Здраво ли е воздржувањето од секс?

Прашање: Како медицинско лице, како ќе ја коментирате тезата за штетата од сексуалното воздржување? Тоа речиси е уште едно оправдување и извинување за распуштен живот. Како искази од типот: „секој го прави“, „зошто да не, што ќе ми се случи“, „треба да се собира искуство“, „корисно е“, „ми се прави“, итн. А ако не размислуваш така тие те мислат за чуден најблаго речено, зашто не си како нив, како мнозинството …“

На прашањето одговара д-р Цветан Бијуков:

Прекумерното воздржување од секс водело до здравствени проблеми – со срцето, со простатата, со акни и што ли уште не. Да не зборуваме како влијаело на психата. Така пишува во разни статии, која повеќе, која помалку сериозни, но сепак изложени со завиден стил и воопшто немалку на број. Колку е добро за верниците да се повикуваат на такви материјали или да ги оспоруваат, не пишува никаде? Небаре Бог го предвидел воздржувањето од секс како измачување и ризичен фактор за здравјето, а не како начин за приближување до Него во одредени ситуации и при одреден сплет на околностите…

Нормално дека ако се бакнуваш и имаш интимни нешта со момчето/девојката, но поради некоја причина немаш секс, тоа е рецепт за постојан стрес, за флуктуации во нивото на хормоните и за фрлање во емоционални и диететски крајности – сето тоа се фактори на ризик за какви ли не болести и лошо здравје во целина. Сепак сексуалниот нагон е здраво втемелен во човекот, како еден од главните нагони, со сите непријатни последици од одржувањето во возбуденост и незадоволена состојба.
Но нагонот не е единствениот краен критериум за разгледување на здравствените последици од недостатокот на секс. Не треба да се испушта од предвид и тоа дека истражувањата за воздржувањето од секс се прават од неодамна и тоа во услови на современата потрошувачка и хедонистичка западна култура, каде сексот во неговиот потрошувачки и егоистичен аспект се смета не само за даденост, туку и за нешто задолжително.
Што чудно има тогаш во резултатите кои покажуваат влошено здравје при лишување од секс? Зар можеме да очекуваме подобрено здравје во општата популација, кога ќе ѝ се одземе нешто за што таа е убедена дека има право? Зарем резултатите ќе бидат многу поразлични, ако се направат истражувања за здравствените индикатори при лишување од алкохол? Или од граѓанските права и слободи? Или при лишување од достоинството на личноста?
Исходот и подобрувањето на здравјето се состојат, се разбира, не во самото правење на секс (во гореопишаниот аспект), туку, сликовито кажано, во извршување по правилата или во неизвршување – пак според правилата.
Сексот надвор од рамките на бракот по дефиниција е нередовен и е извор на ризични фактори како стрес, психолошки, хормонални и емоционални крајности, како и крајности во стилот на живеење. Наспроти ова, најверојатно неговото негативно влијание врз здравјето е послабо, отколку тоа на еден стил на живот, во кој човек прави сè што се прави во таква небрачна врска, со исклучок на сексот. Затоа и се цитираат слични резултати од истражувања во таа област.
Крајната позиција на овие испитувања која го опфаќа општеството во сегашната состојба, а не одделни негови делови како популации со карактеристичните за нив вредности, однесување и стил на живеење. А сегашната состојба на развиеното општество е токму состојба на сексуална распуштеност и сејадливост. Тоа е состојба на безусловна предаденост на идејата: „Штом се сакаат, сè е дозволено“. И не само дозволено, но и пожелно, и задолжително. Исто така и состојба на целосно занемарување на фактот дека тие всушност не се сакаат, а само се вљубени или едноставно си се допаѓаат. Но кога последен пат сме слушнале да се истакнува разликата меѓу љубов и вљубување? Кога последен пат сме биле повикани на одговорност во личните односи – друг карактеристичен недостаток во ова развиено општество?
Од друга страна, за христијаните не само од ова, но и од сите општества, епохи и култури, вистинскиот секс е со кого, кога и како треба – т.е. со еден партнер од спротивниот пол во рамките на бракот. Правилното воздржување од секс, макар и различно според културните и индивидуалните карактеристики на народот, исклучува многу нешта од интимната блискост. Кон ова спаѓа и воздржување од порнографија, од похотливи мисли и мастурбација, а исто така и од вообичаените мувања, задевања и флертови, освен како премин кон евентуална блискост со соодветниот човек. Станува збор за правилно воздржување од секс надвор од бракот. Правилното воздржување од секс внатре во бракот е лична работа за која светиот апостол Павле се изјаснува на следниов начин: „Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената – спрема мажот. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не одделувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување” (1.Кор 7,3-5).

Така ни допаѓањето, ниту вљубеноста не се доволни основи за да се има секс. Вистинската љубов го претпоставува, но освен со сè друго, таа е обврзана и со соодветна одговорност, која од своја страна нема како да се посведочи целосно, освен со стапувањето во законски брак. Проблемот на огромен дел од истото тоа развиено современо општество е дека вештачки се разделуваат и раздалечуваат предусловите за љубов од една страна и за одговорност, од друга страна, како што давањето, преземањето и носењето на одговорноста се оддалечува главно во времето. Од една страна се наметнува мислењето дека ако не си завршил средно и високо образование и ако немаш стабилна работа, значи не си доволно одговорен. Како да стапиш во брак со таков, штом се претпоставува дека ќе треба да живеете некаде и да се издржувате? Од друга страна, како да обезбедиш живеалиште и егзистенција во денешно време, освен ако не си на добро платена работа? А како да си на добро платена работа, ако не си барем со две дипломи, што бара време, години?
И навистина – горното бара токму овие години во кои човек не е само во својата максимална сексуална форма (и желби), но и во својата максимална способност за оплодување. И што значи? Да чекам да изучам, да заработувам и да најдам некоја релативна сигурност и стабилност, за да можам да се оженам и дури тогаш да почна со секс? Така ли? Во околности кога сакам сега и ми се нуди на готово? Па додека ја постигнам оваа стабилност и сигурност, нели веќе ќе ја имам загубено и физичка привлечност, и сексипилност и потенција, коишто истото тоа општество се отепува за да ги идеализира…
Барате решение? Еве ви го – едноставно и лесно! Предлагано исто така од општеството. Ја раскинуваме поврзаноста помеѓу љубов и одговорност. За уште поудобно ги замачкуваме или едноставно ги игнорираме разликите помеѓу љубов, вљубување и допаѓање и идентификуваме сè со сексот. Го засилуваме со недвосмислени асоцијации меѓу забава и секс, наоѓаме свои еднозначни оправдувања во рекламите, сапуниците и во животот на познатите личности, и за да не оставиме отвор за разумот и совеста, го гарнираме сето тоа со иронија и непријателство кон анахронизмите како девството, воздржувањето и авторитетот на родителите и на Црквата.
Но, се разбира! Проблемот воопшто не е во општеството, туку во Црквата. Општеството еволуира во критериумите за брак и одговорност, додека Црквата си држи на нејзините анахронизми за одговорната љубов и пак општеството како одговор на тоа излегува со генијално решение на проблемот, со тоа што го одделува сексот од љубовта и љубовта од одговорноста. И нештата проработија – ем си ја користиме максималната сексуална форма (и мераци), ем семејните обврски нема да ни избегаат. Ете, веќе и науката е на наша страна со сите овие податоци за неповолно влијание на воздржувањето од секс врз здравјето!
И решението на проблемот навистина е повеќе од генијално – гледано од конзуматорска страна. Зашто сексот без одговорност има и други добри страни – го олеснува самоцелниот кариеризам, веќе одделен од разгледувањето на работата како едно од средствата за изградување на семејство. Се стимулираат неколку видови индустрии – рекламна, модна, филмска, фармацевтска, туристичка, забавна, алкохолна. Тие од своја страна исто така го стимулираат кариеризмот, како и барањето и предлагањето на секс. Со сите плусови. Еден од кои се бебињата. Можеме без тешкотии да се досетиме што се случува со овие бебиња, зачнати во периодот на максимална плодност и отфрлањето на одговорноста.
Сепак гледано од страна на вистината, тоа решение е заблуда. Љубовта е неодделива од одговорноста и е нешто сосема различно од вљубеноста и допаѓањето. Љубовта нема ништо заедничко со конзумерскиот однос кон човекот спроти нас. Целосното здравје на човекот не може да се поистоветува со телесното. А како што христијаните денес се мал примерок од нашето постхристијанско и хедонистичко општество, така и денешното општество е само мал примерок од општеството на христијаните низ вековите, кога љубовта и одговорноста нераскинливо биле поврзани и под нивна заштита како сексот, така и воздржувањето од секс биле извор не на болести, туку на здравје.

Гледано од аспект и на вечноста, горното конзумерско решение на проблемот е со горки последици. Емоционалните и телесни наслади не го градат карактерот. Безодговорноста не е добродетел. За еден маж е редно да расудува со горната глава, а не со долната. Кариерата не е приоритет за пофалба. Скршените срца не раѓаат благодарност. Одземањето на живот по живот не е пример за подражавање. Нискиот наталитет е премногу недалекувидна демографска стратегија на истото тоа општество. Полните мои раце со придобивки не оставаат место каде Бог да го стави подобриот дар. Узурпирането од моја страна на највисокиот пиедестал не ми дозволува да го видам Оној над мене. И над сè.
Но за закопани очи во прашината, привременото и конзумерско решение на проблемот е навистина повеќе од генијално. Неслучајно Спасителот вели дека „синовите на овој свет, во својот род, се подосетливи од синовите на светлината“. Каде е досетливостта на Црквата во овој случај? Од една страна имаме нешто задолжително, што не е предмет на преговори – Божјата претстава за светост и грев. Од друга страна ја имаме гореопишаната секуларна тенденција. Не верувам дека Црквата може да Го натера Бог да си го промени критериумите, но мислам, дека таа може да користи и преобразува добрите и полезни нешта од светот, додека во исто време наоѓа свои христијански решенија на ударите под крстот и слични лукави броеви, со кои светот нè искушува те во една, те во друга насока.
Нешто што итно е предмет на ревизија, е денешната претстава на општеството, дека за да склучи брак, човек треба да е „успешен“, „самостоен“ и „обезбеден“ според светските критериуми. Токму оваа идеја треба да се преиспита колку одговара на христијанското размислување, претстави и приоритети. Редно е Црквата да дејствува за „въцърковяване“ на овој светски притисок за секс во битната за него возраст, па да го рехабилитира (колку што е можно) раното склучување на брак и да не го прифаќа бескритично притисокот – човек да е „успешен“, „самостоен“ и „обезбеден“ според светските критериуми. Науката, пак, ќе треба да ги преиспита своите одредби и како минимум да вклучи во заклучоците истражување и врз популации од луѓе кои свесно одбрале да се воздржат од секс, а не само такви кои умираат за него и се оближуваат, и острат заби и им течат лиги, но едноставно остануваат на суво.
Всушност, во моето изложување дотука тргнував од позицијата дека сексуалното воздржување има некакви негативни последици врз здравјето. Работите, сепак, стојат на сосема поинаков начин. Мажите во брак со секс 3-4 пати неделно може да достигнат до 50% пониска зачестеност на тешки инфаркти и мозочни удари не поради сексот сам по себе, туку затоа што тој претставува соодветно зголемување на физичката активност. Ова се потпира на резултатите од истражувањето, каде што барем 20% од мажите да не прават ништо за зголемување на физичката активност, околу 50% би се зафатиле со подготвеност за некоја физичка активност, ако на тој начин си ги зголемат шансите за секс. Не сексот, туку зголемената активност како целина влијае благотворно, но наспроти тоа дел од инфарктите и мозочните удари стануваат токму за време на секс, а речиси половината од фаталните мозочни удари за време на секс, според друго истражување, биле за време на вонбрачен секс.

Ракот на простатата е меѓу првите неколку причини за смртност од рак, а неговата зачестеност според резултатите од една студија, објавени во „American Journal of Epidemiology“, се зголемува со бројот на сексуални партнери, додека на друго место директно ги советуваат мажите над 50 години да се воздржат од секс, за да го намалат ризикот од рак на простатата. Самата жлезда страда најмногу не од недостаток на секс, туку од сексуалната активност. При секс, па дури и само при возбуда карличните садови се исполнуваат со крв и колку почесто и подолго станува тоа, толку повеќе се стимулира фиброзирањето и хипертрофијата на простатата. Да не зборуваме дека крвниот застој во карлицата е еден од ризиците и за простатит.
Сексуално преносливите болести, се разбира, се приоритет претежно за оние кои имаат секс. Ракот на грлото од матката е директно поврзан со бројот на сексуални партнери. Ендометриоза и ракот на дојката имаат зголемена зачестеност кај жените кои не раѓале и кои не доеле, од кои многу природно одлагаат раѓањето помеѓу другото и за да бидат слободни за повеќе секс. Акните, ако воопшто имаат влијае некако од сексот, поради загубата на цинк преку празнењето од  семе, се влошуваат попрво од сексот, отколку од воздржувањето.
Повторно нагласувам дека под воздржување треба да се има предвид свесното следење како внатрешна убеденост и дел од начинот на живеење, а не неуспехот во сексуалните авантури. Принудното лишување од секс си има свои здравствени ризици. Развиеното општество има вековно искуство во краткорочните и долгорочни штети, како од сексуалните ексцеси, така и од сексуалната незадоволеност. Искуството што му недостасува, е вековното искуство на Црквата во благотворното влијание на воздржувањето кај оние малкумина мажи и жени, кои го избираат свесно и тоа не самоцелно, туку како средство и пат кон нешто повозвишено. Зашто благодатта во Црквата го преобразува целиот човек, вклучувајќи го и неговиот сексуалниот нагон.
И пак – каде е досетливоста на оваа Црква во околностите на нашето современо општество?
Но, зошто треба некој од Црквата таму горе да донесе одлука и да почне да го применува. Црквата – тоа сме самите ние. Треба ние да одлучуваме и да дејствуваме. И онака активните христијани не сме од „успешните“ и „обезбедените“ во светот. Можеби ќе треба да направиме по некоја жртва – да живееме уште поскромно, да живееме по повеќе луѓе на едно место, да си ги гледаме меѓусебно децата, за да им обезбедиме време на оние кои учат, итн., но благодарение на нашата иницијативност и загриженост младите да знаат, дека ќе им биде потребно да издржат без секс само неколку години (наместо 15-20), уверени дека како пред тоа, така и потоа ќе може да сметаат на нашата поддршка.
И бидејќи во нашата земја распуштеноста на крајот и по падот на социјализмот се разгоре главно во нашево време, сметам дека на нашата генерација паѓа одговорноста за поправање на фаталното влијание на современото општество врз генерациите по нас.

Превод од бугарски јазик: Свештеник Јани Мулев

Изворник: http://www.dveri.bg

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: