Страст, заљубеност и вистинска љубов

Отец Валериј Духањин

Во животот, како и во песните, често не разликуваме три појави во блиските односи и сите ги сметаме за љубов. А само една е вистинска љубов. Тоа неразликување кај многу луѓе доведува до големи страдања, недоволно добри проценки при влегување во брак, проблеми во самиот брак, различни психички и физички болести.

Страстната приврзаност за друга личност (во смисла на телесна привлечност), кога ќе ја помешаме со љубов може да доведе до тешки душевни последици и телесни оштетувања, а самата личност чесно да не е свесна за причината на својата неволја, туку само живее во состојба на трагична ситуација што ѝ се случила. Ако знаеме да го разликуваме чувството на страстна и телесна привлечност од искрената љубов, тогаш ќе биде полесно и поразумно да носиме здрави одлуки во кои односи треба да се впуштаме, а кои да ги оттргнеме, знаејќи како христијани како да се справиме со страствените приврзаности од сите видови.

Исто така, важно е да разликуваме заљубеност и вистинска љубов, да сме свесни дека заљубеноста ја идеализира личноста во која сме заљубени. На тој начин ќе го спречиме чувството на разочарување во бракот кога ќе забележиме дека пеперутките во стомакот се стишиле, ќе го спречиме чувството на збунетост со прашањето „дали тоа значи дека љубовта исчезнала“, и ќе знаеме во кој правец да се движиме за односот на блискост во бракот навистина да прерасне во вистинска љубов, која ја надминува смртта.

Привлечност, заљубеност и љубов

Исус Христос, нашиот Спасител, при една прилика ги изговорил следниве зборови: „Бидејќи каде е вашето богатство, таму ќе ви биде и срцето. Светлост на телото е окото. Значи, ако твоето око е здраво, целото твое тело ќе биде здраво“ (Мт. 6,21-23). Оставајќи ја можноста на  љубопитниот читател да пронајде поширока длабочина на овие зборови, би рекол дека постојат три видови на светлина што нѐ привлекуваат кон друга личност.

Првиот вид е еден блесок на сексуалноста која во нас распалува скриени страсти. Тој претставува сјај на привлечна надворешност. Несреќен е човекот што тој зрак го смета за вистинска светлост на душата. Во тој поглед е значајна судбината на познатата американска актерка, Мерлин Монро, која менувала љубовници како чорапи. На крајот, страшно се разочарала и со горчина рекла дека никогаш не била сакана, дека била само предмет на похот. „За нив бев само тело“, – рекла Монро кратко пред смртта. Таков вид на светлина е невозможно и да го наречеш светлина – тука се зборува за светкање на телесната привлечност.

Еден мој познаник свежо влезен во емотивна врска, веќе дозволил интимна близина и тоа му ги врзало и рацете и нозете – бил принуден да стапи во брак под притисок на неговата девојка, иако на сите им било очигледно нивното внатрешно меѓусебно недоразбирање. Тој се жалел од неа уште пред венчавката. Венчавката се извршила, сите им честитале, им дарувале поклони, но после неколку години се исполнил зборот на нивните родители: „Овој брак нема долго да трае“.

Светиот праведен Јован Кронштатски напишал: „Кога човек кон човек, од спротивен пол, чувствува и негува животинска желба или телесна љубов – тогаш во срцето на човекот исчезнува вистинската љубов, и човекот како да се претвора во бездушен, алчен предмет, во сладост – нечиста, полна со омраза и спротивна на Бог, исчезнува љубовта Божја и се вселува ѓаволска желба“. Навистина, ова се строги зборови, но точно го опишува она на кое се сопнуваат мнозина наши современици.

Постои светлост која е многу почиста, повозвишена – светлоста на заљубеност при која спротивно од претходниот пример, се стишуваат сите груби страсти и стануваш маѓепсан од идеализацијата на саканиот човек. Така Андерсен  (1805-1875) станувајќи во својата младост приватен учител на децата на Јован Калин, истакнат дански државјанин,  ја засакал неговата ќерка Луиса. Долги години тагувал и страдал немајќи можност да стапи со неа во брак. Така бил заљубен и поетот Василиј Жуковски во својата далечна роднина Маша Мојер. Нивниот брак исто така бил невозможен од многу причини, меѓутоа, тие не ни барале позајмена интимна близина, нив ги врзувала идеализирана љубов, поточно заљубеност.

Што е заљубеноста? Таа е позната секому. Таа, преку светли сеќавања од светлото детство остава во душата посебно сеќавање на некоја неискажлива тага. Во срцето свети слика за единствената личност за тебе. Заљубеноста е како пејзаж за сончевиот Крим, како романса за патување. Таа привлекува, ранува и инспирира.

Штом се заљубиме, ние тогаш го набљудуваме и најмалиот гест, потезите на личноста која нѐ привлекува, се восхитуваме од изразот на нејзиното лице. Се обидуваме во нив да воочиме нешто важно за нас, пред сѐ – односот на таа личност кон нас.

Многу е важно да се разбере што се крие позади овој феномен. Заљубеноста е своевидна љубов кон убава фотографија. Човекот долго се спремал за сликање, се разубавувал себеси, сокривал недостатоци. Фотографскиот уметник со вештина ја завршил својата работа. Блицот блеснал и го овековечил тој разубавен лик. Човекот ја видел сликата, срцето се разгорело, идеалната слика ја плени душата. Така и заљубеноста претставува момент на силен душевен блесок кога на твојата душа се отсликала душата на друг човек, идеална слика која маѓепсува.

Постои статистика, поточно научни истражувања на биохемиски процеси во човечкиот организам. Во моментот на запознавање со привлечна личност во организмот на заљубениот човек зголемено се лачи одреден хормон когошто некои луѓе така и го викаат – „хормон на љубовта“. Неговото лачење во човекот создава чувство на еуфорија при допир со личноста во која е заљубен. Но, проаѓаат две години и хормонот се враќа на поранешното ниво.

Сега замислете: поминало време, првите пеперутки исчезнале, силните чувства станале бледи, заљубените се навикнале еден на друг. Надворешноста веќе не те маѓепсува, нема заљубеност. Што понатаму? Ќе бараме друга личност за наредните две години?

Сето ова значи дека при вистинска љубов мора да постои нешто подлабоко од моменталната привлечност од надворешниот изглед или силниот пламен на силни чувства.

Меѓутоа, не е сѐ така трагично, зашто заљубеноста по некое време може да премине во љубов. Дури и повеќе од тоа, заљубеноста е посебен Божји дар кој го спасува човекот од вулгарност и телесни искушенија. Тоа е дар кој, кога во себе ќе го прими заљубената личност, внатре во неа сѐ е обземено од збунетост, а срцето како да застанува од блесокот на замислената слика за саканиот човек. Телесноста отстапува затоа што заљубениот човек дури не може и да се осмели светата слика да ја извалка со нечисти фантазии.

Уште еднаш би повторил: вљубеноста може да премине во љубов, додека телесната желба никогаш не може да роди ни љубов ни заљубеност.

И ако продолжиме понатаму, ќе откриеме една важна тајна: во бракот силните чувства треба да преминат во длабочина.

Силните чувства се налик на хоризонт кој маѓепсува, кој секогаш останува недостапен, колку и да му се приближуваме. Се сеќавате ли колку пати сте чувствувале силен глад и со задоволство сте јаделе, а потоа, сепак, гладот повторно се јавувал. Колку пати сте пиеле и пак сте чувствувале жед. Така е и со силните чувства на вљубеност – на почетокот силен душевен глад, потоа силна заситеност при остварување контакт, а потоа повторно – глад. Од овие чувства не е можно да се заситиш. Чувствата ќе оладат и во најнеприкладниот момент ќе преминат во нешто друго.

Третиот вид на светлина се карактеризира како мирен и приземен. Можеме да го наречеме почеток на љубовта. Љубовта не е просто чувство на восхит кога ќе видиме некој, или чувство на мачење кога таа личност ја нема. Човекот што вистински сака не бара толку за себе, колку за личноста што ја сака. Спротивно од тоа, чувството на заљубеност бара корист за себе, затоа што сака да биде задоволено.

Вие, секако, повеќе пати сте читале, можеби и сте слушнале некој да рече: „Не можам да живеам без неа. Ете, тоа јас не го можам“. За жал, тоа укажува на самољубие – се зборува за своето „јас“ кое нема да биде задоволено додека не го добие другиот. Ако не успее во својот обид, доведува до очај.

Не случајно реков дека при познанство е можен само почеток на љубовта. Затоа што во тој момент човекот почнува да се одрекува од самиот себеси и во центарот на неговите интереси веќе не се наоѓа исклучиво неговото сопствено добро. Тој почнува да се грижи за другата личност не штедејќи го сопственото време, сила и здравје. Меѓутоа, единствено животот ќе провери дали во прашање била љубов или привремена племенитост на срцето, рането од романтика. Љубовта е како преубава градина која е потребно постојано да се одгледува. Не е доволно да се засади цвеќе, важно е да го чуваш и да се грижиш за него. Неопходно е да се пази на дрвото, овошјето, тревата, потребно е да се наводнува, да се негува и да се искорени плевелот. Така и заљубеноста преминува во љубов само со непрестајна работа на себе.

Љубовта не претставува идеализирање на друг човек, туку препознавање на Божјиот образ во тој човек. Љубовта не е обожување или восхит предизвикан од привремена експлозија на чувства. Љубовта е посебно гледање на срцата, кога преку надворешната телесна обвивка ќе ја видиш внатрешната убавина на другиот човек. Не те привлекува само лицето и фигурата. Се случува луѓето околу нас да зборуваат: „Што ли видел во неа?“. Меѓутоа, луѓето што се сакаат гледаат во неа нешто што другите не го гледаат. А што гледаат тие?

Љубовта е скриена светлост која престојува во срцата на луѓето што се сакаат, светлост која само тие ја гледаат. Таа е потполно објективно чувство, дека сѐ што има таа личност навистина е твое, дека тоа нешто што се родило е најблиску до твоето срце.

Љубовта е зрелост, длабочина и непроменливост. Љубовта е ослободување, таа е несебична и со своите дарови, и затоа во себе носи длабок мир. Љубовта не може разумно да се дефинира. Таа може да се почувствува, со неа треба и може да се живее. Само човек што вистински сака знае што е љубов.

Превод: Андријан Ѓорѓиев, студент на Теологија

Православна светлина бр. 59

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑