Брак: Рај или пекол?

Митрополитот Лимасолски Атанасиј

Конечно, бидете сите чувствителни, братољубиви, жалостиви, милосрдни, и понизни (1. Пет. 3:8).

Жената треба да ја стекне оваа вештина – да биде што е можно почесто, пријателски расположена кон својот сопруг, за и тој да биде среќен кога ќе ја види. Но, има уште нешто. Жените треба секогаш да се грижат за своето однесување (како и девојките), бидејќи во бракот едниот брачен другар секогаш го чувствува она што е во душата на другиот, а на жените тоа најчесто им е ,напишано‘ на лицата. На пример, таа е тажна и мрачна, а вие ја прашувате:

  • Дали имате проблем?
  • Не, сѐ е во ред.
  • Дали сте загрижена за нешто?
  • Не, добро сум!
  • Дали сте преуморена?
  • Не, ништо не ми пречи!

Но верувајте, не можете секогаш да видите сè како на дланка! Знајте дека однадвор го покажувате и она што ве мачи одвнатре.

Така функционира машката, но и женската психа, и затоа е пожелно пред сѐ, жената често да се насмевнува и да биде пријателски настроена кон својот партнер, а не да биде намуртена, зајадлива и депресивна, бидејќи нејзиниот сопруг ќе почне да се нервира ако често пати ја гледа во таква состојба. Тогаш мажот го обзема чувство дека треба да направи нешто посебно, за да ја поправи ситуацијата, и тој станува како лав заробен во кафез. Жената пред сѐ, треба да научи како да дели радост околу себеси. И не дека, штом мажот го премине прагот на куќата, сите проблеми ги префрла врз себе. Тоа е грешка! Така не треба да се мисли.

Како што Сара го слушаше Авраам, и го нарече свој господар: „Вие сте нејзини чеда, ако правите добро и не треба да се плашите од страв“ (1.Петр. 3,6).

Така беше и овде на Кипар до неодамна, нели? Мажот ќе речеше: „Тоа е мојата љубена“, а жената, пак: „Тоа е мојот господар!“ Но сега веќе не зборуваат така еден за друг. А некогаш било така! Па и денес, ако отидеш во некое подалечно село, ќе видиш дека сѐ уште има благородни старци и старици коишто зборуваат на ваков начин. И јасно е дека тие се среќници, бидејќи овие луѓе знаат да разговараат меѓу себе, мажот знае како да ја израдува својата жена, затоа што е многу важно кога таа е навистина среќна.

Кога не е среќна жената, туку е постојано нерасположена, и на лицето ѝ се гледа нервоза, тогаш е навистина тешко да се живее со неа. Како да има некое сечиво во рака, ќе те преполови, макар и од железо да си! Нема шанси да останеш недопрен! Тогаш ќе имате проблеми. Сметајте на тоа.
Поради оваа причина, сопругите мора да бидат пријателски расположени и да им ја обезбедуваат потребната радост на своите сопрузи. А мажот, како што веќе кажав, треба да ја почитува сопругата, секогаш да ја чести со пофалби, со нежност, и љубов, да ѝ обезбедува сигурност, топлина – и сѐ друго што ѝ е потребно од сопругот.
Потребно е да се разбере дека брачниот живот не се заснова само на интимни врски, бидејќи тие сочинуваат само мал дел од брачниот живот. Ако мажот не го разбере ова, ќе се појави друг проблем во бракот. И двајцата треба да го разберат ова, пред да се одлучат за брак. Затоа Црквата решително ги отфрла предбрачните односи, за мажот и жената да научат да се почитуваат како личности, а не да се гледаат само како единки од спротивен пол. Предбрачните интимности ја уништуваат иднината на бракот.
Неодамна прочитав дека дури и во западните земји (напредни, како што велат сега), каде што владее целосна слобода во поглед на ваквите работи, луѓето открија дека главниот предуслов за успешен семеен живот, е да се сочуваш чист и непорочен до бракот. На овој начин бракот навистина ја добива својата целосна смисла, и светост, и на тој начин се создаваат услови за меѓусебно искрено почитување. Тогаш бракот станува вистинска Света Тајна. Инаку, доколку се проба сѐ пред бракот, тогаш тоа се претвора во нешто што е сто пати направено и поради тоа сопружниците не наоѓаат скоро никакво суштинско значење во нивниот брак.
Самиот Бог вели дека мажот треба да ги остави татка си и мајка си кога ќе се ожени, за да се соедини со својата жена и тие да станат едно тело (Битие 2,24; Ефес. 5,31). Се подразбира дека мораш да ги почитуваш родителите, но таа почит на таков начин, треба да трае до стапувањето во брак, а потоа во твојот живот влегува друга личност, и тоа е твојата жена. И ти ги оставаш родителите, што секако не значи дека повеќе не ти е гајле за нив, само треба секогаш да имаш на ум, дека треба да се здружиш пред сѐ, со жена ти.
Во тој случај, Светото Писмо првенствено му се обраќа на сопругот. Всушност мажот, пред сѐ, да ги остави родителите, бидејќи ќе биде поразен ако ги однесе со себе во бракот. Во тој случај, неговиот брак нема да успее. Во исто време, родителите на жената, без разлика кои и да се, сепак често пати помагаат, се грижат за децата итн. Но, мислам дека не може да има две домаќинки во еден дом, бидејќи тогаш едната би требало да биде голема светителка!

Но, мораме да искажуваме должна почит кон сите: и кон нашите родители и кон родителите на нашите сопруги, кои тогаш стануваат и наши родители. Заклучокот е дека, оваа благодарност треба да содржи доза на здрав разум, бидејќи брачната врска не смее да се разниша со родителското мешање. Брачниот однос по секоја цена мора да остане неприкосновен, и треба да биде личен однос на самите сопружници, и само доколку тој однос се најде во некаква опасност, тогаш можеме да се обратиме кон нашите родители.

Кога на сите им е очигледно дека бракот е здрав, кога мажот и жената се сакаат и се тесно поврзани еден со друг, тогаш нема да има проблеми ни со родителите. Ако мажот ги сака и почитува родителите на својата сопруга, затоа што ја сака и почитува неа, таа возвраќа со иста мерка, затоа што знае, и е целосно убедена, дека нејзиниот сопруг ја сака повеќе од сè на светот. Таа може да почне да се бунтува дури откако ќе се посомнева дека нејзиниот сопруг е под влијание на мајка му, или, поинаку кажано, ако ѝ дал дел од своето срце на мајка си и таа на тој начин владее со него, тогаш жената ќе најде илјада причини за да го прекорува: „Ти, зар не гледаш дека мајка ти го направи ова, да, таа го направи тоа!“
И ако често ја посетувате мајка си (а навистина ја посетувате еднаш годишно), сопругата ќе ви каже: „Пред колку време беше таму, кај нив!“ – или пак: „Мајка ти се јави и праша каде си?“
Кога жената е целосно убедена дека нејзиниот сопруг ѝ припаѓа нејзе и со душа и со тело, тогаш мислам дека нема да има никакви проблеми. Проблемите се појавуваат, само кога брачните другари ќе престанат да бидат нераскинливо поврзани, кога веќе не се толку силно обединети, што значи дека некаде се појавила „пукнатина“ во нивниот меѓусебен однос. А кога брачниот живот е здрав, кога сопружниците се силно поврзани и се сакаат, тогаш нема такви проблеми. Проблемите произлегуваат од недостатокот на единство, од чести недоразбирања, што од своја страна е неопходен услов за добар и складен брак.

Светиот апостол високо го цени бракот и брачниот однос. Односно, набљудувајќи ја својата жена, ти човеку учиш да ја доживуваш како личност која заедно со тебе ќе го наследи Царството Божјо. А кога нашата молитва наидува на пречки? Тогаш, кога нашата совест ќе почне да нѐ глода одвнатре. Кога нашата совест ни кажува дека сме направиле нешто лошо, кога му држиме лутина на нашиот брат, тогаш не можеме ни да се молиме, затоа што не се осмелуваме да застанеме пред Бога. Само тој човек има храброст да се исправи пред Бога, чија совест сведочи дека направил сѐ што можел за да се сочува бракот. Затоа, многу е важно сопружникот да се гледа како сонаследник на Царството Божјо, а бракот како општ т.е. заеднички подвиг. Токму затоа, двајца луѓе живеат заедно за да се стремат заедно, и заедно да влезат во Царството Божјо.


Не се венчаваме за да ни помине животот како во песна, или само за да имаме деца и да изградиме семеен дом. Не! Главната смисла на бракот е, да влеземе заедно во Царството Божјо, а тоа значи дека треба да бидеме подготвени да платиме секаква цена во секое време, да направиме секаква неопходна жртва, и да трпиме најразлични тешкотии кои ќе наидат во бракот. Затоа, не смееме да го уништиме нашиот брак кога ќе се соочиме со првите проблеми, па дури и доколку тие проблеми продолжат извесно време да нѐ мачат, должни сме да ја зачуваме брачната заедница. Вие можеби ќе речете: „Но, сега скоро сите парови се разведуваат! Да, многу брачни парови во денешно време се разведуваат. Но, факт е дека бракот треба да се гради врз основа што претпоставува заеднички пристап на сопружниците во Царството Небесно! А тоа значи дека секој човек треба да ја поддржува својата партнерка, и заедно треба да се движат кон Царството Божјо.
Многу е важно сопружниците да научат да се молат заедно. Затоа, не избегнувајте ја заедничката молитва, и молете се заедно секогаш кога можете! Најмалку две минути, но и двајцата да стоите пред Бога и да се молите. И ќе видите дека нема проблем за луѓето кои секојдневно се молат заедно. Зошто е тоа така? Затоа што заедничката молитва, на невидлив начин ќе ги отстрани сите проблеми. Денес, на пример, се скаравте за нешто. Но, навечер, во одреден час, ќе се помолите заедно, без разлика на кавгите. Не едниот да се моли од неговиот агол, а другиот од својот, туку заедно да застанете пред Бога, еден до друг. Немојте да се однесувате како што е напишано во примерот во „Отечникот“, кога еден старец му пришол на другиот и му рекол:

  • Старче, ене мојот собрат многу ме налути и не можам да му простам. Навистина не можам!
  • Добро, одговорил овој. Дојди тогаш овде и да се помолиме ние двајцата! – и тој почнал да се моли: „Отче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја како на небото така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и не ни ги простувај нашите долгови, како што и ние не им ги простуваме на нашите должници“.

Првиот ава почна да протестира:

  • Не, отче, тоа е грешка! Ние велиме: „И прости ни ги долговите наши, како што ние им проштеваме на нашите должници“!
  • Ама ти не му простуваш на својот брат! Па како може Бог да ти прости тебе? И така „срдечно Те молиме, Христе, да не ни ги простиш нашите гревови, како што ние не им ги простуваме гревовите на нашите браќа…“

Затоа и ти човеку, кога ќе отидеш да се помолиш на Бога, прво да се смириш со сопругата. Кога се молиш со неа, ќе ти дојде и посебно олеснување. Раната ќе почне да зараснува и пак ќе се оформи мост помеѓу вас. Овие работи се уште подобри, доколку се прават во присуство на децата. За децата е многу корисно да гледаат како нивните родители се молат заедно. Јас не знам за многу семејства кои се молат заедно. Како да ти го објаснам ова?
Верувам дека на тие деца им се всадуваат добри слики кога го гледаат нивниот татко како клечи и се моли заедно со нивната мајка. Мислите ли дека таа слика некогаш ќе им згасне од сеќавањето? Не! Никогаш. И детето ќе почне уште посилно да ги сака и почитува своите родители, зашто оваа глетка ќе биде неговото најмоќно оружје, дури и ако родителот некогаш не му даде некој конкретен совет, или одговор.


Докажано е дека семејството кое се моли заедно, е цврсто обединето. Особено ако научиме, како што е наредбата на Црквата, да си простуваме пред да се молиме и пред да заспиеме и да си кажеме: „Прости ми, згрешив!“ – и дури потоа да одиме на спиење. Тогаш нашиот семеен дом нема да биде само дом, туку тој станува рај, тоа е навистина најубавото нешто каде може да се биде, а тоа е – рајот! Кога едно семејство го мачи раздор, домот се претвора во пекол, и тоа е навистина страшно. И немојте да мислите дека децата не го чувствуваат тоа: тие имаат многу сериозна интуиција, отколку што вие си замислувате.
Сетете се кога вие бевте деца! Или пак ако имате деца, тогаш набљудувајте ги нив. Јас гледам деца на три и четири години како ги придружуваат своите родители на исповед. Овие деца имаат голема интуиција. Тие разбираат кога односот меѓу нивните родители не е таков каков што треба да биде. Однадвор, родителите можеби не покажуваат ништо, не се расправаат кога се присутни децата, но сепак дечињата разбираат кога помеѓу нив постои проблем. Затоа, родителите сносат огромна одговорност. Ајде, ние сме веќе возрасни, па и да се скараме нема тоа да ни остави сериозни психички последици, но децата се многу чувствителни, и таквите ситуации во голема мера ги трауматизираат и им создаваат големи душевни растројства.


Затоа е многу важно, родителите да научат да се молат заедно. Децата кои се раѓаат во таква, здрава духовна атмосфера, односно по молитвите на сопружниците, ги имаат сите можности за стекнување на целосна хармонија во нивниот духовен живот. Во Стариот Завет има една убава приказна за Товит (Книгата за Товит е неканонска, но не и апокрифна, што значи дека Црквата дозволува да се чита како помош во духовниот живот на христијанинот). „Кога се ожени, а вечерта ја одведе сопругата во своите одаи, најпрво клекна и се молеше на Бога на следниот начин: Боже мој! Благослови го нашиот однос и соединувањето, и подари ни благословено чедо, благословен плод и чувај нѐ во сите наши денови, за да ти бидеме угодни на Тебе“.
Дали разбирате какви деца ќе се родат во такви услови и какво семејство ќе биде тоа? А кога децата се раѓаат во услови на грев, страст, гнев и други срамни дела, тогаш јасно е што ќе произлезе од сето тоа. А тоа не го велиме само јас и Црквата, туку и психологијата. Денес постои цела една научна област т.н. „психологија на ембрионот“, која нѐ учи дека моментот на зачнувањето на детето е од исклучителна важност, бидејќи од тој момент детето го прима во себе генетскиот код на родителите. Старецот Порфириј многу пати зборувал за ова, пишувал во неговите „Поуки“, ги советувал сопружниците да негуваат хармонични односи пред зачнувањето на нивните деца, бидејќи на тој начин, тие помагаат да се створи нов човек на овој свет.
Дали сфаќаш дека стануваш Божји соработник, учествувајќи во појавувањето на нов човек на овој свет? Нема да родиш ни куче ниту маче, ниту било што друго, туку се создава цел, нов човек, заради кого и Самиот Бог слезе од Небото и стана Човек.
Но денес, тој свет чин од брачниот живот, многумина го претвораат во развратен однос, и врз основа на него прават дури и реклами и продаваат гнасни снимки во јавноста. Најсветиот чин, чинот на човечко создавање, таквите луѓе го претвораат во навистина одвратен чин, во „нешто“ што може да се извршува насекаде, било како и во секое време.

Превод:
Станка Биковска, дипл. електроинженер

Православна светлина бр. 67

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑