Да ја кажувате Исусовата молитва секој ден

Архимандрит Георгиј Капсанис

Колку почесто христијанинот ја кажува умствената Исусова молитва „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот/грешната“, толку повеќе ќе ја прима благодатта на Светиот Дух, мир во душата, просветление во умот и сила за да се успее во секојдневната борба на животот.

Оваа молитва не може секој да ја кажува, доколку ја нема благодатта на Светиот Дух, бидејќи словото Божјо вели: „Никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух“ (1.Кор. 12,3).

Значи, ниту еден човек не може да Го нарече Исус Христос – Господ и Бог, освен ако ја има благодатта на Светиот Дух.

Благодатта на Светиот Дух ја примивме при нашето Свето Крштение.

Сите крстени христијани се духоносци, но може да ја имаат благодатта во нив закопана и недејствена или жива, да ги осветува и да ги облагодатува. 

Човек кој не се моли, кој не живее во Црквата, кој не се исповеда, кој не се причестува, кој не ги запазува заповедите Божји, а е крстен, ја има благодатта на Светиот Дух во себе, но недејствена.

Не дејствува благодатта.

Штом човек ќе почне да се моли, да се исповеда, да се причестува, да врши дела Божји, заповедите Божји, почнува благодатта да дејствува, и човекот се просветлува, осветува, очистува и спасува.

Умствената молитва „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“ многу ни помага за да можеме и ние да ја имаме во нас благодатта Божја дејствителна и за да ја чувствуваме.

Наутро кога се будиме, заедно со вообичаените секојдневни молитви „Цару небесен… Пресвета Троица… Отче наш…“, да ја кажуваме повеќе пати и умствената молитва, осенувајќи се со крсниот знак: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“.

Во текот на денот колку што можеме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“.

Кога имаме некое искушение, некоја лоша мисла ни доаѓа во умот: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“, за да замине оваа лоша мисла.

Кога имаме некоја грижа, некоја безнадежност, некоја тешкотија, веднаш да кажуваме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“, со смирение, со вера, и ќе дојде мирот во душата.

Штом во семејството ќе се случи некој скандал, некоја поделба, некој неред: „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ“, „Господи Исусе Христе, просветли ни ги децата“, „Господи Исусе Христе, помири нѐ“, и ќе дојде благодатта, благословот и мирот.

Сите христијани кои ги советувавме да ја кажуваат оваа молитва, а особено кога во семејството има проблеми, сите ни кажаа дека со молитвата целото семејство се смирува, децата се просветлуваат, светот станува подобар и доаѓа поблизу до Христа.

Сега кога ќе си заминете од Света Гора, сочувајте го, ако сакате, како една скапоцена придобивка тоа, колку што можете почесто да се обидувате да ја кажувате умствената молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“.

Не мора човек да е заклучен во својата соба или да е во црква.

И во автомобилот додека вози, и на патот додека чекори, и на работа додека работи, може да го има својот ум во Бога и да се моли: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“.

Постои една многу убава книга, која ви препорачувам да ја прочитате, се вика „Богобарател“ (или „Раскази на еден поклоник“), која го опишува животот на еден руски поклоник, којшто во минатиот век, имајќи голем копнеж за Бога во своето срце, посака да го научи методот на оваа молитва.

Патуваше на многу места и најде свети старци кои го подучија на оваа добродетел.

Ако ја читате оваа книга, ќе видите и вие како треба да се кажува оваа молитва, и се разбира, не само со устата, туку и со умот и со срцето.

Бидејќи кога молитвата е во срцето, тогаш е почиста, автентична, вистинска, и тогаш ѝ носи и голем мир на душата.

Ако сакате, пробајте и ќе видите, колку мир ќе дојде во вашата душа и колку радост ќе добиете.

Можете сите, мали и големи, да ја научите оваа умствена молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“.

Во Црквата имаме орудија за да бидеме среќни, но не ги користиме, затоа и немаме радост во нашиот живот.

Но, ако ја имаме умствената молитва, ќе имаме и вистинска радост.

Ви посакувам добар пат и благословот Божји да биде секогаш со вас.

Архимандрит Георгиј Капсанис, катигумен на светогорскиот манастир Григоријат

(Текстот е од магнетофонски запис, од разговор со еден поклоник во 1983 година)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑