Писма – За искушенијата

Свети Теофан Затворник

 

Искушенија од страна на оние кои не веруваат. Отфрлање на нивните суетни сфаќања.

 

Божјата милост нека биде со Вас!

Ете ти! Не помина ни првата тешкотија, а веќе пристигнува и втората – полукава и поопасна. Кој ви зборувал сè и сешто?! Колку само гадости и озборувања ви раскажал?! Неговата цел била да ве поколеба во Вашата вера и не само да Ве одвои од Господ Христос, туку и да направи безбожничка од Вас. Ѓаволот Ви го пратил таквиот мудрец.

Добро е што решивте на секој начин да избегнувате разговори со неверници, па и било каква средба со нив. Лошите разговори го расипуваат доброто расположение на душата. Па потоа бори се да го обновиш тоа расположение. Но не можеш да ги избегнеш. Зашто ги има на сите страни. Било каде да погледнеш. Значи, во иднина постапувајте вака: кога не сакајќи ќе слушнете нешто спротивно на верата, на секој начин потрудете се тоа да не допре до Вашето срце, нека влезе во едното уво, а да излезе од другото уво. Додека го свртувате вниманието од зборовите на неверникот потрудете се во своето срце да го одржите убедувањето, дека нашата вера е апсолутно вистинита во секоја своја точка, а ако има некој кој се противи на тоа, тоа е затоа што не ги разбира работите. Сè може да се доведе до прашање, па дури и нашето постоење. Но убеденоста во Вашето срце и тоа, што ја гледате ограниченоста на умот и недобронамерноста на срцето на неверникот кој Ви се обраќа ќе направи од Вашата душа камен од која ќе се одбиваат лошите зборови не нанесувајќи никаков белег. Но ако и покрај тоа, сепак, нешто лошо западне во душата, почнете да се молите, како што сторивте кај преподобниот Сергеј, обратете му се на ангелот чувар, Мајката Божја, а најмногу на Самиот Господ Спасител. И тие ќе го растргнат мракот што се спуштил. Потоа сами ќе размислите и ќе го решите недоумието што се појавило, или решението ќе го најдете во некоја книга, или ќе поразговарате со некој, но секако нешто направете, за да не остане никаква трага во душата, зашто таа постојано ќе ја вознемирува.

Пишете ми. Добро е што сето тоа ми го опишавте. Иако не сте се поколебале и иако сè што Ви се родило во мислите по тие зборови поминало, јас сепак ќе ви кажам збор-два против она што сте го слушнале.

„Воспитанието ја наметнува Верата“. Не ја наметнува, туку ја развива и ì дава одредена форма. Секој кој повторно се раѓа стапува во заедницата која има вера. Верата на заедницата станува и негова вера, како и сè останато. Но способноста за верување и потребата од вера, која душата ја чувствува е нешто што не го наметнува заедницата. Исто како и во однос на знаењето: заедницата преку воспитанието на својот нов член му предава одредени знаења, но не му дава способност на познание. Таа способност е неотуѓиво својство на душата. Така и верата во постоењето на Бога и во Неговата семоќ претставува неодвоиво својство, кое кај секој јасно покажува штом се развијат неговите способности. Заедницата го предава само обликот на вера, а не самата сила на верата и потребата од неа.

Заедницата преку воспитување ја наметнува верата. А откаде ì е верата на заедницата? Сè што влегува во заедницата, излегува од душата. Таа е еден вид магацин, басен, во кој се слива сè што излегува од душата. Значи заедницата има вера затоа што таа претходно постои во душата. Таа излегла од душата и се населила во заедницата. Верата е постара од општеството и од семејството, па според тоа и од самото воспитување. Воспитувањето на новородениот му го дава она, што во семејството и општеството претходно влегло од душата.

Па така, потрудете се посилно да утврдите во својот ум, дека воспитанието само го развива она што веќе постои во човечката природа, но не внесува ништо ново во неа. Ако тоа ја развива верата, тоа е затоа што таа постои во човечката природа. Никој не би можел да научи да Го познае Бога и да Му се поклонува, ако тоа во човечката душа не би лежело како неодложен закон. Па така гледаме дека верата постои во целиот човечки род. Таа постои и кај дивјаците, затоа што без неа човекот не е човек. Но некои многу учени луѓе не веруваат, тоа не значи дека тие исчекориле далеку напред или дека високо се издигнале, туку дека отстапиле од човечката природа, дека сами себеси се изопачиле и нагрдиле, исто како кога некој сам на себе да си го ископа окото или да си го отсече носот. Ако сите имаат вера, тогаш од тоа произлегува дека нормата на човечкиот живот неодложно ја содржи верата. Според ова, секој кој нема вера отстапува од оваа норма и претставува морален инвалид – такви се сите атеисти.

„Човекот, кој уште од детството живеел опкружен со животни и самиот станува како нив“. Ова го пишуваше во француските приказни и романи од крајот на минатиот век. Дали нешто слично навистина постоело, не знам. Човекот е насекаде човек. Но и нека е така како што кажуваат: земете човек кој пораснал меѓу животни, и две од тие животни и доведете ги кај себе. За една недела ќе видете колку човекот ќе отиде далеку од животните. Зошто? Затоа што во него постои никулец за возвишен живот. И верата ќе се појави во него. Таа во него веќе постои, но е помрачена, заборавена. Со првите сугестии таа ќе се разбуди и набрзо ќе зајакне. А животните секогаш ќе останат животни.

Атеистите кои отстапиле од нормите на човечката природа, обично за потврда на своето неверување се свртуваат кон ненормалностите. Освен измисленото ненормално воспитание на човекот меѓу животните, тие укажуваат и на оние кои се по природа слабоумни. И што ли сè притоа нема да измислат?! Нема Бог, нема душа. Меѓутоа здраворазумно гледано од таквите случаи не може да се извлече никаков заклучок, затоа што ни самите тие случаи уште не се објаснети. Еве како треба да се размислува за нив. Нивната душа е иста како и кај сите други луѓе, меѓутоа во потполност не може да се пројави затоа што е врзана. Тоа може да биде последица на делувањето на Божјата промисла. Се случува на некого да му се заканува опасност од околностите во иднина кои треба да се случат, ако тој дејствува во нив. Бог му испраќа болест и додека тој лежи во постела тие околности поминуваат без негово учество, па така се спасува од несреќа. А да бил здрав сигурно би се вплеткал и би настрадал. Така размислувајте и за оние кои по природа се слабоумни. Нивната душа е врзана за цело време на нивното битисување на земјата, а кога би се разврзала ни тие ни другите не би можеле да ја избегнат несреќата. Во другиот живот ќе откријат дека тоа е така. Нивните души ќе поминат таму како души на умрени новороденчиња. Дали ова верување ќе се оправда или не, ќе видиме на оној свет. Тогаш ќе добиеме одговор, а сега од тоа не можеме да извлечеме никаков заклучок.

Не сакам да зборувам за другите бесмислици кои сте ги чуле. Вие и сами добро ги имате сфатено.

„Гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри“ (Ефес. 5,15).

Господ да Ве благослови!

 

Искушенија од страна на домашните. Послушноста кон родителите како подготовка за манастирско послушание.

 

Милоста Божја нека биде со Вас!

Еве ти сега и тоа! Ѓаволот првин сакал од Вас да направи атеистка, а сега прави бунтовничка, и тоа против кого? Против родителите.

Боже мој, колку е полно со негодувања вашето писмо! А што се случило? Сигурно бубачка ве каснала. Во прашање е сигурно некоја ситница, нешто бесмислено. Но во Вашата глава таа толку пораснала што со око не може да биде опфатена. Од ѓаволот е сето тоа. Тој ве брка од родителскиот дом за да може да ве совлада. Така секоја ситница ја претвора во планина која Ве притиска. Вие не можете да опишете што е тоа. Јас веднаш ви кажувам дека и нема што да се опишува. Тоа е вообичаена ѓаволска замка – да го заплетка нашиот ум во неодреденост на состојбата во која се наоѓаме. И огорченоста која ја потикнува и глупавите утехи тој умее така да ги скрие со илузии, што луѓето, бидејќи не можат да видат ништо одредено, мислат дека се работи за нешто големо. А кога подобро ќе се погледне – сè е измама. И сега над вас создал измама. Ајде, прекрстете се и плукнете на тие ѓаволски совети.

Непријатности, непријатности! Уверен сум дека тие всушност и не ни постојат. Но, ете, да речеме дека постојат, па зар од нив треба да се бега?! Треба да се поднесуваат добродушно и со благодарност кон Господ. Зашто тоа ѓаволот го распалува во вас. Кога војникот ќе наиде на непријател, зарем треба да побегне? Треба да се бори. И Вие, исто така. А што правите Вие? Само што го покажал ѓаволот рогот, и вие веќе бегате. Надвор од родителската куќа, ако сте се одлучиле да не стапувате во брак, имате само два излеза: или во манастир, или да им помагате на болните; но и едното и другото со родителски благослов. Додека не се укаже можност за едно од тие две прилики, седете дома и трпете сè. Ајде, веднаш застанете пред Господ, искрено покајте се поради тоа што лошо сте се вознемириле и донесете одлука: ќе чекам и сè спокојно ќе поднесувам. Нека биде во сè волјата твоја, Господи!

Не можам да сфатам како толку се разидувате со родителите и зошто? Ако тоа се однесува на некој став за некое прашање, зошто со смирение не попуштате секој пат. Тие се постари и поискусни од Вас. Попрво би требало да ја признаете грешката во својот начин на размислување, отколку да ја барате во нив. Кажете си на себеси вака: Сигурно јас лошо ги гледам работите. И тогаш прифатете го нивното мислење. Ако тоа се однесува на куќниот ред – повторно постапете по нивно, и крај. Не можам ни да замислам дека помеќу вас постои несогласување, кое не би можело да се надмине. Ѓаволот од мува прави слон.

 

А можеби Вие сакате сè да биде по ваше? А, горделивко? Тоа не е во ред ни кога сте само вие во прашање. Ајде, бидете потполно покорни на родителите и сè правете за да им угодите и за да го смирите нивниот дух. Тоа ќе биде добра подготовка за идното манастирско послушание или за работа со болни. Зашто апостолот на сите им дал закон да се покоруваат едни на други во страв Божји (Ефес. 5, 21). А вие и на родителите им се спротиставувате и не се согласувате со нив, не плашејќи се од Бога. На што личи тоа? Во кое училиште ве научиле на таква мудрост?!

Гледајте – Ви повторувам уште еднаш – како живеете (Ефес. 5, 15)!

Господ да ве благослови!

 

Искушение поради неправда и клевета од луѓето отстрана. Трпење на клевети.

Предупредување на оние кои сакаат да го напуштат родителскиот дом за да добијат слобода.

 

Божјата милост нека биде со Вас!

Повторно?! Неправди, клевети! Тоа сигурно доаѓа однадвор. Но, од каде и да доаѓа, ќе ви кажам: бидете не само храбри и силни, туку и радувајте се. Тоа значи дека кај вас работите на духовен план се одвиваат добро. Господ ве води кон очистување и непријателот во вас наоѓа голем противник. Цврсто стојте на своето. Нема причина да се вознемирувате поради неправди и клевети. Бог ќе му суди на оној кој ги шири, а оној на кого му се направени треба спокојно да ги трпи и да Му благодари на Бога. Не заборавајте дека постои друг живот, каде сите ќе бидат оценети и пофалени или укорени. Трпите неправда? Ќе добиете пофалба. Не трпите неправда? Ќе добиете укор. Таму нема да кажете: ама тоа е неправда. Праведно или не – ќе ти биде речено – не е твое да судиш. Зошто не си трпела?!

Неправдите не доаѓаат од Бога, но Бог ги допушта за полза на оние кои ги трпат. Навистина за полза! Тоа не е обична фраза. Ќе ви наведам еден пример на маченик. Што ли сè не им правеле. А Господ? Бил тука, видливо им се јавувал, ги тешел, им ги олеснувал нивните страдања, но сепак ги оставал да се мачат – да трпат до крај за да се овенчаат со целосен венец. Така секоја неправда и клевета го подготвува венецот. Но на оној на кого неправдата и клеветата ќе паднат, треба да ги претрпи. Е тоа сега и Вам ви е потребно. Ајде, мирно да претрпите, што и да ви се случува. Тоа го бара Бог од вас заради вашето добро.

Вие велите: страшно е цел живот да се поднесуваат неправди. Се разбира дека е страшно. Затоа на оној кој оди по Господ му се вели: биди храбар и постојан во срцето. Напред е крстот. Значи не ви останува ништо друго туку да прифатите маки, лишувања и клевети. Во тоа прифаќање, ќе ви кажам, дека е почеток на вистинскиот пат. Оној момент кога ќе прифатите, почнувате да Го следите Господ. Ајде размислете за тоа и одлучете побожно. Вашиот успех зависи од правилната одлука за оваа работа.

Вие сакате да го напуштите родителскиот дом затоа што чувствувате дека тие ве гушат, а не знаете ни каде би отишле. Должност на родителите е да ве чуваат; Јас мислам дека тие ве чуваат како зеницата во окото. А ако е тоа нешто спротивно на вашите желби, треба да се покорите. Не би било праведно кај нив да ја уочувате само желбата да биде по нивно, туку поприродно би било тука да ја видите желбата да ве заштитат и да ве осигураат од сè. А тоа е плод на љубовта. Увереноста во ова нека ви ја намали горчината која ја чувствувате затоа што им се покорувате, ако таквата горчина ја чувствувате поради својата непослушност.

Зашто Вие треба со таа покорност да возвратите за сè она што го добивате во семејството. Храна, облека и покрив – иако тоа не е малку – сепак не го претставува она главното. Главната сигурност е од надворешните непријатели. Ве штитат со орловски крилја. Со орловскиот клун и канџи подготвени се да го поразат секој, кој ќе се обиде да ве повреди или да ви направи некаква непријатност. Тоа богатство со ништо не може да се замени. Штом ќе го снема орелот кој ве штити, веднаш ќе налетаат врз вас. Сега никој нема пристап, а тогаш сите ќе навалат на вас. Колку е само страшна несигурноста. Вие тоа не можете да го замислите, затоа што го немате доживеано. И не дај Боже да го доживеете. Имате ли сигурност? Тогаш чувајте ја и не обидувајте се да се извлечете од неа. Затоа што од таму треба да поминете повторно во сигурност – внатре во манастирските ѕидини. А во борба да одите сами – тоа никако, не, не и не. Веднаш ќе бидете нападнати и не ќе можете да се заштитите.

Што значи таа силна желба за слобода која ја покажувате? Тоа е најлошиот можен порив. Вашиот пат е одреден. Каде би оделе вие? Имате ли одредено што сакате, кога толку ја сакате слободата? Внатрешна слобода нема зошто да барате, затоа што таа постои, и бидејќи претставува неодвоива сопственост на духот. Нејзе никој не може да ви ја одземе. Излегува дека сакате надворешна слобода. Ајде размислете, во колкава мера е допустлива и достижна таквата слобода? Било каде да погледнете секогаш ќе бидете опкружени со исти такви слободи како што е и вашата, и рамноправни на неа. Било што да одлучите да направите, своите дела треба да ги прилагодувате кон другите луѓе, што претставува ограничување за вас и вашата слобода. Тоа ограничување претставува нешто законско и против тоа, како што знаете, не можете да се буните. Ако е така, тогаш копнежот за слобода е трчање по виножитото, па и повеќе од тоа, желба да се фати привидот. Значи, тоа што го барате е потполно бесмислено.

Ајде скротете ги своите пориви. Децата треба да ги слушаат своите родители и нивните совети, па своите дела и својот живот да го уредуваат така што доброволно ќе им се потчинуваат. Тоа е закон на слободата! А што мислевте вие? Малку ваму малку таму, и никој да не смее да ви приговори. Вистинска еманципирана девојка! Проверете да не боледувате можеби од гордост? Затоа што сите еманципирани девојки се горди.

Ќе се случи ли конечно нешто? Секаде гледам такви кои нешто се обидуваат, но не гледам некој од нив да е среќен. Каква е смислата на таквите пориви? Никаква. Фалбаџиство: бегај од патот! Јас така сакам! Кој ќе ми нареди? И безглаво итаат непослушните додека не паднат во амбисот од кој нема излез. Ајде, обратете внимание на ова кога страстите се во прашање: јас ќе го направам тоа, јас ќе одлучам за тоа.

Една од вашите намери е многу добра. Не претставува ли можеби таа упатство како да го средите животот? Разбирам дека би сакале да се посветите на негување на болни. Но не е добро што таа желба се појавува меѓу толку хаотични копнежи. Уште не гледам како би го уредиле својот живот. Чекајте, како што веќе ви напишав. Господ сè ќе уреди. Вашето гнездо е топло и удобно. Седете во него додека не дојде времето за да полетате.

Господ да Ве благослови!

 

Превод од српски јазик:

Снежана Колевска, дипломиран теолог

Наслов на изворникот:

Свети Теофан Затворник,

Шта је духовни живот и како се за њега оспособити?

Београд, 2007

 

Православна светлина бр. 10

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: