Покрај огнот

Секоја година, без исклучок, пред Божикните празници, се распалува дебатата околу коледарските огнови. Свештенослужителите велат тоа е пагански обичај, а ревносните коледари, на кои огнот, ракијата и колбасите им се најголема светиња, започнуваат со рафали против цела Црква. Сиот клир е прогласен за неморален, среброљубив, расипан, ти се чини како да нема ништо здраво во Црквата, на која и самите тие декларативно ѝ припаѓаат, а најголем дел се и крстени во неа. Главното недоразбирање помеѓу Православните од една страна, и псевдорелигиозните коледари од друга страна, е во тоа што, доколку овој обичај го практикува одредена група луѓе, кои себеси не се сметаат за православни христијани, и доколку самите го сметаат за нехристијански обичај, тогаш нема што да се мешаме. Едноставно, тие луѓе не се верници, не ѝ припаѓаат на нашата Света Црква, и може да си прават такви полурелигиозни обичаи колку сакаат. Но овде, коледарите го прогласуваат овој обичај за православен, а и себеси се сметаат за Православни. Односно, бараат Црквата да го легализира, да го благослови и прогласи овој обичај за православен, нешто со што не можеме да се согласиме. Тоа е исто како еден средношколец-гимназијалец да се прогласи за лекар-хирург, без никакво знаење и пракса од таа област. Би оделе кај таквиот за да ве лечи? Би го сметале за меродавно неговото мислење? Се разбира, само луд човек би го прифатил таквиот за лекар. Во таква ситуација се ставаат и коледарите, кога без никакво знаење за верата, без никакво практикување на православната вера, се обидуваат секоја своја глупост да ја прогласат за дел од светото Православие. Кога некој свештеник ќе се обиде да ги поучи, или да им укаже на правилно славење на празникот, или ако ги советува дрвата да ги донираат, тогаш уште една лавина од богохулни коментари: а кој си па ти да ни кажуваш; вие кои имате џипови и швалерки и огромни суми, вие ли ќе ни кажувате; а ти зошто не донираш дрва, туку нас нѐ тераш, итн. Толку пристрасно се приврзани за овој обичај, што не сакаат ништо друго да прифатат.

Во врска со критиките кон Црквата, треба да знаеме дека во Грција, пред десетина години се случи еден планиран настан, т.н. „грчко цунами“, во кое најголема штета претрпе Грчката црква. Имено, тогаш беа јавно обелоденети многу скандали на клирот, и сѐ со цел, да биде оцрнета и понижена Црквата, да немаат свештениците углед или кредибилитет за меродавен став за било кое прашање. Но, интересна беше реакцијата на верниот народ. И таму имаше коментари како нашиве, кои ја оцрнуваа целата Црква, но доминираа верниците. Не ја отфрлаа целата црква, туку велеа: „Валканите да си одат од Црквата!“, „Архиепископот да ја очисти нашата Света Црква!“ итн. Побараа прочистување на редовите во Црквата, бидејќи таа им е нешто најсвето, а не ја отфрлија. Ете тоа е Православие, кога Бог и Црквата ти се нешто најсвето.

Зошто Црквата е постојано на ѕидот на срамот? Толку се сите расипани? Како тогаш таа се одржува со векови наназад? Црквата е столб и тврдина на вистината, таа е совест на едно општество, таа е неподмитлив критичар на секое искривување во животот, таа е болница во која се лечиме од сите духовни и телесни болести, таа е осмислувач на нашиот здрав и нормален живот. Секоја власт сака да има млитава Црква, која треба само да личи, но да не е вистинска Црква, за да може недомаќински да се однесува, за да нема кој да ја укорува и кој да ја корегира. Стравот на секоја власт од Црквата е затоа што единствено Црквата може да го обедини народот и да направи радикални промени во начинот на размислување и живеење. А тоа не им одговара на „матните“. И затоа свештенослужителите, како и цела Црква, постојано се дискредитирани, дури се добива впечаток дека ние сите сме речиси арамии и безбожници, и никој од нас не смее да каже мислење кое е поинакво од мнозинството. Она грчко „цунами“ кое го спомнав погоре, дури денес ги покажа долгорочните последици. Денес во Грција се дозволени истополови бракови, дозволено е малолетници да си го менуваат полот, и тоа бесплатно, и многу други такви противприродни закони. Иако архиереите и свештениците и Света Гора реагираа остро и јавно против овие прашања, нивното мислење не беше земено предвид, затоа што, нели, Црквата е составена од арамии и расипници со џипови, па нивното мислење повеќе нема тежина. И така беше легализирана секоја глупост. Црното е прогласено за бело, болното за здраво, перверзното за нормално. Но, ако мечката игра во дворот на соседите, ќе заигра наскоро и во нашиот. Но, тука ќе заигра уште полесно, затоа што совеста не смее ништо да проговори, бидејќи веднаш ќе летаат отровни стрели за поповите со џиповите, за швалерките, јахтите, мрсењето по кафани итн. Тоа е долгорочната цел на богоборците и антихристите.

Треба да расчистиме со себе, дали сакаме да бидеме православни, или псевдорелигиозни. Не можеме да седиме на две столчиња, или сме со Христос, или сме против Христос, не можеме да бидеме на средина од овие две крајности. Христос ни вели, што има заедничко меѓу светлината и темнината; не можете да им служите на двајца господари, не можете да Му служите на Бога и на Мамона, од еден извор не може да тече и слатка и горчлива вода. Или сме православни целосно, или не сме воопшто. Кога коледарите би ги пееле старите побожни песни крај огнот, кои зборуваат за пастирите, за кавалите кои ги изгореле за да го загреат новородениот Цар, за ѕвездата и мудреците, а следниот ден сите заедно на Литургија, тогаш би одел и јас кај таквиот оган, затоа што има христијански дух. Но во пракса крај огновите се случуваат најголемите богохулења.

Не можам никому да забранам или да му кажам дали треба или не треба да оди крај огновите, само во овој контекст би сакал да истакнам еден момент од Евангелието. Имено, кога Христос бил во судницата, неговиот ревносен ученик Петар застанал да се загрее покрај огнот, што го запалиле слугите. И токму крај тој оган го извршил најголемиот грев, поради кој се каел цел живот – неговото трикратно одрекување од Христос Господ (Марко 14, 54).

На паметниот му е доволно. Кој има уши, нека чуе. Амин.

Свештеник Јани Мулев

Текстот е објавен во списанието „Православна светлина“’ бр. 52.

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑

<span>%d</span> bloggers like this: