Кога и како се подготвува „коливо“?

Поимот „коливо“ означува варена пченица, и како термин го сретнуваме во житието на свети Теодор Тирон. Кога царот сакал да ги оскверни христијаните, попрскувајќи ја храната со жртвена крв, светителот му се јавил на локалниот епископ и му рекол да свари „коливо“ и да му подели на народот, та никој да не купува и да не јаде од осквернетата храна. Во спомен на ова чудо, во првата сабота од Великиот пост, која е посветена токму на овој настан, во црквата се благословува коливо и им се дели на верниците.

„Коливо“ се подготвува и на секој голем празник, особено кога имаме домашна или црковна слава, па во чест на празникот се принесува и се благословува коливото, како благодарност кон Бог за даровите кои ни ги дава, и осветување на првите плодови.

„Коливо“ подготвуваме и во чест на покојните при погреби, спомени и задушници. Пченицата се користи затоа што лебот го добиваме од пченично брашно, и тоа е главен прехрамбен продукт. Затоа и Господ го избрал овој зрнест плод, како симбол на човечкото тело: „Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод“ (Јован 12,24); „тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое“ (1.Кор. 15, 36-37). Како што зрното паѓа во земја, скапува и во свое време раѓа плод многу повеќе отколку што било самото тоа вредно, така и човечкото тело го полагаме (садиме) во земја и при воскресението ќе даде изобилен плод.

Што означуваат состојките за коливо?

1. Пченица – човечкото тело кое треба да воскресне при Општото Воскресение;

2. Зрна од калинка – блесокот на рајот;

3. Излупени бадеми или ореви – продолжување во вечниот живот со сите наши предци;

4. Зачини (цимет) – благоуханието на вечниот живот, како и миризливото миро кое го носеле Мироносиците на гробот Христов;

5. Гранчиња магдонос или нане – симболизира место со зелена трева, алузија на Рајот;

6. Кокос или какао одозгора – „да му е лесна земјата“ која го покрива телото;

7. Зрна суво грозје – симбол на Христос Лозата (Јас сум лозата, вие сте гранките…)

8. Шеќерот или медот – симбол на сладоста на Рајот;

9. Украсни бели топчиња (конфети за торти) – симбол на белите коски кои треба да се соединат со телото при воскресението.

При подготовка може да се додаде и брусница, лешници, урми, сусам и други суви и јаткасти плодови.

Светогорски рецепт за подготовка на коливо (за празник или за покојни):

½ кг. Пченица;

¼ кг. Презла или мелени бисквити;

½ кг. Јадро насецкани ореви;

¼ кг. Јадро насецкани бадеми;

¼ бело суво грозје;

100 гр. Црно суво грозје;

1 чаша косос;

Сусам;

Калинка;

Магдонос или нане;

Рендана лушпа од портокал.

За украсување:

Сребрени конфети во разни форми;

Ситен шеќер;

Чепкалка за заби;

Украсна хартија;

Дискос;

Длабок сад;

Крпа.

Подготовка:

Ја миеме пченицата одвечер и ја ставаме да откисне во студена вода и малку сол во едно тенџере. Утрото ја миеме за да падне нечистотијата и ја вариме добро 40 минути. Ја цедиме добро со цедалка и го чуваме во длабок сад исцедокот од неа. Ја истураме пченицата на крпа и ја оставаме да се исцеди, но не и да се исуши. Го миеме грозјето и го ставаме 3 минути во жешка вода за да омекне. Го цедиме и го ставаме на крпа.

Потоа, ја ставаме исцедената пченица и грозјето во длабок сад и едно по едно ги додаваме состојките, освен презлата и шеќерот. Го мешаме со дланките кокосот со ренданата лушпа за да не омекне лушпата. Шеќерот не го ставаме. Го земаме дискосот и на него ставаме хартија за печење или бела украсна хартија. Ја истураме смесата и полека со рацете ја притискаме за да се распореди насекаде.

Со супена лажица додаваме презла од крајот на дискосот па кон средината и ја тапкаме за да се измазни. Кокосот се користи за да ја впие влажноста од смесата, а презлата за да не се расипе шеќерот и за да се фати добро декорацијата. Потоа истураме шеќер од средината па кон крајот на дискосот и го мазниме добро употребувајќи хартија, ја ставаме хартијата врз шеќерот, и со лажица поминуваме преку неа. Избегнуваме шеќер во прав бидејќи се натопува и се уништува украсувањето. Потоа со чепкалка може да направиме крст во шеќерот и да поставиме таму сребрени топчиња, или наоколу да ставиме зрна од калинка, или брусница, или било кое друго суво и јаткасто овошје.

*

Кога доаѓаат луѓе со неварена пченица, или чаша леблебија – тоа веднаш ни покажува со какви луѓе и какви верници си имаме работа. Нашата вера, љубов и почит се гледаат во нашиот труд, колку и како сме направиле, колкава жртва сме направиле за Господ и за блиските. Да не бидеме мрзливи! Она што го правиме за во црква, или за празник, или за покојните да не биде ради-реда, туку да го направиме најдоброто и најубавото!

Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 58

Види: Грижа за покојните

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑