Беседа прва ЗА ЉУБОВТА – Свети Симеон Нов Богослов

и за тоа, кои се патиштата и делата на духовните луѓе,

и блаженството на оние кои имаат срдечна љубов

Свети Симеон Нов Богослов

Свети Симеон Нов Богослов

1. Браќа и отци, сакам да ви зборувам за она што придонесува за душевна полза, но се срамам, сведок ми е Христос, заради љубовта ваша, знаејќи ја својата недостојност. Заради тоа би сакал да молчам засекогаш, како што знае и Господ, и главата да не ја кренам и лик човечки да не видам, затоа што во себе имам совест која ме осудува што воопшто и недостојно сум назначен на сите вас да ви бидам настојател, како да го знам патот, а не знам ни што ми е пред носот и ниту сум се приближил до патот кој води кон Бога. Затоа ме обзема голема и силна жалост што сум јас, ништожниот, назначен да ве водам вас, кои сте достојни за секаква чест и кои јас треба да ве имам за водачи, како некој кој е последен од сите и по години и по искуство, а немам делотворен збор со живот посведочен за да ве советувам и потсетувам на она што се однесува на законот и волјата Божја, затоа што, за тоа што сакам да ви говорам, никогаш не сум го исполнил. Добро знам дека блажен е во Господа, не оној кој говори, туку оној кој пред да говори, тоа и го исполнил. Затоа што блажен е оној што ќе исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно[1]. Имено, слушајќи таков учител и учениците добиваат волја да се огледаат на него и да стекнат полза, не толку од неговите зборови, туку од неговите добри дела кои ќе ги наведе да го извршуваат истото она што и тој го извршува, а јас во себеси тоа не го гледам и сметам дека во мене нема ништо добро. Но ве преколнувам и ве молам сите вас, љубени мои браќа, да не гледате на мојот расеан живот, туку на заповедите Господови и на учењето на нашите свети отци. Затоа што тие светила не напишаа ништо што претходно не извршиле, и тоа со успех.

2. Затоа, да појдеме сите ние на заеднички пат, пат на заповедите Христови кој нè води на небото и кон Бога. Иако Словото упатува на различни патишта, речено е дека Он се разделува на многу, не по Својата природа, туку по силата и волјата на секој поединец. Имено, тргнувајќи од многубројни и различни дела и постапки, како да тргнуваме од различни места и многу градови, секој од нас ита за да стаса на некое прибежиште – Царството Небесно. Под делата и патиштата треба да се подразберат духовните добродетели на луѓето кои живееле по Бога, па оние кои почнале да одат по тој пат должни се да се стремат кон една цел, за да се соберат од различни области и места, како што е речено, во еден град, во Царството Небесно, и да се удостојат за заедничко царување со Христос, покорувајќи се на едниот Бог и Отец. Како град овде треба да се разбере еден град, а не повеќе градови – света и неразделна троичност на добродетелите[2] или подобро речено, првата помеѓу нив, која уште и ја нарекуваат последна, зашто е крај на добрата и најголема од сите. Говорам за љубовта, на која се темели секоја вера и се гради секоја надеж и без која нема нешто од она што е создадено и постои, или, пак, некогаш ќе постои. Бројни се нејзините имиња, бројни се нејзините дела, уште побројни се нејзините одлики и постои множество од нејзините божествени својства, но нејзината природа сè уште потполно за сите е скриена – и од ангелите, и од луѓето и од секоја друга творба која можеби нам ни е непозната. Таа е за разумот недостижна, за славата недостапна, нејзините замисли се неиспитливи, вечна е затоа што е безвремена, несогледлива затоа што со умот се постигнува, но не се разбира. Бројни се убавините на тој неракотворен и свет Сион и оној кој почнал да ги надгледува веќе не се радува на сетилните согледувања и повеќе не се радува на славата од овој свет.

3. Затоа, допуштете ми најпрвин малку да ì се посветам и обратам на љубовта и да ì го дадам сиот мој копнеж што го имам. Љубени мои отци и браќа, се сеќавам на убавината на непорочната љубов и ненадејно нејзината светлост ќе се најде во моето срце и ќе ме обземе нејзината сладост, зашто сум ги изгубил надворешните сетила и потполно сум се повлекол од секаква световна твар, заборавајќи на секојдневието. А потоа, не знам ни како, таа повторно се оддалечува од мене и ме остава да тагувам над сопствената слабост.

4. О, љубов секогаш посакувана, блажен е оној кој те прегрнал, зашто никогаш повеќе нема да сака страсно да ја прегрне убавината на било што земно. Блажен е оној кој те стекнал од копнеж кон Бога, зашто ќе се одрече од целиот свет и никако нема да се извалка, на било кој човек да му се приближи. Блажен е оној кој ја засакал твојата убавина и се насладил од неа со бескраен копнеж, зашто духовно ќе се освети со водата и крвта, кои од тебе непорочно струјат. Блажен е оној кој со желба те прегрнал, зашто духовно ќе се измени, и во душата ќе се зарадува, бидејќи ти си радост неизречива. Блажен е оној кој те стекнал, зашто светските богатства ќе ги смета за ништожни, затоа што си ти неисцрпно богатство. Блажен е и триблажен оној кого ти си го примила, зашто во привидната бесславност ќе биде пославен од сите славни и почесен и поуважуван од сите почитувани. Фален е секој кој кон тебе се стреми, уште повеќе е фален оној кој те нашол, а најблажен е оној кој ти си го засакала, кого си го примила, кого си го поучила, кој се населил во тебе и си го нахранила со храната на Христос бесмртниот, Христос нашиот Бог.

5. О, љубов божествена, каде Го држиш Христос? Каде Го криеш? Зошто Го зеде Спасителот на светот и го оддалечи од нас? Откриј ни ја и нам недостојните вратата своја, да Го видиме и ние Христос Кој пострада заради нас и да поверуваме дека, по Неговата милост, кога ќе Го видиме, нема да умреме. Отвори ни нас, ти која си  станала врата за Неговото јавување во плот, која си ја присилила добрата утроба на нашиот Владика да ги понесе гревовите и слабостите на сите, немој да нè отфрлиш, говорејќи: не ве познавам. Биди со нас, за да нè познаеш, зашто сме ти непознати. Всели се во нас, та преку тебе и смирениот Владика да дојде и да нè посети, а ти да Му излезеш во пресрет (затоа што ние сме сосема недостојни), та, беседејќи со тебе и нас грешните да ни допушти да паднеме пред Неговите непорочни нозе, проговори за нашите добродетели и замоли Го да ни го прости долгот од нашите гревови, за низ тебе повторно да се удостоиме да Му служиме на самиот Владика и Он да се грижи за нас и да нè храни. Зашто, да не се долгува ништо, а да се гине од глад и сиромаштија, донесува без малку иста плата и казна.

6. Дај ни прошка, света љубов, и дај ни низ тебе да ги вкусиме добрините на нашиот Владика, добрини чија сладост никој не може да ги вкуси освен преку тебе. Зашто кој не те засакал, како што доликува, и кого ти не си го засакала, како што е потребно, може да трча, но не стасува на целта. Нерешена е состојбата на оној кој трча уште пред да биде завршен патот. А за оној кој се доближил до тебе или ти си го фатила, за него нема сомнеж, зашто ти си завршеток на законот[3], ти која ме опкружуваш, која ме согоруваш и која од срдечна болка ме воздигнуваш кон бескрајна желба за Бога и за моите браќа и отци. Зашто ти си учителка на пророците, сопатничка на апостолите, сила на мачениците, вдахновение на отците и учителите, на сите светии усовршување и моја подготовка за ова служење.

7. Простете ми, браќа, што се оддалечив од поуката, тоа го направи мојот копнеж за љубовта. Зашто кога ќе се сетам на неа се радува срцето мое[4], според зборовите на божествениот Давид, и се предавам на славење на нејзините убавини. Затоа сакам и вашата љубов да се насочи кон неа колку што може и да ја достигнете, трчајќи со вера и вашата надеж нема да се покаже празна. Зашто секоја внимателност и секој подвиг направен со многу напор, кои не ја достигнуваат љубовта во скрушен дух, залудни се и не носат никаков корисен плод. Имено, во ниедна друга добродетел или исполнување на заповедите Господови не може да се познае ученикот Христов: по тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе[5].

8. Заради неа Словото стана плот и се всели помеѓу нас[6], заради неа се очовечи и ги претрпе сите животни страдања, за да ја ослободи сопствената творба од оковите на адот и за да ја изнесе на небесата. Заради неа апостолите го поминале оној бескраен пат и целата вселена ја уловија со јадицата и мрежата на зборот, од бездната на идолското безумие ја извлекоа и ја доведоа до избавување во пристаништето на Царството Небесно. Заради неа, мачениците ја пролиле својата крв, за да не го изгуби Христа. Заради неа богоносните отци наши и вселенските учители своите души за вселенската и апстолската Црква со радост ги положиле. И јас, ништожниот, презедов на себе одговорност да ве штитам вас, пречесните отци и браќа мои, поддржувајќи ве колку што можам, заради вас поднесувајќи, претрпувајќи и чинејќи сè што служи за ваше надградување и корист, за да ве прикажам како совршена жртва, сепаленица словесна на Божјата трпеза. Затоа што вие сте чеда Божји, деца кои ми ги даде Бог[7], моја утроба, мои очи. Вие сте, да се изразам со апостолски зборови, моја пофалба и печат на моето учење. Затоа да ревнуваме, љубени во Христа браќа мои, како во сите други, така и со меѓусебна љубов да Му служиме на Бога и на оној кого сте го избрале како образец за духовен отец, иако сум далеку од тоа, да бидам достоен за такво нешто. Да се радува Бог во вашата едномисленост и усовршување, а да се радувам и јас смирениот, гледајќи како сè повеќе напредувате во животот и верата во Бога, во чистотата, во стравот Божји, во благоверието, во скрушеноста и солзите, низ кои се чисти внатрешниот човек и се преиспитува со светлост божествена, за самиот да стане исполнет со Светиот Дух во скрушена душа и понизен ум, а радоста моја да стане ваш благослов и зголемување на непропадливиот и блажен живот во Исуса Христа нашиот Господ, Кому му припаѓа слава во вечни векови. Амин.

Превод од српски јазик:

Благоја Трајкоски, дипл. Теолог

Наслов на изворникот:

Свети Симеон Нови Богослов,

Сабране беседе, Београд 2005.


[1] Мат. 5,19.

[2] 1.Кор. 13,13.

[3] Рим. 10,4.

[4] Пс 15,9: 72,21

[5] Јн. 13,35.

[6] Јн. 1,14.

[7] Евр.2,13

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: