Ковчегот на заветот

(За конструктивната и деструктивната вера)

Свештеник Јани Мулев

Еден од најсветите предмети во Стариот Завет е Ковчегот на заветот. Изработен е од злато, украсен со херувими, а во него се наоѓале златен сад со манна, жезлот аронов кој процветал и двете плочи со десетте заповеди.

Во Втората книга Мојсеева, во 25 глава читаме, како Бог бара да се изработи ковчегот на сведоштвото, според одредени точни мерки и одредени скапоцени материјали.

Во книгата Исус Навин, во третата глава читаме како Бог им заповеда на свештениците да го земат ковчегот на заветот и со него да ја преминат големата река Јордан, а народот, држејќи растојание од ковчегот, да оди по нив и безбедно да ја премине реката. Бог бара од народот да се очисти, за да ги види чудата Божји, и истовремено им ветува дека ќе ги ослободи од разните противнички племиња и народи.

Во шестата глава читаме како седум свештеници со труби одат пред ковчегот на заветот и седум дена го обиколуваат градот. Во седмиот ден, седум пати го обиколуваат и ѕидините на градот паѓаат и го освојуваат градот Јерихон.

Во Првата книга Царства, во четвртата глава читаме за настанот, кога Филистејците го поразиле Израилот и им го презеле ковчегот на заветот. При тоа, во оваа битка загинале и синовите на свештеникот Илиј – Офни и Финес, кои претходно од небрежност, запалиле туѓ оган во светилиштето, и затоа ги загубиле животите. Во петтата глава читаме дека ковчегот на заветот бил ставен во храмот на богот Дагон, но секое утро ја наоѓале статуата на богот превртена пред ковчегот. Затоа го испратиле во друг град, каде што настанал помор, па во трет град, каде што се појавиле пак болести, и откако се собрале старешините народни, решиле да го вратат ковчегот на заветот назад, кај Израилците, бидејќи од него добиле само штета, а никаква полза. Во шестата глава гледаме како петте филистејски кнезови одлучуваат да го вратат назад ковчегот, врз дрвена кочија, влечена од две крави доилки, и со златни дарови – жртви за вина. И навистина, тргнуваат кравите, го носат ковчегот назад, и кога ќе стасаат до нивата на Исус Ветсамиецот, таму ја расекуваат кочијата, дрвата ги користат за оган, на каменот ги принесуваат за жртва двете крави доилки заедно со даровите. А левитите го земаат назад ковчегот на заветот. При овој настан, се израдувале сите жители, освен синовите Јехониеви, па затоа Бог ги казнува со смрт.

Ковчегот бил седум месеци во ропство кај Филистејците, а потоа оди во куќата на Авинадав (Аминадав), синот на Елеазар, каде што останува цели 20 години. Во времето на цар Саул ковчегот бил презрен од народот, па штом се зацарил царот Давид, веднаш наредил да биде пренесен од домот Аминадавов. Носејќи го на кочија со волови, малку се занишала кочијата, па Оз со раката го допрел ковчегот, од страв да не падне, и веднаш умрел. Цар Давид се исплашил па го испратил ковчегот во домот на Аведар, каде што останал 3 месеци, и во тој период домот на Аведар бил исполнет со секакви благослови (1.Летописи 13,14). Потоа Давид со големи почести го пренел ковчегот во новата скинија и ги поставил левитите да бидат во служба на Бога (1.Летописи 14-15).

Ковчегот е симбол на Божјото присуство, симбол на верата во Бог, но и праслика на Пресвета Богородица. Како што видовме, верата дава сила и моќ, верата дава изобилство на благослови и благодети, но верата може да биде и деструктивно оружје, кога е во рацете на погрешни личности, како што се случило кај Филистејците. Ако верата е во рацете на свети луѓе, тогаш е полезна и никому не му штети. Но кога верата ќе падне во рацете на луѓе душевно пореметени, кога ја користиме како параван за да се криеме зад неа, или кога верата ја прилагодуваме на нашите страсти и гревови, и на нашите фрустрации и стравови, тогаш таа станува деструктивно оружје од кое страдаат сите.

Затоа во Светата Црква постои духовно раководство, духовно растење и искачување кое трае долги години и не се случува преку ноќ, постои очистување, просветлување и обожение, кое се случува само во Црквата како Тело Христово, во литургиско-подвижничкиот живот. Штом ќе се обидеме на брзина да ги поминеме сите скалила во духовното растење, штом ќе се обидеме да ги прескокнеме сите чинови од свештената ерархија, без тој благословен поредок, тогаш се случува таа злоупотреба на верата, маскирање и криење зад верата, и внатрешно разјадување и уништување на Телото Христово.

Најдобро е да доаѓаме во Црква и да започнеме со духовен живот додека сме млади, додека сме здрави и без лоши животни искуства. Но, што ако човек доаѓа во Црква поради срам или страв, или Црквата му е некакво бегство поради болести, проблеми, фрустрации, комплекси, некаква неспособност и страв од животните предизвици? Црквата во своето многувековно искуство видела многу нешта и има огромно искуство на нејзините страници, и во неа среќаваме сведоштва на луѓе кои буквално дошле во Црквата како бегство од многу проблеми, но поради нивната мала, искрена вера и труд, Бог со својата благодат, која ги надополнува човечките слабости, сето тоа го покрил и преобразил во благослов и светост. Па така читаме во житијата за светители кои биле болни од разни неизлечиви болести, парализа, неспособност за брак, разни стравови, но после многу духовни борби, после периодот на очистување и просветлување, Бог од нив направил светилници и ориентири за сите луѓе во светот. Но, да бидеме свесни дека многумина и загинуваат на овој пат, повлекувајќи со себе и многу други луѓе.

Да не бидеме лаживи и деструктивни верници, кои верата ја користат за прикривање или бегство, ниту такви кои го повикуваат Бог само кога сакаат некого да проколнат, туку да бидеме искрени и автенични личности и пред Бог и пред луѓето и самите пред себе, со отворено срце за Бог и ближните, со раширени раце за прегратка и прифаќање на секој човек, со молитва и добронамерност кон секого, па тогаш верата ќе биде благослов и светост, верата ќе биде изградување и растење, и во тој случај рајот ќе биде само природно продолжение на овој живот.

Текстот е објавен во Православна светлина бр. 64

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑