Свети Георгиј Победоносец

Свети Георгиј Победоносец

Овој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј и спаси нѐ. Амин.

Празник на осветувањето на храмот на Свети Ѓорѓи Победоносец во Киев

(Зимски празник на свети Ѓорѓи)

Кај руските кнезови, почнувајќи од рамноапостолниот кнез Владимир, постоел благочестив обичај, да основаат храмови во чест на своите ангели чувари, т.е. на светителите чиишто имиња ги носеле или биле нивни закрилници. Така, рамноапостолниот Владимир, во светото Крштение Василиј, изградил во Киев и Вишегород храмови во чест на светиот Василиј Велики; кнезот Изјаслав Први (1054-1068), во крштение Димитриј, изградил во Киев храм и манастир во името на светиот великомаченик Димитриј (се слави на 26 октомври/8 ноември); кнезот Јарослав Мудри (1019-1054), во светото крштение Ѓорѓи, положил темели на храмот и на машкиот манастир во чест на својот светител закрилник, светиот Ѓорѓи (се слави на 23 април/6 мај), а исто така изградил храм и во името на маченичката Ирина (се слави на 5/18 мај), закрилничката на неговата сопруга. Храмот во чест на светиот великомаченик Ѓорѓи се наоѓал пред вратите на Света Софија (Киевска), на неговата изградба кнезот Јарослав потрошил многу средства, а во изградбата на храмот учествувал голем број на градители. На 26 ноември/9 декември храмот бил осветен од страна на архиерејот Иларион, митрополитот Киевски (се слави на 21 октомври), и било востановено секоја година на овој ден да се празнува овој голем настан.

Молитва кон свети Георгиј:

Свет и славен и сефален великомаченику Христов Георгиј! Ние верниците кои сме собрани во твојот храм и се поклонуваме пред твојата света икона, те молиме, да се застапуваш за нашите молби: моли Го со нас и за нас умоливиот и благосрдечен Бог, милостиво да нѐ послуша нас, кои ја молиме Неговата добрина, и да не ги остава сите наши молби кои ни се неопходни за животот, и да ја укрепи со благодатта која ти е дадена нашата армија во војните, да ги скрши непријателските сили кои се креваат против нас, да се посрамат и засрамат, и да се згази нивната дрскост, и да разберат дека ние имаме Божествена помош; и покажи им ја на дело твојата моќна заштита на сите кои се во тага и напади. Умоли Го Господа Бога, Создателот на сите твари, да нѐ избави од вечните маки, та секогаш да Го прославуваме Отецот и Синот и Светиот Дух, и да го објавуваме твоето закрилништво, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Тропар: Како ослободител на заробените, и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошнику на царевите, победоносецу и великомаченик Георгиј, моли Го Христа Бога, да бидат спасени нашите души.

Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев

Види: Вечно име! Вечна слава!

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑