Огнената река 4-5 дел

Ова паганско сфаќање на Божјата правда која бара бескрајни жртви за задоволување, јасно Го прави Бога наш вистински непријател и причина на сите наши несреќи. Освен тоа, оваа правда воопшто не е праведна, бидејќи казнува и бара задоволување од личности кои воопшто не биле одговорни за гревот на своите праотци[i].  Со други зборови, она што Западњаците го нарекуваат правда, мора попрво да се нарече огорченост и освета од најлош вид.  Дури и Христовата љубов и жртва го губат своето значење и смисла во оваа схизоидна претстава за Бог, Кој Го убива Бога за да ја задоволи т.н. правда Божја.

Ова сфаќање за правда има ли некаква врска со правдата, што Бог ни ја откри нам? Дали фразата „Божја правда“ го има ова значење во Стариот и Новиот Завет?

Можеби почетокот на ова погрешно толкување на зборот правда во Светото Писмо, беше во неговиот превод од грчкиот збор  DIKAIWSUNH (дикеосини). Не дека е погрешен преводот, туку зашто овој збор, бидејќи збор на паганската, хуманистичка, грчка цивилизација, беше натоварен со хуманистички поими, што лесно можат да одведат кон погрешно разбирање.

Пред сè, зборот  DIKAIWSUNH, нè асоцира на рамна распределба. Затоа е претставен како рамнотежа. Добрите се наградени, а лошите се справедливо казнети од човечкото општество. Ова е човечка правда, онаа која ја сретнуваме во судот.

Меѓутоа, ова ли е значењето на Божјата правда?

Зборот DIKAIWSUNH „правда“, е превод на Хебрејскиот збор tsedaka. Овој збор ја означува „божествената енергија која го совршува човековото спасение“. Тој е паралелен и речиси синонимен на еден друг Хебрејски збор, hesed  којшто значи „милост“, „сострадание“, „љубов“, и на зборот, emeth, кој значи „верност“, „вистина“. Ова, како што гледате, дава потполно друга димензија на она што обично го сфаќаме како правда[ii]. На овој начин  Црквата ја разбира Божјата правда. Еве што учеа Отците на Црквата за ова. „Како можеш да Го наречеш Бога праведен“, пишува Свети Исаак Сириски, „кога го читаш пасусот за платата што им беше дадена на работниците? Пријателе, не те онеправдувам: Јас ќе му дадам и на последниов исто колку и тебе кој работеше за мене уште од првиот час. Или ти е окото завидливо оти сум добар?“ (сп. Мт. 20, 13-15). „Како можеш да Го наречеш Бога праведен“, продолжува Свети Исаак, „кога ќе го поминеш пасусот за блудниот син, кој го растури своето богатство блудно живеејќи, и сепак, само заради неговото покајание кое тој го покажа, таткото истрча и го прегрна, и му даде власт над сиот негов имот? Никој друг, туку Самиот Неговиот Син ги кажа овие работи во врска со Него, за да не се сомневаме, и така посведочи за Него. Каде е, тогаш, Божјата правда, кога, иако бевме грешници, Христос умре за нас!“[iii]

Па така гледаме дека Бог не е праведен, според хуманистичкото значење на овој збор, туку гледаме дека Неговата правда ги означува Неговите милосрдие и љубов, кои ни се дадени на еден неправеден начин, односно, Бог секогаш дава без да бара нешто за возврат, и Он им дава на личности како нас, кои не се достојни да примат нешто. Затоа Свети Исаак нè поучува: „Не нарекувај Го Бога праведен, зашто  Неговата правда не се покажува во нешта кои се однесуваат на тебе. И иако Давид Го нарекува праведен и чесен, Неговиот Син ни откри дека Он е добар и благ. „Он е добар“, вели тој, „кон лошите и нечестивите“[iv].

Бог е добар, љубовен и благ кон оние кои не Му обрнуваат внимание, не се послушни и Го игнорираат[v].Он никогаш не враќа зло за зло, никогаш не се одмаздува[vi]. Неговите казни се љубовни средства за поправање, сè додека нешто може да биде поправено и исцелено во овој живот[vii]. Тие никогаш не се протегаат до вечноста. Он создаде сè  добро[viii]. Дивите ѕверови го препознаваат како свој господар Христијанинот, кој преку смирението стекнал Богоподобие. Тие му се приближуваат, не со страв, туку со радост, во благодарна и љубовна покорност; тие ги нишаат главите и ги лижат неговите раце и му служат со благодарност. Бесловесните ѕверови знаат дека нивниот Господар и Бог не е злобен, опасен и одмаздлив, туку попрво полн со љубов. (Види исто така Св. Исаак Сириски, SWZOMENA ASKHTIKA  [Атина, 1871], стр. 95-96.) Он нè сочува и спаси кога ние паднавме. Вечното зло нема ништо со Бога. Тоа доаѓа попрво од вољата на Неговите слободни, разумни битија, и оваа воља Он ја почитува[ix].

Смртта не ни беше нанесена од Бога[x]. Паднавме во неа преку нашиот бунт. Бог е Живот и Животот е Бог. Ние се побунивме против Бога, и ние ги затворивме нашите порти за Неговата животодавна благодат[xi].„За колку што човекот се оддалечи од животот“, напиша Св. Василиј Велики, „за толку се приближи до смртта. Зашто Бог е Живот, оддалечувањето од животот е смрт“[xii].„Бог не ја создаде смртта“, продолжува Св. Василиј, „туку ние си ја нанесовме врз себе“. „Меѓутоа, Он воопшто не го спречи распаѓањето… па така, да не би ја направил немоќта бесмртна во нас“[xiii]. Како што вели Св. Иринеј: „Одделувањето од Бога е смрт, и одделувањето од светлината е темнина… па така, светлината не е таа која им ја нанесува казната на слепило“[xiv].

„Смртта“, вели Свети Максим Исповедник, „всушност е одделување од Бога, од кое неопходно следеше смртта на телото. Живот всушност е Оној Кој рече, Јас сум Живот“[xv]. И зошто смртта дојде на целото човештво? И зошто оние кои не згрешија со Адам, умираат како и Адам? Еве го одговорот на Свети Атанасиј Синаитски: „Ние станавме наследници на проклетството Адамово. Не бевме казнети затоа што не бевме послушни на оваа божествена заповед заедно со Адам; туку, зашто Адам стана смртен, и тој му го пренесе гревот на неговото потомство. Станавме смртни зашто бевме родени од смртен“[xvi]. И Свети Григориј Палама забележува: „[Бог] не му рече на Адама: врати се од каде што си земен; туку Он му рече: ‘Земја си и во земјата ќе се вратиш’… Не рече: Во денот кога ќе јадеш од него, умри!; туку, ‘во денот кога ќе јадеш од него, ти [сигурно] ќе умреш’. Ниту пак дополнително му рече: ‘врати се сега во земјата’, туку Он рече, ‘ти ќе се вратиш’, на овој начин предупредувачки, само допушта, но не го спречува она што ќе се случи“[xvii]. Гледаме дека не дојде по наредба Божја, туку како последица на Адамовото прекинување на врските со изворот на Живот, преку неговото непослушание; и Бог во Неговата благост само го предупреди за ова.

„Дрвото на познанието само по себе“, вели Теофил Антиохиски, „беше добро, и неговиот плод беше добар. Зашто не дрвото, како што мислат некои, ја имаше смртта во себе, туку непослушанието ја носеше смртта во себе; зашто во неговиот плод немаше ништо друго освен самото знаење, а знаењето е добро кога правилно се користи“[xviii].  Отците нè учат дека забраната за вкусување од дрвото на познанието не беше апсолутна, туку привремена. Адам беше духовно бебе. Не секоја храна е добра за бебињата. Некое јадење може дури и да ги убие, иако за возрасните тоа е здрава храна. Дрвото на познанието беше насадено од Бога за човекот. Тоа беше добро и хранливо. Но тоа беше тврда храна, додека Адам беше моќен да вари само млеко.

 

V

Па така, според јазикот на Светото Писмо, „праведен“ значи добар и љубовен. Зборуваме за праведен човек од Стариот Завет. Тоа не значи дека тие беа добри судии, туку дека беа добри и богољубиви луѓе. Кога велиме дека Бог е праведен, не мислиме дека Он е добар судија, Кој знае како да ги казни праведно луѓето, според тежината на нивните злосторства, туку напротив, сметаме дека Он е благ и љубовен, Кој ги простува сите престапи и непослушанија, и дека Он сака по секоја цена да нè спаси, и никогаш не враќа зло за зло[xix].  Во првиот том од  Добротољубие има еден прекрасен текст од Свети Антониј кој едноставно морам овде да ви го прочитам:

„Бог е добар, бестрасен и непроменлив. Оној кој мисли дека е разумно и точно да признае дека Бог не се менува, можеби ќе праша како, во тој случај, е можно да се зборува за Бог, Кој им се радува на оние кои се добри и е милостив кон оние кои Го почитуваат, а се оддалечува од оние кои се злобни и се гневи на грешните. На ова треба да се одговори дека, Бог ниту се радува ниту се гневи, зашто радоста и тагата се страсти; Ниту може да биде освоен од подароците на оние кои Го почитуваат, зашто тоа би значело дека може да биде совладан од уживањето. Не е во ред Божеството да чувствува задоволство или незадоволство од човековата состојба. Он е добар, и Он само благословува и никогаш не наштетува, останувајќи секогаш ист. Ние луѓето, од друга страна, ако останеме добри уподобувајќи Му се на Бога, се соединуваме со Него, но ако постанеме злобни преку неуподобување на Бога, ние се одделуваме од Него. Живеејќи во светост се прилепуваме кон Бога; но станувајќи злобни од Него правиме наш непријател. Не дека Он се гневи на нас како судија, туку нашите лични гревови попречуваат Бог да свети во нас и нè изложуваат на демоните кои нè мачат. И ако преку молитви и милосрдија добиваме ослободување од нашите гревови, ова не значи дека сме Го освоиле Бога и сме Го промениле, туку дека преку нашите дела и нашето обраќање кон Бога, сме си ја излекувале нашата озлобеност и така повторно имаме можност да се насладуваме во Божјата добрина. Па затоа, да се рече дека Бог се одвраќа од лошите, е исто како да се каже дека сонцето се крие од слепиот“[xx] [Погл. 150].


[i] „Но некој ќе рече, навистина Адам падна, и отфрлајќи ја божествената заповед тој беше осуден на распаѓање и смрт, но како мнозина станаа грешни заради него? Што имаме ние со неговите престапи? Како тоа, ние, кои тогаш не бевме ниту родени, да бидеме осудени заедно со него, и покрај тоа што Бог вели, ‘Татковците да не бидат осудувани на смрт заради децата, и децата да не бидат казнувани со смрт поради татковците; секој да биде казнет со смрт за својот грев’? (V Мојс. 24:16). Се разбира, тогаш, дека онаа душа која греши ќе умре; но ние станавме грешни преку непослушноста на Адам на овој начин: Адам беше создаден за нераспадливост и живот, и неговиот живот во Рајот беше свет, сиот негов ум постојано беше обземен од божествени виденија, а неговото тело беше мирно и спокојно, бидејќи секое срамно задоволство беше стишено, и немаше вознемирување на неумерените чувства во него. Меѓутоа, бидејќи падна под гревот и потона во распадливост, оттогаш задоволствата и нечистотијата навлегоа во природата на плотта, и така во нашите органи беше всаден дивјачки закон. Природата се разболе со грев преку непослушанието на еден, т.е. Адам; па така мнозина станаа грешници, но не престапувајќи заедно со Адама – зашто тие не постоеја тогаш – туку зашто постанаа од неговата природа која падна под законот на гревот… поради непослушноста, човечката природа во Адам стана слаба и распадлива, и така страстите навлегоа во неа… „Св. Кирил Александриски Толкување на Посланието до Римјаните (PG 74. 788-789). „И освен тоа, ако оние кои беа родени од Адам станаа грешни поради неговиот грев, и вистина е дека тие не се одговорни, зашто самите не станаа грешници; затоа терминот „грешници“ е искористен наместо „смртници“, зашто смртта е казна за гревот. Откако природата на првосоздадениот човек стана смртна, сите оние кои ја делат природата на праотецот, консеквентно ја делат, исто така, и смртноста”. Ефтимиј Зигабен, Толкување на Посланието до Римјаните, 5, 19.

[ii] Тоа означува нешто сосема различно од она што обично го подразбираме под поимот „правда“. Ова незнаење нè направи да ги сметаме како критериуми на Православието некои многу чудни теории, најчесто јуридичкото сфаќање за спасението, кое е базирано врз правдата која наликува на Неопходноста (ANAGKH) на древните, и го потиснува не само човекот, туку исто така и Бога, давајќи му мрачен аспект на Христијанството. Види ја значајната студија на S. Lynonnett „La Soteriologie Paulienne,“ Introduction a la Bible Il, (Belgium: Desclees Bc Bower), p. 840.

[iii] „Ако човек лесно и радосно го прифаќа губитокот заради Бога, тој е внатрешно чист. И ако не погледнува врз грешките на било кој човек, тој навистина е слободен. Ако човекот не се радува на пофалбите од оние кои го почитуваат, ниту се лути на оние кои не го почитуваат, тој е мртов за светот и за овој живот. Трезвеноста на расудувањето е над сите човечки подвизи, извршени на кој било начин и на кој било степен”.

„Не мрази го грешникот. Зашто сите сме натоварени со вина. Ако заради Бога си поттикнат да му се спротивставиш, плачи над него. Зошто го мразиш? Мрази ги неговите гревови и моли се за него, па така можеш да го подражаваш Христа, Кој не се гневеше на грешните, туку се залагаше за нив. Не гледаш ли како тој плачеше за Ерусалим? Прелажани сме од ѓаволот на многу начини, па зошто да го мразиме човекот кој е прелажан од оној, кој исто така нè лаже и нас? Зошто, човеку, го мразиш грешникот? Можеби зашто тој не е толку праведен како тебе? Но каде ти е праведноста кога ти немаш љубов? Зошто не лееш солзи над него? Но ти го прогонуваш. Во незнаењето некои се поттикнати од лутина, дрзнувајќи се себеси да бидат разобличители на делата на грешниците“.

„Биди гласник на Божјата добрина, зашто Бог управува со тебе, иако си недостоен; зашто иако долгот кој го имаш кон Него е толку голем, сепак Он не бара строга исплата од тебе, и од малите дела кои ги правиш, Он те дарува со големи награди. Не нарекувај Го Бога праведен, зашто Неговата правда не се манифестира во работи поврзани со тебе. И ако Давид Го нарекува праведен (Пс. 24, 8; 144, 17), Неговиот Син ни откри дека Он е благ и добар. ‘Он е добар кон неблагодарните и кон добрите’ (Лк. 6, 35). Како можеш да Го нарекуваш Бога праведен, кога ќе стигнеш до параболата за платата дадена на работниците? ‘Пријателе, не те онеправдувам: нели се погодо со мене за динариј? Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и на тебе. Зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?’ (Мт. 20, 12-15). Како може човек да Го нарече Бога праведен, кога ќе стигне до параболата за блудниот син, кој го растури своето богатство блудно живеејќи, и сепак само заради неговата скрушеност што тој ја покажа, таткото истрча, го прегрна, и му даде власт над сиот негов имот? (Лк. 15, 11).  Никој друг, туку Самиот Неговиот Син ги кажа овие работи за Него и така посведочи за Него, за да не се сомневаме.  Каде е, тогаш, Божјата правда, зашто иако бевме грешници, Христос умре за нас! (Рим. 5, 8). Но ако Он овде е милостив, можеме да веруваме дека Он нема да се промени (т.е. во врска со состојбата после смртта, која пак Свети Исаак ја спомнува малку подолу).

„Скраја да е од нас, некогаш да помислиме таква неправда, дека Бог можеби станал немилостив! Зашто особините на Божеството не се менуваат како кај нас смртниците. Бог не стекнува нешто што нема, ниту го губи она што го има, ниту го дополнува она што го има, како што прават создадените битија. Но, што има Бог уште од почетокот, Он ќе има и има сè до крајот, како што напиша блажениот Кирил, во неговото толкување на Книгата Битие. Бој се од Бога, вели тој, од љубов кон Него, а не заради строгото име кое Му е дадено. Љуби Го како што треба да Го љубиш; не заради она што ќе ти го даде во иднина, туку заради она што го имаме примено, и заради самиот овој свет, што Он за нас го создаде. Кој е тој човек кој би можел да Му се оддолжи? Каде е нашето оддолжување кон Него во нашите дела? Кој Го убеди на почетокот да нè приведе во битие; Кој ќе се застапува за нас пред Него, кога ќе снемаме (способност за) помнење, како никогаш да не сме постоеле? Кој ќе го разбуди ова наше тело (Сириски: нашето распаѓање) за тој живот? И пак, како способноста за знаење слегува во прашината? О, чудесна милост Божја! О, запрепастувачка дарежливост на нашиот Бог и Создател! О, сило за која сè е возможно! О, неизмерна добрина која повторно ја носи нашата природа, иако сме грешни, кон Неговиот препород и одмор! Кој е достоен да Го прославува? Он ги подигнува престапникот и богохулникот, Он ја обновува прашината дарувајќи ја со разум, правејќи ја разумна расеаната и бесчувствена прашина и расеаните сетила Он ги прави разумна природа, достојна да мисли. Грешникот не е способен да ја разбере благодатта на Неговото Воскресение. Каде е геената, која може да нè измачува? Каде е проклетството кое нè ужаснува на многу начини и ја згаснува радоста на Неговата љубов? И што е геената споредена со благодатта на Неговото Воскресение, кога Он ќе нè подигне од Адот и ќе ја облече нашата распадлива пророда во нераспадливост, и ќе го подигне во слава оној, кој има паднато во Адот?

„Дојдете расудливи луѓе и зачудете се! Чиј ум е доволно мудар и величествен, достојно да се чуди на дарежливоста на нашиот Создател? Неговото обештетување на грешниците е, тоа што наместо праведна отплата, Он ги награди со воскресение, и наместо оние тела со коишто тие го погазија Неговиот закон, Он ги облекува со совршена слава и нераспадливост. [Свети Исаак овде зборува за оние кои се покајале, како што е очигледно од други слични пасуси во неговата книга.] Благодатта со којашто сме воскреснати после нашиот гревопад е поголема од благодатта која нè приведе од небитие во битие. Слава Господи на Твојата неизмерна благодат! Ете Господи, брановите на Твојата благодат ја замолкнаа мојата уста, и не остана во мене ниту една мисла пред лицето на Твојата благодарност. Која уста може да ја исповеда Твојата пофалба, добар Цару, Ти Кој го возљуби нашиот живот? Слава Ти за двата света кои си ги создал за наше растење и насладување, водејќи нè, преку сè што си создал, кон познание на Твојата слава, од сега и во вековите. Амин“. Св. Исаак Сириски, Омилија 60.

[iv] Ibid.

[v]  „Зашто Бог толку го возљуби светот што Го даде својот Единороден Син на смрт заради тоа. Не дека не можеше да нè искупи преку други средства, туку Он посака да ни ја покаже својата безгранична љубов, и да нè привлече кон Себе преку смртта на Неговиот Единороден Син. Навистина, ако Он имаше нешто подрагоцено од Неговиот Син, Он би го дал заради нас, та преку тоа, нашиот раса да биде блиску до Него. Од Неговата изобилна љубов, Он не благоволи да изврши насилство врз нашата слобода, иако можеше тоа да го направи; туку Он остави да Му се приближуваме со љубов и лична одлука”. Св. Исаак Сириски, Омилија 81.

[vi]  „Во деновите на униние, никогаш не ја испуштај од умот Господовата заповед кон Петар, да ñ простиш на личноста која греши седумдесет пати по седум, зашто Оној, Кој ја дава оваа заповед на друг, Самиот би направил многу повеќе“. Свети Јован Лествичник, Божествената Лествица, скалило 26.

[vii]  „Човекот кој е праведен и мудар е како Бог зашто тој никогаш не казнува никого од освета за злобата, туку само за да го поправи, или за да ги заплаши другите”. Свети Исаак Сириски, Омилија 73. „Бог му ја подари оваа милост на човекот: да не остане вечно во грев”. Теофил Антиохиски,  До Аутоликус 2, 26.

[viii] „И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал. (Битие 1, 31). „Сè што создаде [Бог] има добри квалитети, но расипаноста на демоните ја направи употребата на природните продукти за лоши цели, и злобниот изглед кој тие го имаат е од нив, а не од совршениот Бог”. Татијан, Обраќање кон Грците 17. Устројството на светот е добро, но животот на луѓето е лош”. Ibid. 19. „Зашто Бог ништо лошо не создаде на почетокот, туку сите нешта беа добри, да, многу добри”. Теофил Антиохиски, До Аутоликус 2, 17. „Pour l’hebreau, le sensible n’est pas mauvais, ni fautif. Le mal ne vient pas de la matiere. Le monde est tres bon”. [„За Евреите, видливите нешта не се злобни, ниту лажливи (букв. погрешни). Злото не доаѓа од материјата. Светот е многу добар”.] C. Tresmontant, Essai sur la Pensee Hebraique (Paris, 1953). Не постои ништо што не учествува во убавината и добрината”. Св. Дионисиј Ареопагит, За Божествените Имиња (PG 3. 704). „Во врска со причините, зошто некои работи кои се случуваат нè одминуваат, нека биде овој догмат утврден во нашите души, дека од доброто не може да произлезе ништо лошо”. Св. Василиј Велики, EPE, 7, 112. „Зашто Бог не поттикнува противприродност… Туку Бог, како совршено добар, вечно прави добро”. Атинагора, Embassy, 26.

[ix] „Ѓаволот е злобен на таков начин, што тој е злобен во неговото расположение, но не дека неговата природа е противна на доброто”. Св. Василиј Велики, EPE, 7, 112. „Бидејќи Бог е добар, што и да прави, Он го прави за доброто на човекот. Но човекот што и да прави, го прави за свое добро, и доброто и лошото”. Добротољубие, I том, погл. 121, Св. Антониј Велики.

[x]  „Бог не ја создал смртта и не ñ се радува на пропаста на живите; Он создал сè за да живее и сè што е во светот е спасоносно, во Него нема отров смртоносен, нема пеколот да владее на земјата”. Кн. Мудрост Соломонова 1, 13-14.  „Бог го создаде човекот за вечност и го направи слика на своето вечно битие; но поради завист од ѓаволот смртта влезе во овој свет”. Кн. Мудрост Соломонова 2, 23-24.

[xi] „И така, оној кој беше создаден според Божјото подобие, штом помоќниот дух (Светиот Дух) се одделува од него, станува смртен”. Татијан, Обраќање кон Грците 7.

[xii] „Воколку се оддалечи од животот, дотолку се довлечка во близина на смртта. Зашто Бог е живот; лишувањето од животот е смрт. Па така, Адам беше творец на својата смрт преку неговото одделување од Бога, во согласност со Писмото кое вели: „Зашто, ете, оние што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат”. Псалм 72, 27.

[xiii] „Па така, Бог не ја создаде смртта, туку ние си ја нанесовме врз себе преку лошото расположение. Сепак, Он не го спречи распаѓањето поради погореспомнатите причини, па така, да не ја направи слабоста бесмртна во нас”. Св. Василиј Велики (PG 31, 345).

[xiv] „Но поради тоа што мнозина се одделија од Бога по сопствен избор, Он ги оддели од Себе, зашто тие самите си го одбраа тоа. Но одделувањето од Бога е смрт, а одделувањето од светлината е темнина… меѓутоа, не значи дека светлината ги казни да бидат во темнина”. Св. Иринеј, Против ересите 5. 27, 2. „Туку други побегнаа од светлината и се одделија од Бога..”. Ibid., 5. 28,1.

[xv] Добротољубие, том 2, стр. 27 (Грчко издание), Св. Максим Исповедник.

[xvi] „Ние станавме наследници на адамовото проклетство. Се разбира, не бевме казнети како да сме биле непослушни кон заповедта заедно со него, туку зашто станувајќи смртен, тој го пренесе неговиот грев на неговото семе; се родивме смртни од смртен”. Св. Атанасиј Синаитски, 19. Види кај  I.N. Karmirh, Συνοψις Δογματικης Διδασκαλιας της Ορθοδοξου Καθολικης  Εκκλησιας, 38.

[xvii] „Човековиот престап против праведноста на Создателот, ја направи правосилна смртната пресуда на душата; зашто кога праотците го напуштија Бога и одлучија да ја исполнуваат својата воља, Он ги отпушти, без да ги ограничува. И заради причините наведени погоре, Бог љубовно ги предупреди за оваа казна. Но Он се воздржа и го пролонгираше извршувањето на смртната казна врз телото; и иако ја изрече, Он го одложи остварувањето во иднината, во бездната на Неговата Мудрост и преизобилие на Неговата љубов за човекот. Он не му рече на Адама: ‘Врати се од каде што си бил земен’, туку ‘зашто си земја и во земја ќе се вратиш’ (I Мојс. 3, 19). Оние што го слушаат ова со разбирање можат да сфатат од овие зборови дека ‘Бог не ја создал смртта’ (Кн. Мудрост Солом. 1, 13), ниту на душата ниту на телото. Зашто уште кога му ја даде заповедта, Он не му рече: ‘Во кој ден ќе јадеш од него, умри!’, туку ‘Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш’ (I Мојс. 2, 17). Ниту пак дополнително вели: ‘врати се сега во земјата’, туку ‘во земја ќе се вратиш’ (I Мојс. 3, 19), на овој начин предупредувајќи го, само го дозволува и не го спречува она што ќе се случи. “ Св. Григориј Палама, Теолошки Морални и Практични Поглавија 51 (PG 1157-1160).

[xviii] „Дрвото на познанието само по себе беше добро, и неговиот плод беше добар. Зашто смртта не беше во дрвото, како што мислат некои, туку во непослушноста; зашто во плодот немаше ништо друго освен самото знаење; но знаењето е добро само кога правилно се користи”. Теофил Антиохиски, До Аутоликус 2, 25. „Дрвото не ја предизвика смртта, зашто Бог не ја создаде смртта; туку смртта беше последица на непослушноста”. Св. Јован Дамаскин, Омилија на Велика Сабота 10 (PG 96. 612a).

[xix] „А што е милостиво срце? Тоа е срце кое гори за доброто на сето создание, за луѓето, за птиците, за животните, за демоните и за сè што е создадено; и кога си спомнува за нив или ги гледа, очите на милостивиот човек се полнат со обилни солзи. Од силната и горешта милост која му го обзема срцето, и од неговото големо сострадување, неговото срце е смирено и не може да поднесе да слуша или гледа некаква повреда или мала тага во созданието. Поради ова тој постојано принесува молитви со солзи, дури и за бесловесните ѕверови, за непријателите на вистината и за оние кои го повредуват, да бидат заштитени и помилувани. И на сличен начин тој дури се моли и за родот на влекачите, заради големото сострадание кое неизмерно гори во неговото срце, подобно на Бога”. Свети Исаак Сириски, Омилија 81.

[xx] „Бог не е непријателски расположен, туку ние; зашто Бог никогаш не е непријателски расположен”. Св. Јован Златоуст (PG 61. 478).

 

Извадок од книгата „Огнената река“.

 

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: