Независност и потреба

Архимандрит Павлос Пападопулос

Можеби убаво е да си „независен“, но сите имаме потреба од луѓето околу нас. Имаме потреба, иако често пати одбиваме да го прифатиме тоа, од луѓе кои нѐ сакаат и се грижат за нас. Но, не само тоа. Мислам дека имаме потреба од луѓе на кои можеме да се потпреме. Луѓе кои ќе ни дадат некој совет, ќе нѐ утешат, ќе нѐ охрабрат, ќе нѐ држат за рака, ќе нѐ прегрнат, ќе седат до нас.

А тоа не значи слабост, туку општење.

Не значи дека зависиме од луѓе, иако и тоа не е лошо, но, дека ги имаме срушено ѕидовите околу нас и го споделуваме нашиот живот со други луѓе, стекнуваме заеднички искуства кои нѐ поттикнуваат како луѓе.

Тешко на човекот кој мисли дека може сам да живее. Можеби ќе може да преживее, но не и да живее. Сите имаме потреба од топлината на дружбата со некого. Нашиот живот се разубавува кога споделуваме нешто со другите, кога си го отвораме срцето за други срца. Така можеме да се соочиме поефикасно и поуспешно со разните состојби од нашиот живот.

Имаме веќе кажано, не можеме да се погодиме со сите, но погубно е ако мислиме дека не можеме со никого да се погодиме.

Ако си бил повреден од некого, не значи дека сите сакаат да те повредуваат. Да им даваш можности на луѓето да ти покажат дека те сакаат во својот живот и вреди и ти да ги ставиш во твојот живот.

Без меѓуличносни односи нашиот живот станува безвкусен. Затоа, да не се затвораме во себе. Нема значење да покажуваме дека и сами сме добро. Едно е да поминуваш добро сам, а сосема друго е сиот твој живот да биде егоистична и себељубива изолација.

Во меѓусебните односи со другите главно се откриваме себеси (и така се развиваме), но и нашиот ближен. Рушиме ѕидови и градиме мостови.

Барем да сфатиме колку значаен е другиот и колку имаме потреба од неговото присуство, кое ни го разубавува нашиот живот.

Да љубиш и да се грижиш за некого, не е слабост. Да сакаш луѓе во твојот живот, не е слабост.

Слабост е да се плашиш и да се затвораш во својата школка.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑