Житие на свети Нектариј Егински

Светиот Нектариј Егински, митрополитот Пентаполски (световно, Анастасиос Кефалас), се родил во семејство на побожни родители во 1846 година во Силиврија Тракиска, недалеку од Цариград. Од детството го засакал храмот, Светото Писмо, и се научил на молитва. Сиромаштијата на родителите не му дозволила да се школува во татковината, и на 14 години тој заминува во Константинопол, за да се вработи и да си го плаќа школувањето.

Животот во Цариград не бил лесен. Момчето се вработило во тутунска фабрика, но не му стигале средствата, и еднаш очајувајќи, откако сфатил дека не може да очекува помош од никого, Анастасиј решил да се обрати со прозба кон Оној, Кого толку многу го засакал и на чија помош се потпирал цел живот. Му напишал писмо на Господ: „Христе мој, јас немам ни облека, ни обувки. Те молам да ми испратиш, Ти знаеш колку Те сакам“. На пликото напишал адреса: „До Господ Исус Христос на небесата“, и го замолил својот сосед трговец да го однесе во пошта. Тој, пак, зачудувајќи се од необичниот потпис на пликото, го отворил писмото и откако ја видел таквата молба и силна вера, му испратил на детето пари од името на Бога.

На возраст од 22 години Анастасиј се преселил на Хиос и почнал да работи како учител, но тука не само што предава, туку и проповеда. Неговото влијание врз учениците било такво, што тие, а преку нив и возрасните, наскоро покажале силна љубов кон него и длабока почит. Тој создал од учениците прекрасен хор и самиот пеел со нив во селската црква, но неговата душа копнеела по монашки живот. Анастасиј ја посетувал Света Гора и разговарал со старците, и на крајот заминал во манастир, каде што примил постриг и ѓаконски чин со името Нектариј, што значи „бесмртен“. Добивајќи можност да го продолжи образованието, Нектариј го завршува Богословскиот факултет во Атина, и тогаш се зближува со александрискиот патријарх Софрониј (Меиданзоглу). На возраст од четириесет години патријархот го ракополага Нектариј во свештенички чин во александрискиот Савин манастир. Со ревност и себеотфрлање го прифатил новото послушание и назначување во Светониколаевскиот храм во градот Каиро. Во 1889 година од страна на патријархот александриски Софрониј е ракоположен за епископ Пентаполски. Епископскиот чин никако не го изменил начинот на живот и однесување на Нектариј. Брзото напредување, љубовта на Патријархот и на народот кон него, а уште повеќе добродетелниот и чист живот на светителот кај многумина предизвикале завист и омраза. Влијателните луѓе од патријаршијата се плашеле дека сеопштата љубов кон светителот ќе го доведе во бројот на кандидати за престолот на Александриската патријаршија, бидејќи патријархот Софрониј веќе бил во длабока возраст. Тие го наклеветиле светителот, обвинувајќи го, не само за посегање кон патријаршиски чин, туку и за неморален живот. Митрополитот Пентаполски бил принуден да даде оставка и морал да ја напушти египетската земја. Не се обидувал да се оправдува и заштитува. Непријателското расположение како сенка го следело и во Атина, каде што престојувал. Попусто одел во разни места, никаде не сакале да го примат.

Еднаш, кога по којзнае кој пат бил одбиен во Министерството за верски прашања, светителот се симнувал по министерските скалила со солзи во очите. Кога го видел во таква состојба, градоначалникот поразговарал со него. Откако дознал за тешката состојба, во која се наоѓал Нектариј, градоначалникот му обезбедил работа како проповедник. Славниот митрополит Пентаполски добил место на обичен проповедник во областа Евбеја.

Љубовта на народот го следела Нектариј. Но до крајот на животот тој морал да го носи крстот на прогонство и името на наклеветен митрополит, кој не припаѓал на ниту една автокефална Црква. Тој бил принуден да се најде во несфатлива канонска положба, потпишувајќи ги сите свои документи како „патувачки епископ“.

Постепено темнината на клеветата отстапувала од името на светителот. Луѓето, гледајќи го неговиот чист и добродетелен живот, слушајќи ги неговите вдахновени проповеди, оделе кај него. Славата на Пентаполскиот митрополит од провинцијата наскоро стигнала и до грчкиот кралски двор. Кралицата Олга, откако се запознала со него, наскоро станала негово духовно чедо. Благодарение на неа тој бил назначен за директор на Ризариевата богословија во Атина, во која должност бил од 1 март 1894 до 16 април 1908 година. Во Богословијата се подготвувале свештенослужители и лаици проповедници. Во периодот на управување на светителот школото доживеало голем подем. Во тоа време околу Нектариј почнале да се собираат неговите духовни чеда, многумина доаѓале кај него за совет и благослов. Тогаш почнуваат да се појавуваат во старецот-светител даровите на Божјата благодат: прозорливост и дар на исцеление.

Во бројот на многубројните чеда околу Владиката се собрале многу девојки, кои сакале да се посветат на монашки живот, но не се осмелувале да отидат во било кој манастир, за да не се лишат од духовното раководство на својот учител. Како добар пастир, грижејќи се за нив, Нектариј почнал да бара соодветно место и ја завршува својата потрага на островот Егина. Наоѓајќи тука рушевини од древен манастир, со сопствени средства ја купува таа земја. Туку доаѓаат првите неселнички. Така никнува манастирот „Света Троица“ на Егина.

При крајот од животот се случува уште еден удар врз светителот. Во манастирот пристигнала 18-годишната Марија Куда, која избегала од доминантната мајка. Светиот Нектариј ја примил во манастирот. Тогаш мајката на девојката поднела обвинение против светителот, обвинувајќи го дека ја злоупотребувал девојката и дека ги убил родените од неа бебиња. Истражниот судија, кога дошол во манастирот, го нарекувал светителот кентаур и го влечел за брадата, а тој смирено му одговарал и самиот му подготвувал ручек на навредувачот, забранувајќи им на монахињите на плачат и да негодуваат. Девојката ја испитал лекар и ја потврдил нејзината невиност; „убиените“ бебиња исто така, се разбира, не ги нашле. По ова мајката на девојката се мрднала од умот, а истражителот тешко се разболел и доаѓал во манастирот да бара прошка од светителот.

Светителот им претскажал на своите послушнички, дека нивниот манастир ќе биде богат, ако тие се трудат со цело срце. Сиот живот на новиот манастир поминувал под раководство на светиот Нектариј, со кого сестрите воделе постојана преписка. Со каква родителска љубов, грижа и нежност се исполнети неговите писма! Извесно време светителот истовремено раководел со школото, но Господ распоредил така, што владиката си дал оставка од школото и засекогаш се преселил во Егина. Последните 12 години ги поминал со своите монахињи, воспитувајќи ги за Небесното Царство. Многу неволји и искушенија преживеале, но тоа биле и благодатни години. Обителта во тоа време била доведена во ред, била воспоставена економија. Годините од земскиот живот на светителот се приближувале кон крајот. Чувствувајќи го тоа, се молел, та Господ да му го продолжи скончанието за да ги заврши сите работи во манастирот, но како и целиот живот, смирено додавал: „Нека биде Твојата волја“.

Долго криената болест најпосле си го зела своето. Во придружба на две монахињи го испратиле во болница. Гледајќи го малиот, облечен во расо старец, кој се измачува од тешка болка, дежурниот служител прашал: „Овој е монах?“ „Не, – одговорила монахињата – тој е епископ“. „Првпат гледам епископ без панагија, златен крст, и главно – без пари“ – забележал служителот.

Во болницата престојувал кратко, испитувањата покажале дека има рак. Го ставиле во третокласна зграда за неизлечиво болните. Два месеца поминал во маки.

И во болницата се случувале чудеса, како што забележале медицинските сестри, дека завоите со кои биле повивани раните на светителот, благоухаат (шират пријатен мирис). Заедно со светителот во собата лежел еден парализиран човек, и кога душата на светителот го напуштила овој свет, тој добил потполно исцеление преку кошулата на светителот.

Се упокоил на 9 ноември 1920 година. По смртта неговото тело почнало да мироточи. Кога го довеле ковчегот на Егина, тогаш целиот остров излегол да го испрати својот светител со солзи. Луѓето на раце го носеле ковчегот и потоа забележале дека нивните облеки, во кои биле за време на погребението, почнале да благоухаат. Рацете и лицето на Божјиот угодник изобилно почнале да мироточат, и монахињите со памук го собрале мирото.

Светителот бил погребан во манастирската гробница, неколку пати гробницата ја отворале поради разни причини и секој пат се убедувале дека неговото тело е нетлено. Дури и љубичиците кои ги оставило во ковчегот некое девојче останале нераспаднати.

На 20 април 1961 година со Патријаршиски и Синодски указ на Цариградската патријаршија, митрополитот Нектариј бил приброен кон хоровите на светителите и биле извадени неговите свети и чудотворни мошти. Се покажало дека останале само коските. Како што објасниле духовниците, моштите се распаднале, за да може да се разнесат низ целиот свет како благослов од свети Нектариј.

Во Грција е почитуван како најголем чудотворец, втор свети Николај. По молитвите на свети Нектариј се извршиле безброј чудеса и знаци на Божјата милост. Останала народна поговорка: „Ништо не е неизлечиво за светиот Нектариј“. Многу нови храмови и параклиси се посветени во негова чест. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

Тропар, глас 1:

Верни да го прославиме Нектариј, чедо на Селиврија и заштитник на Егина; вистински пријател на добродетелта, кој се појави во последните времиња како благочестив слуга Христов: зашто точеше обилно исцеленија врз оние кои со почит извикуваа: Слава на Христа Кој те прослави; слава на Оној Кој те возвелича; слава на Оној Кој преку тебе сите ги исцелува.

Слава, друг тропар, глас 4:

Си живеел свето како епископ богат со мудрост; си го прославил Господа преку твојот добродетелен живот светителу Нектариј. Затоа, прославен од силата на Утешителот, ти ги прогонуваш лошите духови и ги исцелуваш болните кои со вера доаѓаат кај твоите свети мошти.

Кондак, глас 8:

Со радосно срце да му испееме пофалби на оној кој се јави како новојавена светлина на вистинската вера, и новоподигнат бедем на Црквата, зашто бивајќи прославен преку дејството на Духот, обилно точеше исцелителна благодат врз оние кои повикуваат: Радувај се отче Нектариј.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Изворник: http://azbyka.ru/otechnik/Nektarij_Eginskij/

Подетално може да прочитате за овој светител во книгата „Свети Нектариј Егински“, издание на Повардарската епархија.

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: