ПАСИВЕН АТЕИЗАМ – Опасност за Црквата

Ереј Бобан Миленковиќ

Поимот пасивен атеизам во себе го сокрива парадоксот на секојдневното живеење кај повеќето формални верници. На прв поглед колку и да е нелогичен и незабележлив, непостоечки, пасивниот атеизам во стварност претставува појава толку забележлива, што ние свештениците како проблем во својата апостолска служба и не го забележуваме, бидејќи од сите страни нè опкружува исто како и воздухот.
Поедноставно кажано, на поимот пасивен атеизам, кога станува збор за формата на верниот народ, најдобро му одговара изразот суштинска незаинтересираност за верата и вистинска оттуѓеност на верниот народ од соборниот, подвижничко-литургиски начин на живот во Црквата.
Најголемиот дел од верниот народ својот живот во Црквата го засновува и исполнува на ниво на фолклорно-историски однос во кој доволно е да се знае домашната слава која ја славеле нашите дедовци, кога е првата недела на постот кога „треба“ да не се јаде мрсна храна, за да можеш да се причестиш – „бидејќи така треба“. Потоа доволно е по истиот тој принцип да се знае кога е Божиќ, Велики Петок, Велигден со сите пропратни народни обичаи. Неопходно е панатаму да се обрати внимание и на деновите кога се слават големите празници и слави. Набљудувано низ призмата на фолклорно-историскиот однос кон верата, исто така и сите молитви, како и самата Света Причест, се сфаќаат, иако најсвети, како народни обичаи, народна традиција. Празниците стануваат изговори за световни празнувања и веселби, без желба подлабоко да се навлезе во нивната спасителна смисла, и низ нив, молитвено соживување со Христос Богочовекот, Кој е темел на сè.
Постот кај еден дел од народот не е сфатен како време на покајание, туку како форма за одржување на телесното здравје, како диета, на чијшто крај стои Причеста како гест на добрата човекова волја кон Бога. Само во траги може да се најде свест дека кршењето на постот е грев, и тоа само за прашањето за прекршување на постот пред Причест. Нема желба да се истрае во преумувањето, туку само се задоволува формата заради оправдување на веселбите без Бога. Не толку одамна во поголемиот број случаи свадбената веселба, бивала заради венчавката, сега е обратно, па венчавката е само убав украс на семејната веселба. Украс кој по силата на обичаите мора да се испочитува. Така е и кај добриот дел на крштевки, опела, парастоси, и домашни слави. Формата на обичаите и законите е задоволена, така што многумина од нас свештениците, воодушевени од надворешниот сјај на транспарентната побожност, во поголемиот број случаи доцна го забележуваме она што се крие зад побожната маска која ни се прикажува.
Ни се случува во Црквата да венчаме пагани и за луѓе потполно туѓи од благодатта на Светиот Дух и заедницата на Светиите да пееме „Со Светиите упокој ги…“ Тоа е оттука што животот во Црквата се сфаќа и доживува како нешто што може да биде остварено во потполност и без вистинска вера во Христос Богочовекот и Црквата како Негов Богочовечки организам.
Нашето време е време на сеопшта секуларизација. Таа не може да се сведе на теориски „прогон“ на Бога на небото, како што многумина денес учат, таа се состои во отпаѓање од духовно-терапевтскиот метод на Црквата, односно од искуството на очистувањето, просветлувањето на умот и обожението како степени на духовниот живот. На тој начин формално верните пасивни атеисти, себеси си ја одземаат можноста за избавување од гревот и смртта, бидејќи се сведуваат на границите на времето и просторот без Христос Кој единствениот ја победи смртта.
Во нам современиот свет, кога се говори за обожение на човекот и неговото живеење, тогаш обожението се сфаќа како соединување и заедница со Христос, но во една сосема апстрактна смисла. Меѓутоа, никој не може да здобие заедница со Христос, без аскетски живот, кој навистина е живот на очистување, просветлување и обожение.
Имајќи го предвид погоре кажаното, доаѓаме до еден болен, но точен заклучок. Просто ни се наметнува фактот дека во Црквата, Богочовечкиот организам кој во светот го објавува Христос Спасителот, кој осмислува сè видливо и невидливо, во голема мера е занемаренa внатрешнатa мисионерскa дејност.
Очигледната незаинтересираност на верниците за подлабоко запознавање на православната вера во голема мера има корени во недостигот на волја кај свештениците со свој личен пример да им покажат како е можно сега и во овие услови да се живее целосен христијански живот. Наместо да бидеме град кој стои на гората, ние духовните пастири повеќе потсетуваме на сол која станала блуткава и се изедначила со сивилото на секојдневието. Формалното извршување на богослужбата, без чувството за нејзината светост, со многу скратување и прескокнување на молитви, нас свештениците со верниот народ наместо да нè води кон молитвено соживување со Христос и сите светии, нè води во прелест, во која таканареченото богослужење се претвора со демонослужење. Тоа е така затоа што нема чувства, а понекогаш, се плашам, и вера дека Христос е тука со нас и до нас. Многу често потребите на верниците како што се крштевањето, венчавањето, опелата и др. од страна на свештенството се објавуваат и доживуваат како магиски чин, со кој се исполнува формата неопходна за автоматско делување на благодатта врз човекот, а свештеникот за тоа добива материјална исплата. Благодатта, која е неразделна од секоја богослужба, останува затрупана со народни, а често и нехристијански обичаи и ритуали, бидејќи со неа не содејствува и свештеничката поука и објаснување кое ја просветлува темнината на незнаењето кај верниците. Наместо на секое место и во секој миг народот да го воздигаме кон Христа, неретко молчејќи стапуваме со она што народната душа по инерција го прави, барајќи Го Бога.
Зборовите од проповедта во Црква често пати, ако воопшто има проповед, ни звучат празни и личат на „губење време“, бидејќи не се проследени од пример со личниот живот. Не може верниот народ да се излечи од суеверието, а при тоа по налог на бајачите да им се читаат во црква непостоечки молитви на верниците кои ги бараат. Како е можно да се укажува за светост на бракот доколку во приватниот живот се одобрува и афирмира предбрачниот и вонбрачен заеднички живот на мажот и жената?
Очигледна е незаинтересираноста на дел од свештенството за градење и одржување на подлабок духовен однос со парохјаните преку светите тајни исповед и духовен отец. Како да го забораваме фактот дека пред Христа Богочовекот ќе дадеме одговор за доверената душа.
Основниот позив на покајание, меѓусебната љубов и простувањето многу ретко можат да се чујат во нашите говори по нашите цркви и на друго место каде што ние како свештеници треба да бидеме. Тоа и не е чудно, бидејќи и помеѓу нас свештениците светата тајна покајание и меѓусебен соживот во љубовта Христова е малку застапена, како и послушноста кон духовниот отец, ако го имаме па макар и формално. Светата тајна исповед претворена е во нешто резервирано за оние кои не можат да умрат бидејќи се многу грешни или пак за оние кои немаат попаметна работа. Исто е и со Светата Причест, која од една страна строго се врзува за одредени денови кога е „единствено дозволена“, а од друга страна постои сфаќање според кое може да се причестува секој кога сака без оглед на соблазната кај другите или обратно. Си дозволуваме луксуз верниците да ни се делат на Павлови, Аполосови или Петрови заборавајќи дека Христос по благоволието на Отецот и силата на Духот е единствениот Животодавец за покајаните човечки души. Како да не постои вистинска желба верниците да ги приведеме кон Христа и како благодатта на свештенството да ни е наметнато бреме кое е тешко да се носи. И навистина е тешко, не затоа што Христовиот товар не е лесен, туку затоа што не го сакаме најнапред Царство Небесно, па се друго да ни се придодаде. Најчесто го правиме спротивното, но Бог е милостив и долго трпи, не сакајќи со сила да нè приведе кон Себеси, без разлика што понекогаш излегува дека човекот живее само за леб; а не живее само за леб.
Искушенијата во секојдневниот живот се големи и од сите страни налетуваат и нè вплеткуваат нас свештениците во подвижничко-литургиското сведочење на Христа. Демонот ни нуди илјада изговори и оправдувања за нашата малодушност, за натрупувањето на земските блага, за меѓусебните конфликти. Меѓутоа, не е неопходно само да се верува во Бог, туку и да Му веруваме на Бога дека е секогаш со нас, токму како што тоа го правеле и апостолите и Светите Отци, бидејќи иста е благодатта на нас, како и непријателот пред нас. Непријателот е победен и немоќен, доколку ние сме моќни во верата Христова. По зборовите на Свети Симеон Нов Богослов, најголем еретик е оној што говори дека не е можно да се живее животот на Светите Отци и во ова време имајќи го при тоа во вид стварното и постојано Христово присуство и дејство со нас во сите денови до крајот на светот.
Дали сме со Христос или надвор од Него тоа зависи од нас, исто како што од нас зависи и нашето определување дали ќе бидеме и дали ќе останеме борци за полнотата на растот на човекот во Христа, или себеси ќе се претвориме во агрегати на пасивност и мртвила на формите и обичаите. Самата форма без суштинско проникнување во причините за постоењето на човекот и светот не претставуваат ништо. За да ја поминеме длабочината на рајската состојба, да го надминеме мигот на самото создавање на светот и човекот, и како слободни богови по благодатта Христова да застанеме пред престолот на нашиот Отец водени од Светиот Дух на Господ Животодавецот, неопходно е со својот подвиг, со своите зборови и дела, да ги престигнеме крилјата и гласот на ангелите во славењето на Господа. Само на тој начин ќе можеме да бидеме малку помали од ангелите со слава и чест овенчани. Свештеникот во овој свет не е градител и утврдител на светското, туку рушител и уништувач на светот без Бога со сето оружје на љубовта Христова која ја поседува Добриот Пастир заради сите и за сите нас.
Само покајанието внатре во Црквата, но првин кај нас свештениците, може од Црквата да ја протера пасивноста и незаинтересираноста за спасението од гревот и смртта; друг пат, освен патот кон смртта заради гревот и гордата себезадоволност нема за нас, ако не сме подготвени самите себеси и едни на другите, со сите светии, на Христа Бога да се предадеме.

Превод од српски јазик:

Јаков Илкоски, дипл. инженер по Биологија

 

Православна светлина бр. 24

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: