Зошто одиме на исповед?

Архимандрит Павлос Пападопулос

Оди кај твојот духовник со длабоко чувство каде одиш и кого ќе го сретнеш. Нема да сретнеш едноставно човек, туку Самиот Господ.

Пред да одиш, испитај го твојот живот. Види ја длабочината на твоите дела, твоето однесување, движењата во твојот ум и срце.

Исповедај ги сите твоите гревови точно и искрено како да ти е последен ден во животот.

А ако ти дојде срам, победи го и најпрво исповедај го гревот од кој се срамиш најмногу. Не постои поослободително нешто од ова. Бидејќи, победувајќи го срамот, во суштина го победуваш твојот себе-идол, го уништуваш твоето себељубие. Не заборавај дека срамот за време на исповед е симптом за твојот егоизам кој не те остава да се ослободиш од нечистотијата на твоите гревови, кој не те остава да добиеш целосна прошка од Бог, не те остава да се понизиш (да си ја смириш гордоста) и на тој начин да ја привлечеш Божјата благодат.

Кажи го твојот грев како што е, без оправдување, за да се смириш себеси. Исповедај се без колебање. Ако вистински се покаеш нема да имаш тешкотии. Ако се фатиш себеси како се обидуваш да си сочуваш некакво „достоинство“, т.е. да не се понизиш, тогаш да знаеш дека не си се покајал вистински. Кај духовникот не одиме за да си го спасиме своето „его“, туку за да го згазиме. Кажи го твојот грев, а не туѓите.

Кога го исповедаш твојот грев да зборуваш во прво лице еднина. „Јас го направив тоа и тоа“. Тоа е единствениот случај кога „јас“ се користи богоугодно. Да не се обидуваме да го разубавиме нашиот пад, нашиот мрак, нашата лепра!

Треба да сфатиме дека во таинството на исповедта благодатта Божја доаѓа кога постои покајание и смирение.

Да не одиме кај духовниот и да ја почнеме исповедта со зборовите: „Како и сите луѓе, така и јас го направив тоа и тоа…“. Остави ги другите на мира, не ги мешај. Не се обидувај да го мериш гревот истакнувајќи што прават другите. Твојот грев е грев. Нема помала тежина бидејќи во ова време многумина го прават истото! Не е меродавно тоа што го прават мнозина, туку кој е законот Божји!

Исто така, не зборувај неодредено и општо: „Јас сум еден голем грешник, имам направено многу гревови“. Тоа не е исповед. Си направил конкретни работи и тие конкретни треба да ги изложиш. Како што болниот не му вели на лекарот „јас сум болен од многу болести“, бидејќи лекарот не може да разбере од што боледува човекот.

Така и во нашите духовни болести, исповедај го прецизно видот на гревот и дали си паднал еднаш или повеќе пати.

Откако ќе го исповедаш гревот, сега слушај со големо внимание што ќе ти каже духовникот.

Обрни внимание на неговите упатства и совети, со истото големо внимание, со кое болниот ги слуша препораките на лекарот, за лековите кои треба да ги земе и начинот на лечење кој ќе следи.

Прими го со радост и послушание, со смирен ум правилото (епитимијата) што можеби ќе ти го наложи. Особено пази да не доаѓаш на причест без дозвола-благослов од духовникот.

Сме кажале и претходно: на исповед одиме не за да се причестиме, туку за да се покаеме и затоа што сакаме да си го исчистиме срцето. Дали ќе ни дозволи да се причестиме или не, тоа зависи од расудувањето на нашиот духовен отец кој носи одговорност за нас.

Ние да бидеме послушни на сѐ што нѐ советува нашиот духовник и да бидеме сигурни дека на тој начин духовно напредуваме.

Со заминувањето од исповед не завршува нашиот труд. Туку напротив, сега почнуваат делата на нашето покајание. Сега треба да го примениме во својот живот она што сме го читале во Божественото слово (Светото Писмо), да не ја испуштаме секојдневната молитва, редовното црквување, постот, нашето молитвено правило.

Исповедта е основа на нашиот духовен труд. Од нашата чиста исповед ќе се разлиста нашата молитва, ќе даде плод нашиот пост, ќе се зголеми нашата ревност, ќе се роди умиление, ќе се ослободи нашата душа од светските работи, ќе биде просветлен нашиот ум.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑