За справедливоста

Иван Илин

Од памтивек луѓето зборуваат и пишуваат за справедливоста: можеби, уште оттогаш, кога почнале воопшто да зборуваат и пишуваат… Но до денес ова прашање, очигледно, не е решено, – што е тоа справедливост и како да ја реализираме во животот? Тешко им е на луѓето да се согласат по ова прашање, бидејќи тие чувствуваат живо практично значење на ова прашање, предвидуваат неповолни последици за себе и затоа се расправаат, божем заинтересирани, беспокојно и сомнително: случајно „ќе се согласиш“ „на своја рака“ – и што тогаш?

Секој од нас посакува справедливост и бара со него да се постапува справедливо; секој се жали на сите возможни неправди, нему сторени, и почнува да ја толкува справедливоста како јавна несправедливост во негова полза. При тоа тој е убеден дека неговото толкување е правилно и дека тој „потполно справедливо“ се однесува кон другите, но никако не сака да забележи, дека сите се револтирани од неговата „справедливост“ и се чувствуваат угнетени и презрени. Колку е посиромашен, попритеснет и понасилен животот на луѓето, толку поостро тие го доживуваат сето тоа и толку потешко им е да се договорат и да се согласат еден со друг. И на крајот се покажуваат толку „справедливости“, колку што има незадоволни луѓе и невозможно е да се најде една, вистинска Справедливост. А нели, строго говорејќи, само за неа и треба да се зборува.

Тоа значи дека интересите и страстите искажуваат големо прашање, умот не наоѓа точно решение и сè обраснува со лоши и лукави предрасуди. Од предрасудите никнуваат лажни учења; тие водат кон насилство и револуција, а револуциите носат само страдања и крв, за да ги разочараат и отрезнат луѓето, оглувени од своите страсти. И така цели генерации од луѓе живеат во предрасуди и се измачуваат во разочарувања; а понекогаш се случува и самиот збор „справедливост“ да биде пресретнат со иронична насмевка и потсмев.

Меѓутоа, сето ова не ја компромитира и не ја колеба старата, благородна идеја за справедливост и ние како и порано треба да ја спротивставиме на секоја бессовесна експлоатација, секоја класна борба и на секое револуционерно изедначување. Можеме да бидеме цврсто уверени дека нејзе ѝ припаѓа иднината. И целата работа е во тоа, да се сфати нејзината суштина.

Француската револуција од XVIII век објави и распространи штетна предрасуда, божем луѓето од раѓање или од природата се „еднакви“ и божем како последица од ова со сите луѓе треба да се однесуваме „еднакво“… Оваа предрасуда на природна еднаквост станува главна препрека за разрешување на нашиот основен проблем. Зашто суштината на справедливоста се состои токму во нееднаквиот однос кон нееднакви луѓе.

Ако луѓето навистина би биле еднакви, т.е. еднакви по тело, душа и дух, тогаш животот би бил страшно прост и наоѓањето на справедливост би било премногу лесно. Доволно би било само да се каже: „на еднакви луѓе – еднаков дел“, или „на сите сè рамномерно“ – и прашањето би било решено. Тогаш би можело справедливоста да се наоѓа аритметички и да се реализира механички; и сите би биле задоволни, зашто и луѓето практично би биле како еднакви атоми, како топчиња кои механички се тркалаат од место на место, еднакви до идентичност и внатрешно и надворешно. Има ли нешто понаивно, попросто и поплитко од оваа теорија? Каква површност – или дури и вистинско слепило – да ги водиш луѓето кон слични мртви и штетни мислења? По Француската револуција поминаа 150 години. Може да се надеваме дека оваа слепа материјалистичка предрасуда одамна го изживеала својот век. И одеднаш таа повторно се појавува, ги покорува слепите срца, прославува победа и истура врз луѓето цела лавина од несреќи…

Навистина луѓето се нерамни по природа и не се еднакви ни по тело, ни по душа, ни по дух. Тие се раѓаат како битија од различен пол; имаат природно нееднаква возраст, нерамна сила и различно здравје; дадени им се различни способности и склоности, различни стремежи, дарови и желби; тие толку многу се разликуваат еден од друг телесно и душевно, што на светов невозможно е да се најдат два исти човека. Родени од разни родители, различна крв и наследност, израснати во разни земји, различно воспитани, навикнати на различни клими, нееднакво образовани, со разни навики и таланти – луѓето нееднакво творат и создаваат нешта кои не се еднакви и немаат иста вредност. Тие и духовно не се еднакви: сите тие се со различен ум, различна добрина, инакви вкусови; секој со свои гледишта и со своја посебна свест за правда. Значи, тие се различни во секој поглед. И справедливоста изискува со нив да се однесуваме согласно нивните лични особености, неизрамнувајќи ги нерамнините и не давајќи им на луѓето неосновани привилегии. Не треба да им се даваат еднакви обврски: старите, болните, жените и децата не подлежат на воена обврска. Не треба да им се даваат еднакви права: децата, умоболните и затворениците не учествуваат во политичките гласања. Не треба да се бара од сите еднакво: има малолетни и непресметливи, од нив се бара помалку; од оние кои се на власт треба да се бара построго итн. И така, оној што ќе ги остави предрасудите и непристрасно ќе гледа на животот, таквиот набрзо ќе се увери дека луѓето се нееднакви од природата, нееднакви по својата сила и способности, нееднакви и по својата општествена положба; и дека справедливоста не може да бара еднаков однос кон нееднакви луѓе; напротив, таа изискува нееднаквост за нееднаквите, ама таква нееднаквост, која би соодветствувала на вистинската нееднаквост на луѓето.

Тука се открива главната тежина на прашањето. Има бесконечно многу луѓе; сите тие се различни. Што да направиме, за секој во животот да добие во согласност со неговата посебност? Како да се достигнат сите овие безбројни оригиналности? Како „да му се даде секому своето“ (според формулата на римската правна наука)? Тие не се еднакви; значи, и со нив не треба да се однесуваме еднакво – согласно нивната оригиналност… Во спротивно ќе се појави несправедливост…

И така, справедливоста воопшто не бара еднаквост. Таа изискува суштинско-аргументирана нееднаквост. Детето треба да се чува и пази; тоа му дава цел ред справедливи привилегии. Слабиот треба да се поштедува. На изморениот му прилега снисходење. На безволниот му треба поголема строгост. На чесниот и искрениот треба да му се укаже поголема доверба. Со зборливиот потребна е претпазливост. Од надарениот човек справедливо е да се бара повеќе. На херојот му прилегаат почести, за кои нехеројот не треба да претендира. И така во сè и секогаш..

Затоа справедливоста е уметност на нееднаквоста. Во нејзината основа лежи вниманието кон човечката индивидуалност и кон животните различности. Но исто така во нејзината основа лежи живата совест и живата љубов кон човекот. Постои посебен дар на справедливост, кој не е својствен за многу луѓе. Овој дар предусловува во човекот добро, љубовно срце, кое не сака да го умножува на земјава бројот на навредени, страдалници и разгневени. Овој дар предусловува уште и живо набљудување, изострен осет кон човечката оригиналност, способност да ги чувствуваме другите. Справедливите луѓе го отфрлаат механичкото толкување на луѓето според апстрактни знаци. Тие се созерцателни, интуитивни. Тие сакаат да го разгледуваат секој човек индивидуално и да ја достигнат скриената длабочина на неговата душа…

Ете зошто справедливоста е уметнички принцип: таа го созерцува животот со срце, ја доловува оригиналноста на секој човек, се труди точно да го оцени и суштински да се справува со него. Таа е „внимателна“, „грижлива“, „општествена“; таа го запазува чувството на мерка; таа е склона кон сострадание, кон тактично снисходење и простување. Таа има многу заеднички нешта со „тактот“. Таа е тесно поврзана со чувството на одговорност. Таа по самата своја суштина е љубовна: таа се раѓа од срцето и е жива манифестација на љубовта.

Безумно е да бараш справедливост, која излегува од омразата, бидејќи омразата е завидлива, таа води не кон справедливост, туку кон сеопшто изедначување. Безумно е да се бара справедливост во револуција; зашто револуцијата диши со омраза и одмазда, таа е слепа, деструктивна; таа е непријател на справедливата нееднаквост; таа не ги почитува „високите способности“ (Достоевски). А справедливоста сама по себе е една од високите способности на човекот, и нејзиниот призив се состои во тоа, да ги препознава и запазува високите способности…

Луѓето ќе ја остварат справедливоста во животот тогаш, кога сите, или во крајна мера, многумина ќе станат нејзини живи уметници и ќе ја усвојат уметноста на суштинска нееднаквост. И тогаш справедливото устројство ќе се сведува не на механизмот на справедливи институции, туку на органско интуитивно наоѓање на конкретни мислења и конкретни односи за непрекинатиот животен поток на човечките оригиналности. Справедливоста не е птица, која треба да ја фатиме и да ја ставиме во кафез. Справедливоста не е апстрактно правило за сите случаи и за сите луѓе, зашто таквото правило го изедначува, а не го „конкретизира“ животот. Не треба да си ја претставуваме справедливоста по шемите „еднаш засекогаш“, „за сите луѓе“, „насекаде“. Зашто токму таа не е „еднаш засекогаш“, туку е жив поток на индивидуални отстапки. Таа не е „за сите луѓе“, туку за секој посебно. Таа не е „насекаде“, туку живее со исклучоци.

Справедливоста не можеме да ја најдеме ни во вид на општи правила, ни во вид на државни институции. Таа не е „систем“, туку живот. Нејзе треба да си ја претставуваме во вид на поток од жива и конкретна љубов кон луѓето. Само таквата љубов може да ја разреши задачата: таа ќе ја твори животната справедливост, ќе создава во животот и во односите на луѓето сè понова и понова суштинска нееднаквост.

Ете зошто во животот е поважно од сè не „најдената еднаш засекогаш“ справедливост: тоа е илузија, химера (неостварена фантазија), штетна и глупава утопија. Во животот поважно од сè е живото срце, кое искрено посакува креативна справедливост; и уште – сеопштата увереност дека луѓето навистина искрено сакаат креативна справедливост и чесно ја бараат. И ако ја има, тогаш луѓето лесно ќе се помируваат со неизбежните несправедливости во животот – условни, временски или случајни, и со задоволство ќе ги покриваат со пожртвувано расположение. Зашто секој ќе знае дека пред него го чека вистината, т.е. уметничко-љубовната справедливост.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Извадок од книгата: Срцето што пее, изд. на Повардарска епархија

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑