Без редовна Причест – нема Православие

(Интервју со романскиот митрополит во Германија г. Серафим Жоанте)

  • Зошто треба да ги примаме Светите Тело и Крв Христови? Како влијаат на нас овие таинства? Може ли да се спасиме без причестување? Што им велите на верниците, кои не сакаат да се причестуваат?
  • Без причестување со Светите Таинства не можеме вистински да живееме во Христа, не можеме да имаме живот во себе. „Исус им рече: ,Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден‘“ (Јован 6,53-54). На тој начин не можеме да се спасиме, без да се причестуваме со Телото и Крвта Господови. Затоа после крштението и миропомазанието децата веднаш ги крштеваат. Истовремено, причеста станува за христијаните вистинска храна и пиење, кои ни помагаат да растеме во Христа, и да стануваме едно со Него. Спасителот вели: „Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6,55-56). Доколку ние не се храниме постојано од Христа преку причестувањето, тогаш не можеме духовно да растеме, ниту да стануваме едно со Него. Евхаристијата постепено Го преобразува во нас Самиот Христос. Како што велат светите отци, природата на посилниот ја преобразува природата на послабиот. Оние, кои не сакаат да се причестуваат – за жал, тие се најмногубројни меѓу верниците – се држат подалеку од Христос, дури и иако им се чини, дека тие Го следат. Кога Спасителот, говорејќи за живиот леб, кој е Неговото Тело, рекол дека оној, кој не го јаде Телото на Синот човечки, нема да има живот во себе, и тогаш многумина од оние кои го следеле си заминале од Него, со зборовите: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?“ (Јован 6,60). Така и денес многумина не ја сфаќаат смислата на причестувањето и се држат подалеку, нанесувајќи си голема штета на себе.
  • Колку често треба да се причестуваме? Ве молам, објаснете ни, правилно ли е тоа, дека треба да се причестуваме еднаш во 40 денови? Што би им препорачале на верниците и на нивните духовници во однос на тоа?
  • Во нормален случај треба да се причестуваат сите, кои учествуваат во Божествената литургија – бескрвната Жртва и Трпеза Господова. Никој не доаѓа на вечера, без да јаде од она што му се нуди. Инаку, тој би го навредил домаќинот кој го угостува. Каноните (8 и 9 апостолски, 2 од VI Вселенски собор, и 1 од VII Вселенски собор и др.) ги осудуваат сите оние, кои учествуваат во Божествената литургија и не се причестуваат. Причестувањето еднаш во 40 денови е традиција на некои наши духовници, меѓутоа таа нема богословска основа. Доколку сакаме да бидеме доследни во литургиското богословие, сите членови на Црквата – т.е. сите христијани – се повикани да учествуваат секоја недела на Божествената литургија и да се причестуваат со Светите Таинства. Доколку сме направиле тешки, смртни гревови, отпаѓајќи од благодатта и губејќи го својството на членови на Црквата, тогаш не можеме да учествуваме во Божествената литургија дотогаш, додека не се исповедаме и не ја исполниме наложената епитимија. Во молитвата после исповедта, свештеникот му се обраќа на Бога со зборовите: „помири го и соедини го/ја со Твојата Света Црква…“. На тој начин исповедта ја враќа во нас благодатната состојба на членови на Црквата. Во старите времиња, луѓето кои имале забрана за причестување, излегувале од храмот заедно со огласените (оние кои се подготвуваат за крштевање), после возгласот на ектенијата: „Огласени, излезете…“. Слава на Бога што многумина од нашите верници, пред сѐ, деца и постари луѓе, не живеат во смртни гревови. Свештениците треба да ги поттикнуваат таквите луѓе да се причестуваат, почесто и редовно. И ако свештениците не го прават тоа, тогаш самите верници треба да побараат од нив, за да се причестуваат почесто.

Единствен услов за причест е – да не живееме во смртни гревови, кои нѐ одделуваат од благодатта на Светиот Дух, кои нѐ одвојуваат од Христа и Црквата. Најтешки гревови се одрекувањето од Христа или неверието, убиството (како и абортусот), блудот, омразата, угнетувањето на ближните (кога не им ја даваме заслужената плата за трудот), среброљубието, пијанството и други.

За овие гревови задолжително треба да се исповедаме и да ја исполниме наложената епитимија, после што ќе можеме да се причестиме со благослов од духовникот. Се разбира, секогаш кога се причестуваме треба да се стремиме за мир во душата, да побараме прошка од сите, кои сакајќи или несакајќи сме ги огорчиле. Освен тоа, треба да ги читаме молитвите пред причест. Оние кои се во брак, треба да се воздржуваат од брачни односи, барем, еден ден пред и еден ден после причестувањето.

  • Треба ли вечерта да се исповедаме? Неопходна ли е исповед пред секое причестување? Како треба да постиме? Треба ли да го запазуваме цел пост? Ќе бидат ли причестени оние верници кои сакаат да се причестат, а не постеле, без оглед на тоа што се здрави и можат да постат? Како да постиме пред причест надвор од постот? Може ли да постиме во сабота и недела, доколку сакаме да се причестиме во недела или во понеделник?
  • Исповедта е поврзана со извршените гревови, особено смртните. Бидејќи сите ние грешиме, тогаш добро е да се исповедаме што е можно почесто, дури и ако немаме поголеми гревови. Всушност, најголем грев е оној, кој нѐ поробува, дури и ако не го наоѓаме во многубројните списоци на „големи гревови“. Имено, затоа монасите и благочестивите верници се исповедаат ако не секоја недела, тогаш, барем, еднаш месечно. Но не треба да се чека за исповед недели и месеци. Треба да се исповедаме секој пат, кога сме извршиле таков грев, поради кој нѐ изобличува совеста. Врската помеѓу исповедта и причестувањето се јавила тогаш, кога причестувањето станало ретко или крајно ретко – како што, за жал, се случува и денес. Само по себе се подразбира, дека кога некој се причестува многу ретко, тогаш треба да се исповеда пред секоја причест. Но, оној кој се причестува често – секоја недела или почесто – не треба да се исповеда пред секоја причест. Нашите гревови се простуваат и во причестувањето. Најбитно е да бидеме чесни самите кон себе и пред Бога, да не криеме некој грев и секогаш да се сметаме себеси за недостојни.

Во врска со постот треба да истакнеме дека и постот не е директно поврзан со причестувањето, иако полезно да се подготвуваме за таинството со помош на постот. Тоа повторно зависи од редовноста во причестувањето. Оние кои се причестуваат ретко, треба да постат пред причест, особено ако тие не ги запазуваат востановените од Црквата пости. Оние кои потполно го запазуваат постот, пред причест нека се воздржуваат од месо и од брачни односи (надвор од постот). Никој не ни пречи да постиме неколку денови пред секое причестување, дури и ако е тоа сабота или недела. Меѓутоа, нема правило за постење во сабота и недела.

Постот има темелно значење за духовниот живот. Ниту еден верник, кој сериозно зачекорил по патот на спасението, не може да го отфрли постот. Бидејќи без воздржување во храната и пиењето никој не може да ги заузда своите страсни пориви на телото и не може да се моли со чиста молитва, т.е. умносрдечна, за вистинско учество во опитот на благодатта, која е скриена во нашето срце. Православието пред сѐ е подвижничко. Кон подвизите спаѓаат постење со храна, воздржување од брачни односи, бденија, земни поклони (метании), стоење на нозе за време на богослужението, борба со гревот и страстите, трпение во маките, служење на оние кои имаат потреба… Оној кој не се навикнал на подвижништвото, кој не го прифаќа како голем благослов за душата и телото, тој не може да го има во себе духот на Православието. Се разбира, оние кои свесно се откажуваат од постот и воздржувањето, не може да се причестат. Поинаку треба да се однесуваме кон оние, кои поради благословени причини постат делумно. Таквите може да се причестуваат со благослов од духовникот.

Сето ова не треба да нѐ наведува на мислата, дека Православието е законичка вера. Не е така. Меѓутоа Православието е изискателно. Тоа знае од опитот на светителите, дека причеста и благодатта целосно дејствуваат само со учество на верникот, кој вложува подвижнички труд. Двете подвижнички максими – „сѐ е од благодатта“ и „за да стекнеш благодат треба да се подвизуваш до крв“ – се вистинити. „Сѐ е од благодатта“ (а благодатта се дава како дар, а не како плата) означува, дека сѐ доаѓа од Бога, не по наши заслуги. Меѓутоа, благодатта не може да дејствува во нашите срца, ако ние не вложуваме напори според силите, за да стане срцето приемчиво за осветувачката благодат. „Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв“ (Евр. 12,4). Треба да бидеме уверени во тоа, дека сѐ што правиме, го правиме за наше добро и наше спасение.

  • Ве молам, раскажете ни за достојноста за причест. Можеме ли да речеме дека сме достојни да се причестиме со Светите Тело и Крв Христови? Не ризикуваме ли да паднеме во униние, велејќи, дека сме недостојни, и од тоа повеќе да нема смисла да се причестуваме? Или, пак, ајде да грешиме, бидејќи во секој случај можеме да се причестиме, зарем не можеме да бидеме достојни за причест?
  • Никој не е достоен да се причестува со Светите Христови Таинства. Пред причестувањето свештеникот го подига Светиот Агнец на дискосот и извикува: „Да внимаваме! Светињата е за светите!“ А верниот народ пее: „Еден е свет, еден е Господ, Исус Христос, во слава на Бога Отца. Амин“. Со овој возглас признаваме дека не сме свети, и според тоа, не сме достојни да ги примиме Светите Таинства Христови. Иако се осветуваме во Крштението, сепак на дело се покажуваме несвети, затоа што не ги актуелизираме даровите од Крштението, не живееме во согласност со крштелните завети, во кои се одрекуваме од сатаната и сите негови дела и се соединуваме со Христа. Имено, затоа Спасителот ни го оставил таинството на покајанието или исповедта, кои стануваат второ крштение, крштение со покајание или солзи, жалење за извршените гревови и враќањето кон Христа. Се случува и тоа, луѓе кои многу згрешиле, а доживеале радикално обраќање кон Христа, во своето длабоко покајание да ги надминат рамнодушните, кои немаат големи гревови, но кои живеат површно. Во тој однос кај нас има многу примери во Светото Писмо и во житијата на светите. Тоа што никогаш не сме достојни за причест воопшто не значи дека не треба повеќе да се причестуваме. Тоа воопшто не значи дека можеме да продолжиме со грешење, зашто секако сме недостојни да се причестиме. Христијанскиот живот е изискателен и означува постојана борба со гревот и страстите заради стекнување на добродетели или добри навики. Кога сериозно грешиме, тогаш се исповедаме, ја исполнуваме наложената епитимија и потоа повторно одиме во Црква, преку причестување со Светите Таинства. Во текот на целиот живот треба да ја осознаваме својата грешност, да сфатиме дека не само што не сме достојни да се причестуваме, туку дури ни да живееме и да се насладуваме од Божјите дарови. Но таа свест не смее да ја парализира нашата волја кон вршење на добродетели, туку, напротив, да ја укрепува и да ни дава поголема ревност, за да водиме непорочен живот. Како што беше кажано погоре, причестувањето – тоа е вистинска храна и пиење за душата, кои ни се даваат „за простување на гревовите и за вечен живот“. Ако телото не може да живее без храна и пиење, тогаш душата не може вистински да живее без причест.
  • Што треба да правиме за да се причестуваме често? Ве молам, посоветувајте нѐ, како да ги победуваме искушенијата во секојдневниот живот во третото илјадалетие, за да можеме што почесто да се соединуваме со Христа.
  • Пред сѐ, треба од цело срце да сакаме да се соединиме со Христос во Евхаристијата (Литургијата). Неопходно е постепено да формираме свест за тоа, дека онаа Литургија на која не сме се причестиле, останува непотполна за нас. Не треба да се плашиме од причестувањето. Треба да се пазиме од гревовите. Вистина е дека свештеникот, кога нѐ повикува на причест, возгласува: „Со страв Божји, вера и љубов – пристапете“. Меѓутоа, стравот Божји означува претпазливост да не извршиме грев кој може да го разгневи Бога. Ако ние навистина некого го љубиме, тогаш се плашиме да не направиме нешто што би го налутило. Станува збор за свештен страв (богобојазливост), за кој се зборува на почетокот од премудроста (Изреки 1,7), а не за страв од казна. Бог никого не казнува. Страдањата и животните испити, кои ги нарекуваме Божји казни, всушност се природни последици од нашите гревови. „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Гал. 6,7), дури и кога не ја гледаме директната врска меѓу извршениот грев и онаа несреќа или болест, кои ни доаѓаат. Постои духовен закон на компензација: секое извршено зло, порано или подоцна, ни се враќа назад.

Верата и љубовта кон Бога од сето срце нѐ спасуваат од секое искушение. Ако зборуваме дека веруваме во Бога и Го љубиме, тогаш ќе правиме сѐ како за Бога, а не за луѓето (Кол. 3,23), т.е. од сето срце: ќе се молиме од сето срце, ќе зборуваме од сето срце и ќе дејствуваме од сето срце. Бог, Кој живее во нашите срца, ќе ни содејствува за доброто на оние кои Го љубат (Рим. 8,28). Он ќе нѐ заштити од секое зло, ќе нѐ запази од соблазни. Доколку сме паднале во искушение, тогаш побрзо да се избавиме од него, да ни даде храброст да се бориме со неизбежните тешкотии во животот. Бог никогаш нема да нѐ остави, ако ние не Го оставаме Него. Треба да се стремиме кон поголема свест за присуството Божјо во нас и преку тоа да Му се доверуваме себеси во секој ден во сите конкретни ситуации од животот, барајќи ја Неговата волја, за ништо да не правиме своеволно. Доколку ние се стремиме секогаш да бидеме со Бога и да се пазиме од гревовите, кои нѐ одвојуваат од причестувањето, тогаш ќе можеме да се причестуваме на секоја Божествена литургија.

  • Ве молам, раскажете ни малку за историјата на проблемот со честото и реткото причестување.
  • До IV век, кога започнало масовното обраќање на паганите кон христијанството без претходна подготовка, сите христијани, кои учествувале во Божествената литургија, се причестувале. На оние кои биле одлачени (одвоени, кои имале забрана за Причест) од Причест не им било дозволено ниту да присуствуваат на Литургијата на верните, и тие излегувале заедно со огласените. Во евхаристиската Литургија учествувале само оние кои се причестувале. Понатаму храмот се полнел од христијани кои биле такви само по име, а не по животот и по делата. Тие воделе двоен живот, служејќи Му на Бога и на Мамона. Во таа нова ситуација се појавила неопходност од исповед пред причест. Од друга страна, под влијание на монаштвото почнала да се истакнува „достојноста“ за примање на Светите Таинства, што изискувало подготовка пред Причест. На тој начин, почнале да се воведуваат сѐ повеќе услови за причестување, кои мнозинството не било во можност да ги исполни, поради несериозниот однос кон верата. Се разбира, сите тие услови биле насочени на тоа, душата на човекот, кој пристапува кон Путирот, да биде што е можно почиста, достојна на Христа. Сепак, како што беше кажано, причестувањето нѐ преобразува не поинаку, освен според мерата на нашата устременост преку подвизите за ослободување од страстите и личното осветување. Можеме да се причестуваме и секој ден, но ако не се подвизуваме во молитвата и воздржувањето, за да се очистиме од страстите, тогаш нема да се избавиме од нив. Уште повеќе, како во случајот со Јуда, причестувањето со рамнодушност или во состојба на смртни гревови ќе ни биде за осуда – со други зборови, уште повеќе ќе нѐ потоне во гревови. Но, откажувањето од причест на подолго време, дури и од побожни причини или поради неподготвеност, може да биде признак за површен духовен живот. Отците на Црквата секогаш ги повикувале верниците да се исповедаат колку што е можно почесто и да се причестуваат со соодветна подготовка.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев     

Православна светлина бр. 63

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑