Криза на средната возраст

Интервју со протоерејот Павел Гумеров

Отец Павел е познат како автор на книгите „Мала Црква“, „Тој и таа“, „Таинството на Причестувањето“, „Три кита на семејната среќа“ (избрана за најдобра книга за млади во 2012 година). Автор е на голем број статии. Редовно организира семинари и средби на семејна и морално-богословска тематика.

  • Криза – многу модерен термин денес, ете и сега изникна нова економска криза, општо во светот се случуваат некакви глобални кризи. И во животот на човекот периодично се случуваат кризни периоди. Што е тоа?
  • Да ги оставиме настрана светските кризи и да се задржиме на личните кризи на секој човек. Што е тоа? Тоа се некои граници, премини, огради. Нешто во нашиот живот се случува и ние треба да застанеме и да си размислиме: што сме направиле, та сме дошле до тоа, до што сме дошле и како да одиме напред. И во тие периоди како да полагаме некој испит пред Бога, пред животот, самите пред себе. Испит на издржливост, на подготвеност да одиме понатаму, на решителност. Кризата секогаш е некоја промена, после што тешко е да живееме онака, како што сме живееле до тоа.
  • Би сакале да позборуваме за „кризата на средната возраст“. Како може да ја означиме? На пример, со кризата од преодната возраст речиси сѐ е повеќе или помалку јасно. Внатре сѐ беснее, децата растат, имаат хормонално бранување, тогаш се потврдуваат себеси, се измачуваат и себеси и возрасните. Но, зошто во периодот од 30-45 години ги вознемирува луѓето? Од што е предизвикан тој немир? Што се случува со луѓето од тоа премрежје?
  • Да, со умот сфаќаме, дека сѐ во нашиот живот е нормално и вообичаено. Но, токму таа навика и стабилност почнува да нѐ измачува. Што обично се случува со човекот до средната возраст? Бурно градење, станување на личност, обучување во сѐ што е потребно во животот. Купишта силни, многу интересни настани. Тој учи, добива професија, напредува во неа, се заљубува, се жени, раѓа и расте деца, го гради и уредува домот, опкружен е од другари и пријатели, му се радува на животот, затоа што е млад, силен и здрав. Едноставно нема време за тагување и мислење. Се разбира, младоста е време, во кое секогаш сѐ се прима не многу објективно, постои многу идеализирање. Дури и ако во тој период се случиле некои тешки искушенија, на пример, војна. Мене често пати ме канеле на средби пријателите „авганци“. Сите од ист полк, кога ќе се соберат заедно, се сеќаваат не на ужасите и лишувањата од војната, туку, како се шегувале еден со друг, некои смешни случаи, пеат песни и раскажуваат војнички приказни. Зошто? Тогаш сите биле млади, здрави, и тие имале цел во животот, а биле и другари.

Ете така, кога човек ќе ја достигне средната возраст, тој веќе сфаќа, дека, како што вели Проповедникот: „Време кога се расфрлуваат камења, и време кога се собираат камења“ (Проп. 3,5). Поминало времето на активно градителство, треба да се направат некои сметки: што си успеал, со каков багаж си ја преминал границата на средните години.

  • Кај човекот сѐ се случува од 30-45 години: семејство, професија итн., живее за себе и се радува. Зошто тогаш се појавуваат тажни мисли?
  • Се сеќавам на еден стих од таа книга на мудрости: „Суета над суетите – сè е суета! Каква е користа за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето?“ (Проп. 1,2-3). Исто така во умот ми доаѓаат стиховите од Данте: „Поминувајќи го земниот живот до половина, се најдов во мрачна шума“. Работата е во тоа што, на човекот во таа криза му се чини, дека сѐ што било добро, сѐ што имал во животот, дека сѐ е веќе во минатото. Најраспространетото мислење: ништо повеќе не е интересно, сѐ што беше интересно, остана во младоста. Се сеќавам на сликата од уметникот В. Максимов „Сѐ е во минатото“: „Постара госпоѓа седи пред својот некогаш раскошен дом, со тага гледа кон него и си спомнува, дека некогаш сето тоа било прекрасно, таа била млада и среќна, а сега сѐ е минато. Слични мисли им доаѓаат на многумина во средната возраст.

Кај некои започнува глобална преоценка на вредностите: почнува да им се чини, дека речиси сѐ, кон што се стремеле порано – сѐ е суета. Си добил некакво образование, но не како што требало, си создал семејство, неправилно си ги воспитувал децата, си се стремел не кон тие цели, а сега е веќе доцна. Притоа на кризата од средната возраст сите се подложни: како успешните луѓе, за кои се чини дека постигнале големи резултати, кои направиле добра кариера, така и оние лица, на кои им се чини дека ништо не постигнале. Првите едноставно размислуваат, дека сиот живот се стремеле не кон тоа, неопходно било да одберат правилна цел (на пример, да не го продолжи бизнисот на таткото, туку да стане уметник или музичар), а вторите почнуваат да се сметаат себеси како потполно неуспешни, губитници, кои ништо не постигнале во животот и проживеале гледајќи го животот како мине.

Се разбира, сите тие мисли се од лукавиот, кој сака да нѐ спушти во бездната на тагата и очајот, да ја врзе нашата волја. Таквиот песимистички поглед се покажува многу едностран и необјективен. Зошто човекот често пати еднострано го оценува својот сегашен живот? Тој, навистина, поминува некој животен екватор. Чувствува дека не е „пред него цел живот, надевај се и чекај“, туку веќе е на половина, дека во блиска иднина тој ќе се сретне со староста. А потоа и со вечноста. Меѓутоа, нема причина за тагување. Периодот на зрелоста, на средната возраст е прекрасен и има многу можности за среќен, исполнет живот, и за тоа допрва ќе зборуваме. Сите тие мрачни мисли и стравови, поскоро, се наоѓаат во нашата глава. Затоа, најглавното, со што треба да се занимаваме во средната возраст – тоа е да се бараме себеси, својот духовен и личносен раст. Патем, свеста за тоа, дека сме стапиле веќе во вториот дел од животот и се приближуваме кон вечноста, може да послужи како моќен стимул за тоа, да се занимаваме со подготвување кон тој вечен живот.

  • Сите луѓе ли се подложни на проблемите од кризата на средната возраст? Или некои потешко ја минат, а некои воопшто не ги допира? Од што зависи?
  • Мислам дека сите, во еден или друг степен, во таа возраст доживуваат некоја реакција, доживуваат некој немир. И тоа е нормално. На младите им е својствено да живеат без грижи за било што. А нам, од височината на поминатите години, често ни станува „мачно и болно за бесцелно поминатите години“, и тоа е нормално. Но, треба да се сфати дека кризата не е крај на животот и на крајот од сето тоа, кон што сме се стремеле пред тоа. Тоа е преосмислување, размислување, пред следниот период, т.е. ниво.
  • Вие кажавте за плусовите, за можностите на средната возраст. Може ли подетално за тоа? Што да ставиме како противтежа на тагата и песимизмот?
  • Повеќе од било кој друг период од животот. Но, како што многу правилно е истакнато во филмот „Пази се од автомобил“: „Човекот, како никој од живите суштества, сака да си создава дополнителни тешкотии“. Понекогаш не го цениме тоа што го имаме. И тоа уште еднаш докажува дека кризата на средната возраст –  е личносна, но не во надворешните околности, во плусовите или минусите од нашиот живот, туку во нас самите.
  • Какви позитивни моменти гледаме во периодот на зрелост?
  • Најпрво, тоа е слободата. Обично човекот не е слободен до приближно 20 години. Ги слуша родителите, го прави само она што тие му кажуваат, поголемиот дел од своето време го губи на учење, кое не му носи многу радост. Тој сето време се надева и се подготвува за нешто. Но, тоа е учење и подготовка, а не реални работи. Тој работи на иднината. Додека младиот човек не добие професија и не застане на свои нозе, тој се наоѓа речиси во потполна зависност од своите родители. За ова зборува и апостолот Павле: „Наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сè; туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си“ (Гал. 4,1-2).

По завршувањето на образованието почнуваме да живееме самостојно, но исто како да се подготвуваме, ја усвојуваме професијата, достигнуваме успех во неа, создаваме семејство, градиме односи со родителите на нашата половина, наоѓаме живеалиште, воспитуваме деца итн. Кај мнозинството луѓе сето тоа се завршува во средната возраст, значи, во зрелиот период на нашиот живот добиваме независност, стабилност (меѓу другото и финансиска), професионалност, увереност во себе. Имаме голем животен опит, мудрост, расудливост, учиме многу во семејниот живот, имаме умешност да се снаоѓаме со луѓето. Оние другари, кои ги имаме – тоа се не само пријатели, туку верни другари, проверени со текот на годините. Децата кај мнозинството од нас веќе растат, се подготвуваат да стапат во возрасниот живот.

Да, веќе немаме толку сила и енергија како во младоста, не е „цел живот пред нас“, но имаме опит, умешност, не само да трупаме, туку да применуваме и користиме. Веќе имаме насобрано и грешки и знаеме (за разлика од младоста), како да ги направиме работите брзо, ефикасно и без грешки. Уште ни се јавува и многу слободно лично време, кое во младоста сме го поминувале во учење, градење и помагање на малите деца. Тоа време може да го трошиме со голема полза. Ете, гледате, само плусови!

Има прекрасна француска поговорка: „Кога би знаела младоста, и кога би можела староста“. Тоа е уште еднаш за средната возраст. Ние имаме искуство, и сѐ уште можеме, додека уште имаме сили.

  • Мажите и жените еднакво или различно ја доживуваат кризата на средната возраст?
  • Кон средината на оваа возраст машките и женските полови хормони почнуваат послабо да работат. Кај жените доаѓа згаснување, почнува подготовка кон климакс и самиот климакс. Хормонот, кој одговара за женската природа – тоа е естрогенот – почнува послабо да се излачува, постепено згаснуваат репродуктивните функции. Како последица на таа промена доаѓа нестабилно расположение, промена на надворешниот изглед, овенување на кожата, дебелеење. Кај мажите лачењето на тестостеронот – машкиот хормон, кој одговара за силата, енергијата, подносливоста, привлечноста – исто така опаѓа. Се намалува масата на мускулите, се забавува размената на материи, почнува да расте стомакот.

Некои луѓе се обидуваат да ја продолжат својата младост: се обраќаат кај лекари-ендокринолози за да добијат хормонална терапија. А некои се раководат со статии од интернет, и самите „си препишуваат“ хормони. Зошто ни се сите тие маки? Може да се повлече паралела: човекот кој постојано прави пластични операции, во еден момент повеќе не може да се замисли себеси без нив. Или, доколку човекот прима антидепресиви, наскоро тој веќе не ќе може ни да се разведри без нив дење, ни да заспие ноќе. Тоа е зависност. Така се навикнуваат и на хормоните, и постепено организмот бара зголемување на дозите.

Да, хормоналната терапија дава прилив на сили, добро себечувство, кренато расположение, човекот благодарение на препаратите изгледа помлад од своите врсници. Но, секоја возраст е дадена од Бога и создадена со позитивни и прекрасни страни, кои му одговараат на конкретниот период од животот. А човекот кој сака да застане на 25-годишна возраст, ризикува да не ги види тие плусови, достоинства, кои се даваат во другите етапи од животот. Наместо тоа може да се препорача умерено занимавање со спорт, секојдневна гимнастика. Организмот нема да стане помлад, и за да се одржи неговата форма, треба да се нормализира размената на материи, кои изискуваат постојани усилби.

Важен рецепт, кога ќе дојде кризата: не застанувај во било која возраст, туку оди напред, барај се себеси, откривај нови нешта. А ова се однесува на секоја криза, на сите тешкотии. На пример, се родило дете, и за некого тоа е страшен шок, потрес, особено за мажите. А за некого тоа е радост и среќа, младите родители почнуваат заедно активно да се вклучуваат во непозната етапа од животот, шетаат, играат со малечкото, нешто размислуваат. Кризата не е страшна, кога човекот не стои во место, не се наоѓа во стагнација, а умее да се менува и да наоѓа нови дејности.

Исто така треба да разбереме дека и тој период не е бесконечен. Да се сетиме на народната поговорка: „На четириесет и пет жената пак е слатка јаготка“. Кај жените доаѓа климаксот, со него и тагата и нерасположението, постепено се крева расположението и се појавува желба да љуби и да биде љубена. Мажот исто така одново може да биде баран на работа, да биде потребен дома. Од 30-45 години, тоа е период кој може не само да се проживее, плачејќи врз перницата или озлобувајќи се кон целиот свет, туку да се најде нешто убаво и радосно во него.

  • Постојат ли некакви духовни средства за олеснување на кризата од средната возраст?
  • Оние кои ја преживуваат оваа криза најчесто паѓаат, како по правило, во две крајности. Или романтизираат сѐ што било дотогаш: „Она што ќе помине, тоа ќе ни биде мило“, или ги јаде совеста и тагата поради тоа што тие, како што им се чини, ја поминале првата половина од животот неправилно и бесцелно. Се случува, овие две чувства да се смешаат: и носталгија кон минатото, и скрушеност поради грешките од младоста.

Да, во младоста може да се направат многу грешки и гревови. И нормално е после бурната младост да нѐ мачи совеста за тие гревови. Но кај нас има голем лек – светите Таинства на Исповедта и Причеста. Не еднаш сум видел како луѓето од средната возраст, потполно воцрковени, сакаат да дојдат на генерална исповед, т.е. да принесат подетално покајание за цел живот, иако до тоа редовно се исповедале. И тоа не е лошо. Разбирањето, преосмислувањето, длабочината на покајанието не доаѓа секогаш одеднаш, некогаш со текот на годините. И на некои им е сосема полезно, се разбира, кога ќе дојде денот, кога духовникот е послободен, уште еднаш внимателно да се исповедаат за гревовите од целиот живот. И, се разбира, Светата Причест ни служи за исцеление на душите и телата. Раните од гревовите на младоста се лечат исто така со подвижнички вежби, изложени во делата на светите отци за борбата со страстите и гревовите. Често пати, токму во средната возраст нам ни доаѓа правилно разбирање на своите духовни проблеми и на сиот живот во целина.

  • Отче, може ли да ви поставам лично прашање? Вие имате 45 години, споделете со читателите, како вие ја поднесувате кризата на средната возраст, какви тешкотии имате во таа возраст (или, можеби, не)? Може ли да им кажете и на другите нешто? Што ви помогнало во тешките мигови?
  • Мене добро ми се погоди, Господ ми даде нов мегдан на 40 години – станав старешина на храм во изградба. Работата е во тоа што, наоѓајќи се во кризата на средната возраст, опасно е да се стои на место. Треба да се развиваш, да бараш нови гранки во својата дејност и на своето постоење.

А мене не ми дојде ништо да барам. Митрополитот ми даде да изградам привремен храм (барака), да создадам парохија и да направам постојан храм. Животот ми стана многу бурен. Морав да собирам луѓе, на чисто поле да изградам храм и парохиски дом, да го организирам сиот парохиски живот и инфраструктура, црковна школа и сите парохиски служби. Четири години бев сам свештеник во нашата црква. Тешко е, но служењето сам дава и многу позитивни работи. Стоиш пред престолот, и ништо не те расејува. Во олтарот само ти и олтарникот (а некогаш нема ни олтарник). Сосема поинаку се молиш, служиш. Особено во работните денови има голема радост. Навистина, потоа, признавам, поради многу товар, во мене почна некое изгорување. Сепак, не е лесно да се сочува трпението, спокојот и мирот во душата, кога преку тебе поминуваат околу 5000 луѓе годишно само на исповед. Почнува да се насобира умор, се појавува рамнодушност, раздразливост, униние. Но, забележав: кризата на средната возраст доаѓа како некој период. Кај мене пикот на таа возраст дојде на моите 43-44 години. Сега полека се снижува, веќе е многу полесно. Во тој период животот не ти дава да се досадуваш. Тогаш напишав многу книги, статии. Сега пишувам многу помалку, но се појавија и други работи.

Почнаа често да ме повикуваат во телевизијата „Спас“, на московската ТВ, на радио. Тоа е исто така интересно и не ти дава да се досадуваш. Општо, во младоста собираме капитал – знаење и искуство, а потоа треба да го искористуваме тоа во разни практични сфери. И тоа нема да ни дозволи да тагуваме и да се мачиме. Во таа возраст и со хоби-то добро ми тргна. На 40 години добив дозвола за мотоцикл, иако возев уште од детството. И со жена ми почнавме да патуваме со моторот. Потоа ме привлече тоа, да поправам стари раритетни автомобили и да патувам со нив. Кај нас во Русија старите машини не ги ценат многу, и затоа ова хоби е достапно и за човек со ниски примања.

Да резимирам. Што сфатив јас за себе лично? Во средната возраст веќе сѐ станува тешко. Униние (безволност), мрзливост, рамнодушност настапуваат уште посилно, отколку во младоста. Подносливоста и физичките сили веќе не се исти. На сето тоа уште ни се натовара и нашата лична криза. Доаѓаме во тој период до некој свој Рубикон. И тука има два пата: да отидеме во аголот, да почнеме да се жалиме од животот и тивко да се уништуваме со алкохол и компјутер – или да започнеме одлучно дејство за излез од кризата. Да увидиме, да искористиме нови можности, да го смениме својот систем. Познато е дека во духовното дејство има две крилја: молитва и труд, и тие сѐ ќе поправат. Најдобро средство против депресија е движењето, мора да се принудуваме, да се принудуваме на движење, да не седиме на едно место. И, се разбира, да бараме сила од Бога. На оној кој сака, кој не е мрзлив, Господ му дава сили.

  • Како може на семејството да се одрази кризата на средните години? Луѓето живееле, се сакале еден со друг, и одеднаш пред развод. Мажот нашол љубовница, или жената чувствува оладување кон сопругот, или обајцата станале туѓи еден на друг. Што да се прави, бидејќи ова може да ги допре и верниците? Како да се зацврсти семејството во кризни периоди?
  • За семејството кризата на средната возраст на еден или обајцата од сопружниците – е опасно време. Многу семејства во тој период се распаѓаат.

Неодамна една жена ми постави прашање: „Престанав да чувствувам кон сопругот сопружничка љубов, живееме како добри соседи. Не се чувствувам како жена. Мажот или е на телефонот, или пред компјутерот, или пред телевизорот, мене воопшто не ми обрнува внимание, и сега што да правам?“ Оваа ситуција е многу честа.

Мислам дека овде клучен момент е ова: „Престанав да чувствувам кон сопругот љубов“. Најголем скандал е да ги обвинуваш другите за своите неволји. Ете ќе го спомнам мажот ми/жена ми и сѐ одеднаш ќе се среди. Не, од себе нема да избегаш. Кризата на средните години, тоа е во прв план, наша личносна криза. Таа ни е дадена за да сфатиме дека треба да ги бараме причините на проблемите во себе, а не во ближниот. Во конкретната ситуација, оладувањето на односот треба да послужи како поттик за активно дејствување. Да седиш и да чекаш нешто или да му се обраќаш на мажот со безбројни барања: „доста седиш на интернет, посвети ми и мене внимание“ – тоа е сосема неправилен начин. Може само да се продлабочи ситуацијата и повеќе да го одбиеш мажот од себе. Не можеш да го приближиш сопругот со притисок и замерки. Но, почитувајќи ги интересите на сопругот, изучувајќи ги неговите занимации постојано работејќи на тоа, може да најдеме допирни точки на заеднички теми. Неодамна, Елена Скороходова, општествен деец, драматург, режисер, ми подари една нејзина книга. Многу ми се допадна една песна, во врска со нашава тема, која беше наречена „Совет од мудрецот“. И, иако овој совет му беше даден на маж, тој ќе им одговара и на жените. Во ќелијата на старецот дошол мажот и рекол, дека не ја сака веќе својата сопруга, нема веќе чувства за неа. Мудрецот му одговорил:

„Знам, пријателу мој, што треба да направиш:

Да ја сакаш својата жена наспроти сѐ,

Не вели, дека не е можно.

Љуби ја со сите чувства напротив,

Против своите луди желби,

Стави лепак на скршените парчиња,

Обнови ја срушената градба.

Она што е завршено, одново создавај го,

Како после катастрофа, и стихијни непогоди.

Служи ѝ на сопругата, сострадувај,

Љубовта не е чувство, туку низа од дејства. 

Не вели „не можам да љубам“ – туку љуби.

Не се лепи, не бива, не може.

Од твоето ребро е таа, сфати го тоа,

Бидејќи жената се наоѓа зад мажот.

Не гледај само на другите,

Такви има многу, многу во светот.

Тие лесно ги менуваат своите жени.

А ти оди… оди по својот пат.

И не влегувај во тој порочен круг,

Таму кон погибел влече бездната.

Натерај се да ја љубиш жената, пријателу мој,

Твоите усилби нема да бидат бесполезни…“.

Мажот ги послушал советите на мудрецот и одново ја нашол семејната среќа, успеал да ја засака повторно. И подоцна му било страшно дури и да си замисли: што би се случило, доколку не добиел тогаш совет: „Засакај ја наспроти сѐ“.

Да, љубовта не е емоција, туку низа од дејства, тоа е усилие, насоченост на волјата. Можно е да се воскреснат изгубените чувства, да се вратиш во она време, кога сопружниците биле среќни. Кога доаѓаат кај мене луѓе и се жалат дека им е лошо заедно, јас секогаш ги прашувам: „Зарем сите овие години ви било толку неподносливо?“ Се замислуваат и се покажува дека не било така отсекогаш. Луѓето се сеќаваат на заедничките теми, празници, тешкотии, патувања. Важно е да се зборува за тоа среќно време, да се сеќаваат на тоа, а исто така и да донесат одлука – да се сакаат наспроти сѐ.

Велат, на срцето не можеш да му наредиш. Всушност, може да му наредиш. Човекот може одново да го засака оној, кон кого некогаш имал чувства. Сум видел такви примери. Важно е да се сфати, дека нашата љубов кон човекот расте право пропорционално со она добро, кое ние го вложуваме. Ако се натажуваме дека нас не нѐ сакаат, тогаш треба да се запрашаме себеси: „А ние самите силно ли љубиме, правиме ли многу добрини за ближниот?“

Втор совет за надминување на оладувањето, разочарувањето – веќе од личен опит. На пример, комуникацијата со своите деца.

Понекогаш децата толку многу нѐ вознемируваат, што ни се чини дека невозможно е да ги сакаш. Останува само раздразливост и омраза кон нив. Уверен сум дека на многу родители им се познати тие периоди. Си мислиш: како може тоа, толку многу правиш сѐ и сешто, а како одговор од нив – никаква благодарност? Во таквите мигови треба да направиш нешто добро – барем едноставно да отидеш и да го прегрнеш детето – и веднаш ќе почувствуваш како почнува љубовта да се влева во твоето срце. Ако децата се наоѓаат некаде далеку, испратете им убава смс порака. Таквиот пристап е добар не само со децата, туку и со жената/мажот.

Разумот ни вели: наводно, тоа е неправилно, а вие, сепак, за себе направете го она што е подобро, за да нема непријателство кон тој човек. Враќајќи се на прашањето за оладувањето на чувствата кон сопругата, ќе истакнам: не чекајте вашиот маж да се оддели од телефонот, телевизорот – самите направете го првиот чекор. Барајте нови гранки во семејниот живот, потрудете се да го разберете и поттикнете мажот – можеби и нему не му е лесно во тој период.

Подвигот на семејниот живот – тоа е секогаш принудување на себеси, не сакаме, но против својата волја правиме нешто добро, и Господ заради тоа ни дава радост. Типична ситуација (со слична таква сигурно секој се сретнал): постара роднина ве моли да одите кај неа кај викендичката за да го средите покривот и градината да се ископа. Но, и да сакаме, не можеме да отидеме! И самите ние имаме многу лични работи, проблеми, и онаа криза на средната возраст, но се принудуваш себеси, го трошиш цел ден на тоа, се изморуваш, но потоа… колку ти е само убаво!

Митрополиот Антониј Сурошки, толкувајќи го евангелскиот текст за чудото на претворање на водата во вино на свадбата во Кана Галилејска, говори за тоа, дека кога радоста во семејниот живот е при крај, тогаш Господ е силен одново да направи чудо, да ја претвори водата на нашиот сив живот во прекрасно вино.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев  

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑