Фактот на атеизмот

Павле Евдокимов

Страдањето на невините луѓе претставува тежок сноп од обвиненија пред кои молчењето Божјо и отсуството на Неговото мешање се воздигнува како доказ на поразот. Сартровиот јунак Гец извикува: „Ме слушаш ли, о глув Боже“. Ако Бог молчи, како човекот ќе го слуша. Не е ли молчењето на Бога во историјата знак за Неговата отсутност, па дури и Негово непостоење? Сите „неисполнети ветувања“ сведочат за егзистенцијалната неспособност на религијата. Во зрелото дома, критичкиот дух размислува за човечката судбина и во неговите религиозни тежнеења наоѓа алиби за сопствената слабост. Притиснат со својата осаменост и нерешливи проблеми, човекот се зафатил да преде басни, да Го „измислува“ Бога, покривајќи ги со Него сите свои незнаења и како стрела ја фрла хипотезата за конечно објаснување на сè во оној свет. Фрлен во еден непријателски и привидно апсурден свет, човекот крева раце и бара начин да побегне на мирно пристаниште. Чувствителните фантазирања и стравот пред стварноста доведува до бегство, за кое говори Фројд, бегство во мајчинските прегратки, во архаичното и прелогичното: „Јас сум како дете во мајчината утроба, и не сакам да се родам. Чувствувам дека тука ми е доволно топло“, признава рускиот писател Розанов.

Бог се појавува во вид на слика на некој „благороден Татко“, кој го штити човекот од ризици, од судрување со реалноста и од храбри одлуки. Тоа е „полезен“ Бог, излез од ситуациите на крајност и осигурување на вечноста во смисла на паскаловата опклада[1]. Ставањето паралелно на овој и оној свет ја намалува енергијата која е потребна за градење на Човековиот град. Не е Христијанството, според Ничевиот ироничен израз „платонизам за народот“, оној прочуен опиум кој ги теши и успива точно одредените одговорности за овоземскиот живот?

Мора да се признае силниот продор на атеизмот ширум светот. Тоа е појава која дава нов печат на нашево време, проникнувајќи ги сите области на јавниот живот. Настроеноста на умот и чувствителноста на нашата ера е изразито атеистичка. Веднаш по завршувањето на војната, во Женева, Сартр изјавува: „Господа, Бог умре“. Според тоа, „атеизмот е хуманизам“.

Зошто ни е тогаш Бог? „Бог умре, значи се роди човекот“, вели Мадро. Моралната свест умира во допир со апсолутниот, додава Мерло-Понти. Вистинското човечко достоинство нè обврзува сите нас да „слеземе од небото на идеите на земјата на луѓето“.

Притисокот на општествената средина и секуларизацијата на културата е многу силен, по што религијата едноставно повеќе не го интересира човекот. Човекот не го допира тоа, дали има некого на крајот од небото, тврди Симон де Бовоар. „Бог? Јас никогаш за него и не мислам“, признава мирно Франсоаз Саган.

Суштинското образложение има корен во првобитната смисла на животот, во неговата привидна апсурдност. Бергман, во своите филмови, го пренесува молчењето на Бога на човечките односи. Во филмот „Летни игри“ Марија, која го изгубила својот вереник, предизвикувачки довикува: „Кога Бог не се грижи за мене, ни јас не се грижам за Него“.

За Антониониј, светот е конечно затворен. Во филмот „Зголемување“ во еден миг се чини дека со леќата на камерата сè  е скаменето, неподвижно, исчезнато, а човекот останува препуштен на својата самотија во полн чамец.

Во човекот од нашево време, во еден постхристијански свет, без чувство за светост, нема место за Бог и Евангелието повеќе не потресува. Постоењето на верници никого не воодушевува. Ништо не се случува во овој свет и нема дури ни чуда. На религиозната вера се гледа како на некој инфантилен степен на човечката свест, којашто успешно е заменета од техниката, психоанализата и општествената слога.

Современата цивилизација не станува против Бога, туку создава едно човештво „без Бога“. Или, како што велат социолозите, атеизмот се омасови, не наидувајќи на никакви препреки. Луѓето живеат на површината од своето битие, каде што, по правило, Бог е отсутен. Да се биде атеист денес не е толку прашање на определување, уште малку на негирање, туку едноставно одење со мнозинството во светот. Бидејќи, најпосле, да се биде религиозен, рамнодушен или атеист, за просечниот човек претставува едноставно прашање на темперамент или уште почесто, прашање на политичка определба.

(продолжува…)

Превод од српски јазик:

Свештеник Јани Мулев

Изворник: Павле Евдокимов, „Луда“ љубав Божија, Манастир Хиландар 2001


[1] Под овој поим се подразбира Паскаловата теорија за верувањето во Бога. Опкладата всушност претставува збирка од белешки објавени во делото „Мисли“. Опкладата говори за тоа дека подобро е да се верува дека Бог постои; бидејќи подобро е да се верува во нешто, отколку да не се верува воопшто. Во својата опклада Паскал нуди еден аналитички процес според кој личноста може да ја процени вредноста од верувањето во Бог. Паскал, значи, дава само две опции: да веруваш или да не веруваш. Од ова следат можностите:

А. Веруваш во Бога:

1. Ако постои Бог, одиш во рајот по смртта; што значи дека имаш бескрајна добивка.

2. Ако не постои Бог, губиш; твојата загуба е конечна и со тоа занемарлива.

Б. Не веруваш во Бог:

1. Ако постои Бог, одиш во пеколот; загубата е бескрајна.

2. Ако не постои Бог, твојата добивка е конечна, и со тоа занемарлива.

Според овие опции и статистики, Паскал се надевал дека докажал, дека единствено разумно решение за човекот е да верува во Бога.

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: