Се служи ли некаква литургија на Велики петок?

Лазар Мирковиќ (1885-1968),

проф. по Литургика на Богословскиот факултет во Белград

На Велики Петок извршени се и Црквата си спомнува на смртта и погребот на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Совршувајќи го на Велики Петок „последованието на светите спасоносни страсти (страдања) на нашиот Господ Исус Христос“ Православната Црква во овој ден сите моменти од свештените настани на спасението на светот ги означила со богослужение. Времето на фаќање на Спасителот во Гетсиманската градина и Неговото осудување од страна на првосвештениците и старешините на страдање и смрт (Мат. 27, 1) со утрената богослужба; времето на водење на Спасителот на суд кај Пилат – со богослужението на првиот час (Мат. 27, 2); времето на осудување на Господа на суд кај Пилат – со извршување на третиот час; времето на крсните страдања на Христос – со шестиот час; времето на смртта – со деветтиот час; а симнувањето на телото Христово од крстот – со вечерната.

На утрената на Велики петок (се извршува на Велики четврток навечер, како бдение) се чита евангелското раскажување за страдањата и смртта на Господа Исуса Христа во 12 евангелски читања, т.н. страстни (страдални) евангелија.

Читањето на страдалните евангелија се врши со пеење на: Слава долготерпенију Твоему, Господи – наместо: Слава Тебје, Господи, слава Тебје. При секое читање на евангелието присутните палат свеќи. Тоа ја означува славатам светоста и божеството на Господ во моментот на крајно доброволно понижување и страдање, бидејќи за време на страдањата се случуваа моменти кои ја сведочеа славата и божеството на Господ Исус Христос.

На самиот ден на искупителните страдања и смрт на Господ, Црквата денес не извршува Божествена Литургија, туку извршува Часови. Меѓутоа старите типици во ова не се секогаш согласни и едни на Велики петок пропишуваат служење на литургија со претходноосветени дарови, а други – не. Па така, според типикот на Великата цариградска црква IX-X век (Τυπικα, I, 131) на Велики Петок се служела Литургија со претходноосветени дарови. Ерусалимскиот, пак, типик од 1122 година вели: „во овој свет и велик ден не треба да се совршува Литургија во Светото Воскресение (т.е. Црквата). Според Евергетидскиот типик во овој манастир на Велики Петок се извршувала Литургија со претходноосветени дарови.

Симеон Солунски за ова вели: „Јас не знам како се случило тоа, да биде напуштено извршувањето на Литургија со претходноосветени дарови на Велики Петок, кога тоа не било така порано. Можеби тоа го направиле врз основа на ерусалимскиот устав, кој бил монашки устав. На Светиот и Велики Петок ние не служиме потполна Литургија затоа што Господ, предавајќи ни ги таинствата во спомен на Своите страдања, на самиот ден петок ги претрпел доброволно и на крст се принел Себеси на жртва на Отецот. И така во Неговото божествено тело преку страдањата е тогаш принесена жртва. Затоа и не е потребно ние на Велики Петок да извршуваме Литургија во спомен на Неговите страдања, кога Он Самиот во тој ден пострадал. Затоа и не ни е предадено во тој ден да принесуваме совршена жртва. А да се предложуваат претходноосветени дарови и да се извршува литургија со нив предадено ни е, како што можеш да најдеш напишано во многу древни устави и стари евангелија и апостоли, иако сега, според монашкиот ерусалимски типик и не се извршува“ (Одговори на некои прашања).

Изворник: Лазар Мирковиќ, Хеортологија (Литургика 4 дел), Белград 1961.

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑