Причестување на болни и икономија на Црквата

Цел свет се соочува со едно големо искушение, кое без оружје покосува илјадници човечки животи. Сите се во страв и паника за својот живот. Христијаните треба да се свесни дека секој ден ни е последен, и како што велат отците на Црквата, живеј како да ти е последен ден, а работи како да имаш уште сто години за живеење. Покајанието треба да ни е постојано, и сеќавањето на смртта да ни биде постојано во умот, и така нема да грешиме, а и ќе бидеме подготвени за разделба со телото и со овој свет, но и за средба со нашиот возљубен Господ. Светата Причест е попатнина за вечен живот, лек за бесмртност, лек за душата и телото. Светата Причест е лек за спасение, а не начин за пренесување зараза, како што ќе видиме во следниве чуда:

…Еве уште еден настан кој ги покажува ненадминливата вера и побожност кои ги имаше во извршувањето на неговите свештени обврски. Таму во неговата парохија, во малата тесна улица, се криеше еден човек кој беше во напредната фаза на лепроза. Неговите усни беа изедени од оваа ужасна болест. Еднаш отецот отиде кај него за да го причести, но неговата распадната уста не можеше да го прими Светото Тело Господово, и така падна малку на едната страна од неговата уста. Без било-какво колебање – апсолутно никакво – отецот се наведна и со својата уста го зеде Божествениот Бисер Кој беше паднал, и го изеде! Нека го видат ова оние, на кои им е тешко да примат Причест затоа што се плашат од бактерии!… Всушност тоа е голема хула: дека Едниот Бог на живите и на мртвите, Творецот на небото и на земјата, може да биде заразен од бактерии! Бладања на умно-помрачени неверници!

А што се однесува до болниот човек, тој беше пронајден од полицијата и испратен во лепрозна населба, заедно со неговата ќерка, која исто така беше болна и си ги имаше изедено прстите. Наспроти ова, на отецот ништо не му беше.

(Извадок од житието на светиот поп Никола Планас – Атински)

Чудо на свети Јован Шангајски, битолскиот учител

Некоја госпоѓа Н. Била гризната од бесно куче. Очигледно не ја сфатила сериозно таа ситуација и не се вакцинирала против беснило, така што по кратко време, ѝ се појави страшна болест. Светиот Јован дозна за целиот настан и поита кај жената која беше пред смрт. Веднаш ја причести, но таа беше во агонија поради беснилото, и почна да исфрла пења од устата и ја исплука светата Причест која што туку ја беше примила. Но, бидејќи Светата Причест не смее да падне долу, светителот веднаш се наведна и ги собра Чесните Дарови, кои штотуку ги исплука на подот болната жена, и самиот тој ги изеде! Веднаш луѓето околу него извикаа: „Владико, што направи? Беснилото е страшно заразно!“

Но владиката, шеговито им одговори: „Нема да ми биде апсолутно ништо, бидејќи ова се Свети Дарови, Телото и Крвта на Христос“. И бидна навистина онака како што рече – апсолутно ништо!

*

Во околината на Тројан во XVIII век беснеела епидемија на чума, и жителите се разбегале од околината. Останале само малку монаси со верници во Тројанскиот манастир, кои се причестиле од истиот путир, со иста лажичка, и само тие останале живи, а сите кои се разбегале умреле од болеста.

*

Во 1756 година во Романија владеела смртоносна чума, и на свештениците им било забрането да служат Литургија и да причестуваат. Но еден свештеник не сакал да го остави својот народ без причест, па на Велика Сабота, поминал во сите куќи и сите верници ги причестил. Поради ова бил убиен. Бил погребен на ливада над селото, и покриен со тежок камен, за да не го извадат. Следната година од неговиот гроб почнала да извира вода. Селаните го откопале и со почести го погребале на селските гробишта. Инаку, сите оние кои ги причестил отецот останале недопрени од смртоносната болест.

*

На островот на лепрозните Спиналонга, служел отец Хрисант, и десет години останал да живее и да им помага на болните од лепра, заразна болест за која до 1957 немало лек. Тој останал 10 години со нив, ги причестувал, и после нив ја употребувал (ја јадел) цела Причест. Болните се чуделе, бидејќи претходниот свештеник ја истурал Причеста во мијалникот, по снисходење на Црквата (ова е исклучок, а не правило, според толкувањето на свети Никодим Агиорит), а овој сега ем ја јадел, ем не се разболел. На островот живееле и 5 лепрозни свети монахињи, меѓу кои и Аргиро и Филотеа, и последната раскажува дека тие дале завет, доколку се најде лек за лепрата, тие никогаш повеќе да не јадат масло. И навистина, долго се молеле и откако бил пронајден лек, тие само на Велигден со прстот лизнувале масло од кандилото, и никогаш повеќе. Нивните мошти благоухаат.

Сите овие примери се чудесни настани, кои треба да ги следиме, но треба да знаеме дека Црквата се раководи според две методи: акривија (строго, по правила) и икономија (снисходење). И кога свештенослужителите излегуваат со поинаков став, да не се збунуваме, да не се умислуваме дека ние сме единствените „столпници“ и „бранители“ на Православието, кои ја бранат Црквата од нејзините пастири. Светата Црква покажува снисходење не затоа што нејзините пастири отпаднале од верата, или се плашат од смртта, туку за да не се случи, некои од слабите во верата, поради страв од болест и смрт, да ја изгубат надежта и верата во Бог, или уште пострашно да похулат пред смртта. И да имаме предвид дека вакви тешки одлуки се носат после многу размислување, советување и многу молитви за просветлување од Бог. Ниту еден пастир не се радува, нити посакува празни храмови и забрана за служење Литургија. Светата Литургија е живот на Црквата, таа му дава живот на Телото Христово. Во случај на потполна забрана сигурен сум дека Литургија ќе се служи во манастирите, во мали цркви, па и по домови. Во продолжение следуваат примери за икономија во Црквата:

За време на чума Цариградскиот патријарх во 1726 година му дозволил на еден владика да ги затвори сите цркви и да служи Литургија врз антиминс на отворено или во својот дом. За време на колера во 1854 владиката Даниил кој бил надлежен за Тинос и Сирос, го укинал Богородичниот пост, затоа што луѓето биле опаднати со здравјето, па за да закрепнат, сосема го укинал тој пост во таа година. Исто така се согласил и со барањето од власта богослужбите да се намалат, за да нема собирање на народ во црквите. И никој не се вознемирил, ниту се побунил за одлуката на владиката, затоа што имале доверба во него, како деца во својот родител. Тоа било само извесен период, откако поминала болеста, сѐ се вратило на стариот ред и поредок. Тоа се вика икономија, или снисходење на Црквата. Преку светата Причест нема да се пренесе зараза, но од собраните луѓе на едно место, доколку има меѓу нив болен – може да се пренесе.

Да ги умножиме своите молитви, да се покаеме како да ни е последен ден и со вера и доверба во Бога и во Светата Православна Црква да го истрпиме ова искушение, да го износиме овој Крст и со голема радост да го исчекаме Христовото Воскресение.

Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

Blog at WordPress.com.

Up ↑

%d bloggers like this: