Нашиот однос кон духовникот или исповедникот

Протоереј Георгиј Митрофанов

Старец Ефрем Катунакиски и старец Емилијан Симонопетриски

„Бидете ми духовник“

Отче Георгиј, повторно ќе Ви го поставиме прашањето кое веќе беше на страниците на нашето списание, но овој пат ќе треба да добиеме подетален одговор. Зошто е потребен исповедник – духовник и која е неговата улога?

– Да се биде христијанин, да се живее според Божјите заповеди денес е многу сложено доколку не се потпреме на искуството од другите луѓе. А религиозното искуство, пред сè, се содржи во црковното предание. И носители на тоа предание се исповедниците, чија најважна функција е пастирството. При тоа, сакам да нагласам дека свештениците можат да бидат различни: паметни, глупави, образовани, необразовани, но сите се должни да се оспособат себеси да им помагаат на луѓето да дојдат до суштината на црковната традиција. Задачата на свештеникот како исповедник е – да му помогне на човекот да научи да го осмисли својот живот на христијански начин. Иако по правило, поголем дел од луѓето немаат сериозно искуство за разбирање на самите себеси, ниту, пак, за да се проценат себеси од морален аспект. Исповедникот е повикан да му помогне на човекот да научи да ги изразува своите мисли, чувства, а во текот на исповедта да му помогне да научи да се проценува себеси од гледна точка на црковното предание. Општо кажано, задача на исповедникот е да му помогне на човекот да влезе во црковниот живот и да го научи да биде христијанин.

Всушност, треба да се нагласи дека во односот на исповедникот и верникот особено значење има факторот личност. Потребно е да постои согласност. Тоа не е толку важно кога свештеникот крштева, помазува, венчава. Но, кога станува збор за исповед, тоа е посебно значајно. Има такви случаи, кога човекот води длабок духовен живот, ама не може да најде исповедник, бидејќи еден свештеник одговара некому, а некому не, тоа е индивидуална работа. Ако зборуваме за поимот исповедник – тоа е секогаш свештеник кој го исповеда овој или оној. Тоа не е духовен отец (духовник), тоа е сосема друг термин.

Ајде да поразговараме за овој поим подетално

– Поимот духовен отец често го мешаат со поимот исповедник. Значителен дел од современите христијани не располагаат со реален опит во духовниот живот, а во исто време читаат многу книги, кои условно би ги нарекол репринтни изданија. Книгите зборуваат за манастирскиот духовен живот, за духовната дејност на прочуените пастири, такви какви што се оптинските старци, свети Теофан Затворник, свети Јован Кронштадски. Се разбира, во таквата литература често се среќава поимот духовен отец. Ако се свртиме кон изворот на појавувањето на тој начин на духовно раководство, ќе го добиеме следново. Тоа пред сè се формира во манастир. А што е манастирот? Тоа е таков вид на заедница од луѓе, кои заминуваат од светот и живеат посебен начин на живот. Нивната основна преокупација не е добивање на лебот насушен, не е решавање на секојдневни проблеми кои настануваат во општеството, туку преобразување на самите себеси. Задачата на монахот е многу длабока. Христијанинот кој живее во светот, се грижи што поретко да ги реализира своите помисли во лоши постапки. Задачата на монахот, од тој аспект, е главна задача. Тој се стреми кон тоа, да ги испитува дури и лошите помисли. И ете при такви многу строги барања од себеси, кај монахот се јавува потреба постојно да се наоѓа во комуникација со човек кој има голем духовен опит, кој напредувал во таа духовна дејност. И еве, живеејќи во манастирот еден покрај друг во совршено идентични надворешни услови, имајќи можност да се исповеда било во кој ден кај поискусен монах, во манастирската средина се создава сфаќањето за духовниот отец – т.е. поискусниот монах, кој на крајот, во огромна мера, врз себе ја зема одговорноста за човекот. Всушност, не само што постојано се исповеда, тој и секојдневно зборува дури и за најскриените свои помисли. А духовниот отец од своја страна многу строго го исправува неговиот живот, во некои ситуации обврзувајќи го, дури и за најмали ситници, да постапува според неговиот благослов. Смислата на монаштвото, уште, се состои и во доброволното отсекување на сопствената волја. Далеку од тоа дека секој, па дури и искусен монах, зема врз себе такво послушание. Тоа многу ретко се среќава дури и во манастирите (ако зборуваме за вистинско искуство на духовно очинство). Но многу луѓе кои влегуваат во црковниот живот, таканаречени неофити (новокрстени, нови во верата), сакаат одеднаш и во полна мера да ги реализираат принципите кои ги читале во книгите.

Ним им се чини дека одеднаш можат да бидат како совршени монаси, кои можат да ја отсечат сопствената волја, а нивните свештеници се должни да бидат оптински старци во светов. Таквите луѓе повеќе пати почнуваат да бараат духовен отец, менувајќи еден па друг, тие почнуваат да емитираат со својот свештеник односи на духовно чедо со духовен отец. Колку е лесно човекот да западне во прелест, заблуда. И ете тие претстави видени со умот, прочитани во книгите честопати се препрека во устројувањето на нормални (кои одговараат на духовното ниво, начинот на живот и даровите на дадениот свештенослужител) односи со исповедникот.

Мора да се каже дека тоа ги дезориентира и самите свештенослужители, на кои им се задава веднаш да постанат нечии духовни отци. Во тој случај треба да се сетиме на религиозниот писател Сергеј Јосифович Фудел (1900-1977). Тој вели дека е неопходен дистанциран однос, при читањето на светите отци. Не треба да се губи чувството за реалност, не треба целосно да се поистоветуваме себеси со прочитаниот текст и според него да го градиме својот живот. И уште еден значаен детаљ. Многу често не е пожелен прост исповедник, кој му помага на човекот сам да се развива, туку духовен отец, кој врз себе ја зема одговорноста за сите негови постапки, тоа е нехристијанско, туку чисто советски рудиментирано тежнеење кон тоталитарен авторитет. Тоа е многу распространето во нашето општество, бидејќи десетици години живеевме во атмосфера, кога семоќниот безличен колектив и безличната семоќна држава одлучувале за нас сè, како да го устроиме нашиот живот.

И тоа во нас создало поразителен недостаток од одговори. Ние сме навикнале да живееме по рецептот на земските авторитети, понекогаш со тоа се оптоваруваме и заморуваме, но при тоа не помалку свесни за неоспорната вистина дека главните проблеми на нашиот живот ги решава некој друг. Системот на вредности се измени, но многу луѓе не го напуштаат уверувањето дека сè во животот се одвива според наредби одозгора, овој пат не од земското политбиро, туку од небесното.

Значи, човекот кој само што стапил на патот на христијанскиот живот, може да се советува да не бара никакви духовни отци, туку да се потруди секогаш да се исповеда кај еден свештеник.

– Токму така, својот духовен живот можеме да го започнеме оттука што редовно ќе посетуваме еден храм, во кој полесно ќе се сосредоточиме и ќе се погрижиме да одиме да се исповедаме кај одреден свештеник, кој подобро ќе нè разбира и добро ќе нè насочува. И постојано исповедајќи се пред него, духовно да растеме. Треба да се додаде, дека на свештеникот сериозно влијае тоа, кога кај него доаѓаат духовно сериозни, трпеливи парохјани кои му веруваат. Таквиот пристап го стимулира во духовниот живот. Јас по себе знам: некогаш одиш на исповед без посебни желби и инспирација за исповед, и одеднаш кај тебе дошле луѓе на покајание, за кои гледаш дека се поинтелигентни и од тебе самиот, па тие те инспирираат. Тоа е многу важно. И ете во таква реципрочна работа на свештеникот и на христијанинот, кој кај него се исповеда, постепено можат да настанат односи кои претставуваат однос на духовник и духовно чедо. Но тоа е долг и сложен процес..

Често прашуваат: како да најдеме исповедник? Одговорот е – молете се. Но постои и друга варијанта: луѓето одат по црквите, се обидуваат, бараат, што да ги посоветуваме?

– Наоѓањето на исповедник е обострано дело. Многу зависи од свештеникот, но многу и од мирјанинот. Мирјанинот треба да разбере, дека ако сака да има исповедник, тогаш самиот треба духовно да се потруди. Да не ги менува храмовите, да не ги премерува свештениците, туку кога ќе почувствува кај некој свештеник, барем мало внимание, да се обиде да почне со него да работи. Не еден месец и не една година, туку за тоа е потребно да се потроши повеќе сила. Затоа кога човекот духовно ќе порасне, со помошта од свештеникот со кого Господ го споил во овој живот, тој почнува сè подобро да ја разбира и околината и свештеникот. Затоа не треба да се тргне по патот на надворешни промени… Ако не успее вака, тогаш може да се замине од тој свештеник; свештеникот се покажал лош, или, пак, тој е добар но не сте ускладени. Може да се премине кај друг свештеник, но тоа треба да се направи само во краен случај.

Кога човекот во одреден свештеник сака да види свој исповедник, дали треба да му пријде и да му се обрати со такво прашање?

– Знаете, кога луѓето доаѓаат кај мене и ме прашуваат да им бидам духовен отец, јас веднаш одговарам, дека би можел да се обидам да бидам ваш свештеник кај кого ќе можете секогаш да се исповедате, исповедник. Вие ќе доаѓате на исповед, а што ќе излезе, не знаеме. А не можам да ви ветам дека ќе ви бидам духовен отец, јас немам такво искуство. Не знам како изгледа од страна, но јас имам парохјани кои кај мене се исповедаат многу години, а за кого од нив сум духовен отец, а за кого исповедник – јас не знам. Ми се чини дека се однесувам како духовник, со кого тие изградиле длабоки меѓучовечки односи. Ама кој од нив сега ме нарекува духовен отец, не можам да знам, бидејќи луѓето тоа многу подобро го чувствуваат отколку јас. Затоа можете да дојдете и да го прашате свештеникот: бидете мој духовен отец; па тој или постојано ќе ве исповеда или ќе ви биде исповедник.

Но сепак ако со свештеникот не се усогласат односите и случајно запознаеш друг свештеник и почувствуваш дека нешто те привлекува кон него, дека би можел повеќе да ти даде. Дали може да се отиде кај друг духовник? И дали за тоа треба да се разговара?

– Како што веќе реков, во односите на исповедниците и верниците личниот елемент има големо значење. За ова се потребни и мудрост и деликатност, бидејќи при таквиот однос може да биде навреден свештеникот. Во принцип може да се замине од еден свештеник кај друг, доколку постои таква потреба, а луѓето мора да се обидат да се објаснат. Разберете, овде нема никакви императиви. Овде е неопходен индивидуален пристап, само треба да одлучиме што е правилно. Христијанството не ни ја одзема слободата. Многу христијани би сакале да се одречат од тој тежок, но истовремено благодатен дар на слободата, наоѓајќи се во услови на силна контрола. Но тоа е неправилно, христијанинот не може да се замисли без слободата.

Најдов исповедник и сакам кај него да се исповедам. Но имам многу неважни и важни прашања кои треба со него да ги решам. Имам потреба од некој неформален разговор. На исповед не оди лесно, не успеваш сè да кажеш, а мислам дека треба да одам со своите прашања кај него на советување. По службата, многумина го чекаат свештеникот за да поразговараат со него. И често помислуваш дека кутриот отец е растргнат од сите страни, и подобро е да го побараш друг пат? Како во ваков случај да изградиме однос со исповедникот?

– Честопати луѓето не ја разликуваат исповедта од духовниот разговор. За исповед треба да се подготвуваме за да можеме конкретно да ги искажеме своите мисли. Исповедта треба лесно да се одвива, како разговор со свештеник, и не треба да се меша едно со друго. Напоменувам дека во Руската црква до XVII век христијаните се исповедале неколку пати годишно, и свештениците биле послободни. И денеска, на пример, во Грчката и во Српската црква не исповедаат сите свештеници, ниту, пак, луѓето се исповедаат пред секоја причест, тоа е многу поретко отколку кај нас. При тоа тие почесто разговараат со свештеникот отколку што се исповедаат. Кај нас, пак, со свештеникот луѓето раговараат само на исповед. Со сè што му се насобрало во душата човекот оди на исповед. И самиот не може толку да се кае, а другите да ги задржува. Тоа е проблем! Но постои и друг проблем. Како пријатен духовен соговорник и пријатна личност, свештеникот едноставно ги привлекува не само жените, туку и мажите, но со жените се случува почесто. Тоа понекогаш добива сурови форми, особено кога станува збор за познати свештеници. Завршува богослужбата, парохјанките седат и чекаат да дојде отецот: „ајде да го почекаме, можеби нешто ќе ни каже, ќе ни се обрати, ќе нè потапка по рамо, ќе нè погали по главата….“ Притоа нивните мажи седат сами дома, запоставените деца играат со топка околу храмот, а тие чекаат разговор со исповедникот. Тоа е психологизација на односите, кога човечката радост, дури и непросветлена од духовниот живот, сè покрива од разговорот со очекуваниот човек. Тоа треба да се избегнува. Со текот на времето можеме да се исполнуваме со христијанска љубов кон својот исповедник, но најчесто стихијните душевно-емоционални пориви ги прифаќаме како љубов. Не треба да се поаѓа од личноста на свештеникот, туку од тоа, колку тој ќе ти помогне да се развиеш како христијанин. А не да си угодува, не да се радува на себе, и не да ти се умилкува со своите чисто човечки квалитети.

А што ако јас имам важно прашање, на пример заминување на ново работно место?

– Препорачувам разговор и духовна беседа, а степенот на важност на прашањето ќе ја одреди самиот христијанин. Уште поважно е да се забележи дека многу свештеници сакаат да советуваат многу категорично: така и никако поинаку. „Ајде заедно да решиме, ајде да се посоветуваме како треба“; – ете тоа е поправилен пристап, отколку безапелационата наредба: „благословувам да постапиш така и така“; Тоа јас не го прифаќам.

Овде треба да се напомене дека сè зависи од Бога, но треба да постапуваме така како сè да зависи од нас. Всушност ние треба да бидеме Божји соработници, а не само потрошувачи на Неговите благодатни сили.

Денеска често бараат благослов за сè и сешто. Што е тоа благослов и кога е неопходен, а кога не?

– Обраќајќи се за благослов, ние бараме да ја дознаеме Божјата волја за самите нас во нашиот живот и за некои наши замисли. Само кога би ја знаеле Божјата волја и би ја исполнувале, крајниот резултат ќе биде да не грешиме пред Бога. Ако помниме дека благословот е опит да се осознае Божјата волја и да се исполни, тогаш разбирливо ќе биде дека честото стремење да се добие благослов за нашите различни почетоци го профанизира благословот. Основните вистини на христијанското учење сепак нам ни се многу добро познати. Ако сме христијани, благословено ни е да живееме христијански, да Го љубиме Бога и своите ближни. Во исто време, во секојдневниот живот од една страна се јавуваат едни или други епизоди, средби, проблеми, христијански решенија кои тешко можеме да ги разбереме. Во тој случај ние најпрво му се обраќаме на свештеникот да ни благослови христијанско решение на дадената ситуација. Затоа треба да Го молиме Бога да ни ја открие Неговата волја за решавање на конкретниот случај, да имаме доверба во свештеникот, а најважното од сè е да бидеме подготвени да го прифатиме тоа решение, за да се исполни благословот кој сме го добиле. Ако христијанинот ги почитува тие услови, поретко ќе бара благослов. А ако добие благослов, безусловно ќе го исполни.

Една моја познаничка, психолог, на разговорот со исповедникот гледа многу позитивно. Но во него гледа само еден од патиштата кои човекот како психолог ги наоѓа во својот живот. Некој оди на тренинзи, некој на сеанси кај психотерапевт, а некој во црква кај исповедник…

– Тоа што психоанализата им помага на луѓето да ги отстранат своите душевни трауми е очигледно и многу добро, доколку психоаналитичарите помагаат некому. Забележувам дека психоанализата е распространета кај протестантите и во секуларизираните земји и ја презема функцијата на исповедта. Психоаналитичарот настапува како исповедник, но само формално. Безусловно, како во психоаналитичната сеанса, така и во исповедта, постои психотерапевтски елемент. Зборувајќи за проблемите кои го мачат, човекот го симнува својот товар. И тука завршува психоанализата. А духовништвото оди понатаму. Од една страна, растоварен преку разговорот со свештеникот кој го разбира, сочувствува со него, а од друга страна христијанинот на исповед добива нешто што не може да го добие за време на сеанса со психотерапевт: благодатната Божја помош, која се дава преку тајната на покајанието. Покајанието за гревот кое се јавува во Црквата дава не само условно психолошко, туку безусловно онтолошко простување на гревовите лично од Самиот Бог. Психоанализата е сурогат на исповедта. Тоа не значи дека таа е лоша. Едноставно не треба да застанеме на тоа ниво.

Има случаи кога човек не може да си најде исповедник иако со години го бара. Но има и христијани кои свесно избегнуваат таков вид на општење со свештеникот бидејќи се плашат дека нема да можат да исполнат некои строги услови, кои ќе им бидат зададени!

– Вистинското општење со исповедникот бара од човекот големи внатрешни напори. Но ете луѓето не сакаат да вложат такви напори. Тие свесно се откажуваат од тој напор и се понижуваат себеси. Пред сè, самиот човек треба да биде строг кон себеси и не е работа на исповедникот да зазема улога на егзекутор. Во раководењето свештеникот треба да биде деликатен, но доследен. Ако луѓето го избегнуваат духовното раководство затоа што тоа многу ги обврзува, како тогаш ќе ги исполнуваат своите обврски кон Бога? Тоа е грев, и просто ограничување на себеси во интензивниот духовен живот. Затоа треба да го надминеме тој страв. Можеби зад таквиот страв стои несреќно искуство со млад псевдостарец, кое го ограничило и одвратило човекот уште на почетокот со неговите ригорозни изискувања. Овде може да се советува само едно: повторно да побара друг свештеник.

Според досега кажаното произлегува дека за духовното растење на христијанинот е неопходен духовник?

– Јас би рекол, многу пожелно е. Ќе ја објаснам таквата аналогија: можеме да се самообразуваме или да учиме во училиште. Искуството покажува дека во поголем број случаи образованието добиено во училиште според некој систем е подобро од самоукоста. Точно е дека постојат и такви самоуки генијални луѓе кои со самообразование постигнуваат многу повеќе, но најчесто се случува обратното. Црквата е одреден систем, а служителите на Црквата се луѓе кои се повикани да му помогнат на човекот побрзо, поинтензивно да го минува патот на духовниот развој. Затоа сепак христијанинот има многу поголеми шанси за духовен раст кога има духовник, отколку без него.

Превод:

Катерина Пипилева, дипл. теолог

Наслов на изворникот:

Журнал „Фома“

http://www.duhovnik.ru/main/to_talk?id=194

Објавено во Православна светлина, бр. 8

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: