Мора да одговориме на школското насилство

Архимандрит Трифун

Мора да ставиме крај на врсничкото насилство преку учење на децата на љубезност од рана возраст

Сѐ почесто може да се прочита како деца си ги одземаат животите, доаѓајќи до моментот кога повеќе би сакале да бидат мртви, отколку да живеат уште еден час во страдање од врсничко насилство. Пречесто родителите и наставниците го игнорираат проблемот на врсничкото насилство, сметајќи го за ништо повеќе од „децата си се деца“, или „децата се и сурови“.

Вистина е дека децата, од најрана возраст, може да се научат да се однесуваат љубезно со другите деца, и да се охрабрат да сочувствуваат со неволјите на другите деца. Најмладите може да се научат на важноста од делење на своите играчки и на вклучување на останатите деца во своите маалски игри. И најмалото дете може да биде научено да се однесува со другите онака како што сака да се однесуваат кон него, и да ги каже инцидентите со врсничко насилство на своите учители и родители, доколку види дека им се случуваат на другите деца.

Верувам дека дел од проблемот, своите корени ги влече од наставниците кои вршеле некакво насилство врз другите кога тие биле деца, и овие го пренесуваат тоа детско искуство во својот однос кон некои од децата за кои се грижат. Во човечката природа е да се има некој омилен, и наставниците не се исклучок од тоа.

Кога предавав во средно училиште, и јас имав свои омилени ученици. Тоа беа средношколци кои беа бистри, беа предизвик и уживање да се подучуваат. Наспроти овие млади луѓе, имаше ученици кои веројатно побавно учеа, беа помалку привлечни, и едноствано речено – проблематични за справување. Сепак, знаев дека секој од нив имаше потенцијал на кој му требаше охрабрување; секој од нив можеше подоцна да расцвета, можеше, со раководство и внимание, да успее повеќе од очекувањата.

Исто така, додека бев учител, никогаш не го поднесував врсничкото насилство во ниедна негова пројава. На првиот знак за булинг, ќе го тргнев настрана насилникот, и потполно јасно ќе му објаснев дека тоа е однесување што нема да се толерира. До ден денес се сеќавам на наставник од средно училиште кој вршеше булинг врз мене, и бидејќи тоа се правеше пред моите соученици, тој, исто така,  ги охрабруваше децата да ме малтретираат. Имав дислексија во време кога многу малку се знаеше за оваа потешкотија во учењето, па, како и другите дислексичари, и јас бев лош ученик. Мојата лична борба да го компензирам ова ме направи јавен говорник на кој ретко му требаше напишан говор, и ова ме направи вешт во дебатите  во средното училиште и на факултет.

Бидејќи, исто така, пораснав и во висина за многу кратко време, бев трапав како основец и средношколец, па така бев и лош атлет (сантиметрите не ги изгубив, туку тие се распоредија). Дури на факултет всушност ги открив атлетските способности што претходно беа заспани, па започнав со кревање на тегови, трчање на долги патеки, со бејзбол и одбојка. Како наставник во средно училиште, го поведов училиштето, за прв пат, во победа на традиционален натпревар во одбојка против сениорскиот клас, на општо задоволство на нижите класови.

Мојата лична борба со депресијата и самоубиствените мисли што се одвиваа околу очигледните неуспеси и чувството на безнадежност, беа отстранети од само една наставничка во средно училиште што ме зеде под своја закрила, и ми помогна да станам првенец во дебатирање. Таа веруваше во мене кога никој друг не веруваше, и сѐ што требаше беше тој еден наставник, што има желба да допре до дете со мала самодоверба.

И само едно дете, кое се научило од своите родители на важноста од љубезно однесување кон соученик кој е малтретиран, дури и на негова одбрана и другарство со него, може да го промени животот на обете деца.

Децата се чудесни дарови од Бога, може да се формираат, флексибилни се и отворени, секогаш подготвени во своите животи да учат од возрасните, без оглед дали се тоа нивните родители, наставници, свештеници или соседи. Тие зависат од нас во однос на утеха, насока, поддршка и заштита. Тие нам ни се дадени на грижа, и Бог очекува од нас да ја сфатиме оваа оговорност многу сериозно. Овие деца се иднината на нашата држава, нашата Црква, и нашиот свет, и мора да се научат на важноста да се биде љубезен и великодушен кон другите.

Дете кое е одгледано според Божјиот пат, за возврат ќе ги одгледа и своите деца на Божјите патишта. Да не дозволиме да ги пренесеме на следната генерација гревовите и неуспесите на нашата генерација. Ние возрасните мора да се осигураме дека мирот, љубовта, правдата и милостината ќе бидат заштитни знаци на она што им го пренесуваме на следните генерации. И најважно, мораме да ја всадиме во нашите деца Божјата љубов, и желбата да се однесуваме кон секого што ќе го сретнеме со почит и љубезност.

Со љубов во Христа,

Архимандрит Трифун

Превод од англиски јазик:

Фросина Маџарова,

дипл. професор по македонски и англиски јазик

Православна светлина бр. 52

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑