Типови на религиозниот живот III – дел

Преподобномаченичка монахиња Марија Скобцова (1891-1945)

III Естетски вид на благочестие

Преподобна Марија Скобцова
Преподобна Марија Скобцова

Може слободно да се каже дека во сите епохи естетизмот имал свои претставници, малку замирајќи само тогаш кога животот поставил задачи со поголема духовна тежина пред Црквата, тогаш кога Црквата била обземена со борба, била гонета и била должна да ја зачува суштината и важноста на христијанството. Инаку, според древната легенда, самиот почеток на христијанството во Киевска Русија било определено со познат чин на естетското благочестие. Свети Владимир ги споредувал религиите не по суштината на внатрешната содржина, туку според силата на влијанието на надворешните форми. И така, тој го избрал Православието поради убавината на црковното пеење, благолепието на црковната служба, и едноставно, поради естетскиот потрес и возбуда кои тој ги преживеал. Исто така, и авторите на Московска Русија се посветуваат на најдлабоки и најумилни описи на убавините на Православието.

Дури и деветнаесеттиот век, кој не боледувал од некој посебен естетизам ни дал одличен пример на естетско-православен човек, како Константин Леонтјев, за кого убавината ја определувала вистината и кој се оттргнува од нему современиот безрелигиозен-буржоаски свет, затоа што според него, тој свет бил чудовише и затоа Константин се припоил кон Православието, затоа што таму ја пронашол убавината. Не е чудно, што во XX век, при совпаѓањето на двата фактора – светлиот и талентиран излив на естетизам меѓу високите културни кругови и влегувањето на огромен број на луѓе од тие средини во Црквата, естетскиот вид на благочестие станал многу позначаен и издефиниран. Во прв ред, се разбира, тој определил многу големи вредности кои ги презел од минатото. Естетизмот секогаш е поврзан со некој култ од древноста, со некој археологизам. Не е чудно што во периодот на расцветот на естетизмот, најпрво била дадена оценка за древната руска уметност, почнале да се пронаоѓаат, истражуваат и изучуваат старите руски икони, се создавале музеи на иконописот, се определувале иконописни школи, почнале да се почитуваат Рубљов и останатите. Почнале да се востановуваат древните песнопенија: киевскиот и валаамскиот припев почнале да се употребуваат во богослуженијата. Црковната архитектура станала повеќе позната благодарение на огромниот број публикации за историјата на уметничкото искуство. Сето ова, несомнено, се позитивни достигнувања.

Но, заедно со тој естетски пристап кон верата, почнал да се гради и определен карактерен облик, чии карактеристики лесно е да се откријат. „Убавината и нејзиното разбирање се секогаш дел од размислувањето на малкумина“ – со тоа се објаснува неизбежниот културен аристократизам на секој естетизам. Заштитувајќи ги вредностите на естетизмот, човекот го дели целиот свет на пријатели, кои ги разбираат тие вредности, и на непријатели – лаици. Размислувајќи така што основното во црковниот живот е неговата убавина, со самото тоа човекот го дели целото човештво на „мало стадо“ во посебна, естетска смисла, и толпа на недостојни кои се наоѓаат надвор од црковната ограда. Во умот на таквата индивидуа, Црковната тајна им припаѓа само на избраните – односно, не само што грешниците и блудниците никогаш нема да седнат пред нозете Христови, туку и сите оние кои се премногу едноставни, така што само естетот може да најде задоволство во високата естетичност на црковното богослужение.

Имајќи го естетизмот како единствен критериум и мерка за нештата, човекот се чувствува себеси како дел од некоја сложена композиција и воедно, тој е обврзан да не ја расипе и наруши. Тој го восприема нејзиниот општ ритам, но го воведува тој ритам и во својот внатрешен живот, исто како и ритуалистот, си организира свој посебен начин на живот и во него ја гледа својата најголема добродетел. Естетот секогаш тежнее кон архаичното, на моменти е привлечен и од народната (селска) уметност. Од тоа произлегува суптилна љубов кон одделни места од богослужбите, одделни стихири, канонот на Андреј Критски итн. Уметничката вредност на тој материјал често се зема предвид, но ако ја нема, тогаш естетот е хипнотизиран од нејзината древност, композициската усогласеност, ритмичкиот успех во општиот ритам на богослужението. Естетскиот критериум го заменува духовниот и постепено ги потиснува сите останати критериуми.

Луѓето во Црквата почнуваат да се гледаат или како толпа која се моли, односно како реквизити кои се неопходни за правилниот ритам на богослужението, или, пак, како досадни варвари кои со своето незнаење, неумешност, а понекогаш можно е и поради некакви лични маки и потреби, го нарушуваат општиот благолепен стил. Човекот лебди во облаци од темјан, се насладува од старите напеви, се воодушевува на строгоста и воздржаноста на новгородскиот иконопис, полека ја наслушнува наивноста на стихирата. Естетот добил сè, тој е исполнет и се плаши да не го изгуби тоа богатство. Тој се плаши од невкусни детали – човечката тага, инспиративното сочувство, човечката слабост, сугестивното гадење – на кратко, од малиот, неорганизиран збунувачки свет на човечката душа.

Несомнено е тоа што во естетскиот вид на религиозен живот тешко е да се бара љубовта. Исто така, се мисли дека и омразата не наоѓа место во естетизмот. Тоа е само големо презирање кон лаиците и екстатична љубов кон убавината. Тоа е сувост, често граничејќи се со формалност, тоа е чување на самиот себе и својот свет, така хармонично устроен, чувајќи се од напад на сè што може да ја наруши таа хармонија. И во тоа неизбежно студенило на естетизмот постепено се замрзнуваат дури и некои огнени души (Константин Леонтјев, на пример, бил огнена душа по природа), и потоа тие инсистираат на замрзнување на целата нивна околина, чекаат некаков вечен мраз, вечен пол на убавината, вечни северни светлини.

Најчудното и најневеројатното е возможноста за распространување на естетскиот вид помеѓу руските луѓе, души, кои по правило, се лишени од хармоничноста, формата и рамномерноста. Огнениот темперамент, раскриленоста како слобода, понекогаш и хаотичноста, едноставно, како да гарантираат дека естетизмот за Русите не е опасен. Но, можеби тука дејствува своеобразен закон на противречие, присилуваќи го човекот со својот поглед кон светот да бара надополнувања на внатрешните особености, а не на нивните изразувања. Можеби тука има невозможност да се навикне и да ја издржи својата хаотичност, и затоа преминува во друга крајност. Но, често ќе видиш – многу почесто отколку што мислиш, едно своеобразно гаснење на огнот, приближно како духовно самоубиство, кое го претвора пламенот во мраз, поривот – во неподвижна поза, истакнатиот стремеж – во ритам на дадени надворешни форми.

Се рабира, несомнено е тоа што, судејќи според тоа дека естетизмот е застапен кај луѓето кои припаѓаат на високите културни слоеви на рускиот народ, естетскиот вид на православно благочестие не може да ì пречи на широка распространетост. Но тука суштината не е во количината, туку токму во квалитетот на носителите на православниот естетизам. И не гледајќи на тоа што се малубројни, тие можеле и можат да извршат многу силно влијание на црковниот живот, на целиот негов стил. Какво е тоа влијание? Каков е творечкиот импулс во него? Тука, исто така, може да се говори за еден извонредно парадоксален факт. Верните чувари на креативноста на разнообразни епохи, народи и луѓе, ценители на туѓата генијалност или талент, префинети критичари и познавачи на сите најситни детали и насоки на уметничките школи, естетичарите, сами по себе никогаш и никаде не биле со креативен почеток во животот, и можеби поради тоа, тие премногу високо и силно го ценеле туѓото творештво. Тоа секогаш создавало во нив некоја психологија на чувари на музеите, колекционери и познавачи на каталози на уметнички дела, а не на креативни личности.

Креативноста, создавајќи ги и најсуптилните дела на уметноста, по својата суштина е сурова и груба. Таа креативност, стремејќи се кон остварувањето и афирмацијата, секогаш нешто отфрла, нешто одрекнува, нешто руши. Со тоа, таа расчистува место за новото, креативноста толку силно жеднее по новото, сега создаденото, така што по споредувањето со старото, понижува сè што е старо, а често и го руши. Музејската психологија не е поврзана со креативната психологија – првото е конзервативно, второто е револуционерно.

Какви заклучоци можеме да донесеме во однос на иднината на овој вид на црковно благочестие? Нашето грубо, мачно и напнато животно искуство се обраќа кон Црквата со сите свои болки, со целата таа груба напнатост. Нашиот живот, се разбира, има потреба од креативност и способност не само повторно да се прегледа и измени старото, туку и да се создаде ново, да се даде одговор на нови прашања, да влезе во некакви нови, понекогаш и необразовани слоеви на општеството, кои истовремено се целосно лишени од традицијата. Црквата ќе биде преплавена со едноставни луѓе и ќе биде претоварена со нивните проблем и затоа Црквата ќе биде обврзана да се спушти на нивното ниво.

Според горе наведеното, јасна е судбината на естетската елита. Но, токму поради тоа што таа е елитата, затоа што таа е способна да ги формулира своите мисли и да се изрази самата и затоа што истата претендира на владеење со сите црковни богатства и со целата црковна вистина и не е способна да ја измени и снижи својата претстава за црковната убавина, и затоа што не е способна за себежртвување поради љубов, – таа, ќе го брани своето гледиште за црковната тврдина и едноставно, со целата своја душа и сила ќе го попречува влезот на лаиците и необразованите во Црквата. Толпата ќе почне да вика: „нас нè јадат живи рани, социјалната борба и омраза нè отрула нас, опустошено е нашето битисување, ние не го имаме одговорот на прашањето за животот или смртта – Исусе, спаси нè“. Но, меѓу толпата и Христос ќе стојат чувари на убавината на Христовиот хитон кои ќе му објават на народот дека омразата и борбата ги изобличила и огрдела нивните лица, секојдневниот труд го искорнал високиот дар на љубовта, а животот е голема убавина, за која не се способни сите оние кои не се научени на љубовта. Слатките песнопенија, шепотливото модулирање на читањето, кадењето со темјан, блажената екстаза во убавината ќе го обвие со облак тажниот лик на Господ Исус Христос, ќе ги замолкне плачењата и повиците за помош, ќе ги принуди да ги наведнат главите, ќе ги принуди да ја изгубат надежта. За некои ова надворешно благолепие ќе биде привремена приспивна песна, другите ќе заминат од него, а меѓу Црквата и животот ќе остане голема бездна.

Естетските чувари на благолепието ќе ја чуваат таа провалија во името на хармонијата, во името на ритамот, совпаѓањето и убавината. Лаиците од другата страна, нема да се осмелат да ја поминат и победат таа провалија, затоа што со нив ќе остане болката, борбата, горчината, грдотијата на животот и тие ќе престанат да веруваат дека со таков товар е можно и неопходно да се оди кон Црквата. И тогаш во тој обезбожен и мизерен свет ќе се појават, ако тие веќе не се појавени и сега, антихристи и лажни пророци, секташки проповедници од различен вид и со разни степени на плиткост и просечност, како на пример, баптистите, евангелистите, адвентистите итн, коишто на овие гладни луѓе ќе им понудат некакви елементарно реформулирани вистини, некаков неквалитетен сурогат на религиозниот живот, некое мало делче на добра волја и хистерична декламација. Некој ќе одговори на тоа, ќе одговори во прв ред на основното човечко внимание и нема веднаш да се разбере, дека вистинското и традиционално Православие го заменуваат со сомнителна мешавина на неписменост, малодушие и шарлатанство. Опиумот ќе дејствува. И тоа уште толку ќе ја продлабочи бездната меѓу Црквата и светот. Под будното чување на љубителите на убавината, под чувањето на светската измаменост и омраза, таа провалија може да остане засекогаш.

Но, можеби, очите на љубовта, ќе видат како од олтарот кој е ограден со великолепен иконостас, тивко и неосетно излегува Христос. Пеењето ќе си продолжи, темјанот ќе чади, а оние кои се молат ќе лебдат во екстатичното служење на убавината. А Христос ќе излезе на папертата и ќе почне да оди помеѓу толпа на сиромашни, прокажени, очајни, огорчени и јуродиви. Христос ќе оди по плоштадите, во затворските ќелии, во болниците, во скровиштата. Христос повторно и повторно ќе ја положи душата за пријателите Свои. Што е нашата убавина или нашата грдотија во споредба со Христовата вечна вистина и вечна убавина? Или, пак, обратно не го гледа ли Он, Својот Божествен образ и одблесок на вечната слава и вечната убавина во нашиот ништожен живот, во нашите живи рани и нашите осакатени души? И Он ќе се врати во храмовите и ќе ги донесе оние, кои Он ги повика на свадбената веселба, оние од патиштата и крстосниците, сиромашните и бедните, блудниците и грешниците. И најстрашното е тоа што можно е чуварите на убавината, оние кои ја изучиле и постигнале убавината на светот, да не ја разберат и постигнат Неговата убавина и да не Го пуштат во храмовите, затоа што позади Него ќе биде толпа, која ќе биде деформирана од гревот, грдотијата, пијанството, развратот и омразата. Тогаш, нивното пеење ќе исчезне во воздухот, темјанот ќе се распрсне, и Некој ќе им рече: „Гладен бев, и вие не Ми дадовте да јадам; жеден бев, и не Ме напоивте; странец бев и не Ме примивте; необлечен бев, и не Ме облековте; болен и во затвор бев, и не Ме посетивте“.

Тоа е идолопоклонството кое го карактеризира естетизмот. Во него било потребно да се служи само на Христовата риза, само на дарот на човечкиот гениј кој со љубов е принесен на Господ Исус Христос. Црковното благолепие, убавината на песнопенијата, хармонијата на богослужбите – стануваат цел, која го заменува Самиот Христос. На тоа благолепие, тие почнуваат да му служат, тоа им станува идол кому му принесуваат жртва – човечките души, своите и туѓите. Целата грдотија на светот, неговите рани и болки се ставаат на страна и се затемнуваат, за да не го затемнат вистинското благочестие. Дури и страдањето и смртта на Самиот Господ Исус Христос, Неговата човечка немоќ, доловуваат впечаток на убавина и предизвикуваат восхит и радост. Не, љубовта е многу опасна работа, некогаш мора да се спушта во најниските предели на човечката душа, некогаш мора да се изложи на грдотијата, на нарушувањето на хармонијата. Нејзиното место не е таму каде што секогаш царува еднаш засекогаш утврдената убавина.

Тука од слугите Христови, од наследниците на апостолите и учениците – од свештениците, има потреба не да го следат патот на тие апостоли и ученици – да се исцелува, проповеда, да се раздава Господовата љубов, туку, тие се потребни само за едно: да бидат служители на култот, жреци, понекогаш во незнабожечката смисла на тој збор. Свештеникот се цени според тоа колку го сака и почитува типикот, од аспект на неговата музикалност и убавина на гласот, од гледна точка на ритмичноста на неговиот гест итн. И воопшто не е важно, дали тој, како добар пастир ги знае своите овци, и ги остава сите овци за да ја најде едната која се загубила, и дали ќе се радува во голема мера, поради тоа што таа овца веќе не е изгубена.

Сега, во Советска Русија има една злокобна појава. Таму на Црквата ì е забрането сè: да се проповеда, учи, да се организираат добротворни дејности, да се обединуваат и научат верните на заеднички живот и сè на сè е разрешено само едно – да се вршат богослужби. Што е ова? Можност? Или, пак, Советите нешто занемаруваат? Можеби, ова е само префинета психолошка пресметка и трик, врз основа на фактот дека православното богослужение без дела на љубовта, без видлив подвижнички живот, без Божјото Слово, може да ги нахрани само оние верници кои само малку нешто постигнале, но, кои пак, се немоќни да ја објават Христовата правда на секуларизираното и обезбожено човештво? Духовно гладниот човек ќе го престапи храмовиот праг и ќе ја оддаде должната почит кон убавината на служењето, но, не може да добие храна за својот глад, затоа што тој не сака само убавина, туку и љубов и одговор на сите свои сомнежи. На овој начин, властите со своите барања ги затворија црковните врати. Колку често според волјата на определена група на верници се затвораат вратите на Црквата таму, каде што никаква власт тоа не го бара, каде што студените срца на нејзините деца ја одвојуваат од светот во името на апстрактната, рамномерна, сува убавина и форма. Можеби, во таа смисла, би било полезно да се нема официјална дозвола за богослужби, туку да се собираат тајно, во катакомби, со што ќе имаат дозвола само за нив и со самото тоа, нема да ја имаат можноста во полна мера да ја покажат љубовта Христова на светот, во секое искуство на својот живот.

Превод од руски јазик:

Александар Ѓорѓиевски, студент на Теологија

Наслов на изворникот:

Преподобномученица Мария (Скобцова).

Типы религиозной жизни

http://www.mere-marie.com

 Православна светлина бр. 21

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: