Брак или безбрачност? – Епископ Александар Милеант (1938-2005)

Епископот Александар (со световно име Александар Василевич Милеант) е роден на 22 јули 1938 година во Едеса. Во 1944 година неговиот татко пропаднал на фронтот без вести за него, па семејството емигрирало на Запад. До 1948 година проживеал во Европа (најпрво во Прага, па во Рим), потоа се преселил со семејството во Аргентина во Буенос-Аирес. Александар завршил електро-техничко училиште, потоа Буенос-аирески универзитет, и работел како цртач на електромашини.

Од рана возраст, уште во Европа, му прислужувал на архиепископот Пантелејмон, а потоа на Атанасиј. Кај архиепископот Атанасиј имало голема богословска библиотека. Сакајќи да ги чита житијата на светиите во оригинал, Александар најпрво го изучил новогрчкиот, а потоа и старогрчкиот јазик.

На крајот од 1963 година стапил во Свето-троичната духовна семинарија во Џорданвил (САД), и ја завршил во 1967 со степен дипломиран богослов.

Во 1966 година бил ракоположен за ѓакон од страна на архиепископот Аверкиј (Таушев). Во 1967 година, во Великиот пост, од страна на митрополитот Филарет (Вознесенски) бил ракоположен за свештеник, и бил испратен во Покровската парохија во Лос Анџелес, каде што отец Александар бил старешина 31 година.

Од 1971 до 1985 година организирал поклонички патувања на младите низ светите места во Грција и Палестина.

Во 1978 завршил на Калифорнискиот универзитет (диплома по електроника), во 1983 завршил универзитет на Јужна Калифорнија (инженер по комуникација со космички бродови и кодирање). По оваа специјалност работел како инженер во едно од одделенијата на НАСА. Во 1985 почнал да издава православни верски брошури под името „Мисионерски листови“ на четири јазици: руски, англиски, шпански и португалски.

Во Великиот пост 1995 година, протоерејот Александар бил потстрижан во мантија во Свето-троичниот манастир со името Александар, во чест на свештеномаченикот Александар, архиепископот Харковски. Потоа бил произведен во архимандрит.

ep mileant aleksandarНа 28 мај 1998 година на синодалниот катедрален храм посветен на Чудесата на Мајката Божја (Њујорк) хиротонисан е во епископ Буенос-аирески и Јужно-американски. Хиротонијата ја извршиле архиепископот Западно-американски и Сан-франциски Антониј (Медведев), архиепископот Сиракуски и Троицки Лавр (Шкурла), епископот Симферополски и Кримски Агатангел (Пашковски), епископот Бостонски Митрофан (Зноско) и епископот Менхетенски Гавриил (Чемодаков). Во последните години од животот боледувал од рак, и живеел во Калифорнија. Во својата епархија само наминувал одвреме навреме.

Бил поборник за помирување на Руската задгранична со Црквата во Татковината (Московската патријаршија).

Се упокоил на 12 септември 2005 година во 68 година од животот во Ла Кенада. Според писмениот тестамент на епископот Александар, даден неколку месеци пред смртта, неговото опело било извршено во Светотроичната црква во градот Окснард недалеку од Лос Анџелес. Погребан е во Светотроичниот манастир во Џорданвил.

Остана запаметен како трудољубив и плоден автор на многу дела, меѓу кои се: „За најглавното“ (коавторско издание); „Суштина на христијанстовото“ (1996); „На прагот меѓу животот и смртта“; „Соблазната на окултизмот“ (1996); „Божјите заповеди – морални основи на животот“ (1996); „Еден Бог на Кого во Троица Му се поклонуваме“ (1996); „Основи на православната вера“ (1998); „Пресвета Дева Марија, усрдна застапничка на христијанскиот род“ (1998); „Ангелите – благовесници на Божјата волја“ (1998); „Празникот на Света Троица – денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите“ (1998); „Верата – клуч за Божјата ризница“ (1999); „Господ Исус Христос Спасител на светот“ (1999); „Значењето и силата на крсните страдања на Спасителот“ (1999); „Соработници Божји. За свештенството и црковната ерархија“ (1999); „Царството Божјо – каде да го бараме?“ (1999); „Слава на Бога за сè! За благодарноста кон Бога“ (1999); „Христијанското учење за крајот на светот и идниот живот“ (1999); „Љубовта – царица на сите добродетели“ (1999); „Правила за благочестив живот“; „Мисли за Царството Божјо или за Црквата“ (1999); „Воскресението Христово. Победа над смртта“ (2000); „Верско воспитување на децата“ (2000); „Послание до Јужно-американската паства“ (2004); „Јас верувам дека времето и благодатта Божја ќе ја исцелат Руската Црква од раните, кои ѝ беа нанесени од безбожната власт“ (послание до клирот и паствата) (2004), и многу други.

 

***

 

Трите страни на брачниот живот

 

VenchavkaБрачниот живот, кој започнува веднаш по бракот, овозможува нормално решение за потребите и стремежите поврзани со полот. Вистина е дека во нашето време брачниот живот стана комплициран и полн со искушенија – делумно поради економските проблеми, но исто така и поради брзото темпо на модерниот живот, а најмногу поради моралното уназадување. Но само во бракот половиот живот има здрав исход. Ако од било која причина бракот е невозможен или комплициран, не може да има здрав сексуален живот надвор од него – сè ќе биде отстапување од начелото, заразување на душата и перверзија, поткопувајќи ги темелите на човечката личност.

 

Животот во брак има три страни: биолошка, социјална и духовна, и секоја од овие страни не се развива тукутака заедно со другите, но во нормални услови, тие создаваат целина. Поделбата помеѓу сексуалноста и Еросот, која покажува нарушување кај младите, не исчезнува овде, туку станува извор на нова енергија и објавува нов начин на живот.

 

Апостол Павле кажал многу убави зборови за бракот; да погледнеме само на почетниот дел: „Оваа тајна (тајната на бракот)“, вели апостолот, „е голема“.

 

Оваа „голема тајна“ на бракот се појавува само каде што поделбата помеѓу сексуалноста и Еросот е целосно надмината. Онаму каде што поради било која причина поделбата сè уште е присутна, или онаму каде што едната страна преовладува, на пример, сексуалната, „големата тајна“ не само што не се објавува себеси, туку и нејзиното значење е изопачено и она што е најсвето и најдлабоко кај луѓето е одвлечкано во калта.

 

Патем, не е правилно да се изедначува чистата сексуалност со „животинската“ страна кај луѓето; животните ја немаат поделбата помеѓу сексуалноста и Еросот. Нивната природа е попроста и попримитивна.

 

Бракот како исполнување на единството

 

Тие што стапуваат во брак и биле чисти и девствени пред тоа, ја учат тајната на телесната заедница за прв пат во бракот. Поради тоа, во душата се раѓа нов и внимателен пристап кон телото на другиот. Животното искуство покажува дека токму поради телесната интимност во бракот, процветува длабоко, светло и радосно чувство на меѓусебната љубов, милозливо чувство на хармонија. Овде, во оваа заедница од Бога благословена, човекот може да научи преку искусување на вистината во моногамијата (брак со едно лице) и на лагата кај „слободната љубов“.

 

Сексуалната интимност не може да се раздели од другите начини на заедништво, но исто така создава комплетна целост во сите заеднички односи. Кога љубовта расцутува помеѓу сопругот и сопругата, тоа се одразува врз целиот нивен живот и презема контрола врз сè. И најмалата дисхармонија тогаш се искусува многу болно; негрижата, рамнодушноста, грубоста, обвинувањата, сето тоа може да донесе болка и неспокој. Христијанството им помага на сопружниците да го најдат начинот да се ослободат од дисхармонијата во нивната врска. Преку практикувањето на христијанскиот живот под новите околности во бракот, двајцата созреваат духовно и се усовршуваат. Семејството е одлично училиште за побожност.

 

Кога се појавуваат првите знаци на бременост, врската помеѓу сопружниците се зајакнува преку нивната љубов за детето кое го очекуваат – плот од нивната плот. Чистотата на нивната меѓусебна љубов не се зголемува само поради телесната интимност, но исто така и се храни од неа и нема ништо потопло од длабоката нежност која расцутува во бракот; нејзината внатрешна смисла е во продлабоченото чувство на исполнетост кај едниот со другиот. Чувството на своето „јас“ како различна индивидуа исчезнува. Сопружниците се доживуваат себеси како нешто цело – едниот не сака да искуси ништо без другиот; постои желба сè да се види заедно, да се прави заедно, да се биде заедно во сè. Тоа е идеал кон кој треба да се стреми брачниот пар.

 

Не треба да има ни различни „домени на активности“ во едно семејство, ниту било какви физички или духовни неповрзаности; овде едно нешто одекнува во друго, сè е поврзано внатре и директно. Според планот на Создателот, семејството е единствениот начин тајната на полот да се реализира во нас. Не смее да има сексуален живот надвор од бракот, таквиот живот нема да биде правилен; само ќе ни ја расипе природата и ќе ја скрши хармонијата во животот. Поради ова, чистотата пред бракот не е само некое морално барање, туку исто така е пропишано од самата природа на човечкото битие. Предбрачниот сексуален живот е секогаш едностран, така што станува изопачено изразување на полот кое се заканува да ја опустоши душата и да ја искривоколчи нејзината внатрешна структура.

 

Значењето на доброволната безбрачност

 

За целосно да се разгледа прашањето на полот, неопходно е да се спомене доброволната безбрачност. Христијанството учи дека доброволната безбрачност значи свесно воздржување од сексуалниот живот заради моралната чистота и духовно совршенство. Дали тоа значи дека семејството е понизок начин на живот? Дали оние што бараат духовно совршенство треба да останат девствени цел живот?

 

Чистотата на девствениците и на монаштвото не го обезвреднува нивниот пол, туку ја покажува нивната потенцијална светост, која останува затворена поради моралната расипаност на човечката природа. Значењето на доброволната безбрачност не е во борбата против полот, туку во борбата против гревот кој е присутен во нашето тело. Целомудрието и воздржувањето од сексуалниот живот не се цел, туку средство во оваа битка. При доброволната безбрачност луѓето го бараат најдобриот начин за да ги совладаат своите страсти. Оваа задача, која ја имаат сите луѓе, може да биде исполнета со одбивање на сè што е од овој свет, не заради омразата кон тоа, туку поради тоа што гревот кој најлесно доаѓа кон нас преку нашето тело и преку светот. Оној што се стреми кон духовно совршенство во својата аскетска борба мора жестоко да се бори против светот внатре во него. Тој ќе осознае дека непристојните похоти на телото се пречки на патот кон Бога.

 

Треба да забележиме дека останувањето во брак исто така ја има задачата за борба со гревот, само што овде се применуваат други начини на борба. Значењето на доброволната безбрачност се состои во подвигот на измачување на плотта – не заради презирање на бракот, туку за да се постигне победа на духот врз телото. Истата задача останува и во бракот, но на различен начин. Бракот не е само во сексуалниот живот, туку долг и сложен духовен пат, во кој има место за целомудрие и воздржување. Ако сексуалната активност го зазема најважното место, семејството е под ризик да западне во претерана сексуалност. Истата поделба која ги растргнува младите се наметнува и ја избледнува сликата на семејството како начин на живот во кој сè се споделува.

 

Така, преку семејниот пат се враќаме на правилниот начин на живот, кој му е даден на човекот од Бога уште од создавањето. А што се однесува до патот на доброволната безбрачност, тој води до победа над гревот преку задушување на телесните страсти. Поради ова, монашкиот живот не е достапен за сите, туку само за оние кои не ги привлекува семејниот живот со неговите грижи и проблеми или за оние кои, откако се обиделе да живеат семејно, по загубата на тој живот, бараат повеќе духовност во нивните животи.

 

Превод од англиски јазик:

Петар Кабранов, апсолвент на англиски јазик

Наслов на изворникот:

Bishop Alexander (Mileant)

Celibacy, Marriage or „free love“…

— Which way to choose?

http://www.fatheralexander.org/booklets/english/celibacy.htm

Текстот е објавен во „Православна светлина“ бр. 25

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: