Акатист на светиот Пантелејмон

АКАТИСТ НА СВЕТИОТ ВЕЛИКОМАЧЕНИК И

ИСЦЕЛИТЕЛ ПАНТЕЛЕЈМОН

 

Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон
Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон

КОНДАК 1

 

Избран Христов страдалнику и благодатен лекару, Ти кој бесплатно им даваш исцеление на болните, и ние со песни Те славиме Тебе, нашиот заштитник. А Ти, бидејќи имаш слобода пред Господа, ослободи нè од сите опасности и болести та со љубов да Ти воскликнуваме:

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

ИКОС 1

 

Славен Пантелејмоне, ние Те знаеме како земен Ангел и небесен човек; бидејќи украсен со ангелска чистота и мачеништво, Ти се пресели од земјата на Небото. Таму стоејќи со ангелите и сите светии пред Престолот на Господа, моли се за нас земните кои Те почитуваме и воскликнуваме:

Радувај се, огледало на побожноста!

Радувај се, пресветол светилнику на Црквата!

Радувај се, прекрасен украсу на Мачениците!

Радувај се, потпоро на верните во непоколебливо трпение!

Радувај се, голема пофалбо на младоста!

Радувај се, непобедлив војнику Христов!

Радувај се, иако роден во светот се покажа како битие натсветско!

Радувај се, ангелу во тело, кој ги надминуваш смртниците!

Радувај се, блажен жителу на Небото!

Радувај се, сместилиште на Божествениот разум!

Радувај се, со Тебе верата се возвиши!

Радувај се, со Тебе измамата се разоткри!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

Кондак 2

 

Виде Владиката дека си избран сад и ја засака добрината на твојата душа. Ти, откако ја презре секоја земна сладост и слава, посака да се украсиш со венец маченички, ранет од Божествената љубов вдахновено пееше: Алилуја!

 

ИКОС 2

 

Имајќи боговдахновен разум, сјаен воину Пантелејмоне, го збуни царот Максимијан со храброста на твојата душа и зборовите со кои бестрашно Го исповедаше Христа Бога. Ние, величајќи ја твојата бестрашност Ти повикуваме:

Радувај се, зашто ја презре заканата од царот Максимијан!

Радувај се, зашто советите на незнабожците не ги послуша!

Радувај се, расаднику на вистинско богопочитување!

Радувај се, искоренителу на службата демонска!

Радувај се, разобличителу на беззаконието на мачителот!

Радувај се, разорителу на идолопоклонската измама!

Радувај се, гонителу на сатанската збирштина!

Радувај се, зашто сè трулежно замени со небесно!

Радувај се, собеседнику на невештествените ангели!

Радувај се, подражателу на многустрадалните светители!

Радувај се, Ти го посрами сатаната!

Радувај се, во Тебе Христос се прослави!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 3

 

Храбар Победнику, со силата која ти беше дарувана од Севишниот и јуначкото трпение, Ти ја обессили дрскоста на мачителите: не плашејќи се од огнот, ѕверовите, тркалата, со меч Ти беше отсечена главата, венец на победа прими од Христа Бога, воскликнувајќи Му: Алилуја!

 

ИКОС 3

 

Богомудар Страдалнику, твојата обител е преполна со радост, имајќи ја твојата драгоцена глава, со љубов ја слават благодатта за исцеление од Бога дадена и благодарно Ти повикуваат:

Радувај се, сесветол светилнику на градот Никомидија!

Радувај се, чувару кој бдееш за твојата чесна обител!

Радувај се, зашто го истина безбожието!

Радувај се, со Тебе порасна богопознанието!

Радувај се, светла славо на мачениците!

Радувај се, радосна вест на православните!

Радувај се, благодатен извору на исцеление!

Радувај се, ризницо на големи дарови!

Радувајсе, благоухано миро на душите!

Радувај се, зашто им помагаш на оние кои Те повикуваат!

Радувај се, на слепите вид им подаруваш!

Радувај се, хромите преку тебе проодуваат!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 4

 

Опфатен од многубожечки помисли, нечестивиот цар се збуни кога дозна од завидливите лекари дека Ти ги исцелуваш болестите со името Христово. А ние, со радост славејќи Го прекрасниот Бог во Тебе, Му воскликнуваме: Алилуја!

 

ИКОС 4

 

Жителите на Никомидија, кога слушнаа за твоето големо сочувство кон страдалниците и за бесплатното лечење од разни болести, поитаа кон тебе со вера во исцелителната твоја благодат. Добивајќи брзо исцеленија од разни болести, Го прославуваа Бога и Те величаа Тебе, милостивиот исцелител, повикувајќи:

Радувај се, помазан со мирото на благодатта!

Радувај се, осветен храму Божји!

Радувај се, голема славо на побожните!

Радувај се, цврст бедему за угнетените!

Радувај се, со разумот мудреците ги надминуваш!

Радувај се, ги просветлуваш мислите на верните!

Радувај се, живеалиште на Божествените дарови и извору на разните Господови милости!

Радувај се, брз помошнику на страдалниците!

Радувај се, пристаниште на оние во бура!

Радувај се, наставнику на заблудените!

Радувај се, зашто бесплатно ги лечиш болните!

Радувај се, зашто изливаш изобилно исцеленија!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 5

 

Преславно чудо направи Господ, кога преку служителот свој Ермолај Те повика во чудесната светлина своја; бидејќи детето кое умрело од каснување на огромната змија, по твоите молитви кон Христа, веднаш оживе и стана здраво. Ти преку тоа познавајќи Го Животодавецот на сите, вистинскиот Бог, со цврста вера си повикал кон Него: Алилуја!

 

ИКОС 5

 

Слепите кои ги допре, кога го повика Името Христово, ја видоа светлината. Просветен од Ермолај свештеникот, Ти го отфрли татковото многубожие, и ја прегрна верата мајчина, со која и таткото свој го просвети. Поради тоа и ние Тебе, славниот угодник Божји и чудесен лекар, Ти воскликнуваме:

Радувај се, бидејќи имаш голема љубов кон Бога!

Радувај се, неизгасен огну на Божествената љубов!

Радувај се, ревносен слушателу на свештените поуки од Ермолаја!

Радувај се, следбенику на советите од твојата мајка Евула!

Радувај се, зашто раздаде сè за Христа да Го стекнеш!

Радувај се, љубовта кон светот со љубовта кон Бога ја победи!

Радувај се, наместо сладости од овој свет, за Христа прими лути страдања!

Радувај се, стана заедничар на Христовите страдања!

Радувај се, ликуваш над сите страсти!

Радувај се, се украси со благодатно бестрастие!

Радувај се, со радост ги исполнуваш сите кои прибегнуваат кон Тебе!

Радувај се, бесплатно ги исцелуваш сите со Христовата благодат!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 6

 

Слепиот, просветен од Тебе и телесно и духовно, се покажа проповедник на вистината: слично на слепецот од Евангелието тој смело пред сите исповеда дека Христос е вистинската Светлина која го осветлува секој човек, а незнабожниот цар и незнабожечките богови ги исмеа. Поради тоа исечен со меч тој замина кон незалезната Светлина на Небото, за да Му пее на Бога: Алилуја!

 

ИКОС 6

 

Стоејќи пред царот со радосно лице, блажени, без страв си викал сите да слушнат: Исцелителната моја сила и моја слава е Христос вистинскиот Бог, Господарот на сите, Кој мртвите ги воскреснува и секоја болест ја исцелува. Величајќи Те поради таквата исповед, ние повикуваме:

Радувај се, громогласна усто на Христовото Божество!

Радувај се, медоточен јазику со кој се благовести Христовиот спасителен домострој!

Радувај се, благоглаголив беседнику на возвишеното богословие!

Радувај се, мудар сеачу на побожноста!

Радувај се, милозвучна харфо на верата!

Радувај се, славен проповеднику на Православието!

Радувај се, бидејќи пред смртта си објавил чудесни работи!

Радувај се, Ти кој и по смртта правиш чудеса!

Радувај се, сведоку на славата Христова!

Радувај се, зашто ги услишуваш оние кои Ти се молат!

Радувај се, со милост ги оградуваш оние кои Те бараат!

Радувај се, зашто измолуваш богатство за оние кои го славаат твојот спомен!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 7

 

Богомудар Исцелителу, миро се изли на твојата душа од Духот Утешител, затоа по смртта чесните мошти твои со своето благоухание ја истеруваат смрдеата на страстите, и им даваат исцеление на оние кои со вера повикуваат кон Бога: Алилуја!

 

ИКОС 7

 

Божји Светителу, кога идолопоклониците видоа како со својата молитва го подигна долгогодишниот раслабен и тој почна да оди, многумина поверуваа во Христа. Жреците, како служители на ѓаволот, мачени од завист, го поттикнаа царот на гнев. А ние, Тебе, кој беше стружен и пален во огнот, со умиление Ти воскликнуваме:

Радувај се, зашто земните страсти ги презре!

Радувај се, зашто над светските богатства се издигна!

Радувај се, убавините на овој свет за ништо ги сметаш!

Радувај се, минливата слава од себе ја истресе!

Радувај се, неуловен остана од Велијаровите замки!

Радувај се, ги победи лукавствата на мачителот!

Радувај се, поради Христа не го поштеди ни животот!

Радувај се, се покажа непријател на сластољубивото тело!

Радувај се, ширината на многубоштвото ја притесни!

Радувај се, со Божествена сила идолите ги уништи!

Радувај се, стрело, која непријателите ги рануваш!

Радувај се, заштитнику, кој ги штити верните!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 8

 

Чудно Божествено Ти се јавуваше Господ бодрејќи Те и чувајќи Те во мачењата за Неговото Име; Ти се јавуваше во облик на презвитерот Ермолај, го разладуваше вжештеното олово во кое беше фрлен и во морето го одврза големиот камен од Твојот врат. Така Те изнесе неповреден на земјата. А Ти, застанувајќи повторно пред царот, радосно пееше кон Христа Бога: Алилуја!

 

ИКОС 8

 

Сиот живеејќи со умот на Небото, Ти не нè оставаш нас, кои сме долу на земјата, живеејќи со нас со чесната своја глава, Христов страдалнику, Ти го примаш просветувањето и осветувањето од Господа, и им го пренесуваш на оние кои воскликнуваат кон Тебе:

Радувај се, зашто си исполнет со Божествена мудрост!

Радувај се, поверенику на Божјата Промисла за нас!

Радувај се, насладо за умовите на богомудрите!

Радувај се, радување за богољубивите души!

Радувај се, зашто си се населил кај првородените на Небото!

Радувај се, зашто живееш во вечно блажените палати!

Радувај се, созерцателу на Светотроичната светлина!

Радувај се, усрден застапнику за нас во молитвите кон Бога!

Радувај се, зашто на душите им даваш просветување!

Радувај се, зашто испраќаш утеха за напатените!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 9

 

Светителу Пантелејмоне, секое битие се восхитува од блескавата благодат која е во Тебе и од богатството на добродетели: твојата ангелска чистота, големата храброст во лутите маки, во силната љубов кон Христа и огромното сочувство Твое кон луѓето, на кои им правиш преславни работи, та да пеат: Алилуја!

 

ИКОС 9

 

Благоглаголивите беседници не се во состојба достојно да ги пофалат твоите борби, славен Победнику. Ти, иако многу млад, со непобедлива Божествена сила го победи стариот ѓавол и ја засрами лагата на идолопоклонството. А ние, исполнети со воодушевување, воскликнуваме:

Радувај се, радосна глетко за ангелите!

Радувај се, восхит на побожните луѓе!

Радувај се, својата крв ја проли за Христа и од намаченото твое тело во часот на смртта млеко истече!

Радувај се, за Христа своето тело на маченичка смрт го предаде!

Радувај се, правило на исповедувањето!

Радувај се, сјаен војнику на Царот над царевите!

Радувај се, зашто темнината на властодржецот ја победи!

Радувај се, со својата победа Небото и земјата ги израдува!

Радувај се, блажен жителу на небесниот Свет!

Радувај се, мудар странецу на земниот свет!

Радувај се, плодно дрво украсено со благодатните дарови!

Радувај се, зашто носиш гранче на победата!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 10

 

Ти, чесен Страдалнику, кој си исполнет со премногу сострадување, како вистински подражувач на Дарителот на милоста – Господ, Тебе Ти го смени името нарекувајќи Те Пантелејмон, што значи – секогаш милостив, и Ти на сите кои притекнуваат кон Тебе им изливаш милост. Изобилно излеј ја и на нас кои воскликнуваме кон Бога: Алилуја!

 

ИКОС 10

 

Кога виде мачителот дека си цврст како карпа и со никакви маки не може да Те победи, се обиде силата твоја да ја уништи со забите на ѕверовите и со забите на маченичкото тркало. Но и со тоа не можеше ништо да постигне: Христовата сила ја скроти свирепоста на ѕверовите, а страшното тркало на кое го вртеа твоето тело веднаш се скрши. Затоа, ние Тебе, непобедливиот страдалец Ти воскликнуваме:

Радувај се, скапоцен Христов избранику!

Радувај се, беспрекорен мирису кон Бога!

Радувај се, тврд дијаманту на Црквата!

Радувај се, непобедлив столбу кој стигнува до Небото!

Радувај се, зашто видливите ѕверови ги скротуваш!

Радувај се, зашто невидливите аждаи ги сотираш!

Радувај се, пролиената своја крв за Христа со млеко ја помеша!

Радувај се, зашто прими венци на нетлението!

Радувај се, на ангелите и на луѓето радост им причини!

Радувај се, прославен од Бога на небото и на земјата!

Радувај се, жителу на Небото, кој со мачениците ликуваш!

Радувај се, зашто се насладуваш со гледање на преслаткиот лик Христов!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК  11

 

Песна за исход на душата Ти принесуваме на Твоето свештено отсекување за Христа, при што заедно со крвта истече и млеко од Тебе, дури и маслинката под која си бил расечен веднаш сета се накити со исцелителни плодови. Затоа на Христа Кој чудесно ги прославува оние кои Него Го слават, од сета душа Му воскликнуваме: Алилуја!

 

ИКОС   11

 

Богомудри, блескава светлина си им бил на оние кои седат во темнината на многубоштвото, водејќи ги кон Сонцето на Правдата – Христос нашиот Бог, Него моли Го, во светлината на Неговите заповеди да живееме и ние, кои Ти ги принесуваме овие радосни восклици:

Радувај се, пресјајна ѕвездо, која светиш на Небесниот свод!

Радувај се, зраку што им светиш на христоимените луѓе!

Радувај се, таинствено осветлен од Сонцето – Христа!

Радувај се, земјата со духот ја обиколуваш!

Радувај се, прекрасно живеалиште на Пресветиот Дух!

Радувај се, пречесен саду, кој изливаш исцеленија!

Радувај се, ризницо на чистотата!

Радувај се, истоименику на милоста!

Радувај се, наследнику на Царството небесно!

Радувај се, соучесник на славата вечна!

Радувај се, заштитнику на несреќните во морето на животот!

Радувај се, Бессребренику, кој им помагаш на оние кои со вера те повикуваат!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 12

 

Изобилие на благодат си добил, преблажени, според изобилието на твојата љубов кон Христа Бога, Кој Те објави како изобилен извор на исцеленија, што бесплатно ги лечи и душевните и телесните болести на оние кои со вера доаѓаат кон Тебе и на Бога Му воскликнуваат: Алилуја!

 

ИКОС 12

 

Опевајќи ги твоите многустрадални подвизи за Христа, Славен Маченику, го фалиме твоето долготрпение, ја ублажуваме твојата маченичка смрт, го почитуваме и твојот свештен спомен, застапнику и исцелителу наш, и во твоја пофалба Ти повикуваме:

Радувај се, милозвучна трубо на побожноста!

Радувај се, мечу кој ја отсекуваш безбожноста!

Радувај се, стружен на дрвото за Оној Кој на крстот ги рашири Своите раце!

Радувај се, зашто горен во огнот за Него, Ти ја изгаси печката на прелеста!

Радувај се, зашто со своите рани им нанесе рани на демоните!

Радувај се, зашто со својата крв ги исуши потоците од идолската крв!

Радувај се, зашто Те фрлија во врело олово заради Христа!

Радувај се, зашто беше потопен во морето за Името Христово!

Радувај се, по Божја Промисла си останал неповреден!

Радувај се, преку огнот и водата на мачеништвото влезе во небесниот спокој!

Радувај се, зашто на верните им изливаш непресушен поток на милоста!

Радувај се, благсострадален лекару, кој даваш благодатни исцеленија!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 13

 

О, многустрадален и пречудесен маченику Христов и наш исцелителу Пантелејмоне! Милостиво прими го од нас овај мал принос, исцели нè од разните болести и со твоето застапништво сочувај нè од видливите и невидливите непријатели и измоли Го Господа да се избавиме од вечните маки, и во Неговото Царство вечно да воспеваме: Алилуја!

 

(овој кондак се чита три пати)

 

И пак се чита: ИКОС 1 и КОНДАК 1.

 

ИКОС 1

 

Славен Пантелејмоне, ние Те знаеме како земен Ангел и небесен човек; бидејќи украсен со ангелска чистота и мачеништво, Ти се пресели од земјата на Небото. Таму стоејќи со ангелите и сите светии пред Престолот на Господа, моли се за нас земните кои Те почитуваме и воскликнуваме:

Радувај се, огледало на побожноста!

Радувај се, пресветол светилнику на Црквата!

Радувај се, прекрасен украсу на Мачениците!

Радувај се, потпоро на верните во непоколебливо трпение!

Радувај се, голема пофалбо на младоста!

Радувај се, непобедлив војнику Христов!

Радувај се, иако роден во светот се покажа како битие натсветско!

Радувај се, ангелу во тело, кој ги надминуваш смртниците!

Радувај се, блажен жителу на Небото!

Радувај се, сместилиште на Божествениот разум!

Радувај се, со Тебе верата се возвиши!

Радувај се, со Тебе измамата се разоткри!

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

КОНДАК 1

 

Избран Христов страдалнику и благодатен лекару, Ти кој бесплатно им даваш исцеление на болните, и ние со песни Те славиме Тебе, нашиот заштитник. А Ти, бидејќи имаш слобода пред Господа, ослободи нè од сите опасности и болести та со љубов да Ти воскликнуваме:

Радувај се, Пантелејмоне великомачениче и исцелителе!

 

Молитва прва:

 

О, велик Христов угоднику и преславен исцелителу, великомаченику Пантелејмоне! Со душата на небесата стоиш пред Престолот Божји и се насладуваш од Неговата триипостасна слава, со телото и ликот свет на земјата почиваш во Божествените храмови и со дадената ти одозгора благодат источуваш различни чудеса, погледни со твоето милостиво око на сите кои се овде присутни, кои се молат пред твојата чесна икона и бараат од тебе исцелителна помош и застапништво: испрати ги пред Господа нашиот Бог твоите топли молитви и измоли им на нашите души простување на гревовите. Зашто ние, заради нашите беззаконија не смееме да ги подигнеме нашите очи кон небесата, ниту да го повишиме нашиот молебен глас кон Неговата Божествена непристапна слава, со скрушено срце и смирен дух тебе, милостивиот наш застапник и молитвеник за нас грешните пред Владиката те повикуваме; зашто си примил благодат од Него да изгонуваш болести и да исцелуваш страсти. Затоа тебе те молиме: не презирај нè нас, недостојните, кои ти се молат и ја изискуваат твојата помош. Биди ни утешител во маките, во тешките болести внимателен лекар, на нападнатите брз покровител, на слепите дарител на вид, на цицалчињата и бебињата во неволја брз претстател и исцелите: посредувај ни за сè што ни е потребно за спасение, та по твоите молитви кон Господа Бога да добиеме благодат и милост, да го прославиме Изворот и Дарителот на сите добрини, Единиот Бог во Света Троица славен, Отец и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: