Божиќен пост

Архимандрит (сега митрополит) Симеон Куцас

1. Втор по времетраење пост по Великата Четириесетница е божиќниот пост, познат во Грција како четириесетдневие. Тој исто така трае четириесет денови, меѓутоа не е толку строг, како што е постот во Великата Четириесетница. Тој пост почнува од 15 ноември и завршува на 24 декември (според стариот стил).

2. Празникот Рождество по плот на нашиот Господ Исус Христос – е вториот голем Господов празник од христијанскиот календар. До средината на IV век Источната Црква ги празнувала Раѓањето и Крштението Христово заедно под името Богојавленија (Теофанија) во еден и ист ден, на 6 јануари (ст.ст). Како посебен празник, кој се празнува на 25 декември, Рождеството дошло на Исток од Запад кон крајот на IV век.

Свети Јован Златоуст, кој прв го спомнува празникот Рождество Христово, го нарекува „мајка на сите празници“ и ни соопштува (околу 386 година), дека „сè уште нема десет години, откако овој ден (празник) ни стана нам познат“.

По разделувањето на некогашниот единствен празник и востановување на три одделни празници – Рождество (25 февруари), Обрезание (1 јануари) и Крштение (6 јануари) – се образувал празничниот период од 25 декември до 6 јануари. Така, на некој начин се сочувало древното единство на двата големи празника – Рождество и Крштение Христово.

3. Големото значење, кое со текот на времето во црковната свест го добил новиот празник на Рождеството, и побожноста на верниците, а особено на монасите, станале претпоставки за востановување на пост исто така и пред Рождеството Христово. Врз него, се разбира, извршил влијание и веќе формираниот четириесетдневен пост на Великата Четириесетница пред Пасха.

Како самиот празник, така и постот, како подготовка за празнување на Рождеството на Спасителот, се појавил најпрво на Запад, каде што овој пост се нарекувал Четириесетница на свети Мартин, бидејќи овој пост почнувал од денот на овој светител на Западната црква. Истото се случило и кај нас, каде што многумина го нарекуваат Божиќниот пост Филипов, се разбира, затоа што тој почнува следниот ден по празникот на овој апостол.

Првите историски сведоштва за божиќниот пост, со кои располагаме, се појавуваат на Запад во V век, а на Исток во IV век. Од источните писатели за него спомнуваат Анастасиј Синајски, цариградскиот патријарх Никифор Исповедник, свети Теодор Студит, исто како и антиохискиот патријарх Теодор Валсамон.

4. Се чини дека најпрво овој пост не бил долготраен. Теодор Валсамон, кој живеел во XII век (според тоа, тој ни соопштува само за оној поредок, кој бил актуелен во негово време), јасно го нарекува „седмодневен“. Меѓутоа, под влијание на постот во Великата Четириесетница тој исто така бил продолжен до четириесет денови, сепак, без да ја прими строгоста на првиот.

Како треба да го постиме тој пост? Во текот на сите четириесет денови не јадеме месо, млечни производи и јајца. Рибата, напротив, се разрешува во секој ден – нормално, освен среда и петок – од почетокот на постот до 17 декември (ст.ст.). Риба се разрешува исто така и на празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица, во кој било ден и да се случи.

Од 18 до 24 декември – навечерието на празникот – се разрешува само вино и растително масло – се разбира, со исклучок на среда и петок, кога постиме без масло. Освен тоа, со сухојадение треба да постиме во првиот ден од постот, 15 ноември, а исто така и во навечерието на празникот, се разбира, доколку овие денови не се паднат во сабота или недела.

Превод од руски јазик:

Свештеник Јани Мулев

Извадок од книгата „Со пост и молитва“

 

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: