„Крстот“ на свештеникот

Свештеник Александар Дјаченко

Во една црква служеше еден достопочитуван протоереј. Кога ќе го погледнеш – вистински јунак од бајка: силни рамења и цврсти раце. Попадијата пред него – како девојче, но, како што забележавме, тој беспоговорно ја слушаше. Таа беше буквално генерал, а тој повисок и од генерал, тоа и не го заслужил.

Очигледно, сфаќајќи, дека толку е очигледен фактот, дека жената е главна во свештеничко семејство, еднаш, тој самиот ни ја откри завесата за една чудна историја од нивниот живот:

„Станав свештеник уште во седумдесеттите години. Се сеќавам, каква невеста си барав тогаш. Таква, та да биде, еднаш за цел живот! Ме запознаа со мојата идна невеста. Стројна и нежна, буквално како бреза… Ете, си реков, таква малечка невеста со мене ќе живее тивко и мирно, нема да ми укажува и да ме поучува. А излезе токму сѐ наопаку! Кога станав свештеник, откако добив парохиска црква, така и мојата благоверна попадија почна да се кара со мене. Сѐ ѝ беше непогодено: што и да направев, што и да кажев, нејзе никако да ѝ погодам! Ѝ зборував со арно, и со викање, и пак попусто! Не отстапува од нејзиното, и точка! И еднаш не можев веќе да се воздржам: помислив да ја исплашам со тупаницата, и несакајќи ја удрив… Мојата попадија падна па подот, лежи и не диши… Се фатив за глава. Зарем попадијата си ја убив! Иако ми правеше многу штета, сепак, ме сакаше, а и јас неа, да бидам искрен, со душа си ја сакав! А свештеникот, кој дури и случајно убил човек, нема повеќе право да служи пред престолот.

Тогаш почнав да плачам силно, паднав на колена пред неа, се доближив до усните, а таа не диши – телото е мртво. Ја кренав, а рацете ѝ висат, како партали. Ја ставив на креветот, и ја покрив со платно и поитав кај надлежниот владика. Му пренесоа, а тој излезе и ми вели:

– Што се случило, отче? Зошто такво брзање? Та не можеше ли да почекаш до утре?

– Владико, јас попадијата си ја убив! Не сакав, а ја убив – ми се намести пред раката кога замавнував, а заборавив на својата сила…

Го извадив крстот од градите и го ставив пред архиерејот на масата:

– Немам повеќе право да останам свештеник!

Владиката ми одговори:

– Земи го крстот веднаш и не се глупирај! Само јас можам да одлучам дали ќе останеш пред престолот или не. Подобро да се помолиме за твојата попадија…

А јас се свртев, и без да кажам ниту збор, во очајание истрчав на улицата. Се тресам во автобусот и си размислувам: „Сите ги изиграв, Црквата ја изиграв! Сега и во советските весници ќе пишува, дека мрачниот црковник ја претепал својата жена до смрт!“

Си одам дома, а нозете ми се враќаат назад. Во еден ден изгубив сѐ: и љубената, и свештеничкиот чин. Си размислувам, првин да се помолам, па ќе одам во полиција да се пријавам. Одам до вратата, а таа одеднаш сама се отвора, и мојата мила попадија ми се обеси на вратот.

– Па кај изчезна ти? Јадењето одамна ти се излади, а ти никако да се вратиш! Не знаев што да си помислам!

Стојам како закопан и не можам да сфатам: зарем спијам?

Се штипнав, а жената не исчезнува, туку дури и ми се смешка.

– Како се чувствуваш? – ја прашувам.

– Па добро, малку главата нешто ме боли…

Утрото, пак кај владиката, а тој ме чека. Одам, а кај него на бирото лежи мојот крст. Паднав на колена и му велам:

– Прости, владико! Мојата попадија воскресна, па дури и не се ни сеќава на тоа, дека јас ја убив!

Тој го зеде од бирото крстот, дојде кај мене, а потоа замафта со раката и неколку пати ме удри по грбот! Малку замолче и ме праша:

– Те боли?

– Да, ме боли – прошепотев.

– Тоа е добро. Цел живот запомни ја таа болка и уште ова да го помниш: никогаш и во било какви околности немој да го вадиш крстот од себе!

– А сега, оди дома, кај попадијата, и трпи ја. Цел живот трпи ја, таа е твојот втор крст“.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 60

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑