КАКО ДА СЕ ЗАПОЧНЕ СО УСТРОЈУВАЊЕ НА СВЕТА МОНАШКА ОБИТЕЛ?

Јеромонах Сергиј (Рибко)

 

отец Сергиј Рибко
отец Сергиј Рибко

Јеромонахот Сергиј Рибко е старешина на храмот „Слегување на Светиот Дух врз апостолите“ на Лазаревите гробишта во Москва. Пострижан е во монаштво и ракоположен во свештенички чин во Оптинската пустина во 1990 година. Во младоста имал блиски контакти со претставници на неформални младешки движења. Отец Сергиј редовно гостува во радиостаницата „Радонеж“ и зборува на аскетски теми, и е еден од постојаните автори на периодиката „Благодатен оган“ (прилог кон периодиката „Москва“). Многу често објавува текстови во весникот „Православен Санкт-Петербург“ и во други православни и светски изданија.

Со благослов на патријархот Кирил често гостува и проповеда на многу рок-концерти, и на тој начин има приведено во верата многу млади души. Но и покрај неговите „модерни сфаќања“, сепак, тој е бескомпромисен следбеник на догматите и светоотечката вера на Светата православна црква.

 

 

Трпеливо поднесувајќи ги немоќите на ближните

отец Мојсеј во Оптинската пустина собрал

монашко братство, примерно за Русија.

 

Св. Игнатиј Ставрополски

 

  1. 1.      Наше ли е ова дело?

 

Нема никаков сомнеж, дека Руската црква се возобновува. Еден од знаците на возобновувањето се многубројните обновени монашки обители. Ако на канонската територија на РПЦ кон крајот на 80-те години на XX век се броеја не повеќе од дваесетина живи манастири, денес се повеќе од шестотини. Практично секое заседание на Синодот добива решение за отворање на неколку манастири. Неколку години претходно тие, како по правило, се отвораа на местата на разорените обители каде што немало ништо освен разрушени ѕидови и историско име. Возобновувањето на таква обител, како што е, впрочем, со секој нов манастир, наидуваше на определени тешкотии, а најглавната од нив, – отсуство на содветни искусни кадри, коишто би биле во состојба навистина да го обноват манастирот, а не само да изградат ѕидини. Со голем труд се собираа жители во таквите манастири, не само од конкретната епархија, туку и од другите. На тој начин во бројот на братството не ретко доаѓале и случајни луѓе, кои не можеле долго да се задржат. Како последица на тоа, денес се среќаваат целосно изградени манастири, каде бројот на монасите го сочинува само игуменот.

Во последно време во решението на Синодот за отворање на светите обители сè почесто се вели: „Да се преобрази парохијата од тој и тој град во манастир…“. На тој начин обителта се возобновува не на празно место, туку на веќе изграден храм, што овозможува да се избегнат многу проблеми, пред сè, од економски карактер. Но најважно е тоа, што таа веќе има постоечка заедница, како по правило, женска. Најчесто таквата заедница природно никнува во храмот каде што старешината е монах.

Многу монаси, по волјата на судот Божји, од разни причини, сакајќи или несакајќи, добиваат благослов да ја остават обителта и своето понатамошно монашко живеење да го продолжат опкружени со светот во парохиски храм. Има и такви, кои уште на почетокот, добиваат постриг во парохија. Оваа тенденција на нашето време древните отци, основачи на монаштвото, едвај би ја признале за нормална. Но таа тенденција постои и секако не без Божја промисла. Иако односот кон парохиските монаси, како по правило, е претпазлив во секој поглед, тоа не е секогаш праведно.

Наспроти постоечкото мислење, тие воопшто не отишле од манастирот своеволно, ниту од разбеснетите страсти. Некои од нив по волја на архиерејот биле намерно испратени во такви места, каде што возобновувањето на парохиите одело прилично тешко, како од материјален, така и од духовен аспект. Треба да се каже, дека тие одлично ја извршиле својата задача онаму, каде што свештеникот немал трпение и сила. Еве што пишува еден од таквите свештеномонаси: „Кога пристигнав (1990) најдов парче земја обрасната во мов и неколку старици раскарани меѓу себе. Со Божја помош го изградивме храмот, добро ја уредивме околината, се формираше силна заедница. Заживувањето на црковниот живот во тоа гратче беше во лошо време: платите и пензиите доцнеа по 13 месеци. Се молевме и баравме помош од администрацијата – ветуваа, а не помагаа – но нашата работа течеше“.

Искуството од современиот црковен живот покажува, дека во храмот, каде што управува монах, во поволни благопријатни услови често се создава заедница од монашки тип: машка или, почесто, женска – која со текот на времето може да добие статус на манастир. Оваа појава целосно е оправдана, ако во парохијата се наоѓа вистински монах, порано или подоцна, околу него ќе се соберат истомисленици кои добиваат од него духовни поуки и совети и во исто време стануваат за него блиски по дух луѓе, чија духовна поддршка е крајно неопходна.

Во наше време ретко кој може да го сподели искуството со некого, како треба да се дејствува, за успешно да се создаде манастир. Но секој кој учествувал во дело од овој тип, има што да ви каже за тоа, како не треба да се прави тоа. Дозволете му на таквиот човек да сподели некои мислења, за да ги предупреди возљубените собраќа од можните грешки.

Без сомнеж, многу монаси, кои по сплет на околностите се на послушание во парохиски храм, сакаат во својата парохија да создадат манастир и своето спасение да не го извршуваат во осаменост. Но дали тоа е Божја волја? Понекогаш, како нешто што е само по себе разбирливо, нам ни се чини дека не може а да не биде волјата Божја во него. Понекогаш дури и добиваш благослов од духовните лица. Но времето минува и од околностите станува јасно дека Божји благослов немало. Понекогаш тоа е волја Божја, но премногу е рано да се започне делото. Затоа пред сè не треба да се брза; треба да се случува постепено, само од себе. Ако биде волјата Божја, Самиот Господ, во свое време ќе собере луѓе и ќе покаже дека е дојдено времето да почне да се дејствува.

Еден современ пастир, кој изградил православен детски дом, рекол: „Оној, којшто сака да создаде дом за деца без родители, треба да знае, дека за себе гради Голгота“. Дотолку повеќе тоа се однесува на оној, кој се подготвува да изгради света обител, зашто таквиот човек се зафаќа за неспоредливо посложено и потешко дело, а тоа значи дека, несомнено, ќе предизвика голема злоба кај невидливите непријатели. Реално согледувајќи ја целата тежина на оваа безусловно претешка за човечките можности задача, човек никогаш нема да се одлучи сам да се зафати, но само ако се убеди од развојот на околностите, дека тој е повикан за таа задача од Бога.

Ако домот за деца без родители секогаш наоѓа сочувствителни и доброволни помошници меѓу луѓето, вбројувајќи ги тука и нецрковните па дури и неверниците, градењето на манастир многу ретко наидува на разбирање. Искуството покажува дека во современа Русија изградбата на нов манастир предизвикува, за жал, противречен однос: од сочувство и огромна помош од едни, до непријатности и непријателство од други. При што неприфаќањето, кое е последица на атеистичкото воспитување и безбожниот живот, не е само од страна на властодршците, но, за жал, и од страна на обичниот народ. Оној, кому Бог му испратил тежок крст за создавање на света обител, треба да разбере, дека во оваа работа, не вреди да се надеваш на луѓето, мали или големи. Да се надеваш може само во Бога, во семоќната десница на Оној, Кој е секогаш подготвен да помогне во работата која Он заповеда да ја извршиме. Господ, а не луѓето, ќе ни испрати во вистинско време сè што ни е неопходно во изобилие. Од нас се бара само непоколеблива вера во промислата Божја, а исто така и неопходни трудови според  нашата сила, кои за нас никој нема да ги заврши, по зборовите на еден од Божјите угодници: „Во секоја работа треба да се молиме онака, како сè да зависи само од Бога, а да работиме онака, како сè да зависи само од нас самите“.

Ако стане очигледно, дека е волјата Божја за изградба на монашката заедница, нема да се одречеме од трудот за нејзино создавање. Без оглед на нивната тежина, поврзаните со нив озборувања па дури и, штетата за душата, ако волјата Божја е за некого да се зафати со устројство на манастир, тогаш тоа дело за него ќе биде спасително. Ако, пак, таквиот се повлече или не работи на него (на манастирот) ќе биде казнет од Бога, како што бил казнет познатиот оптински подвижник схиархимандритот Агапит (Беловидов), кој, како повикан првин на архиерејство, а потоа и на старчештво се откажал и од едното и од другото, по што, со текот на времето, доби помрачување на умот. Според мислењето на преподобниот Варсонуфиј Оптински, неговото безумие му било дадено како казна заради одбивањето на јавна служба.

Обителта не се устројува заради подигнување на споменик на архитектурата, не за поклониците, не за населението или за архиереите, туку пред сè за нејзините жители. Затоа првата грижа на градителот би била токму за нив. Ако има жители, кои се подготвени да се потрудат во делото на спасението, со текот на времето ќе има и манастир. Ако изградбата на обителта е почната со подигнување на блокови и ѕидови, тогаш и при најграциозни градби и поволна економска положба, луѓето, кои сакаат монашки живот, може и да не се соберат да живеат тука.

Главна задача на устроителите е да им обезбеди на монасите сè што е потребно за да можат да водат духовен живот во целост, т.е, пред сè, да создадат услови за богослужење и молитва. Втората, не помалку важна задача – да се организира  животот на браќата, т.е, да им се обезбеди покрив над главата, храна, облека, медицинска помош и сè што е неопходно за живот. Времињата, кога подвижниците живееја во пештерите, спиеја на рогозини и се хранеа само со леб и вода, отидоа во неповрат. Современиот човек е крајно немоќен, пред сè – душевно, но не помалку и телесно. Затоа оној, кој сега доаѓа во манастир, има потреба од големо снисходење. Нему не треба да му се пристапува со мерките на древното монаштво. Па тој сè уште не е монах, туку мирјанин.

 

Превод од руски јазик:

Ангелина Јанева, дипл. проф. по руски јазик

Наслов на изворникот:

С чего начатъ устроение святой обители?,

иеромонах Сергий (Рыбко),

Журнал Московской Патриархии. № 2, 2003.

Главы из книги „Записки приходского инока“.

 

Православна светлина бр. 13

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: