Почитување на светите мошти

Мошти на светиот Јован Руски
Мошти на светиот Јован Руски

Божјите угодници за време на нивниот живот на земјава биле храмови на Светиот Дух. А по преселувањето на нивните души на небото, во небесното царство, нивните свети тела останувале нераспаднати и чудотворни. Како што благодатната сила Божја дејствувала преку светителите за време на нивниот живот, така продолжила да дејствува и преку нивните тела. Таа благодатна сила се пројавувала и се пројавува во вид на многубројни исцеленија на разни болни, а и на други начини. Па така моштите на светителите и мачениците служат како орудија преку кои Бог ја пројавува својата сила и милост. „Како што садот, во кој долго се чувала миризлива течност, го впива нејзиниот мирис, така и телото на христијанинот, во кое постојано пребивала благодатната сила Христова, бива целосно проникнато од оваа сила. А бидејќи силата Христова е нетлена, тогаш природно е што таа, вселувајќи се во оние кои се Христови (сп. 2. Кор. 12, 9; Гал. 5, 24), ги прави нивните тела нетлени. Бидејќи силата Христова е семоќна, затоа во склад со природата на оваа сила е тоа што таа прави чуда, кога тоа му е угодно на Бога“ (вели Филарет, митрополитот московски). Затоа што моштите на светителите и мачениците се извори на многубројни чудесни исцеленија, а со тоа и доказ на силата Божја која преку нив дејствува, светата Црква донела одлука на VII вселенски собор (787 год.) да се почитуваат моштите: „Господ наш Исус Христос ни ги дарувал моштите на светителите како спасоносни извори кои на многу начини изливаат добрини врз немоќните. Затоа, ако се осмели некој да ги отфрла моштите на мачениците (или на светителите)… да биде лишен од света причест“.

193. Многу мошти на маченици и светители Бог на чудесен начин им ги откривал на луѓето. Од историјата знаеме дека незнабожечките римски цареви крваво ги гонеле христијаните речиси триста години. За тоа време маченички пострадале многу илјади христијани. Преживеаните ги собирале нивните тела и како голема скапоценост и светиња ги погребувале, а потоа на нивните гробови се собирале. А кога овие гробови на мачениците почнале да точат исцелителна благодат на болните кои со вера и љубов им доаѓале, тогаш мачителите почнале да ги фрлаат телата на мачениците во море, или пак тајно ги закопувале во земја. Но Бог на чудесен начин, преку соништа или во визии за време на молитва, им ги откривал нивните свети тела на побожни личности и ги упатувал да ги прифатат и чесно да ги погребуваат. Таков бил случајот со моштите на апостолот Вартоломеј, потоа на мачениците Мин и Ермоген, чиишто мошти незнабошците ги фрлиле во море, а Бог на чудесен начин им ги открил на епископите (види за ова во Охридскиот пролог на епископот Николај 25 август и 10 декември, стр. 663 и 986). Кога на Бога не му било угодно почитувањето на светителските мошти, тогаш благодатната сила Божја не би дејствувала преку нив, ниту, пак, Бог на чудесен начин би им ги откривал на луѓето за да ги почитуваат.

194. Најстариот податок за дејствувањето на благодатната сила преку моштите на светителите – потекнува од Стариот завет, околу 900 години пред Христа. Великиот старозаветен пророк и чудотворец Илија, кого што Бог на чудесен начин го зел со тело на небото (4. Цар. гл. 2) во пророчката служба го наследил неговиот ученик Јелисеј, исто така чудотворец и за време на земниот живот и по смртта. Кога Јелисеј умрел, го закопале во земја. По една година умрел некој човек и тргнале да го погребат. Притоа одненадеж се појавила непријателска чета Моавци. Оние што го носеле мртовецот се исплашиле. Бидејќи немале време да копаат гроб, тие го фрлиле трупот на мртвиот човек во гробот на пророкот Јелисеј. „И тој, падна, се допре до Јелисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои“ (4. Цар. 13, 20-21).

Ова, се разбира, не е единствениот случај на Божјо чудотворење преку моштите на праведниците во Стариот завет, веројатно ги имало уште, само немаме податоци. Дури во Новиот завет Божјите благодатни дејствувања преку моштите на светителите и мачениците се многу почести и побројни.

195. Моштите на светителите се среќа за местото каде што почиваат. Чудесните дејствувања на Божјата благодат преку светителските мошти го прославуваат не само името Божјо и светителите, туку и самото место во кое почиваат и привлекуваат толпа народ кој ги почитува од сите страни. Каде што се моштите на светителите, таму е и нивниот дух, помош и нивната заштита. Како доказ на ова може да послужат претходно наведените примери. Благодарение на нивното покровителство и заштита, местата со светителски мошти биле сочувани во текот на многувековното пустошење на завојувачот.

Извадок од книгата „Најдобриот воспитувач“.

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: