За молитвата – Свети Јован Златоуст, архиепископ цариградски

zlatoust12

Сфаќање за молитвата. „За време на молитвата ние разговараме со Бога. Таа е заедничко занимање на човекот и на ангелите. Сите ние имаме потреба од молитва, како дрвата од вода. Молитвите – тоа се нерви на нашата душа. Кој не се моли на Бога и нема усрдност да разговара со Бог, тој е мртов, бездушен, бесмислен“.

 

Каква треба да биде молитвата? „Бог не бара од оној кој се моли слаткоречивост и умешно поврзување на зборовите, туку душевна топлина и усдрност. Ако тој во такво расположение искаже пред Него нешто што Му е Нему угодно, тогаш ќе си замине од таму, добивајќи сѐ. Гледаш, каква удобност? Кај луѓето се случува така, што пристапувајќи кон било кого со молба, потребно е да се изберат и посебни зборови; а овде ништо слично не е потребно; но имај ти трезвен ум, и ништо нема да те попречи да бидеш блиску до Бога. ,Зар Јас сум Бог, кој само одблизу зборувам, вели Господ, а не Бог и од далеку?‘ (Јерем. 23,23), така што, ако ние сме далеку од Него, тогаш причина за тоа сме самите ние, а Он е секогаш близу. Но што зборувам јас, дека овде не е потребно да се грижиме за умешност во зборовите? Често нема потреба ни од глас, бидејќи, ако и во своето срце Го искажеш Него како што треба, тогаш и во таков случај Он ќе те слушне тебе. Така Он го услишал Мојсеја, така ја услишал Ана“.

 

Кога ќе биде услишана нашата молитва? „Секогаш треба да помниме, дека не треба само да се молиме, туку да се молиме така, та да биде молитвата услишана, бидејќи само молитвата не е доволна за да го добиеме посакуваното, ако не ја испраќаме онака како што Му е угодно на Бога. И фарисејот се молел, но не добил полза, и јудеите се молеле, но Бог се одвратил од нивните молитви, бидејќи се молеле не онака како што треба. Што е потребно? Потребни се солзи, ридања, воздишки, оддалечување од порочни луѓе, страв и бојазливост од судот Божји. Ќе речам општо: ќе бидеме услишани, ако се покажеме достојни да го добиеме она што го бараме; ако се молиме согласно со законите Божји за молитвата; ако се молиме непрестајно, ако не бараме ништо, што е за Бога недостојно; ако се молиме за полезни нешта; ако го исполнуваме она што од наша страна сме должни. На тој начин многумина беа услишани: Корнилиј беше услишан заради животот (благочестив); сирофениќанката – заради упорноста во молитвата; Соломон – заради достојниот предмет за молитва; митникот – заради смирението, други – заради друго. Не сме услишани – кога бараме бесполезни работи – исто така кога, молејќи се, не ги ги оставаме своите гревови, и уште кога се молиме за одмаздување кон непријателите“.

 

Молитви ноќе. „Кога свети Петар бил затворен во затвор, и осуден на смрт, во ноќта пред тоа се собрале сите верници заедно и се молеле за него (Дела 12, 5)… Гледаш, колку им биле бодри душите? Со жените и децата и слугинките тие воспевале, од тага станале почисти од небото. Нема ништо посветло од тогашната Црква. Да ја подражуваме неа, да ревнуваме заедно со неа. Не ни е дадена ноќта за да ја поминеме цела во спиење и безделничење. Сведоци за ова се мајсторите, чуварите на мазги, трговците, Црквата Божја која станува сре ноќ. Стани и ти, погледни го одењето на ѕвездите, длабоката тишина, големото безмолвие – и восхитувај им се на делата на твојот Господ!

Тогаш душата станува почиста, полесна и пободра, станува посебно способна да лета и да се издига нагоре; самиот мрак и потполното безмолвие многу расположуваат кон умиление. Свиткај ги колената, воздивни и моли Го твојот Господ да биде милостив кон тебе. Тој особено попушта милостиво поради ноќните молитви, кога ти времето за одмор го правиш време за плач. Спомни си за царот, кој говори за себе: „Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја“ (Псал. 6,6). И на уште едно место: „На полноќ станував да те величам поради Твоите праведни судови“ (Псал. 118,62). Прави го тоа и ти – мажу, и ти – жено… Вашиот дом нека стане Црква. Не го сметај за пречка тоа што ти како маж си само еден, и жена ти е само една. „Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Мат. 18,20). А каде што е Христос, таму се и ангелите, и архангелите и останатите сили. Според ова вие не сте сами, кога со вас е Господ на сите. Ако имаш деца, тогаш разбуди ги и децата, и во ноќта целиот твој дом нека стане Црква. Нема ништо попрекрасно од домот, во кој се извршуваат такви молитви“.

 

Место и време за молитва: „Не ми вели дека за човекот, кој е зафатен со работа, невозможно е да го поминува целиот ден во молитва. Може, и тоа лесно!… Во молитвата потребни се не толку звуците, колку што е потребна мислата, не издигањето на рацете, туку вознесувањето на умот, не надворешниот изглед, туку внатрешната смисла… Можеш, шетајќи низ плоштадот, одејќи по улиците, да се молиш долго; може оној кој седи во работилница и се занимава со работа да го посвети на Бога својот дух, и оној кој влегува, и оној кој излегува, и слугата, и купувачот, и оној кој стои покрај печката може, велам, да се моли долго и усрдно“.

 

Молитвата – причина за сите добродетели. „Што може да биде посвето за оној, кој зборува со Бога? Што е поправедно, што е подостојно, што е попремудро? Штом оние кои зборуваат со мажи мудреци, поради честите разговори речиси и самите стануваат, слично на нив, мудри; тогаш што да се каже за оние, кои во својата молитва разговараат со Бога? Со каква добродетел, знаење, добродушност, целомудрие и кротост треба да се исполни нивното молитвено барање кон Бога за ова? Навистина нема да згреши оној, кој ќе ја признае молитвата за причина на секоја добродетел и правда, и кој смета дека е невозможно, без молитва душата да стане благочестива“.

Превод од руски јазик:

Свештеник Јани Мулев

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: