему нека е слава во Црквата преку Исуса Христа во сите родови и за сите векови. Амин!

 

По ова, ѓаконот вели: Премудрост, простум да стоиме, да го ислушаме светото Евангелие.

Свештеникот: Мир на сите.

Ѓаконот: Ќе се чита од светото Евангелие според Марко.

(Марко 10, 13-16)

Слава Ти, Господи, слава Ти.

Ѓаконот: Да внимаваме.

Во она време донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа. Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“. И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.

Народот: Слава Ти, Господи, слава Ти.

Ѓаконот ја кажува сугубата (удвоената) ектенија:

Помилуј нè, Боже, по Твојата голема милост, Ти се молиме чуј нè и помилуј.

Уште се молиме за благоверниот и христољубив православен народ наш македонски, за неговиот живот, мир, здравје и спасение и Господ нашиот Бог, да му помага и да покори под неговите нозе секаков непријател и противник.

Уште се молиме за високопреосвештениот митрополит наш Агатангел и за сето во Христа наше братство.

Уште се молиме за сите браќа и за сите христијани.

Уште се молиме на Господа нашиот Бог, за да погледне милостиво на овие деца, и да им испрати во нивните срца, во умот и во нивните усти дух на премудрост, разум и побожност и богобојазливост, и да ги просвети со светлината на Својата благоразумност, и да им даде сила и цврстина, за брзо да ги примат и да се навикнат на поуките од божествениот закон, и на секое добро и полезно учење: за да напредуваат со премудроста и разумот, и со сите добри дела во слава на пресветото Негово име, и да им дарува здравје, и долговечни да ги направи за градење и слава на Својата Црква, да речеме сите: Господи, слушни нè и милостиво помилуј. (Господи помилуј, 12 пати)

Свештеникот: Слушни нè, Боже, Спасителу наш, надеж на сите краишта на земјата, дури и на сите кои се далеку по морињата, и милостив, милостив биди кон нас грешните и помилуј нè.

Народот: Амин.

Ѓаконот: Да се помолиме на Господа.

Народот: Господи помилуј.

Свештеникот со големо внимание и умиление ја чита гласно оваа молитва:

Господи Боже, Создателу наш, Кој со својот образ нè почести нас луѓето, научувајќи ги Твоите избраници да се восхитуваат на оние кои го слушаат Твоето учење, откривајќи им ја премудроста на децата: кој на Соломона и на сите кои ја бараа Твојата премудрост ги научи, отвори им ги срцата, умовите и устите на овие твои чеда за да ја примат силата на Твојот закон: и со успех да ги сфатат полезните учења што им се предаваат, во слава на Твоето пресвето име, во полза и изградување на Твојата Света Црква, и за да ја разберат добрата и совршена Твоја волја. Избави ги од секој ѓаволски предлог, сочувај ги во православието и верата, и во секоја побожност и чистота во сите денови од нивниот живот, да напредуваат во разумот и во исполнувањето на Твоите заповеди, та така подготвени да го прослават Твоето пресвето име, и да бидат наследници на Твоето царство. Зашто ти си Бог силен во милоста, и добар во цврстината, и Тебе ти прилега секоја слава, чест и поклонение, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин.

Отпуст.

Свештеникот, благословувајќи ги децата со крстот, вели:

Благословот Господов да биде на вас, преку Неговата благодат и милосрдие, и човекољубие, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

По ова децата го целиваат светиот крст и свештеникот ги поросува со осветена вода.

Превод од црковнословенски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

 

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: