Појасот на Пресвета Богородица

На 31 август/13 септември секоја година се празнува споменот на Појасот на Пресвета Богородица. Тоа е еден уникатен свештен предмет кој се поврзува со земниот живот на Богородица и до денес се чува во светогорскиот манастир Ватопед, во Градината на Пресвета Богородица. Самата Богородица го исплела појасот од камилски влакна.

Информациите за земниот живот на Пресвета Богородица се оскудни и доаѓаат од Новиот Завет и од преданието кое се сочувало уште од апостолските времиња.

Богородица до нејзиното успение останала во Ерусалим и била член на првата Црква. Грижата за неа ја имаше преземено возљубениот ученик на Господ, евангелистот Јован.

Последните мигови од нејзиниот земски живот се чудесни и потресни. Кај неа се најдоа апостолите кои стигнаа од краиштата на вселената во Ерусалим на чудесен начин, „на облаци“.

И тогаш, Самиот Господ триумфално се појави „на облаци“, во придружба на мноштво ангели. Богородица се помоли на Нејзиниот Син, ги утеши апостолите и им вети дека секогаш ќе биде блиску до Црквата за да посредува пред Нејзиниот Син и да ја предаде својата пречиста душа на Господ.

Апостолите го положија светото тело на Богородица во „нов гроб“ во Гетсиманија. Таму света Елена подоцна ќе изгради храм во чест на „Успението на Пресвета Богородица“. Три дена по успението слезе Господ во придружба на архангелите Михаил и Гаврил и мноштво ангели.

Архангелот Михаил по заповед Господова го зеде телото на Богородица и сите заедно се вознесоа кон небесата. Се изврши чудесното преселување на Богомајката. Нејзиното свето тело пак се соедини со нејзината девствена душа.

Апостолот Тома беше единствен од апостолите кој го виде чудесното преселување на Богомајката. Не можеше да дојде на погребението бидејќи се наоѓаше во Индија. Таму, по три дена, и додека служеше Божествена Литургија, се најде во Гетсиманија на чудесен начин и виде сѐ што се беше случило.

Тогаш ја замоли Богородица да му го даде за благослов нејзиниот појас. А таа, како што се искачуваше кон небесата, му го фрли овој свет предмет „во слава пресвета, Дево која се вознесуваш, твојата рака му го подари на апостолот Тома твојот сечесен појас“, пееме во тропарот на празникот.

Апостолот Тома потоа ги извести останатите апостоли за овие чудесни настани и им го покажа Светиот Појас на Пресвета Богородица.

А тие Го прославија Бога и побараа да ги благослови, бидејќи беше единствениот кој се удостои да го види славното преселување на Богородица.

Чувањето на светиот Појас го презедоа две сиромашни и побожни жени во Ерусалим, кои се грижеа за Богородица. Со побожност го примија овој свештен дар и оттогаш грижата за појасот ја преземаше некоја девојка која потекнуваше од ова семејство.

Пренесувањето на Чесниот Појас во Цариград се случи за време владеењето на Аркадиј (395-408). Пристигнувањето на Појасот во царскиот град беше празнично. Царот го положи Чесниот Појас на Богородица во реликвијар кој го нарече „свето тело“. Тоа се случи на 31 август/13 септември, последниот ден од црковната година. Во градот на свети Константин (Константинопол), во кој Војвотка и Закрилничка е Богородица, ќе остане Чесниот Појас на Богомајката.

Ќерката на Аркадиј, Пулхерија, изгради прекрасен храм во чест на Богородица, прочуениот храм на Богородица Халкопратион (Бронзен, бидејќи така се викало местото, каде што порано се продавале бронзени предмети).

Во овој храм царицата го положи Светиот Појас на Богородица. Самата царица со златен конец го украси овој појас, како што може и денес да се види.

Царот Јустин II (565-578) и неговата сопруга Софија го обновија овој храм и подигнаа храм на Светото Тело. Таму, во моштохранилница, врз светиот престол се чуваше Чесниот Појас на Пресвета Богородица.

Мноштво верници доаѓаа да се поклонат со побожност барајќи од Богородица да посредува со нејзините молитви пред Господ. Мноштво чуда се извршија од светиот појас. Луѓе несреќни и болни најдоа избавување со чудотворната сила на Појасот.

Поради оваа причина од познати луѓе од тоа време беше воспеан. Со благодатта на Пресветата ги осветува оние кои доаѓаат побожно да се поклонат, ги издигнува од распадливоста, ги ослободува од болестите и тагите.

Понатаму Светиот Појас беше поделен на повеќе парчиња кои беа однесени во разни храмови низ Цариград. По освојувањето на градот од Крстоносците во 1204 година, некои парчиња беа грабнати и однесени на Запад.

Но еден дел беше сочуван и остана во Цариград и по ослободувањето на градот за време на Михаил Палеолог. Се чуваше во храмот на Пресвета Богородица – Влахерна. Последното спомнување на појасот е од еден анонимен руски поклоник во Цариград помеѓу 1424 и 1453 година.

По освојувањето на Цариград од страна на Турците во 1453, непознато е што се случило со останатиот дел од Појасот. Па така единствениот сочуван дел е оној кој се чува во светиот манастир Ватопед, каде што со многу перипетии конечно пристигна.

Светиот Константин имаше направено еден златен крст за да го чува во борбите. Во средината на крстот имаше ставено парче од Чесниот Крст. Крстот имаше и парчиња од мошти од свети маченици, и едно парче од Чесниот Појас. Сите византиски цареви го носеа овој крст во борбите. Истото го направи и Исаак II Ангел (1185-1195) во една борба против владетелот на Бугарите Асан. Но беше победен и во паника еден свештеник го фрлил во реката за да не го грабнат непријателите. Но по неколку денови Бугарите го нашле и така преминал во рацете на Асан.

Бугарските владетели, следејќи го примерот на византиските цареви го носеа крстот во борбите. Но во една битка против Србите, бугарската војска беше победена од српскиот владетел Лазар (1371-1389). Подоцна Лазар го подари крстот на свети Константин на светиот манастир Ватопед заедно со парчето од Светиот Појас.

Светите отци од манастирот чуваат едно предание според кое, Чесниот Појас на Пресвета Богородица бил подарен во манастирот Ватопед од  страна на царот Јован VI Кантакузин (1341-1354), којшто подоцна се откажа од престолот и стана монах во Ватопед, со името Јоасаф.

Многу чуда се извршувале и се извршуваат од Чесниот Појас. Многу им помага на неплодните жени да забременат и да родат деца. Ако со побожност ја побараат помошта од Пресвета Богородица, им се дава еден појас (копија), кој се изработува во манастирот и кој се осветува врз вистинскиот појас на Пресвета Богородица. Со ваквите појаси, оние бездетни парови, кои го промениле својот живот на подобро, се обратиле кон Христа со покајание, исповед кај духовник, молитви, пост и причест, Богородица им подарила рожби. Појасите ги носат и мажот и жената, секогаш (освен при бањање), а ако даде Бог да забремени жената, таа го носи до крајот на бременоста. Сопружниците треба да се воздржуваат од телесни односи во посните денови и периоди, како и во текот на бременоста. Во продолжение објавуваме неколку од многуте чудесни исцеленија, и дарување на чеда преку овие благословени појаси од Ватопед.

Чуда од чесниот појас на Пресвета Богородица

„Им има помогнато на мои блиски луѓе кои беа во тешки ситуации“.

Кукуш, 23 јуни 2008

„Во текот на мојот престој во вашиот манастир се поклонив на светите мошти и на Чесниот Појас на Пресвета Богородица, која ја чувствувам во моја близина и ми помага во тешки моменти од мојот живот.

Сметам дека ова парче од светиот Појас е голем благослов за манастирот (Ватопед), за Света Гора, но и за нашето место, бидејќи на чудесен начин им помогна и продолжува да им помага на сите верници кои имаат некаква потреба.

Во текот на нашата посета во свештениот манастир отците ми дадоа како благослов два појаси осветени врз Чесниот Појас. Ги дадов на две мои блиски личности, секој со различни проблеми. Знам дека имаа голема помош од Светиот Појас.

Ви го испраќам ова писмо со слобода и благодарност, за да ви се заблагодарам за непосредната помош која ја имаме од Чесниот Појас во нашиот живот“.

Со почит и голема љубов

Кудурас Димитрис

*

„Богородица ми подари две ќерки близначки“

Пиреа, 26 јули 2008

„Долго време се обидувавме да добиеме дете. Кога одлучивме со мојот сопруг да тргнеме по патот на вонтелесно оплодување, во рацете на мајка ми дојде книгата „Чудеса од Светиот Појас“. Ја прочита и остана без зборови. Преку некој пријател побара еден појас. Еден пријател се наоѓаше во вашиот манастир и ни донесе масло и благословен појас.

И јас ја зедов книгата и ја читав цела вечер. Кога ја завршив се прекрстив со маслото и се препојасав со светиот појас. Потресена од она што го прочитав, задремав. Во сон ми се појави Пресвета Богородица исправена пред мене и ми рече: „Не плаши се, чедо мое. Ќе бидам постојано до тебе“.

По три дена започна процедурата за вонтелесно оплодување и по 25 денови јас бев бремена, уште од првиот обид. Верувајте ми дека многу е тешко да бидне од првпат. Така јас и мојот сопруг го доживеавме тоа како чудо на Светиот Појас и на Богородица. Пресветата ни подари девојчиња – близначки, кои за два месеца ќе ги имам во раце.

Од денот кога го облеков Светиот Појас не го имам извадено. Во сите тешкотии кои ги имавме знаевме дека нѐ штити. На сите им го раскажуваме чудото што го преживеавме.

Утре во вашиот манастир ќе дојде мојот сопруг за да ѝ се заблагодари на Пресветата за нејзиното чудо и да го донесе ова писмо“.

Со почит

Панајотис и Ирини Питсирелу

*

„Се оствари најголемото чудо во мојот живот“

Кардица, 27 мај 2015

Денес е среда, 27 мај, ве поздравувам со сета моја љубов и почит кои ги имам, за да ви кажам дека со молитвите кои ги упативте за мене и Чесниот Појас кој ми го испративте се изврши најголемото чудо во мојот живот. Да, сега сум бремена веќе три недели, сѐ уште сум на почеток. Конечно, после 5 години, ќе доживеам нешто што со мојот сопруг толку многу го посакувавме. Сакам да продолжите со вашите свети молитви за мене, да имам добра бременост, да оди сѐ добро и не ми е гајле дали е момче или девојче.

Бог да ве чува во добро.

Зои Коскиниоти

*

10.02.2005

Почитуваниот јеромонах (сега епископ) Иринеј, референт на Светиот Синод на Српската Православна Црква во меѓународните меѓуцрковни односи, ни пишува:

„Поминаа повеќе години откако остваривме комуникација и откако ви побарав благословени појаси врз Чесниот Појас на Пресвета Богородица. Пресветата благослови голем број од жените на кои им поделив појаси и ги израдува со здравје и бременост. Побарав од нив лично да ви ги испратат во вашиот манастир имињата и датумите на нивните рожби.

Со посредништвото на Пресвета Богородица и со Божја помош следниве жени беа благословени со убави и здрави деца:

Мила Очешник, Екатерина Лалич, Линда Живкович (близнаци), Татијана Јованович, Жаклина Трајкович (сестра на Татијана), Александра Гузина.

Со почит барам да ни испратите и други појаси и да ја молите Богородица за благослов на бременоста.

Со вашиот благослов,

секогаш посветен на вас во Господа нашиот Исуса Христа,

јеромонах Иринеј Добријевич

 

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: