За должниците, простувањето и љубовта

(08.09.2013)

Свештеник Јани Мулев

Во денешното евангелско четиво се зборуваше за Господарот кој ги расчистувал сметките со своите слуги. Еден од нив му должел 10.000 таланти, но бидејќи немал да му врати, го молел господарот да има трпение, и тој сѐ ќе му врател. Господарот, пак, кога го видел човекот како го моли, се смилостивил над него, и не само што покажал трпение, туку уште повеќе, му го простил сиот долг. Потоа истиот тој слуга кога си одел дома на патот сретнал еден негов пријател кој му должел многу мала сума, 100 динарии, но и тој паднал пред неговите нозе и го молел да се стрпи, да го почека, ветувајќи дека ќе му ги врати сите пари. Но овој слуга, комушто претходно господарот му простил огромен долг, овој пат не сакал самиот тој ни да почека, ни да му прости на неговиот пријател, па го дал човекот на суд, и затоа што немал пари, го фрлиле в затвор. Неговите пријатели кога го виделе ова се огорчиле од овој човек, и му го кажале целиот настан на неговиот господар. Кога го чул тоа господарот се разгневил, и затоа што овој човек не покажал милосрдност, каква што му била укажана, господарот го фрлил во затвор, каде што бил измачуван за сиот долг.

Господарот е Бог, а должниците сме ние, во секојдневниот живот. Господ ни простил на сите нас, и ни простува секогаш кога го молиме, но и ние мораме да се научиме да простуваме. Лесно е човек да пости, да се воздржува, да се моли, да се исповеда, да се причестува, да оди во Црква – но сето тоа е попусто кога таквиот подвижничко-литургиски живот не нѐ води кон стекнување на добродетели, кон постигнување на совршена љубов.

Оној кон не простува, таквиот нема љубов.  Оној кој нема љубов, тој Го нема ни Бога, зашто Бог е Љубов, но не некоја романтична и патетична љубов, опишана во романите, туку Љубов која простува сѐ, Љубов која се жртвува за своите ближни, која ги отплаќа туѓите долгови, љубов која страда и е подготвена секогаш да страда за своите возљубени ближни, Љубов која не навредува, Љубов која не завидува, Љубов која не се гордее, Љубов која се истоштува себеси за другите, Љубов која е долготрпелива, која не се гневи, која не мисли зло никому. Токму Тој Бог од љубов прими тело, и се вочовечи, и ни се даде себеси како храна за вечен живот, и оние кои ја примаат таа храна – Светата Причест, должни се да имаат љубов, и да се стремат кон совршена љубов, и во таа љубов да стануваат слични на Бога. Соединувајќи се со Бога преку Светата Причест, како железото фрлено во огнена печка што ги прима својствата на огнот, и станува усвитено и течно, така и ние, имајќи Го Бога во себе, да се вжештиме од таа љубов, и да станеме подобни на Него. Такви биле светителите, вжештени од таа љубов кон Бога и ближните, па затоа можеле да се откажат од сѐ заради Христа, и да бидат само со Него. Такви биле и мачениците, кои заради таа љубов ги издржувале страшните мачења и страдања. Такви биле јуродивите, кои заради љубовта кон Бога и ближните, доброволно прифатиле да бидат луди за светот.

Ете кон таква љубов нѐ повикува Господ секојдневно, која не можеме да ја достигнеме без личен подвижнички напор, без очистување на срцето и умот преку покајание, љубов која е невозможна без желба и подготвеност за простување.

Најлесно е да глумиме верници, да се камуфлираме преку облеката, надворешниот изглед, или преку постењето, молитвите, присуството во црква. И сето тоа е добро, доколку има внатрешно покритие, доколку во срцето сме такви, скромни, побожни, срдечни, радосни во Христа, исполнети со љубов, и способни да простиме секому. Тогаш нашата внатрешна состојба природно ќе се одрази и на нашето лице, и на нашиот изглед. Но не смееме да се ограничиме само на таквите надворешни манифестации, без претходно да се потрудиме на средување на нашата внатрешност.

Во молитвата „Отче наш“, којашто Господ лично ни ја предаде, и за која Светите Отци велат да ја кажуваме често, барем три пати во денот, во последните прозби велиме: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници“. Во овие зборови е содржан сиот евангелски настан за кој денес слушнавме, но во нив е и поентата на овој настан. Оној кој им простува на своите ближни, добива кредибилитет од Бога да се моли и да верува дека ќе му биде простено, додека, пак, оној кој не простува, не смее да бара ни од Бога простување.

Да се потрудиме со сето наше битие да ги увидиме сите наши гревови и грешки, кон Бога, кон ближните и кон себеси, и да се научиме да простуваме и да љубиме со сето срце, со сета своја душа, со сиот свој разум, но и да ги отстраниме од себе сите страсти и гревови кои ни пречат во стекнувањето на оваа возвишена добродетел, како што е осудувањето, оговарањето, омразата, гордоста, зависта. Оној кој простува, оној кој љуби, станува сличен на Бога, и таквиот Го има Бога во себе, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: