Зошто браковите се распаѓаат?

Митрополит Атанасиј Лимасолски

90% од браковите не се распаѓаат поради вонбрачни афери на еден од брачните другари. Прељубата на еден од нив е само последица. Првата пукнатина се појавува затоа што мажот или жената, оправдано или неоправдано, се затвораат во самите себе. Во ова се уверив од долгогодишното искуство на разговори со брачните парови.

Бракот претставува незапирлива работа на сопственото усовршување. Овде не е сѐ така едноставно. Бракот е наука над науките. На пример, некои велат: „Не можам да сфатам зошто мојата жена се жали од мене! Што ѝ смета? Добар маж сум, се грижам за нашиот дом, носам пари, ништо не ни фали. Што уште ѝ треба?“ И жената размислува на истиот начин: „Го спремам, му перам, ја средувам куќата, сѐ работам правилно во врска со тоа, единствено за што размислувам е нашата фамилија. Зошто е незадоволен?“ Меѓутоа, тие не сфаќаат дека душевното и сочувствителното општење има првостепена важност во бракот, додека материјалните обврски кон семејството и обврските во домот имаат второстепено значење.

За бракот да биде цврст и да не се распадне, мажот и жената треба да се потрудат да го сфатат душевниот свет на брачниот другар, да можат да претчувствуваат какви потреби и тешкотии може другата половина да има. На тој начин бракот зајакнува. И на тој начин, мажот и жената стануваат „едно тело“, односно, еден човек. Не одделно, маж и жена, туку сопружничка заедница, целина. Овој склоп се постигнува само со труд, работа на себе и пожртвуваност. Важно е да се знае дека душевниот мир, мирот во семејството и мирот помеѓу сопружниците е многу поважен од сѐ материјално и дека мирот не може да се купи со никакви пари. Да се потрудиме да сфатиме какви потреби и желби има нашата друга половина. Да се потрудиме да разбереме дека наша задача во бракот е да се дадеме себеси на другиот, а не да бараме од другиот да ни се предаде целиот нам.

Голема грешка е да бараме од нашата друга половина љубов со зборовите: „Од тебе барам само едно: да ме сакаш“. Вакви побарувања можеме да слушнеме од луѓе кои само што влегле во бракот. Кога ќе слушнам слични изјави, ги исправувам велејќи: „Деца, сте поставиле погрешен темел на брачниот живот. Кога бараш нешто од другиот, твоите барања ќе бидат причина за спротивставување и расправии. Ако бараш од другиот љубов говорејќи: „Единствено што барам од тебе е да ме сакаш. Сакам да ме цениш. Да бидеш добра жена“, тогаш тоа е тоа! Од тој момент почнува непрекинлива расправа, бидејќи потоа ќе речеш: „Ти не си онаа за која сум мечтаел“. На почеток е потребно прво да се дадеш целиот на човекот, а дури потоа да бараш. А да бараш нешто од самиот почеток е голема грешка. Подобро речи ѝ на твојата жена: „Она што јас го сакам навистина, е да те сакам. Ќе се трудам секогаш прв да направам чекор кон тебе во ситуациите и моментите кога не се сложуваме“.

Господ Исус Христос совршено го засака човекот, онака како што никој друг не бил во состојба да го засака. Својата љубов ја докажа со својата голема Жртва за човекот. Во бракот мажот наликува на сликата на Христос кој ја сака својата црква. И мажот е исто така должен да ја љуби својата жена по тој пример, односно, во бракот имаш можност да ја воплотиш својата љубов, да се дадеш целиот себеси без никакви претензии, замени, без никакво барање на нешто за себе. Тогаш твојата друга половина, ќе биде многу допрена гледајќи ја твојата племенитост и со задоволство ќе го подели со тебе своето внатрешно богатство колку што е можно повеќе.

Пробав да ви објаснам каде се наоѓа првата пукнатина која постепено се зголемува и која со себе ги влече сите останати проблеми.

Да се стремиме кон тоа да ја пружаме нашата љубов, целото „себеси“ на другиот, без ограничувања. Ајде да се потрудиме и да го сослушаме другиот. За да ја слушнеме другата личност потребно е да замолчиме и самите себе да се претвориме во уво. Жената нека го сослуша својот маж и обратно. На тој начин брачните другари зајакнати со цврста заедница ќе го дадат на сопствените деца најдоброто што го имаат, бидејќи родителите се многу среќни што им ја даваат својата љубов, внимание и сочувство на своите деца.

Превод: Андријан Ѓорѓиев, студент на Теологија

Православна светлина бр. 63

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑