Неисполнување на заповедта за радоста

Дмитриј Семеник

Сите знаеме дека ни е заповедано постојано да се радуваме: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста…“ (Гал. 5,22), „Радувајте се секогаш! Молете се постојано!  Благодарете за сè, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас!“ (1.Сол. 5,16-18). Но мнозинството од нас не само што ја нема во себе таа радост, туку дури и не планира да ја исполни оваа заповед. Но, се разбира, веруваме дека ако некогаш се приближиме до светоста, тогаш во нас ќе има многу љубов и радост. И знаеме дека, ако живееме активен духовен живот, тогаш спомнувањето за небесната награда, за вечниот живот, ни носи утеха и радост. Но, бидејќи сме грешни луѓе, таа радост не трае долго. И уште многумина од нас доживеале таква радост, која доаѓа од исполнувањето на добри дела. Но невозможно е од утро до мрак да правиме добри дела. Разбирливо е, дека кон секое свое дело треба да се однесуваме како да е извршено во слава Божја – и тогаш речиси секое дело може да стане добро. Но тоа е можно при одредена висина во духовниот живот, до која стигнуваат само малкумина.

Уште еден рецепт за радост, за кој треба да проговориме, а кој воопшто не е наследство од психологијата. И повеќе од тоа, со овој рецепт многумина од нас, и без да знаат, располагаат. Едноставно, мене лично разговорот со еден психолог ми помогна да сфатам, дека духовните проблеми на некои несреќни луѓе се тесно поврзани со тоа што тие грубо го прекршуваат овој рецепт. Повторувам, тука нема ништо ново, едноставно некои луѓе треба да обратат повеќе внимание на овој момент.

Психологот Александар Колмановски вака зборува за ова: „Колку и да звучи ова банално, треба да ја практикуваме, да ја вежбаме својата добронамерност во однос кон било кого, кој ќе ни се најде пред очи. Не сметајќи го насобраниот негативен набој во односите. Да не се фокусираме на тоа – великодушно да го поздравиме оној кој ни го честитал роденденот. Од тоа нема да се чувствуваш подобро. Не, ти поздрави го оној, кој тебе провокативно те игнорирал“.

Има една прекрасна руска поговорка, која нѐ приведува кон разбирање на овој принцип: „Што ќе му посакаш на другиот, тоа и ќе го добиеш за себе“. Значи, што треба да им посакуваме на другите, за да бидеме и ние среќни? Се разбира, да им посакаме среќа!

Ете го и целиот рецепт. Секој црковен човек кој го чита ова може да наведе многу други цитати на оваа тема и да рече, дека ова е толку очигледно, што дури е и глупо.

Но, ајде да се запрашаме: колку пати денес им посакав среќа на другите луѓе? И колку сте сега самите вие среќни?

Секој од луѓето кој внимателно живее набљудувал, како понекогаш лукаво нѐ мами демонот. Ние се молиме за луѓето, се трудиме да не им правиме зло, понекогаш дури и им го даваме она што ни го бараат – и сето тоа прекрасно се соживува со злопамтењето, злорадоста, злопожеланието, зависта. И нормално, сите овие страсти ја потопуваат нашата душа во мрак и нѐ лишуваат од радоста. И не можеме да сфатиме: како тоа – јас според сите параметри сум вистински христијанин/христијанка, а немам радост!

Погоре веќе зборувавме за тоа дека молитвата „помилувај го!“ може да се соедини со осудувањето. Така и другите наши духовни практики, без доволна свесност и насока, може да дозволат во нас да постои зло кон другите луѓе.

И ете, една препроста формула „му посакувам среќа!“ се покажува како многу ефикасна. Како што велат светите отци, „зависта е болка поради напредокот на ближниот“. Значи, среќата на нашиот ближен нѐ огорчува. Злорадоста – тоа е пројава на истата страст: се насладуваме од тоа што нашиот ближен е несреќен. Значи, ако ние му посакуваме среќа на нашиот ближен, тогаш за оваа страст нема да има место. Се ослободуваме од зависта и злорадоста, од злото кон другите луѓе.

Овде психологијата не додава ништо ново, кон она што го кажал Христос: „Љубете ги вашите непријатели, благословувајте ги оние кои ве колнат, правете им добро на оние кои ве мразат, и молете се за оние кои ве гонат“ (Мат. 5,44). Не може да се каже ништо подобро. Но ја исполнуваме ли оваа заповед, или бараме оправдувања за нашето злопамтење?

Психологијата само ни помага да сфатиме, дека токму поради тоа во нас има толку малку радост, дека внимателно го внесуваме во себе тој отров, кој однатре нѐ разјадува, и нема друг начин да се избавиме од него, освен тоа, да се спротивставиме на себеси, сакајќи и правејќи им добро на оние, кон кои имаме лоши чувства.

На тој начин, луѓето кои страдаат од завист, злорадост и произлезената од нив безрадост, а понекогаш и потиштена состојба, ќе им помогне свесната практика на посакување радост и среќа на сите луѓе, особено на оние, со кои имаме некои замерки, а исто така и правењето на добри дела за нив.

Се забележуваат манифестации на крајности од оваа страст кај луѓето кои страдаат од длабока депресија, луѓе со други психијатриски дијагнози. Кога им се предлага овој рецепт, за подобрување на нивната состојба, понекогаш тоа помагало, но често тие воопшто не се способни да ја искажат таа фраза: „Им посакувам на сите среќа!“ Поробеноста од злото, поробеноста од демоните се покажува толку голема, што демоните едноставно не му даваат на човекот да ја каже оваа реченица – очигледно е колку е опасна за нив, колку е способна да ја намали нивната власт над душата на човекот.

Како може ова практично да се примени?

Пред сѐ, може во текот на неколку денови, додека го извршуваме нашето молитвено правило и спомнување на имиња додека се молиме, да се обидеме на сите да им посакаме среќа. Притоа да се обрати внимание на две нешта. Прво, дали постојат луѓе на кои не можете искрено да им посакате среќа. Ако има, тогаш треба да се погрижите да им простите на тие луѓе, да се ослободите од злото во односот кон нив, кое го носите во себе. Второ, чувствувате ли радост при таа молитва. Ако има такви луѓе, и немате радост – значи дека ова поглавје е за вас.

Ако ви се појави желба да ја практикувате оваа метода, може да се претпостават три нешта. Прво, најважното, да се молиме за оние, кон кои чувствуваме зло, и да им правиме добро. Второ, при молитвеното правило да си напоменуваме, дека молејќи се за луѓето, им посакуваме не само спасение, туку и убав живот на земјата. На пример, може да се молиме со зборовите: „Им простувам на сите, нека бидат среќни!“, и силата на овие зборови силно се чувствува, симнувајќи ја од срцето тежината на злото во однос кон другите луѓе. Трето, едноставно неколку пати на сите да им посакаме среќа.

Исто така посакувањето на среќа може да го користиме заедно со молитвата „Господи, благослови го“, во тие мигови, кога чувствувате некакви лоши чувства упатени кон некој човек.

Рецептот од областа на психологијата е многу едноставен и се однесува на нашето однесување кон сите луѓе: доброжелателност и добродушност. Тоа во суштина е дело на надворешната пројава на нашето посакување среќа на сите луѓе. Освен тоа, ова е прекрасно средство за набљудување на својата состојба. Ако сме потиштени, оптоварени од било каква злоба барем кон еден човек, при обидот да бидеме добродушни со другите луѓе, ќе забележиме колку тешко ни оди. Генерално, тажното расположение ни помага да се опрелестиме. Ни се чини дека тагуваме за личните гревови или дека имаме болка поради погибелта на целиот свет, а всушност, нам ни е мачно поради личната завист или друг вид на злоба.

Сите наведени совети од психолозите потполно соодветствуваат на советите од светите отци. Светите отци на Црквата исто така предупредувале за оваа тага: „Човекот треба да биде суштество комуникативно и дружељубиво, а не самотник и некомуникативен“ (Преп. Нил Синајски).

„Намуртениот, и да има илјадници добри дела, ја одзема убавината од сите нив“ (Свети Јован Златоуст).

„Нажаленоста, отфрлениот живот не е Божествен живот… Кога Спасителот им рекол на оние кои постат, да се измијат, да ја помазаат главата и да се дотераат, тоа го рекол токму затоа, за да не изгледаат нажалени“ (Свети Теофан Затворник).

„Оној кој произведува лоши помисли, си го прави надворешниот изглед на лицето мрачно и тажно, јазикот – неспособен за пеење на божествени химни и себеси – за сите непријатен и непосакуван гостин и соговорник“ (Преподобен Никита Ститат).

Заедничкиот и упорен призив на учителите на нашата Црква говори за безусловната важност на дружељубието и добродушноста токму како духовна практика, неопходна за достигнување на совршенството на душата.

Во заклучокот да ги напоменеме зборовите на светиот Игнатиј Брјанчанинов: „Да љубиш е блаженство; да мразиш – измачување“, и да им посакаме на сите постојано блаженство како сведоштво за нашата трезвена, здрава душевна состојба и правилно исполнето духовно дело.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Advertisements

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: