Младите години на првоерархот Филарет Вознесенски

Архиепископ Натанаил (Лвов)

Во старите руски Житија на Светиите и летописи, честопати се сретнува фразата: „Тој беше добра фиданка од добар корен“. Овие зборови би можеле да се применат и за нашиот Претстојател, митрополитот Филарет.

Неговиот татко, протоерејот отец Николај Вознесенски, којшто подоцна се замонаши, стана архиепископ на Хајлар, каде што беше еден од најдобрите, па ако не и најдобар, клирик на дијацезата на Далечниот Исток во Манџурија, веќе богата со добри пастири.

Имајќи дипломирано на Московската Богословска Академија, отец Николај имаше впечатливо и повеќестрано богословско и научничко образование. Тој ги напиша најдобрите книги за Законот Божји, кои беа употребувани од Руската младина низ Далечниот Исток. Мора да се забележи дека на Далечниот Исток, учењето на Законот Божји не беше скратено, туку проширено, речиси исто како што се изучуваше во предреволуционерна Русија.

Во Харбин, отец Николај Вознесенски се пресели од градот Благовешченск, којшто граничеше со Манџурија, веднаш откако областа Амур падна под Болшевиците. Во Харбин, отец Николај стана настојател на големата благолепна Иверска Црква, којашто во дореволуционерниот период беше црква на Амурскиот Воен Округ.

Ако не во Благовешченск, тогаш веднаш по стигнувањето во Харбин, отец Николај ќе ја загуби неговата сакана сопруга и ќе го прифати воспитувањето на неговите деца – два сина и три ќерќи.

Семејството на отец Николај зрачеше со просветлен, чисто Православен, длабок побожен дух. Авторот на овие редови беше пријател со сите членови на семеството. Со какви повеќестрани интереси живееја сите во тоа семејство! На колку различни и длабоки теми се водеа таму разговори за време на пиење на чај во пријатниот парохиски дом при Иверската црква!

Токму во оваа благодатна атмосфера растеше младиот Јура, којшто подоцна стана студент Ѓеорѓи Николаевич Вознесенски, веќе во млади години стана отец Ѓеорѓи и набрзо отец Филарет, а сега наш Првоерарх, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Филарет.

1_bishop_philaretВо тоа време Харбин беше многу невообичаен. Изграден од Руси на кинеска територија, тој беше типичен Руски провинциски град во наредните 25 години после револуцијата. Имаше 26 Православни цркви воХарбин, од кои, 22 вистински парохиски цркви, цела мрежа од средни училишта и 6 институции за високо образование. По милоста Божја, Харбин го продолжи неговиот нормален, предреволуционерен живот за околу 25 години.

Дури и по признавањето на Советскиот Сојуз од страна на Кина во 1924 година и префрлањето на железницата во Советски раце, со сите права кои Манџурија ги користеше под царската управа, и пристигнувањето на пратениците од Москва во Харбин, само површно го сменија начинот на живеење во градот.

Многу позначајно беше прекратувањето на материјалната поддршка за Црквата од страна на железничката администрација и завземањето од страна на Советите на високите и средните образовни институции во Харбин и Манџурија.

Во Харбин постоеја многу високи и средни образовни институции. Но едно нешто недостасуваше таму: немаше високи богословски школи.

Имаше Политехнички институт, легална образовна институција, институт за економија, за источни јазици, педагошки институт, едно време и медицинска школа, којашто беше затворена како резултат на недостатокот на донации за опрема.

Сепак таму немаше верско училиште. Се чинеше дека таму нема потреба од такво нешто, бидејќи во Харбин имаше само неколкумина млади луѓе кои се интересираа за клиричка служба. Јура Вознесенски беше еден од првите. Уште од најмлади години тој ја засака Црквата со љубовна посветеност. Од својот татко тој слушаше толку длабоки, толку вдахновени, широко-научно објаснети сведоштва за Црквата. Читајќи ги со внимание и љубов делата на Светите Отци, тој во буквална смисла на зборот се хранеше од нив.

Тој ја сакаше математиката поради нејзината чиста и бестрасна јаснотија. Затоа поради немање богословска школа, тој се запиша на Политехничкиот Институт и дипломираше со успех. Меѓутоа жедта за верски студии остана незгасната во него.

Отец Николај почна да работи на тоа, да му обезбеди верско образование на својот син надвор од Харбин. Младиот инжинер, Ѓ. Н. Вознесенски беше примен на Богословскиот Институт во Висконсин. Примањето беше условено од некои ограничувања и на крајот Ѓеорѓи Николаевич мораше да се откаже од тој план.

И еден друг кандидат за свештенички чин се обидуваше да се запише таму, но не успеа. А кога после неколку години тој со огорченост му раскажувал за тоа на познатиот српски светител-проповедник, епископот Николај Охридски, тој му одговорил: „Благодари му на Бога за тоа… јас осум години таму го учев она, што во Англиската богословска школа го научив за две години“.

По тој неуспех отец Николај почна да се залага за основање на Духовна Школа во Харбин. Во врска со можноста за запишување во Американското школо се покажа дека освен Ѓ. Вознесенски, има и други млади луѓе кои сакаат да го следат верскиот призив.

Конечно, отец Николај Вознесенски можеше да основа пастирско-богословски курсеви, кои веднаш беа одобрени од Архиерејскиот Синод како полноправна институција на повисоко богословско учење, меѓутоа, Манџуриската влада го призна дури по неколку години.

Отец Николај беше душата на тие курсеви. Тој беше претседател на Педагошкиот совет, лектор по Свето Писмо, по Црковна Историја, по апологетика. Но и другите професори и предавачи на Богословските Курсеви беа ревносни и интересни. Најголем дел од нив беа професори на Казанската Духовна Академија. На Курсевите се изучуваа 15 предмети. Во првиот клас имаше 14 студенти, а на вториот 11. Речиси без исклучок сите студенти, кон своето учење се однесуваа горешто, усрдно и себеодрекувачки.

Почнувајќи на тие курсеви, Ѓ. Вознесенски веднаш почна да се истакнува како најдобар ученик. Тогаш тој прими ѓаконски чин безбрачно, односно, без да се жени и без да станува монах. По некое време тој стана свештеник во истата состојба.

Помеѓу оние кои живееја во Харбин, без да припаѓа во состав на епархијата, туку живеејќи со самостоен статус, Преосветениот Нестор, епископот Камчатски, во тоа време го основа таканаречениот Милосрден Дом – дом за сираци и прибежиште за старци.

Кај Милосрдниот Дом беше изградена прекрасна црква. Се појави потреба од свештенослужители. Во 1929 година владиката Нестор го замонаши еден од студентите на Богословскиот курс, другар на отец Ѓеорѓи Вознесенски. Отец Ѓеорѓи почна да доаѓа во Милосрдниот Дом и по некое време реши да прими монаштво, населувајќи се таму со јеромонахот кој веќе живееше таму. При постригот отец Ѓеорѓи доби име Филарет. Тој чин стана почеток на монашката општина при Милосрдниот Дом.

Со својот другар отец Филарет поживеа во иста ќелија 8 години, и неодамна, сеќавајќи се на тие времиња, тој им велел на монахињите од Лесненскиот манастир во Франција: „Ние со отецот НН поминавме 8 години во една ќелија и ниту еднаш не се скаравме“.

Двајцата млади монаси секојдневно по ред ги совршуваа богослужбите во Црквата, ги исчитуваа богослужбените молитвени правила, ги читаа светите отци. Меѓутоа, за посебно монашките богослужби, како што се полуноштницата и повечерието, тие немаа соодветна претстава.

Но во 1930 година од Приморјето избегаа двајца жители од Светотроицкиот, т.н. Шмаковскиот манастир, од таа свештена лавра на далечниот Исток, создадена на самиот крај од 19 век, од великите духоносни подвижници, отците Сергиј и Герман. Манастирот се наоѓаше на половина пат помеѓу Хабаровск и Владивосток, на 20 километри од железничката станица Шмаковка. Бидејќи основачите на манастирот беа валаамски постриженици, затоа и во од нив основаниот манастир беше воведен Валаамскиот типик.

Овој манастир беше многу активен: имаше работилници, шивална, чевлара, леарница, столара, кујна. Имаше печатница и оддел за укоричување. Со своите книги манастирот го просветуваше сиот руски Далечен Исток. Тука имаше пчеларник, фарма со посебен оддел за одгледување на елени. Имаше и оранжерии и расадници под надзор на игуменот Сергиј, кој имаше завршено Агрономски Факултет, во којшто монасите ги аклиматизираа, за Далечниот Исток, сите видови на зеленчукови и овошни растенија од Русија. Имаше и работилница за свеќи и училиште. Имаше повеќе од 300 монаси и послушници. Манастирот поседуваше 3753 декари (десетини) земја, најмногу во далечните крајбрежни предели, полутропска тајга.

И најважното, таму, во манастирот, имаше високо ниво на духовен живот, поради што кон него беа привлечени Православните души од целиот Далечен Исток, барајќи го „Испосничкиот живот“, како кон светилник. Помеѓу браќата немаше само Руси, туку, исто така и Православни Кинези, како и Корејци и неколку Јапонци.

Сето ова беше искоренето од комунистите во 1926 година. Манастирот беше затворен, монасите протерани, работилниците и машините за производство беа грабнати и колективизирани. Но по две години ништо не остана: елените умреа, аклиматизираните насади исчезнаа.

Свештеникот Василиј Бистров, кој неколку години пред тоа остана вдовец (покојниот архимандрит на Ново-коренската пустина во Магопака, отец Инокентиј) и послушникот брат Андреј, кои живееја во Шмаковскиот манастир, четири години по неговото затворање, прибегнаа во Манџурија кај епископот Нестор, когошто тие го знаеја од неговите чести посети на Шмаковскиот манастир.

Отец Василиј и братот Андреј, за брзо време замонашен со името Климент, се сместија во собата веднаш до собата на отец Филарет и другиот јеромонах. Отец Василиј и отец Климент, во монашката обител при Домот на Милосрдие, која се умножи на таков начин, воведоа манастирски типик, направен по примерот на Шмаковскиот, односно Валаамскиот типик.

Монасите стануваа во 4.30 наутро. Во 5 часот читаа полуноштница. Потоа имаше Литургија, којашто ја совршуваа по редослед. Во понеделник и вторник служеше отец Филарет. Во среда и петок неговиот другар, во петок и сабота отец Василиј Бистров. Во неделите служеше епископот Нестор со сето свештенство од Домот на Милосрдието.

Навечер, после ужината, монасите правеа повечерие. На повечерието се читаше канон, а на канонот акатист. Духовниот жар ги тераше овие монаси да бараат, ако е можно, да се вклучи уште некоја богослужба.

После повечерието и до крајот на полуноштницата потполно беа забранети било какви разговори.

Духовниот жар секогаш е пренослив. Кај младите монаси од Милосрдниот Дом почнаа да доаѓаат млади луѓе, кои ја сакаат Црквата и кои беа привлечени од монашкиот живот. Некои од нив се замонашуваа. Кон средината на триесетите години во монашката обител при Милосрдниот Дом веќе имаше 9 монаси.

Од нив би го истакнале блискиот пријател на отец Филарет, јеромонахот о. Методиј (световно Кирил) Јогел, којшто подоцна стана познат проповедник и многу рано се упокои. Исто така би ги истакнале отец Нил, световно К. Носов, несебичен млад човек кој во 1934-35 година тајно отиде во Русија со антикомунистички документи од харбинската патриотска организација. И тој исто така умре млад, откако настина и доби туберкулоза бидејќи мораше да седи во студената вода на реката Амур во месец октомври, враќајќи се од Русија. Би го истакнале уште и православниот Кинез отец Илија, којшто при Милосрдниот Дом организираше фабрика за свеќи.

Во 1932 година отец Филарет заедно со скаутите на харбинската дружина помина пеш 107 километри до станицата Маоершан, каде што требаше да се направи летен камп.

Дружината го помина тоа растојание за три дена. Во првиот ден беа поминати 40 километри, во вториот 35 и во третиот требаше да поминат 28 километри, но поради разликата помеѓу врста и километар, на скаутите погрешно им беше кажано дека растојанието помеѓу Харбин и Маоершан е 103, наместо 107 километри.

А тие последни додатни 4 километри беа посебно тешки за децата и младичите кои пешачеа. А тоа лето беше суво и топло.

Немаше ниту река, ниту поток веќе долго време по патот. Водата од матарките веќе одамна беше испиена. Нивната жед беше неодолива. Одеднаш се појави мал вир.

„Отец Филарет“, се разнесоа детски гласови, „благослови ја водата за да можеме да пиеме од неа и ништо да не ни биде“.

Отец Филарет ја прочита Господовата молитва и го благослови „питието за слугите Божји“. Скаутите се нафрлија во водата.

„Отец Филарет, јас голтнав еден полноглавец“, рече едно дете.

„Во ред е, оваа вода е благословена. ‘Зашто оној што ќе пие нешто отровно нема да му наштети’, се вели во Библијата“, мудро му рече Скаутот Симеон, еден од редовните посетители на монашките служби во Милосрдниот Дом.

Кога при последните „додатни“ километри пред станицата Маоершан децата сосема изнемоштеа, поседнаа и не сакаа да станат, одеднаш се разнесе најпрвин пригушеното соло пеење на отец Филарет: „Воду прошед јако сушу, и египетскаго зла избежав…“. Свештените зборови веднаш беа прифатени од децата, од кои половината пееја во црковните хорови. Искра на бодрост заблеска низ изморените лица на децата. Се подготвија и со пеење на останатите ирмоси стигнаа до станицата Маоершан, каде што беа пречекани од групата која беше патувала со воз.

Во кампот, отец Филарет и неговиот другар, со помош на скаутите, изградија камперски параклис од испреплетени гранки, каде што беа совршувани секојдневни монашки служби, полуноштница и повечерие, сеноќни бденија во саботите и Божествена Литургија во неделите.

Тие одеа со скаутите и на далечни патувања. Особено интересно беше патувањето на гората Маоершан, кога тие посетија еден кинески будистички манастир и најдоа пештера, во којашто се наоѓаа запечатени во глина траги од сабјозаб тигар – махајродус.

Освен скаутскиот камп, отец Филарет духовно опслужуваше уште една слична младинска организација, која се натпреваруваше со скаутите.

Недалеку од скаутскиот камп имаше голема малинова градина која му припаѓаше на еден Кинез трговец, кој им дозволуваше на скаутите да влезат внатре за десет центи од човек. Таму децата можеа да јадат малини колку што сакаат, но не можеа да изнесуваат надвор.

Еднаш отец Филарет отиде со децата во малиновата градина. Пред да касне малина, отец Филарет се прекрсти. Децата го следеа неговиот пример и едно од малите скаутчиња рече: „Колку е убаво што имаме свештеник со нас – порано ги голтавме малините без да се прекрстиме!“

Гледајќи како децата лакомо ги нападнаа малините и се караа за нив, отец Филарет рече:

Ние сега невоздржливо се насладуваме со вкусните малини, а ете древните свети отци немале таков однос кон тоа. На еден свет отец пустиник посетителите му донеле голем грозд слатко грозје. Светиот отец им се заблагодарил на дарителите, но не го изел, туку му го испратил гроздот на соседниот пустиножител. И тој го сторил истото. И сите други пустински отци постапиле исто. На крајот на краиштата гроздот се вратил пак кај првиот пустиножител, и тој се израдувал што сите околни пустиножители се покажале многу воздржливи.

А што станало со гроздот? – праша еден скаут.

Не знам, но мислам дека првиот пустиножител го исцедил сокот, и од тој сок, откако станал вино, отслужил литургија, – му одговори отец Филарет.

Тоа значи дека ние не треба да јадеме малини? – разочарано праша едно друго дете.

Не деца, јадете малини за здравје. Но не им се предавајте со сета душа. Не им робувајте ни на малините ни на било која друга храна. Јадете со устата и желудникот, а душата не си ја давајте. Јас ви раскажав за древните пустиножители, духовните великани, не за да ви го расипам апетитот за малини, туку за да ве потсетам дека наши водачи, наши примери не се оние кои им служат на телесните инстинкти, туку оние кои владеат со нив, оние кои не го допреа вкусното грозје, иако, се разбира, тие многу сакаа, не помалку од нас кои сакаме да јадеме малини, но тие можеа да ги потчинат нивните желби на стремежот кон подвиг и грижа за ближните. Тоа е она што мораме да го научиме“.

Во голема мера поради влијанието на отец Филарет, главно четиво во Милосрдниот Дом беа делата на Светите Отци. Младите монаси се трудеа да ги нахранат своите души со тие свети поуки и светли примери.

Најголем впечаток на сите кои монахуваа во Милосрдниот Дом им остави поуката на светите отци да се биде многу внимателен во меѓусебните односи. Се раскажува како еден од древните монаси некогаш седел испружен, нога врз нога, што не соодветствувало со монашкиот чин. Не сакајќи да го повредат братот со замерка, но истовремено сакајќи да го поправат, двајца свети старци се договориле, едниот од нив, во присуство на нивниот собрат да се испружи и да седне нога врз нога, а другиот старец да го искара. Тие така и направиле и првиот монах си ја поправил немонашката навика.

Неколку години после востановувањето на братството во Милосрдниот Дом еден од монасите почна да чита некоја световна книга. Веќе спомнатиот брат Семен го виде и се збуни. Но сеќавајќи се на светоотечката поука за внимателност, тој долго шеташе околу монахот што читаше и на крај го запраша:

– Отец Н., вие што читате?

– Могли, на Киплинг.

– Па и јас порано, пред да почнам да доаѓам во вашата обител, читав бесполезни книги.

Сите млади, кои редовно доаѓаа во Милосрдниот Дом не стануваа монаси, но сите тесно се приврзуваа за Црквата.

Во средината на триесетите години советската влада ñ ја продаде на Јапонија кинеската источна железничка пруга. Десетици илјади Руси, кои работеа на железничката станица, беа отпуштени од работа и мораа да бираат: да се вратат во СССР или да останат без работа во Манџурија. Среде оние кои останаа имаше многу млади луѓе, воспитани во советските школи, каде што беа одвлекувани од Црквата и беа убедувани дека верата не е во согласност со науката и дека е знак на заостанатост.

Монасите на Милосрдниот Дом мисионереа помеѓу овие млади луѓе, користејќи наједноставни методи.

Отец Филарет секогаш сакаше да лови риба. Риболовот во Манџурија беше многу добар. Во деновите кога беше слободен од црковни служби и други обврски, отец Филарет и другите млади монаси ќе ги поканеа поранешните советски младичи да одат со нив на риболов, и честопати околу ноќниот оган кај живописните брегови на реката Сунгари или кај малите езерца, после вдахновените разговори, им се отвараа духовните очи на младите луѓе за основните верски теми.

Еднаш тројца такви, до неодамна советски, младичи дојдоа на вечерна, којашто ја служеа отец Филарет и неговиот другар. После службата сите пет души требаше да одат ноќе на риболов. Но неочекувано некој од парохјаните беше закажал панихида после вечерната. Младичите кои дојдоа требаше уште да чекаат.

– Прочитајте нешто тука, – им рекоа монасите.

– Ама што да читаме, тука сè е само божествено, неинтересно, – се побунија младичите.

Отец Филарет ги отвори Делата Апостолски на 27 и 28 глава и им даде да читаат, додека траеше панихидата. После 20 минути, откако заврши богослужбата, монасите дојдоа кај младичите.

– Ние сме спремни, ајде да одиме на риболов.

– Почекајте, да дочитаме, ова навистина е интересно. И така, младичите, кои никогаш претходно немаа видено Свето Писмо, се запознаа со него.

Освен секојдневните богослужби, монасите на Милосрдниот Дом имаа послушание да го предаваат Законот Божји во детскиот дом и во разни средни училишта во Харбин. Во женската Аксаковска гимназија ученичките постојано кажуваа: „Од сите лекции по Законот Божји после неколку години ние ги помниме само лекциите на отец Филарет“.

Откако стана монах и се всели во Милосрдниот Дом, отец Филарет продолжи да одржува блиски контакти со својот татко, протоерејот Н. Вознесенски, којшто исто така набрзо беше замонашен со името Димитриј и стана епископ (подоцна архиепископ) Хајларски.

Без оглед на тоа што Милосрдниот Дом и Иверската Црква, при којашто живееше епископот Димитриј, се наоѓаа на различни краеви од градот, отец Филарет често патуваше кај неговиот татко. Еднаш, враќајќи се од кај владиката Димитриј, отец Филарет сретна еден просјак, која заради Христа бараше помош. Отец Филарет имаше само 10 центи кај себе – колку што изнесуваше цената на билетот од Иверската Црква до Милосрдниот Дом.

И покрај тоа, тој му ги даде десетте центи на просјакот, а самиот тој појде пешки, на патот долг 5-6 километри, половина час одење со забрзан чекор. По патот отец Филарет размислувал за тоа дека се вели, ако дадеш заради Христа, тогаш тебе стократно ќе ти се врати, меѓутоа во овој живот тоа не се случува.

Откако се врати во Милосрдниот Дом, тој се сети дека на тој ден имаше закажано венчавка на две негови духовни чеда, коишто требаше тој да ги венча. Парите од требите во Милосрдниот Дом се собираа во заедничка каса, од каде што потоа се распределуваа, дел за потребите на домот и старскиот дом, а дел за свештенослужителите.

Во овој случај младоженците, откако ја платија потребната сума во касата, му донесоа 10 долари на отец Филарет и му рекоа:

– Отче мил, ве молиме, земете ги овие десет долари лично за вас, поради нашата голема љубов кон вас.

На тој начин, отец Филарет неколку часови после тоа, кога тој му даде 10 центи на просјакот во името на Христа, доби точно сто пати повеќе. Кога дојде кај неговите другари – монаси, тој тажно рече:

– За денешново добрo дело јас нема да добијам ништо во Небесното Царство, бидејќи целосно ја добив наградата во овој век.

Во тоа време уште беше жив митрополитот Антониј. Младите монаси од обителта на Милосрдниот Дом бескрајно го почитуваа и сакаа старецот-епископ, отец и учител на Црквата. Неговите дела, особено „Исповед“, „Пастирско богословие“, „Речник за делата на Достоевски“ беа омилени четива на овие млади монаси. Тие пораснаа со делата на митрополитот Антониј, од нив се хранеа, духовно созревајќи, примерите од тие дела секогаш ги имаа пред себе.

И наспроти 10000 километри кои ги делеа, Митрополитот ги најде овие негови млади почитувачи, отецот Филарет и неговиот другар, кои му напишаа писмо. И иако обременет од големи трудови, тешки грижи како поглавар на нашата многустрадална прогонета Црква, старецот митрополит Антониј најде минути за да им одговори на овие двајца млади луѓе, кои тогаш беа незначајни монаси.

Набрзо после тоа, едниот од монасите од Милосрдниот Дом имаше прилика да го придружува владиката Нестор на неговото патување во Југославија на Архиерејски Собор, и да го види таму владиката Антониј.

Митрополитот Антониј го пречека младиот монах со срдечна татковска љубов и го праша за секој од монасите од Милосрдниот Дом по име, особено за отец Филарет, когошто посебно го сакаше од групата. Можеби уште тогаш, во 1933 година, со својот благодатен дух, великиот епископ прозорливо предвидувал дека тој светилник, когошто тој го запали во дијаспората, ќе премине токму во рацете на тогаш сосема младиот свештеномонах.

Во една прилика тоа се покажа сосема јасно. Кратко пред заминувањето од Југославија, седејќи на иста маса со митрополитот Антониј, монахот од Манџурија му се обрати на првоерархот со молба да му даде една фотографија со автограм за спомен. Владиката Антониј радосно прифати. Синкелот на владиката отецот архимандрит Теодосиј му донесе фотографија и владиката почна да пишува.

Манџурскиот монах погледна преку рамото на владиката и се стаписа. Влакита напиша: „На драгиот и возљубен отец свештеномонах Филарет со срдечна љубов, митрополит Антониј“. И покрај тоа што другиот млад свештеномонах стоеше веднаш до него, само на половина метар оддалеченост, мислата и срцето на владиката Антониј беа со оној, когошто никогаш не го имаше видено лично, на растојание од 10 000 километри.

Разочараниот поглед на отец Н. го прекина владиката Антониј во пишувањето. Тој ја подигна главата, го погледна отец Н. топло и му рече:

„Ааа, да, оваа фотографија беше наменета за вас“, и земајќи уште една, тој напиша сличен текст и на неа.

Па така, на илјада врсти се создаде врска помеѓу двајцата благодатни возглавители на нашата света Задгранична Црква, помеѓу великиот светител Митрополитот Антониј и нашиот сегашен (трет по ред) Претстојател, благиот, кроток и духоносен владика, Митрополитот Филарет.

Превод од руски јазик:

Свештеник Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Архиепископ НАФАНАИЛ (Львов),

Очерк ранних лет жизни нашего Первосвятителя,

митрополита Филарета

(Archbishop NAFANAIL Lvov,

The Early Years of Our First Hierarch

Metropolitan Philaret)

Од зборникот „Беседи за Светото Писмо и за верата“,

том 4, Њујорк, 1995.

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: