Житие на светите Андроник и Атанасија

Во времето на византискиот цар Теодосиј Велики(1) во Антиохија живееше некој си човек по име Андроник, златар по занает. Андроник се ожени со ќерката на златарот Јован, која се викаше Атанасија, што значи бесмртност(2). И навистина, Атанасија со својот свет живот стекна бесмртна слава, како што покажува и самиот крај на нејзиниот живот. Сопружниците Андроник и Атанасија, живеејќи чесно и богоугодно, се украсуваа себеси со секоја добродетел. Своето обилно богатство тие го поделија на три дела: еден дел – за сиромашните, друг дел – за црковното благолепие, трет – за своите домашни потреби. Поради нивната кротост и добри дела, Андроник и Атанасија беа почитувани и сакани од сите граѓани. Бидејќи им се родија две деца, синот Јован и ќерката Марија, тие се договорија, оттогаш да живеат како брат и сестра. Нивната грижа за сиромашните беше срдечна и голема: служејќи им, тие на своите раце носеа болни, измивајќи ги, хранејќи ги, облекувајќи ги, и на свој трошок на сите можни начини ги згрижуваа и утешуваа странците и просјаците. Секоја среда и петок ги поминуваа во пост и молитва.

Бидејќи животот им беше исполнет со добродетели, на Бога му беше угодно да ги повика кон уште посовршен живот, а тие, оставајќи сѐ, тргнаа по Единиот Господ свој Исус Христос, кој ни остави пример, да одиме по стапките Негови.

Еден ден, после нивниот дванаесетгодишен брачен живот. Атанасија, враќајќи се од утринската богослужба, ги затекна своите деца како горат од температура, и вознемирена седна покрај нивните постели. Андроник, враќајќи се малку подоцна од црква, почна да ја довикува својата жена мислејќи дека заспала. Атанасија му одговори: Не гневи се на мене, мој господине, бидејќи нашите деца имаат висока температура. Андроник ги обиколи децата, и самиот се увери во тоа, па воздивнувајќи рече: Нека биде волјата Господова!

Потоа Андроник појде во црквата посветена на светиот маченик Јулијан, која се наоѓаше надвор од градот каде што почиваа и неговите родители. Тој таму го помина во молитва времето до пладне. Но за тоа време, додека тој беше во црквата, починаа неговите две деца, синот Јован кој имаше дванаесет години, и ќерката Марија која имаше само десет години. Враќајќи се од молитва Андроник од својот дом слушна плач и лелек, и вознемирен дојде побрзо. Во својот двор затекна многу луѓе, и ги здогледа своите две деца мртви. Потоа влезе во својата домашна црквичка, падна ничкум пред иконата на Спасителот наш изговарајќи ги зборовите на праведниот Јов: Гол излегов од утробата на мојата мајка, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово (Јов 1,21). Атанасија сепак оплакувајќи ги своите деца, толку изнемошти од преголемата тага, што и самата посака да умре, и велеше: О, кога би умрела и јас заедно со моите деца!

На погребот на децата на Андроник и Атанасија дојдоа сите граѓани, а дојде дури и самиот патријарх со својот клир. Ги погребаа децата во црквата на светиот Јулијан, каде што почиваа нивните предци. По завршениот погреб Атанасија не сакаше да се врати во својот дом, туку седеше покрај гробот и плачеше. На полноќ ѝ се јави светиот маченик Јулијан облечен како монах и ѝ рече: Жено, зошто не ги оставиш на мир оние што почиваат овде? Атанасија одговори: Не лути се на мене, господине, страшно сум осакатена, имав две деца и денес двете ги погребав овде заедно. – Светиот маченик ја запраша Атанасија: А колку години имаа твоите деца? – Атанасија одговори: Едното единаесет, а другото десет. – Тогаш светиот Јулијан ѝ рече: Зошто плачеш поради нив? Подобро би било кога така би плачела за гревовите свои. Те уверувам: како што човечката природа бара храна, и невозможно е да не ѝ се даде, така и преминатите деца се хранат во Христа со небесно богатство. Тие Го молат говорејќи: Праведен Судијо, нѐ лиши од земните блага, немој да нѐ лишуваш од небесните!

Слушајќи го ова Атанасија се исполни со милост и нејзината тага се претвори во радост велејќи: Кога моите деца се живи на небесата, зошто тогаш јас плачам? – Велејќи го ова, Атанасија се заврте сакајќи да го продолжи разговорот со оној што беше ѝ се јавил, но него го немаше. Тогаш стана и почна да го бара по целата црква, но не најде никого. Го запраша и црковниот вратар којшто ја чувал црковната порта. Каде е монахот што разговараше со мене? – Вратарот ѝ одговори: Зарем не гледаш дека вратата е затворена и дека овде никој не влегол, зошто тогаш велиш дека некој разговарал со тебе? Тогаш Атанасија сфати дека имала видение, се исплаши, па појде во својот дом и му раскажа на својот маж што виде и што чу. И двајцата се утешија во тагата своја. И Атанасија му рече на Андроника: Господине мој, уште додека беа живи нашите деца сакав да ти кажам нешто, но се плашев. Ама сега, по нивната смрт, ќе ти кажам: Дозволи ми да појдам во манастир, да ги оплакувам гревовите мои. Бидејќи, гледај, Господ земајќи ги нашите деца, нѐ направи погодни да Му служиме Нему. – Андроник ѝ одговори: Оди една седмица и испитај ја таа своја намера, па ако останеш цврсто на неа, тогаш заедно ќе се посоветуваме за тоа.

Атанасија се испитуваше себеси многу денови, но не ја промени својата намера. Напротив, таа се исполни со силна желба за монашки живот, и повторно дојде да го моли својот маж да ја пушти во манастир. Тогаш Андроник го викна татко ѝ на Атанасија и му рече: Еве, ние сакаме да ги посетиме и да се поклониме на светите места. Затоа тебе ти го доверуваме целиот дом наш и целиот свој имот, и те молиме: ако по пат ни се случи некаква несреќа, раздели го нашиот имот на бедните, а домот наш претвори го во болница за сиромашните и прибежиште за патниците.

Доверувајќи го својот дом и имот на тестот свој, Андроник ги ослободи сите свои робови и робинки. А една ноќ, Андроник и Атанасија се спремија, зедоа за по пат нешто од својот имот и излегоа од домот без никој да знае. Предавајќи се себеси на Бога, тие зедоа на себе подвиг на туѓинување (скитање). Откако се најдоа утрото надвор од градот, блажената Атанасија се сврте, оддалеку го виде својот дом, па откако погледна кон небото рече: Господи, Ти Кој им рече на Авраам и на Сара: Оди од земјата своја и од родот свој, во земјата која Јас ќе ти ја покажам (1.Мој. 12,1), погледни и на нас и води нѐ во страв Божји. Ете, заради тебе го оставивме отворен домот наш, затоа немој да ни ја затвориш вратата на Твоето царство. – И бидејќи плачеа двајцата, го продолжија својот пат.

Стигнувајќи во Ерусалим, Андроник и Атанасија се поклонија на светите места, разговараа со многу отци, и зедоа благослов од нив. Потоа отпатуваа за Александрија, за да се поклонат на светиот маченик Мина. Патем тие сретнаа еден човек од светот како се кара со некој монах, и Андроник го запраша: Зошто се караш со монахот? – Човекот одговори: Овој монах го зеде под кирија моето магаре за да оди во скитот, и јас му предложив да патуваме во текот на ноќта, за да ја избегнеме горештината на денот, и утре рано би стигнале во скитот. Но, монахот не се согласува со мојот предлог. – Андроник го праша: Имаш ли друго магаре? – Човекот одговори: Имам. Андроник рече: Оди, и донеси го, и јас ќе го земам под кирија, бидејќи и јас сакам да одам во скитот. На својата Атанасија пак ѝ рече: Причекај овде, додека појдам во скитот да добијам благослов од тамошните отци. – Земи ме и мене со тебе, го замоли Атанасија. – На жените не им е дозволено да го посетуваат скитот, – одговори Андроник. Тогаш Атанасија низ солзи му рече на својот маж: Ако ме оставиш, не давајќи ме во женски манастир, ќе одговараш пред светиот маченик Мина. – Андроник ѝ вети дека нема да ја остави додека не ја исполни нејзината желба.

Потоа Андроник, отпатува за Скит, и во секоја лавра(3) доби благослов од Скитските отци. Кога слушна за отец Данаил(4), Андроник со голем напор дојде до него, и му се поклони. После молитвата, во разговор Андроник му раскажа сѐ за себе и за својата сопруга Атанасија. Преподобниот Данаил му рече на Андроника: Оди, доведи ја својата жена, и јас ќе ви дадам писмо за Тиваида(5), за да можеш слободно да ја одведеш и сместиш во женскиот манастир Тавенисиот(6). – Андроник отиде и вечерта ја доведе блажената Атанасија кај светиот старец Данаил. Светиот старец долго разговараше со нив за патиштата на спасението, а од тој разговор тие имаа голема духовна полза. Тогаш им го даде писмото, ги благослови и ги испрати во Тивенисиотскиот манастир.

Кога стигнаа таму Андроник ја смести својата сопруга во женскиот манастир. Облекувајќи се тука во ангелски лик на монахиња, Атанасија водеше свет живот. Андроник, пак, се врати кај преподобниот отец Данаил. Старецот го замонаши и му даде упатства за добродетелен живот, па му даде и посебна ќелија, за во неа молитвено да самува и тихува. И помина блажениот Андроник дванаесет години во молитвено самување и тихување, трпејќи многу искушенија и вршејќи многу подвизи. Потоа го замоли отецот Данаил да го пушти во Ерусалим за да се поклони на светите места. Отецот му прочита молитва и го пушти со благослов.

Патувајќи низ Египет, Андроник седна под едно дрво, за да се одмори. И гледај, по Промисла Божја тој ја здогледа својата блажена жена Атанасија како оди во машко облекло, и се поздравија. Атанасија го позна својот маж, но тој не ја позна неа. А и како да ја познае, кога нејзиното лице беше свенато од постење, и поцрнето како на Арап! Покрај тоа Атанасија беше облечена во машка облека. Атанасија го запраша Андроника: Ти ли си Андроник, ученикот на отец Данаил? – Да, јас сум, одговори Андроник. Таа пак го запраша: Каде си тргнал, авво Андроник? – Андроник одговори: Одам да се поклонам на светите места. А ти, ја запраша тој Атанасија, каде одиш и како ти е името? – Таа одговори: И јас одам накај светите места, а моето име е Атанасиј (бидејќи таа така го имаше променето своето име: од Атанасија во Атанасиј). Андроник ѝ рече: Тогаш, да појдеме заедно. – Атанасија одговори: Ако сакаш да појдеш со мене, тогаш со молчење затвори ја устата своја (Псал. 140,3), да патуваме во молчание. – Андроник одговори: Добро, нека биде како што сакаш. – Атанасија додаде: Одиме! И нека молитвите на твојот свет старец бидат со нас.

Кога стигнаа во светиот град, во Ерусалим тие ги обиколија сите свети места и се поклонија. Потоа отпатуваа за Александрија, да се поклонат на чесните мошти на светиот маченик Мина. Таму, после молитвата, Атанасија му рече на отец Андроник. Сакаш ли отче, да живееме заедно во иста ќелија?

– Андроник одговори: Во ред, но најпрво да го прашам мојот старец, дали ќе благослови да живееме во иста ќелија. – Атанасија на тоа возврати: Оди, прашај го, а јас ќе те чекам во скитот наречен Октодекатски(7). Ако старецот благослови, дојди по мене, па ќе живееме заедно во ќелијата во молчание, онака како што и патувавме во молчание. Ако не си во состојба да живееш во молчание, тогаш немој да доаѓаш по мене, бидејќи јас не сакам да живеам без подвигот на молчанието, дури и тоа да го нареди преподобниот отец.

Враќајќи се кај авва Данаил, Андроник му раскажа сѐ за својот сопатник. Тогаш преподобниот отец му рече на Андроник: Оди, засакај го молчанието и остани со Атанасиј, бидејќи тој е совршен монах.

Потоа Андроник го зеде Атанасиј, го воведе во својата ќелија, и проживеаја во страв Божји и во молитвено молчание и тихување уште дванаесет години. И Андроник не позна дека Атанасиј е всушност неговата сопруга, неговата Атанасија, бидејќи таа срдечно Му се молеше на Бога, Андроник да не ја познае. Авва Данаил, пак, често пати ги посетуваше, разговараше со нив и ги поучуваше. Во една прилика кога авва Данаил беше кај нив и им раскажуваше многу работи корисни за душата, па тргна да се врати во својата ќелија, трчајќи го стигна блажениот Андроник и му рече: Отче Данаиле, отец Атанасиј заминува кај Бога.

– Старецот се врати и го затекна Атанасиј како гори од температура. Здогледувајќи го старецот, Атанасиј почна да рони солзи, а старецот му рече: Ти треба да се радуваш, а не да плачеш бидејќи одиш на средба со Бога. – Атанасиј одговори: Не плачам јас за мене, туку за отец Андроник. Но ти, отче, направи ми ја оваа услуга од љубов, по преставувањето мое, под мојата перница ќе најдеш едно писмо, прочитај го, па дај му го на отец Андроник.

Потоа по молитвата, Атанасиј се причести со Божествените Тајни, и замина кај Господа. Браќата дојдоа да го погребаат неговото тело, и забележаа дека тоа е жена. Авва Данаил, пак, го најде писмото, го прочита и му го даде на Андроник. Тогаш Андроник дозна дека тоа беше неговата жена Атанасија, и сите Го прославија Бога.

Оваа вест брзо се расчу низ сите лаври, и авва Данаил ги повика сите Египетски отци и отците од внатрешноста на пустината. И се собраа жителите на сите александриски лаври, и скитјаните во бели облекла (таму беше обичај да се носат бели облекла), и чесно го погребаа светото тело на блажената Атанасија, славејќи го Бога Кој ѝ беше дал толкаво трпение.

По погребот на Атанасија старецот Данаил остана со Андроник седум дена, а во седмиот ден направи помен за преминатата Атанасија. И посака да го земе Андроник во својата ќелија. Меѓутоа, Андроник го замоли, велејќи му: Отче, остави ме овде, да бидам погребан и јас овде до мојата Атанасија.

Старецот го остави и си замина, но уште не беше стигнал до својата ќелија го пресретна еден монах велејќи му: Отец Андроник заминува кај Господа. – Старецот веднаш им порача на отците, кои веќе беа заминати ваква порака: Вратете се со мене кај отец Андроник. – Кога се вратија Андроник го затекнаа сѐ уште жив, и зедоа благослов од него. А кога отецот Андроник премина во мир(8), настана голема расправија помеѓу скитјаните на Октодекатскот манастир и скитјаните на другиот манастир каде што се подвизуваше блажената Атанасија и чии монаси носеа бели облекла. Белоризците велеа: Покојникот е наш брат, и ние сакаме да го земеме во нашиот скит, за да ни помагаат молитвите негови. – Така говореа и отците од Октодекатскиот: Тој е наш брат, и затоа нека биде положен заедно со својата блажена Атанасија. – Тогаш белоризците рекоа: Како ќе рече архимандритот на Октодекатскиот манастир, така ќе направиме. – Старецот нареди Андроник да биде погребан заедно со Атанасија. Меѓутоа, белоризците се спротивставија на тоа, бидејќи беа мнозинство и велеа: Старецот ги победил страстите, и веќе не се плаши од искушенија, а ние сме млади, па затоа сакаме да го имаме покрај себе нашиот блажен брат Андроник, да ни помага со молитвите свои. Доста е тоа што веќе ви ја оставивме Атанасија.

Потоа скитјаните едвај се смирија и го погребаа преподобниот Андроник заедно со блажената Атанасија, славејќи го Бога, прекрасниот во светиите свои. Нему слава во вечни векови. Амин.

 

  1. Владеел од 379 до 395 година.
  2. Грчкиот збор Αθανασια означува бесмртност.
  3. Лавра – грчки збор, означува: дел од град, улица, во овој случај ред, ќелија, наредени околу живеалиштето на настојателот во вид на улици, и оградени со ѕид или ограда. Монасите во лаврите живееле како пустиници, секој во својата ќелија; се собирале на заедничките богослужби во првиот и последниот ден од седмицата, а останатите денови ги поминувале во молитвено самување и тихување, животот во лаврите бил многу потежок отколку оној во манастирите. Од длабока старост називот лавра го носеле познатите манастири и манастирите со многу монаси. Лаврите најпрво се појавиле во Египет, и потоа во Палестина. Денес називот лавра се употребува во почесна смисла.
  4. Споменот на преподобниот Данаил се слави во Сирната сабота.
  5. Тиваида – област на познатиот во древноста египетски град Тива; по тој град се нарекувал целиот јужен Египет Тиваида.
  6. Во Тавена женскиот Тавенисиотски манастир бил познат по строгиот начин на подвижништво.
  7. Манастирите во Скитската пустина се разликувале по броевите, според оддалеченоста своја од Александрија (Октодекатски=Осумнаесетти).
  8. Преподобниот Андроник го завршил својот земски живот во првата половина од петтиот век.

Превод: Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија и хемија

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: