Да бидеме христијани 24 часа на ден

Беседа со светогорски подвижник

(1 дел)

Јеросхимонах Штефан Нуцеску

Отец Штефан (Нуцеску) примил монашки постриг во манастирот Сихастрија уште при старецот Клеопа (Илие). Во 1989 г., отец Штефан заминува на Света Гора. Во сегашно време, старецот Штефан е настојател и духовник на келијата посветена на Благовештението, од романскиот скит Лаку, кој е во состав на манастирот на Светиот апостол Павле.

Романскиот скит Лаку, посветен на светиот великомаченик Димитриј, се наоѓа на северо-истокот на полуостровот Атон, на 4 саати одење од манастирот на Свети апостол Павле. Основан е од монаси кои дошле од романски и бесарабски манастири. Првото негово спомнување во документите датира од почетокот на XVIII век. Во почетокот на XIX век во скитот Лаку дејствувале повеќе од 30 келии, во кои се подвизувале повеќе од 100 монаси. Денес има 13 келии со 50 монаси.

 – Отче, какво е дејството на гревот врз душата?

– Светите отци говореле дека гревот има парализирачко дејство. Со секој направен грев ѓаволот си освојува место во душата на човекот. На тој начин се одвива невидливата војна меѓу благодатта Божја и гревот. После секој грев благодатта отстапува, а гревот ги парализира душевните сили на човекот, посебно неговата волја и ум. Вие сте ги слушнале зборовите на светиот апостол Павле: „Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“ (Рим. 7, 19). Христијаните-подвижници го осознаваат ова умртвувачко дејство на гревот и при секоја можност се обидуваат да се очистат од него.

Отец Пајсиј вели дека со секој грев му даваш на ѓаволот право, му ја отвораш вратата во својата душа. А ава Доротеј, говорејќи за домот на душата, поучува како да се става темелот, како да се издигнуваат ѕидовите, а потоа кровот, прозорците и вели дека треба да ставиме решетки на прозорците, за да не му дадеме на гревот да влезе. Овие решетки го означуваат чувањето на петте сетила, за гревот да не може преку нив да влезе во нашата душа.

Денес многу луѓе веќе не разбираат колку е важна духовната работа во секојдневниот живот. Без неа животот на човекот се сведува на борба за биолошкото, за да си обезбеди себеси минимум комфорт и добросостојба, и на тоа сè завршува. Но, тоа не треба да биде грижа на секој христијанин, туку спасението треба да биде првата цел.

– Вие зборувавте за духовната активност. Каква таа треба да биде?

– Таа, пред сè, треба да се исполнува под раководство на духовникот. Тој е семеен духовен лекар. Тоа е исто како да се отиде во аптека и да се земе лекарство по рецепт, кој е препишан од лекарот. Ти не го купуваш лекот по своја желба, зашто тој може и да те убие. Духовната активност означува дека ние го правиме тоа, што нè става пред лицето на Христа: евангелските заповеди, заповедите на Црквата. Тоа се едноставни работи: „оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;“ итн. (Мт. 25, 35-40). Едноставни работи, кои се однесуваат на тоа, како ние се однесуваме кон себе самите, кон ближните и кон Бога.

 На пример, ако боледуваш телесно, лекарот ти назначува диета, некој вид на пост. А Црквата назначува повеќе ефикасен режим на исхрана, кој што е вреден не само за телото, туку и за вечниот живот. Затоа што телото, како правило, заболува поради тоа што душата е болна. Поради гревот заболува душата, а после тоа и телото заболува. Тоа е поврзано.

Терапевтските методи на Црквата се јасни – тоа се постот, молитвата, исповедта, Причеста, посетување на храмот, милосрдието кон ближните, десетте заповеди. Заповедите на Црквата се многу едноставни. Ако човекот би ги исполнувал, тогаш тој би се зачувал од ѓаволот и би работел над изградбата на својата душа, како што учат светите отци. Како икона, која уметникот ја создава во своето ателје и ја покрива со прекривка, додека таа не биде готова, а кога ќе дојдат да ја земат, тогаш сите ќе се восхитуваат на нејзината убавина. Таква е и душата. Во овој живот ние работиме над убавината на својата душа прикриено, т.е. под прекривката на телото, а после изгледот на нашата душа ќе биде покажан на целиот свет. Оваа работа се состои во тоа, да го цртаме образот Божји во себеси. И ова се однесува за сите, без разлика дали човекот е мирјанин, свештеник или епископ.

– Некои луѓе живеат без никакво воздржување: тие мислат дека ќе останат без нешто, ако почнат да водат црковен живот, дека тоа ќе ги принуди да се откажат од определени задоволства. Тие имаат чувство дека ќе се лишат од „среќата“.

Менталитетот на сегашните христијани е целосно извртен. Ние се нарекуваме христијани тогаш, кога сме следбеници на Христа. А значи, дека сме должни да го правиме тоа што го правел Христос, така? Секој ученик оди по стапките на својот учител: „Јас сум ученик на тој…“ – „А јас сум ученик на тој…“. А чии сме ние, сегашните христијани? Некои духовници го користат изразот „номинални христијани“, т.е. „христијани по име“, имено такви и станавме. Затоа што се викаме „христијани“, се нарекуваме „Христови“, но ние не сме Христови, затоа што не го правиме тоа што го говори Христос. Зашто кај нас веќе го нема сознанието дека ние Го носиме Крстот, немаме претстава дека учествуваме во Крстот и Страдањата на Спасителот. И затоа гледаме друго христијанство.

Ова се случува дури и со оние христијани, кои регуларно одат во црква и се исповедаат и причестуваат. Нивните мисли се ограничуваат со тоа, ним да им биде во сè добро: децата да им бидат здрави, да имаат добра плата за да немаат потреба во ништо, да не боледуваат, да немаат некаква штета и на крај, кон сето ова, плус да го добијат и Царството Небесно. Некои можеби и ќе Го добијат, ние тоа не го знаеме оти не сме Божји судии, но проблемот е во тоа, дека христијанинот не мисли за тоа дека е Христов и дека учествувајќи во животот и страдањата Христови, ти се поистоветуваш себеси со Христа.

Многумина ни пишуваат писма и замолуваат: „Отче, помолете се, за Бог да ми помогне!“. Еднаш, разговарав по телефон со една девојка од Солун, која ја мачи ѓаволот. И ја прашав: „Ти одиш во црква?“ – „Одам.“ – „А постиш?“ – „Мммм… јас не го ставив тој проблем пред себе“. – „Почекај, т.е. како ти не си го ставила пред себе тој проблем? Боледуваш од нешто?“ – „Не“. Но, православниот пост е најглавното нешто. Тоа е средство, кое те води тебе кон спасението, тоа е многу важно на нашиот духовен пат.

– Зарем Христос не вели: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“ (Мт. 17, 21).

– Да. Ти си христијанка, одиш во црква и… „А ти се исповедаш?“ – „Ммм… не баш.“ – „Еве, во тоа е и проблемот, и нечестивиот нема да те остави на мир, додека не се поправиш“. Таа ми одоговори: „Јас ќе се обидам“, а ако така велат, тогаш не се обидуваат посебно! Ако таа ми речеше: „Отче, помолете се, за јас да поставам добар почеток и од денешниов ден ќе почнам да го правам тоа“ – тогаш има уште простор за надеж дека таа ќе почне да работи. Додека, „јас ќе се обидам“ – сето тоа е во некоја повеќе или помалку далечна иднина, и тоа ако ѝ текне дека нешто треба да прави.

Во „Старечникот“ еден ава вели: „Одземен им е зборот на старците“. Зошто е одземен? Затоа што учениците повеќе не прашуваат за тоа како да го применат зборот на дело, туку само за покажување: „Ајде да отидеме кај тој и да видиме што ќе ни каже!“, односно, ова се прави само заради промена на впечатоците. Тие не разбираат дека вистинското блаженство се состои во духовната работа – еве каде ти ќе ја најдеш радоста и душевниот мир.

Нам ни е потребно ослободување од гревот, а не добивање на материјални добра. Ова е јасно и сите светии велат дека борбата со гревот ни го дава вистинското блаженство. Еднаш, една монахиња од Суроти го прашала старецот Пајсиј: „Отец, имам многу искушенија. Ќе ми кажете ли во што се состои решението на моите проблеми?“. Старецот ѝ одговорил: „Да! Јас го најдов решението и сега ќе ти го кажам!“ Таа се израдувала дека ќе ја дознае тајната како да се избави од искушенијата. А старецот ѝ рекол: „Бори се со искушенијата!“, – и таа се натажила.

Заклучокот е дека треба да се влезе во борба. Нема друга варијанта! Ние живееме во состојба на постојана борба: човекот оди или кон Бога, или кон ѓаволот. Не постои средна состојба, неутрална. Ти или си со Едниот, или со другиот.

– Значи, нам ни е потребно подлабоко да навлеземе во себе и сериозно да се однесуваме кон тоа.

– Несомнено. Светите отци нè учат дека духовната работа на христијанинот е внатре во него. Спасителот ни вели: „Царството Божјо е во вас внатре“ (Лк. 17, 21). А отец Софрониј (Сахаров) одлично говорел дека целото човештво е слично на пирамида, на чиј врв е Христос, но само оваа пирамида е свртена наопаку. За да Го достигнеме Христос, треба да се спуштиме во длабочината на смирението, а не да се возвишуваме (кон гордоста). И колку повеќе се спуштаме, толку повеќе расте одговорноста за другите. Спасителот е долу, на врвот од пирамидата, т.е. во длабочината на смирението, но истовремено Он го носи бремето на гревовите на сите луѓе.

Во тоа и се состои духовната работа – спуштањето во смирението ти помага да ја осознаеш твојата одговорност за својата душа и за сличните на тебе луѓе. Се разбира, таквите велики светители, како што бил свети Силуан, имале „молитва за цел свет“. Но ние тоа веќе не го осознаваме. Ние сме многу површни! На површноста ѝ помагаат медиумите и целото тоа демонско општество, кое не само што не ни помага духовно да успееме, но дури и не ни дава можност да се држиме на една насока, условно речено, морална, не говорејќи веќе за духовната, која е многу повисока.

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 63

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑