Што да очекуваме од своите пастири?

Иван Александрович Илин (1883-1954)

(руски религиозен философ)

Иван А. Илин
Иван А. Илин

Во Русија (а и кај нас) започна голема борба за верско очистување и обнова. Треба да се предвиди дека тоа ќе биде долга борба со голема напетост. Рускиот човек мора да си ја поврати целосната вера, во која срцето и разумот, согледувањето и волјата – ќе се слијат во единствен поток од таква сила што на него ќе се отповика и инстинктот; тогаш ќе бидат најдени нови творечки идеи и ќе се создаде нова христијанска култура. Од христијанските пастири треба да очекуваме совет и помош за таа работа. И православното духовништво во себе ќе најде духовна сила, мудрост и искреност за тој подвиг.

Што бараме ние, православните христијани, од своите пастири? Со какви барања им пристапуваме? Со што тие можат да ја заслужат нашата љубов и нашата доверба?

Нема да говорам за богословското образование и подготовките за духовно пастирство, кое треба да биде проникливо и внимателно во личното општење. Само по себе подразбира дека духовните лица треба да го знаат Писмото, Преданието и целото учење на Црквата подобро од нас, и да го разбираат подлабоко од нас, за да можат да ни помогнат во часовите на сомнеж и во потрагата по разбирање. Тие мора да имаат душевно-духовна уметност на пастир, со длабоко чувствување и јасен поглед на духовник, кој проникливо ја разбира човечката душа и кој е способен да ѝ го покаже вистинскиот пат во тешкиот животен момент. Тие познавања се неопходни, таквото искуство е драгоцено, тука не може да има двоумење. Но, јас мислам дека ние од нив очекуваме повеќе: она што за нас е поважно од сето тоа е – вистински и жив евангелски Дух, оној Дух што ни сведочи за Христовата благодат. Под тоа подразбирам: молитвена сила, срце што љуби, жива христијанска совест.

Што може на човека да му понуди богословското образование кое произлегува од апстрактното, суво, логички-умствувачко рацио (ум, разум), кое со срцето не Го созерцува Христа Спасителот и не ни помага да Го видиме? Какво значење има апстрактната „егзегеза“ или дедуктивниот аргумент во созерцувачките и молитвените пространства на живата вера? Можат ли тие да ѝ ја дадат религиската очевидност на душата, која ја бара Божјата светлост и оган, и која го очекува живиот Бог? Колку пати, слушајќи ги во странство беседите и проповедите на инославното свештенство, размислуваме за тоа колку е тоа богато со книжевна образованост и колку е сиромашно со даровите на срцето и духот! Колку е тоа туѓо на руската православна душа!

Навистина, нема подобро верско поучување, нема поделотворно проповедничко служење од силата и искреноста на личната молитва. Бидејќи верата се засилува и проширува не благодарејќи на логичката аргументација, ниту на напорот на принудната волја, ниту на повторувањето на зборови и формули, туку на живото прифаќање на Бога, од молитвениот оган, од очистувањето и просветлувањето на срцето, од живото созерцание, од реалното усвојување на благодатта. Мислам дека многу зависи од способноста на свештеникот да се моли искрено и со цело срце, бидејќи ако тој е способен за тоа, и на тој начин се моли во својата осама, тогаш црковната молитва ќе ги распламти, очисти и просветли срцата на неговите парохјани. Тој пламен на осамената молитва ќе гори и во неговото црковно богослужење, во неговата проповед и во делата на неговиот живот. И ние, неговите парохјани, одеднаш ќе почувствуваме со срцето дека „Самиот Дух“ се моли во него со „неискажливи воздишки“ (Рим. 8,26) и дека тие воздишки нам ни се предаваат на неискажлив начин.

Пастирот, за когошто е својствена таа искреност и сила на молитвата, е како некоја „несогорлива капина“ во својата парохија; неговите парохјани понекогаш ни самите не забележувајќи го тоа, стануваат соучесници во неговата молитва; ним им се предава топлината на неговата вера; тие се присоединуваат на неговиот духовен полет. Неговите поуки се примаат на посебен начин; не само со умот, туку и со срцето, со живата совест и чесната волја. Неговите беседи носат творечко духовно искуство; тие се проникнати со живо христијанско созерцување; тие произлегуваат од срцето и се примаат со својата душа. Дури и обичната средба со него се чувствува како утеха и охрабрување без зборови.

А во темелот на сето тоа лежи извесен верски закон, според кој длабочината на верата расте и се засилува во молитвата, бидејќи молитвата е благодатно вознесување на душата кон Бога, кое очистува и убедува. Ете поради што пастирот мора да биде жив извор и живо училиште за молитва.

Друго, што сакаме да најдеме во него, тоа е живо срце што љуби. Бидејќи најдобрата христијанска благовест и утеха потекнуваат од добрината и срдечното сфаќање. Додека човечкото чувство пресушува и бива оглувено во разумско – апстрактните теолошки конструкции, сè додека умот студено расудува и пресудува, непријателствува во споровите и се полни со омраза, сè дотогаш на човекот ќе му остане недостапно целото откровение на Господ Исус Христос. Луѓето без срце во Евангелието не го сфаќаат најважното; а не сфаќајки го тоа, не живеат според него и не го остваруваат. Себичната алчност го прави човекот слеп и глув. „Реките на живата вода“ (Јован 7,38) течат само за луѓето кои љубат; бидејќи љубовта му ги отвора на човекот и видот и слухот, – и за Христовото откровение, и за животот и страдањето на другите луѓе.

Ако свештеникот ја има таа љубов, таа се чувствува и во неговата црковна молитва, и во неговата проповед, и се открива во неговите дела. Кај оној со кого разговара или му помага се јавува посебно чувство: тој чувствува дека од својот духовник примил нешто драгоцено, важно за животот и охрабрувачко, дека ја искусил светлината и топлината на духовниот оган, дека ја почувствувал живата добрина, дека се приближил кон она што Христос го имал предвид кога говорел за љубовта. Бидејќи живото срце има во резерва  добрина за сите, утеха за оние кои се во неволја, помош за оние на кои им е потребна, совет за беспомошните, убав збор за секого, срдечна насмевка за цвеќето и птиците. И едноставно разговарањето со таков човек незабележливо станува живо училиште на срдечно соучество, љубовна тактика и христијанска мудрост. И сето тоа е прекрасно и благодатно, бидејќи вистинскиот духовник и навистина е носител на христијански дух, дух на љубовта и срдечно созерцување.

Еве ја и третата работа што ја очекуваме од нашите пастири – тоа е слободна и творечка христијанска совест. Таа совест мора да живее во него како самостојна и независна сила, како критериум за доброто и злото, мера, според која ние самите би можеле да се преиспитуваме, исправуваме и да ја засилуваме нашата сопствена совест. Таму, каде што ние понекогаш беспомошно се сомневаме и колебаме, тој како мајстор на совеста, мора да види јасно и длабоко, каде тоа ние блудствуваме и паѓаме во заблуда, тој мора да го знае и да ни го покаже правиот пат; тој мора да има одговор за нашите прашања. Тој мора да нè поддржува во искушенијата и соблазните; мора да биде некој на когошто можеме да сметаме при нашите колебања и при нашата изнемоштеност. Тој мора веднаш да согледа каде постои нечесност, неискреност, предавство, но при тоа да ја зачува праведноста во својот суд и во својата пресуда. Бидејќи свесниот христијанин не преувеличува – ни во позитивна, ниту во негативна смисла; неговото судење потекнува од смирението кое предметно гледа, но се изговара со храброст и сила, бидејќи не го изговара тој, туку предметниот оган во него. Нам ни е неопходен искрен и отворен исповедник, кој никогаш и со ништо не може да се поткупи, кој не е алчен, кој не се плаши од силниците и кој е ослободен од властољубието, нам ни е потребно живо огниште  на христијанска совест со чист пламен и кротка светлост.

Ние самите сме должни да му обезбедиме независен и достоинствен живот: еднаш засекогаш сме должни потребата да ја одвоиме од надоместокот за и во себе, а и во нашиот пастир да ја згаснеме идејата дека молитвата се „купува“ и дека благодатта се „продава“; да нема трговија со светињата, за пастирот да може слободно да се моли не помислувајќи на „заработка“ и парохјанинот да може слободно да му се обраќа, не сметајќи на ништо што е во врска со сопствените средства и расходи. Благосостојбата и парите се од спротивна природа; Божјото дело недостојно е да се мери со монета. Делото во црквата е дело на Духот, на љубовта и совеста, дело на молитвата и созерцувањето; и парохјаните имаат обврска од својот пастир да ја оттргнат грижата за земското, обезбедувајќи му го она што му е неопходно и достојно.

Мислам дека сето она што го кажав тука не се однесува само на православната заедница и нејзините пастири, туку и на свештениците на сите христијански, а можеби, во последна, најдлабока димензија, и не само на христијанските конфесии. Во секој случај, секаде каде што владее вистинскиот Дух на Христа, парохјаните ќе бидат среќни ако во својот пастир имаат жив извор на молитва, љубов и христијанска совест, бидејќи овие три работи претставуваат најдрагоцената и најсилна врска во христијанската црква. Мене притоа не ми се чини дека очекувањата кои ги искажав се превисоки и тешки за остварување, бидејќи работата како свештеник, пастир и духовник, не е обична професија слична на останатите, туку бара посебна приврзаност и посебни дарови. Тие дарови не му се дадени секому; ама оној, комушто не му се дадени, не треба ни да претендира за таков призив. Овде не е работата толку во „знаењето“ и „умеењето“, колку „вдахновеноста“, не толку во обредната осаменост, колку во живата полнота на чувствата, не во извршувањето на „требите“, туку во Духот со кој се вршат. Пастирот кој не знае за тие барања и кој во нив не го укрепил своето срце, – на што ќе ја зацврсти својата вера и молитва и како  парохјаните ќе ги приведе кон Бога, со што ќе го наполни својот храм, како ќе ја зајакне својата парохија? Прашувам и не наоѓам одговор…

Тоа е она главното. Тоа е она најсуштинското кога станува збор за идната верска изградба на нашата земја.

Превод од српски јазик:

Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија

Православна светлина бр. 25

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: