Старец Пајсиј Олару

На 18 се слави споменот на најпочитуваниот романски духовник – јеросхимонах Пајсиј Олару. Велика схима примил во млада возраст, и сиот негов живот го поминал во осаменост и молитва. Тој го воспитувал во монашки живот идниот старец Клеопа Илие, а кога старец Клеопа станал познат насекаде, тогаш го повикал од пустината својот велик духовник и повеќе не го пуштал од кај себе. Така за старецот Пајсиј дознале многумина. Тој бил духовник на романските патријарси, цела плејада архиереи, свештеници, монаси и обичен народ, кои речиси го обожувале.

Старец Пајсиј бил воплотување на евангелските добродетели, простота до себепонижување, крајно смирение, детска чистота и пожртвувана љубов кон секого. Својата книга „Дај им, Боже, делче од рајот“ им ја посветил на монасите, кои ги сретнувал на животниот пат: за секого напишал спомени и напишал стихотворба, та споменот за оние кои му биле мили никогаш да не исчезне. Старецот имал дар на прозорливост, солзи и огромна сила на молитвата. Ќе наведеме кратки спомени од животот на великиот романски духовник.

Старецот Пајсиј е роден на 20 јуни 1897 во селото Строешт во општината Лунка, округ Ботошани во семејството на шумарот Јован и Екатерина Олару и во Светото Крштение бил наречен Петар. Неговите родители биле неписмени, но многу побожни. Нивниот татко напамет го знаел Молебниот канон кон Пресвета Богородица, а кога ги будел децата на молитва, кои биле пет, ги повикувал со зборовите од малата ектенија: „Да се помолиме на Господа“. Во родното село идниот отец Пајсиј завршил тригодишно основно училиште, каде што бил најдобар ученик.

Уште од самото детство Петар горел од желба да замине во манастир, но мајка му не го пуштала. Во 1918 година бил повикан во армијата, се вратил во пролетта 1921 година, а есента стапил во скитот Козанча во истиот округ Ботошани. Овде тој се подвизувал 27 години како отшелник во малечката ќелија во блиската шума (скитот не бил општежителен), затоа на неговото име за цел живот му бил додаден епитетот Пустиник. На 9 јуни 1922 година Петар бил веднаш потстрижан во велика схима со името Пајсиј. На 14 октомври 1943 година бил ракоположен во ѓакон, а на 4 април 1947 година – во свештеник и духовник и бил назначен за игумен (т.е. настојател) на скитот Козанча. Во следната година на 30 ноември тој преминува во манастирот Сихастрија, каде што настојател бил неговиот духовен син архимандритот Клеопа (Илие), и станува духовник на монасите и на мноштво поклоници.

Овде во Сихастрија станале познати неговите аскетски подвизи. Не јадел ништо, додека не завршел со исповедање на народот, а исповедал понекогаш и по 15 часови без прекин; спиел многу малку и тоа само после полноќ, седејќи на мала клупа. Од своето молитвено правило никогаш не отстапил сѐ до самата смрт.

Есента 1949 година отец Клеопа заедно со 30 монаси бил преместен од Сихастрија во манастирот Слатина за да го обнови во него духовниот живот. Прв од тие 30 бил старецот Пајсиј како духовник. Од пролетта 1952 година до зимскиот празник на свети Никола старецот престојувал во скитот Рареу, каде што игумен (настојател) бил јеросхимонахот Даниил (Тудор), основачот на исихастичкото движење „Несогорлива капина“ (Rugul aprins), кој во светот бил познат писател и поет Санду Тудор, подоцна маченик за верата.

Пролетта 1953 година, откако старец Клеопа, криејќи се од гонителите, заминал во планината, старецот Пајсиј се вратил во Сихастрија. Таму повеќе од 30 години до самата негова смрт, кај него доаѓале верници од цела земја. Популарноста на старецот била огромна, и Романија многу му должи за тоа што биле зачувани православните темели во тој макотрпен период на торжество на атеистичката идеологија.

Гонењата во 1959 година, кога сите монаси, кои не биле во возраст за пензија, морале да се вратат во светот, не го допреле него, бидејќи пустиникот Пајсиј веќе бил стар. Во 1964 година под притисок на Европската заедница била објавена амнестија на политичките заробеници, многу монаси се вратиле во Сихастрија, која била претворена во дом за остарени монаси од Молдавија, и манастирскиот живот во обителта се вратил на претходниот тек.

Во 1972 година на старецот Пајсиј му било благословено да се оддалечи во пустина, и до 1985 година се подвизувал во осамениот скит Сихла при манастирот Сихастрија, кој се наоѓа на 4 километри од манастирот. Овие 13 години биле најсреќни за мноштвото негови духовни чеда, и старецот Пајсиј бил најпосетуваниот духовник во земјата.

Во 1986 на возраст од 89 години поради здравствени причини се враќа во Сихастрија, наскоро за несреќа си ја скршил ногата и останатите четири години од животот ги поминал на болничка постела. Во мугрите на 18 октомври 1990 година од сите саканиот духовник јеросхимонах Пајсиј Пустиникот во 94-тата година од животот ја предал во рацете Божји својата света душа.

По неговите свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: