Изобличување на „крајностите“ кај зилотите

Архимандрит Епифаниј Теодоропулос

Архимандрит Епифаниј Теодоропулос
Архимандрит Епифаниј Теодоропулос

Атина, 23 ноември 1969 година

До Неговото преподобие,

монах Теодорит (Мавросу)

Света Гора Атонска

Возљубен отче Теодорите, радувај се секогаш во Господа.

Разбрав за твоето писмо напишано на педесет страни на 22.09.1969 год., од каде се копирани многу работи кои се адресирани до некој отец Нестор. Во тоа писмо ти одговараш на моето послание за светогорскиот монах. Како прво, многу ме огорчи твојата намерно смислена збрка, очигледна дури и за не толку остро око, а како второ, ме изненади пристрасниот однос кон мене. Се разбира, во тоа нема да те поддржувам, но во исто време сметам дека е невозможно за мене, да го оставам без одговор твоето писмо. Еве што сакам да напишам, следејќи го редоследот на твоите одговори и грижејќи се да избегнам повторување и многу зборување.

Ти пишуваш: „Од каде го пронајде тоа отец Епифаниј, дека за догматските прашања постои привремена граница на очекување и дека не смее веднаш да се отпочне со противдејствија, туку општењето треба да се прекине само по одземањето на чинот и оддалечувањето на еретиците од Црквата?“  Понатаму,  опширно пишуваш за прашања за кои во догматиката никогаш немало место за икономија, и доаѓаш до следниов заклучок: „Нашата Црква никогаш не допуштала икономија во областа на догмите и благочестивоста“.

Мил мој, без расудување ги мешаш сите поими. Едно е признавање од Црквата, по икономија, било кое туѓо учење за Црквата и приклучување на тоа учење во догматите како вистинско, а сосема друго е пројавување на трпение кон луѓе, кои се во заблуда по некои прашања од верата, па затоа проповедаат еретичко учење. Првото е незамисливо , зашто во Црквата ниту во минатото ниту, пак, во иднина ќе има место за тоа, зашто Таа е: „Столб и Тврдина на Вистината“, а не собор на заблуди и ереси. Што се однесува на второто т.е пројавување на трпение кон луѓето во заблуда, такво нешто често се случувало. Ти прашуваш: „Од кои извори ги црпам податоците за тоа?“ Од Црковната историја, возљубен. Испитај ја подетално и ти ќе увидиш дали Црквата признава или не „привремени граници на очекување“. Дали е невистина, во мојот „Епистоларен трактат“ подвлечениот факт, дека поради икономија Црквата со векови ги трпела еретичките Латини? Постојат и докази за тоа, дека тоа трпение не се ограничувало во некоја рамка, туку се пројавувало постојано и неограничено.

Црквата, отче Теодорите – тоа е Царство на благодатта, а не виш суд или некој воен суд. Затоа Таа гледа далеку напред пред да донесе било какво  решение, проучува многу факти… Дали ти се потребни примери? Сигурно не ти е непозната историјата на блажениот Августин. Неговото учење за безусловно предопределување апсолутно е неправославно, а треба да се подвлече дека тоа не е единствената заблуда во неговите дела. Но, негледајќи на сето тоа и разгледувајќи ги сите фактори, Црквата никогаш не го осудила Августин, а од тогаш поминале 15 векови.  Да си живеел тогаш и да си го видел трпението на Црквата во однос на неправославното учење на Августин, сигурно јавно би ја осудил Црвата и би излегол од Неа. Денес ќе најдеш мноштво оправдувања за таквата позиција на Црквата, но би сакал да те видам како би се однесувал тогаш.

Сакаш да ти дадам уште еден прекрасен пример на икономија за кој пишува свети Атанасиј Велики во своето писмо до Руфинијан? Гледај и трепери: „неискажливо долготрпение и снисходење на Црквата! По завршувањето на аријанското насилство, насекаде почнаа Собори на православните епископи, на кои како обвинетни се најдоа епископи и други клирици, кои претходно се придружиле на ариевата ерес, но подоцна се покајале. Некои од нив во своја одбрана говореле: ,Ние не бевме истомисленици со Ариј‘. Не! Но нашето расудување беше дека, доколку не го прифатиме аријанското учење ќе бидеме прогонети и со тоа ќе ги изгубиме нашите катедри, а на истите ќе бидат доведени вистински ариевци кои ќе беа вистинска погибел за Црквата“.

Навистина чудна икономија, драг отче Теодорите. Но, слушај што било потоа: Соборите, пројавувајќи икономија, не ја осудиле таа чудна икономија. Оние епископи кои не биле раководители и заштитници на ереста, туку само го ставиле својот печат под еретичкото учење, не само што се примени под крилото на Црквата, туку повторно се вратени на епископските катедри! Ете како, драг отче Теодорите, постапувале Соборите. Говорејќи за тоа свети Атанасиј Велики, не само што се согласува со исходот на Соборите, туку и го охрабрува своето духовно чедо и сослужител Руфинијан, како што самиот сведочи, да се држи до одлуките на Соборите и да не ги порекнува поради вонредно пројавеното снисходење. Свети Атанасиј го советува Руфинијан да им ги соопшти одлуките на клирот и народот, за да не се случи тие да дознаат подоцна и да се побунат против него (Руфинијан) затоа што е премногу мек кон еретиците. Како што гледаш, отче Теодорите,  твоите колеги – „супер-ревнители“ и  „супер-православни“ – постоеле во сите времиња.

Еве што пишува свети Атанасиј Велики: „По престанувањето на насилството имаше Собор на кој учествуваа епископи од внатрешните области. Исто така имаше Собор во Грција, Шпанија и Галија. Како и кај нас, така и секаде, еретиците паднаа и на предводниците на ереста им беше простено, доколку се беа покајале, но не им се даде место во клирот, а на оние кои не припаѓаа на водството на ереста, туку беа вовлечени во истата со сила и од нужда, одлучено е да им се даде прошка, но и место во клирот, со тоа што тие претходно треба да дадат убедливо оправдание, и со тоа да покажат дека дејствувале поради икономија. Затоа што тие тврдеа дека не преминале во ерес, но за да не дојдат на нивните места вистински еретици кои би го растргнале учењето на Црквата, се согласиле да соучествуваат во насилството и со тоа да го земат врз себе бремето на ереста, за да не го погубат народот. Од нив кажанато звучеше праведно, зашто тие се повикале на примерот Аронов, братот Мојсеев, кој во пустината соучествувал со народот во прекршувањето на заповедта, оправдувајќи се себеси дека тоа го направил за да го задржи народот да не се врати во Египет, останувајќи во пустината народот можеби би се одрекол од идолопоклонството, но доколку се врател во Египет целосно би пропаднал во истото. Поради оваа причина, дозволено им е враќањето во клирот, а на измамените и на сила приведените им е простено. Имам смелост да мислам дека и твоето богољубие ќе ја одобри донесената одлука и согласувајќи се со неа нема да нè осудиш за помирувањето. Благоизволи да им ја прочиташ донесената одлука на потчинетото ти свештенство и народ, за и тие да знаат сè, да не те прекоруваат за таквото расположение кон подобните луѓе“.

Ти пишуваш: „Се покажа дека отец Епифаниј, занимавајќи се со црковни прашања, смета дека Црквата – тоа се само епискоите“ и дека, како што зборуваш „сè во Црквата се изнесува на суд пред народот, кој е стожер и чувар на Православието“. Нема во детали да се занимавам со  толкување на твоите мислења, за да не почнам друга тема и со тоа би го продолжил писмото, ќе се задржам само на две забелешки:

Прво, никаде и никогаш не сум зборувал дека Црквата – „тоа се епископите“.  Зборував само дека епископите се генерали. И така, ако ние ги признаваме епископите на Грчката Црква за православни (за чие православие сум лично убеден), не можеме да ги забрануваме и да дигаме востанија против нив. А доколку ги сметаме за предавници, тогаш јавно би објавиле за тоа и потоа да се решава што би преземале по тоа прашање. Тоа и само тоа беше напишано од мене.

Второ: ти тврдиш дека „сè во Црквата се изнесува на суд пред народот кој е стожер и чувар на православието“. Што од тоа произлегува, драг отче Теодорите?  Тоа што, твоето дрско излегување од Грчката Црква добива оправдување? Сето тоа би изгледало поинаку, дололку ти би зборувал дека тоа си го направил зашто така ти говорела совеста. Зошто бараш поддршка во совеста на народот?  „Совестана каков народ“ те управуваше да извршиш таква работа? Совеста на твоите истомисленици? Освен тоа, отче Теодорите, зарем кај нас нема народ? Зарем околу нас нема верници кои со страв и трепет работат на своето спасение? Зарем само епископите ја сочинуваат Грчката Црква? Зарем во неа нема народ?

       И така, совеста на тој народ не ги смета епископите на грчката Црква за предавници! Како би сакал ти да постапиме?  Сето тоа да го занемариме, свртувајќи го вниманието кон совеста на народот – твите истомисленици? Заради што? Тие се побројни? Не се! Тие се помудри? Не се! Подуховни? Не! Тогаш за што?

Твоите собраќа, светогорски монаси – зилоти, фалејќи го со полна уста расколот извршен од страна на приврзаниците на свети Јован Златоуст, по неговото незаконско лишување од катедрата, прогонството на светителот и поставувањето на патријаршискиот престол на Арсакиј, пишуваат: „Следствено, тие светии (т.е  следбениците на свети Јован Златоуст) не го ни дочекаа соборното решение кое би произлегло од чинот Арсакиев и епископите, кои стоеа на чело на побуната (против свети Јован Златоуст)“.

Ти не пишуваш ништо слично на тоа, очигледно дека тебе ти е повеќе познато, отколку ним, дека:

a) На чело на расколот беа 40 епископи, таканаречени Јовановци, кои одбија да стапат во општење со наследниците на свети Јован;

б) Расколот, за кој станува збор, произлегол и покрај строгите наредби на светителот Јован Златоуст, неговите пријатели – епископи, кои не ја потпишале пресудата против него, со цел да се избегне расколот, да го сочуваат општењето со неговите наследници. Еве што за тоа велат хрониките: Бевме 40 епископи кои седевме заедно со Јован во епископскиот дом… Кога се најдовме во голема мешаница, Јован, надахнат од Светиот Дух рече: „Молете се, браќа, и ако Го сакате Христа заради мене, никој нека не ја остава Црквата…“ Обземени од голема жалост, едни плачеа, а други, пак, го напуштија Соборот…  Тој, пак, ги замолил сите кои шетале наоколу брмчејќи како пчели, да се вратат на Соборот, говорејќи: „Седете браќа и не плачете многу и не се ожалостувајте заради мене, зашто за мене живот е Христос, а смртта – придобивка“ (Филип. 1, 21) зашто тој (кој го рече ова) беше почестен со меч заради необичната храброст… А еден од присутните, слушајќи ги тие зборови со крик извика: „Да!  Но ние ги оплакуваме нашите прегрешенија, повредата на Црквата, со нарушувањето на заповедите…“ Удирајќи со показалецот по левата река… Јован му рече на својот соговорник: „Доста е, брате, не зборувај многу, јас реков  – Црквите ваши не ги оставајте, зашто учењето не почна со мене, ниту со мене и ќе заврши…“ По тие зборови почна да зборува Елвисиј, епископот на Апемеја Витинска:    „Неизбежно е ние кои ќе останеме во своите Цркви, да бидеме принудени да општиме со другите Цркви и притоа да ги дадеме нашите потписи“. Свети Јован, пак, на тоа одговорил: „За да нема раскол во Црквата мора да општите, но не мора да се потпишувате за тоа, зашто размислувајќи во себе, не дознав ништо што е достојно за расчинување“ (ѓакон Паладиј, епископот Еленополски и Теодорит ѓакон римски, пишувајќи за животот на свети Јован Златоуст, епископот Константинополски, глава 8/ Пер. Балаховскойю M.: ИМ-ЛИ РАН, С. 67-68 2002. С 67-68)

Ти пишуваш, дека јас сум „противник на помирувачкиот дух, дека безусловно, поради вниманието на овоземските власти, мојот следен чекор ќе биде продавање на сите вредности кои денес ги бранам“. Не знаев дека со примањето на монашкиот чин си примил и дар на пророштво или, пак, на прозорливост. Инаку како би пророкувал со таква точност за следните мои чекори? Драг отче Теодорите! Како постар по години и како свештеник (иако недостоен, но, сепак, свештеник) Господов, сакам да ти дадам еден совет: внимавај на себе! Дали јас или било кој друг ќе ги „продаде вредностите“  или, пак, ќе пострадаме како маченици, знае само Господ Седржител. Ни најмалку не ме погодуваат твоите навреди, туку ме згрижува, за тебе својствената самоувереност. „Не гордеј се, туку бој се“. Плаши се од тоа дека твојата самоувереност може да биде посрамена, како што се случило со апостол Петар. Остави ги твоите пророштва за моите безусловни чекори кон предавство или на некој друг човек, и спечали си за себе смиреномудрие. Ако благодатта Божја ме напушти поради мноштвото на моите гревови, можеби ќе одам, не во римокатолицизам,  туку во идолопоклонство. Сеќавајќи се на еден од 40-те маченици, треперам од страв. Но, кој може да биде сигурен?  Отче Теодорите, остави ги пророштвата за другите и повеќе внимавај на себе.

Пишував и за погледите на голем современ богослов и исповедник (а не едноставно „благочестив научник“, како што го оценува твоето големоумие) отец Јустин (Поповиќ), сакајќи да ти претставам пример на благоразумен однос. Но ти се изразуваш против тој пример излагајќи го следново: „Секој кој говори било што против востановениот опит, макар и да пости, живее во чистота, да е прозорлив, да врши чудеса, се покажува како волк во овча кожа кој ги растерува овците“!  Тие зборови би биле потполно разумни кога би се работело за некој друг, но кога станува збор за отец Јустин (Поповиќ) тогаш многу далеку одиш, драг отче Теодорите. И така за тебе отец Јустин (Поповиќ) е волк кој ги растерува овците? Бог нека те вразуми, зашто е неизвесно до каде можеш да дојдеш…

Да се навратиме и на знаменитото трето послание од  свети Кирил Александриски упатено кон Нестор, со кое од почетокот на твојата статија ми се закануваш, како со некое страшно оружје. Затоа што ова писмо навистина има необичен карактер, ќе ги приложам најважните делови од него:

„Доколку ти имаш такви мислења и учење, а со тоа си штетиш самиот на себе, нашата грижа би била помала. Но со самото тоа што ти ја соблазни Црквата и рашири квасец на необична и далечна ерес и книгите со твоите толкувања се разнесени не само таму (во Константинопол) туку насекаде, затоа не постои причина за наше молчење. Зошто пак, макар и неволно не ги паметиш зборовите Христови: Не дојдов да донесам мир на земјата туку меч. Дојдов да разделам син од татко и ќерка од мајката своја (Мат. 10, 34-35).

И така, заедно со Светиот Собор, собирајќи се во големиот Рим, под претседателство на светиот и великиот брат и сослужител наш, епископот Целестин, веќе со трето послание ти се обраќаме и еднодушно те советуваме, да отстапиш од лажното и искривено учење, кое ти го измислуваш и шириш, наместо него, да ја избереш вистинската вера, која е предадена на Црквата уште од самиот почеток од апостолите и евангелистите, кои беа очевидци и служители на Словото (Лука 1, 2).

Доколку твојата побожност не го стори тоа во зададениот рок назначен во посланието, споменатиот свет и благочестив брат наш и сослужител, епископот на Римската Црква – Целестин и останатите одлучивме дека нема да имаш никакво општење со нас, ниту, пак, место или спомен помеѓу свештениците Божји и епископите. Зашто не е можно да останеме безгрижни кога Црквата е доведена во заблуда, а народот во соблазна, вистинската вера се гази. Ти го растураш стадото, ти кој си должен да го чуваш според вистинската вера, строго следејќи ги светите отци. А со сите твои мирјани и клирици, кои твојата побожност  ги одлачила заради нивната вера, ние сме во литургиско општење, зашто неправедно подлегнале на твоите тешки пресуди, оние кои умеат православно да мудруваат, со тоа што почнале да ти се противат со добра цел (свети Кирил Александриски, Послание до Нестор за одлачувањето, Источни отци и учители на Црквата во V век)

Сега послушај го мојот коментар:

а) Свети Кирил бил патријарх т.е стоел на самиот врв на пирамидата на црковната власт. Од свое и од име на Соборот на Александриската Црква и од (во тоа време) првопрестолниот Рим и Римскиот Собор, го повикува да се врати на Православното учење, Нестор еретичкиот епископ на Константинопол. Што може да биде поприродно? Но не му дава совет и со молбен тон не го моли да се врати во Православие, туку му наредува и со закана, како оној кој има власт. Зарем тоа ни дава нам, обичните свештеници и монаси, за право да се гледаме како патријарси и да зборуваме: „Или вие ќе се обратите, или јас ќе ве одлачам од Црквата?“

б) Сметам дека е потребно да погледнеме во минатото и да дознаеме што му претходело на спомнатото Послание. Имено, еден нечестив епископ по име Доротеј во Константинопол, за време на Божествената Литургија фрлил анатема на сите оние кои Дева Марија ќе ја наречат Богородица, бивајќи на тоа поттикнат од Нестор. Самиот ересоначалник (Нестор), наоѓајќи се во самиот храм седејќи на епископскит трон, за ништо не му противречел на својот истомисленик, туку продолжил заедно со него да служи Божествена Литургија. Во продолжение свети Кирил додава: „Ние сме анатемисани тогаш, кога он (Нестор)  бил сослужител, да не речеме дека сме анатемисани директно од него. Гледаш тој (Доротеј) не би изложил, во црквата, ништо што е спротивно на неговото (Несториевото) расудување. На тој начин, не само нас и на другите епископи на Вселенската Црква, кои сме сè уште живи, туку и на нашите отци кои се преселија кај Бога, фрлена е анатемата.  Што нè задржува нас да напишеме спротивно на неговите зборови и да кажеме:  анатема на тој што говори дека Дева Марија не е Богородица. Меѓутоа, тоа до денес не сум го направил, за да не рече некој дека е фрлена анатема на него само од  Александрискиот епископ или само од Египетскиот собор“ (Свети Кирил Александриски, Послание до оние кои го обвинувале затоа што кога дознал за нечестивото учење на Нестор, не го премолчил тоа).

Значи, како постапил светиот отец? Тој им пишува на другите патријарси и на римскиот папа Целестин, со цел од сите нив да добие едномислена одлука. Еве што тој пишува: „Признавам, дека со Соборна грамота  сакав да го заверам мислењето дека ние не можеме да бидеме во општење со некој кој така мисли и говори, но не го направив тоа. Расудувајќи дека, на оној што ќе падне потребно е да му се подаде рака да го поддржиме и паднатите треба да се подигнат, како свој брат, во своите писма му советував да се откаже од нечестивото учење, но од тоа не добивме никаква полза… Но не сакаме отворено да го прекинеме општењето со него, без најпрво да се посоветуваме со твоето благочестие. Затоа благоизволи да го изложиш на писмено своето мислење за тоа, дали сме должни да имаме општење со него или отворено да објавиме никој да не општи со него, штом останува на истото размислување и продолжува така да учи. Судот на твоето благочестие за тоа дело исто така ќе биде потребно писмено да го предадеш на епископите во Македонија и на сите останати пастири на источните Цркви. Согласно со нивната желба, ние ќе им дадеме потпора и (духовно) оружје, за сите тие едномислено и еднодушно да се подвизуваат за вистинската вера, против која се отвори борба“ (свети Кирил Александриски, Послание до Целестин – епископ римски).

Слушаш ли, драг отче Теодорите? Патријарсите, Соборите, соборот на епископи од Македонија, сите тие не одлучуваат да дејствуваат сами! Тие ги прашуваат за мислење другите Помесни Цркви! А вие?… Вие, обични свештеници или монаси… одлачувате Помесна (Грчка) Црква затоа што таа спровела календарска реформа или затоа што не го осудила патријархот (Атинагора).

Да се вратиме на историјата, Римскиот папа одговара: „На Нестор да му биде дадено некое кратко време и доколку тој самиот не ја осуди својата ерес, тогаш да следи осуда“. По сето тоа, свети Кирил го испраќа своето трето Послание, сега од страна на сите погоре наведени, кон ересоначалникот (Нестор), заканувајќи му се со целосна осуда… Во целост, делото на Нестор, свети Кирил го водел со такво расудување и со такво трпение за што подоцна бил должен да се правда (сигурно и во тоа време трпел укори од секогаш и секаде постоечките твои пријатели – надревнители)  за одлагањето на конечната осуда на Нестор: „Никој да не нè осудува за бавност“ им зборува тој на клирот и народот на Костантинопол. „Зашто не бевме безгрижни, туку ги следевме лекарите, кои нападот на телото од болест не го лекуваат веднаш со железо и оган, туку почнуваат да го лечат со благи лекови, чекајќи време пригодно за сечење“ (Свети Кирил Александриски. Послание до клирот и народот на Константинопол).

   Повторно те прашувам: Слушаш ли, отче Теодорите? Кој навистина одредува „пригодно време за одлачување“? Секако, ни ти ни јас, туку целата постоечка Православна Христова Црква, доколку ние воопшто признаваме дека постои…

в) Поразува христијанската благородност во Посланието. Во него се наведуваат зборовите на двајца патријарси и два Собора. Не зборува некој си презвитер Епифаниј, ниту некој монах по име Теодорит. И што сега? Тој цело време се обраќа кон ересоначалникот (Нестор): „Твоето благочестие“! И во своите други посланија свети Кирил наизменично му се обраќа на еретикот Нестор вака: „твојата благочестивост“ и „твоето богољубие“. Секако, тоа не ја прикажува реалноста, туку е облик на учтивост. Но, било кој нека ги спореди горенаведените цитати со било кое послание на современите „ревнители“ на Православието, дали во нив ќе најде барем најмала мера на учтивост.

     Мене не ми е јасно, драг отче Теодорите, зошто ве задоволува свети Кирил, кој така учтиво му се обраќа на Нестор? Чудно е како сè уште не се најде некој од современите „ревнители“ да те осуди за тоа како предавник, зашто тој се осмелил да му се обрати на еретикот Нестор со „твојата благочестивост“ и „твое благољубие“, наместо тоа да користи изрази слични на оние кои се среќаваат во некои од статиите од „ревнителите“…

г) Погоре разгледаното Послание ти дава основа со смирение да ги повикаш пастирите на Црквата да го следат примерот на свети Кирил… Но ти немаш никакво право да се издигаш себеси на ниво на Собор и да го осудуваш патријархот (Атинагора).

Напишав и дека „супер-ревнителите“ не се јавуваат само по повод на денешниве случувања, нив ги имало отсекогаш. Уште за време на живеењето на светиот Василиј Велики се појавиле некои кои горделиво го нарекувале плашливец или предавник (!) затоа што делувајќи според икономија, привремено избегнувал Светиот Дух да Го нарече Бог.

„Тој е плашливец! Тој е можеби и полош од плашливец! Тој е нечестив! Тој е предавник!“ – Ова би го кажале твоите пријатели, „суперзилоти“, драг отче Теодорите, доколку ти би се одважил да ја заштитиш икономијата на свети Василиј Велики… Секако, сега ти ги осудуваш нив, говорејќи, дека е лошо тоа што тие го осудуваат свети Василиј Велики. Но, зошто? Кога и ти самиот мислиш како нив.

Драг отче Теодорите, во свештената галерија на патрологијата постои еден знаменит „портрет“ за тебе и твоите пријатели – надзилоти. Сличноста е вчудовидувачка. Ретко кога на уметникот му успева правоподобно, восхитувачки опитно и добро да ги наслика цртите на портретираниот. Кој го напишал тој портрет? Светителот Теофилакт (Охридски). И кога е тој завршен? Околу 800 години порано. Но, очигледно е  дека  уметикот имал дар на прозорливост и затоа можел да го изрази за во иднина, како што е случајот сега…. Така да јас сега завршувам, а продолжува светиот Теофилакт:

„Ни останува да вразумиме многумина од нашите, кои иако ревнуваат, но не според разумот (Рим. 10,2) и кои, што  е уште пострашно, од себељубие го растргнуваат Телото Христово… Браќа, не треба да се бара од сите сè, но исто така не треба да им се дозволува на сите сè…  Затоа, доколку западните христијани грешат нешто во догматиката, а со тоа ја прегазуваат верата на отците, а тоа се јавува во нивниот додаток во Символот на верата за Светиот Дух, во тоа се состои вистинската опасност, доколку тие не сметаат дека тоа треба да се исправи, тогаш недопустливо е  во тоа да им се попушти… Доколку догмите кај нив се во поредок и тие ги избегнуваат новотариите (во догмите) но од нивните свештеници со љубов се чуваат ним драги новини (бесквасен леб) и пости и тие ќе одпаднат од нас кога бараме едномислие и по тие прашања, тогаш ти биди Павле, кој за оние ,кои се под законот станал и тој под законот‘ (1.Кор. 9,20) и се очистува заедно со оние кои се под завет и ги стрижат главите, земајќи ги врз себе трошоците за жртвата на очистување (Дела 21,23-24) и го обрезува Тимотеј (Дела 16,3) оној кој ја смета законската правда за суетна (Филип. 3, 6-8)“.

Како ќе постапиш сега, отче Теодорите, не наоѓајќи во себе сила да преминеш преку календарската реформа и гледајќи во неа „опасност за спасение на верните“. Ќе постапиш ли како свети Теофилакт, кој поради вонредна икономија ги трпел и бесквасните лебови на латините итн. Или ќе го прогласиш за неучен или предавник?  Но, овај блажен маж, предвидел таква можност и таков однос, затоа во почетокот на наведениот текст ги напишал следниве зборови: ” За жал може да се побуни некој од верните, од оние кои најмногу  ревнуваат за Православието и ќе нè обвинат за незнаење и неспособност да ги разбереме Божествените работи, или, пак, за оладеност и предавство кон нашето дело“. Гледаш, тој не би се изненадил доколку ти го запишеш во предавниците.

 

Со длабока љубов во Христа,

Архимандрит Епифаниј

 

Превод од српски јазик:

Благоја Трајкоски, дипл. Теолог

Православна светлина бр. 26

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: