Пијан командир, или каде нè водат чувствата

Михаил Хасминскиј, кризен психолог

Неспорно е дека светот без чувства би бил досаден. Луѓето би се претвориле во бесчувствени биороботи, кои кон сè пристапуваат логички. Никој не би можел да сочувствува со другиот, ниту пак да се порадува за него. Луѓето взаемно би дејствувале само по принципот: „Ти мене – јас тебе“, кон изборот на партнерот би пристапувале строго рационално. Очевидно е дека за човекот да живее со полноцен живот, неопходно му е и да чувствува, и да ја применува логиката. Така, во некои ситуации ние не им даваме слобода на своите чувства, ги држиме под контрола, расудувајќи логички дека покажувањето на чувства сега е неуместно и непрактично. Во други ситуации пак, напротив – чувствата имаат значајно поголемо влијание на нашето однесување, отколку разумот. На пример, во состојба на вљубеност. И првото, и второто е нормално. Важно е чувствата и расудувањето да се наоѓаат во некој баланс, индивидуален за секој човек, и тие меѓу себе да хармонизираат.
Но токму во ова и се наоѓа коренот на многу наши проблеми: многу често кај нас нема никаков баланс меѓу логиката и емоциите. Чувствата не само што преовладуваат, туку тие РАКОВОДАТ со нашиот живот. Во овој текст ние подетално ќе ја разгледаме оваа појава, ќе се обидеме да разбереме зошто потчинетоста кон чувствата е проблем, какви се нејзините причини и како треба да се реши истата.
Како што веќе кажавме, човекот дејствува и во сферата на логиката, и во сферата на чувствата. Да ја разгледаме логичката сфера: таа повеќе или помалку е објективна. Овде на луѓето не им е така тешко да се разберат еден со друг. Истражувајќи некој проблем и расудувајќи при тоа логично, наоѓајќи се во дијалог, тие многу веројатно можат да дојдат до некој објективен заклучок. Се разбира, таа објективност не е стопроцентна, затоа што сите наши мисли исто имаат во некоја мера субјективен карактер, отпечаток на нашата личност. Но главното е дека секој има возможност да го разбере размислувањето на другиот, да се согласи со неговата логика, признавајќи ги за точни тие докази кои првиот ги наведува, или пак, обратно, да ја отфрли таа логика и да го убеди својот соговорник во својата правичност, наведувајќи ја потребната информација по прашањето кое се разгледува. Како резултат на ова, кај луѓето се појавува можноста да се договорат, да дојдат до решавање на проблемот, што во основа ги задоволува сите.
Сега ќе ја разгледаме сферата на чувствата. Оваа сфера е апсолутно субјективна. Ако ние се обидеме на некој начин да определиме, што ние подразбираме под чувствената перцепција на конкретен човек, ние можеме да кажеме дека тоа е некој вид „проекција“ на тој човек на површината од нашиот светоглед. Еден и ист човек може кај различни луѓе да предизвикува дијаметрално спротивни чувства. Некому тој ќе му се покаже како зол и непријатен, а друг ќе рече: „Добар човек, веднаш се гледа дека е добродушен“. Истовремено, ни првиот, ни вториот човек нема да можат да ги објаснат своите чувства.
Ако двајца говорат за чувствата, тие никогаш нема да дојдат до заеднички заклучок, затоа што кај секого овие чувства се свои. Да потенцираме, чувствата на другиот не може да се разберат потполно, или дури во некоја голема мера. Не можеме нив (емоциите) да ги почувствуваме исто како што тоа ќе го направи другиот човек, или пак да ги преживееме како него. И никако не можеме да ги измериме. Да, ние можеме во поголем или во помал степен да ги разбереме постапките на човекот во конкретната ситуација, неговата мотивација, но не и неговите чувства, зашто чувствата, за разлика од логичкото размислување, се ирационални. Ние сме во заблуда кога велиме дека ги разбираме чувствата на другиот. Ние можеме (и тоа не секогаш) само да си претставиме себеси, што ние би почувствувале кога би се нашле во иста таква ситуација. Но, истовремено можеби – и тоа се случува многу често – другиот човек да има сосема други емоции, друг вид на чувства, дури и дијаметрално спротивни на нашите. На пример, невозможно е да се разбере болката на другиот, зашто сите имаат различен праг на болка, и тоа, што за нас е сосема подносливо, за другиот може да биде причина за губење на свеста. Исто така, невозможно е да се разбере воспримањето на вкусот, мирисот, звукот на другиот човек, или како што вели поговорката: „За вкусовите не се дискутира“.
Освен тоа што чувствата се ирационални и субјективни, тие можат и да измамат. Многу лесно е да бидеме измамени, како од своите сопствени чувства, така и од нашата перцепција во однос на чувствата на другиот. Зошто? Затоа што, на пример, велејќи „те сакам“, секој во овој збор става нешто свое, некое свое разбирање на љубовта. А оној, кому му се адресирани овие зборови, се разбира, ги сфаќа поинаку, на свој начин, зашто не може да има две еднакви чувства кај разни луѓе.
А доколку станува збор за толку сложена состојба, како љубовта… Како љубов може да се разбираат дури максимално спротивставени работи. Еден вели: „Таа ми е потребна, јас не можам без неа. Таа за мене е како наркотик, а тоа значи дека јас ја сакам“. А друг ќе рече поинаку: „Јас за неа сум спремен планини да превртам. Јас сум подготвен нејзе во сè да ѝ попуштам, да ги жртвувам своите интереси и амбиции, само таа да биде среќна, зашто јас ја сакам“. Што конкретно подразбира секој човек со зборот „сакам“, никому, освен нему самиот (а и тоа не секогаш), до крај не е јасно. На крајот, сакале или не сакале, ние неретко сме измамени од своето гледање на чувствата на другиот, и тоа во определен степен е неизбежно.
Но, зошто ние се мамиме не само во однос на туѓите, туку и во однос на своите чувства? Како прво, затоа што тие се непостојани. Тие постојано се менуваат. Денеска ни изгледа едно, утре истото ќе го гледаме поинаку. Денеска ние зборуваме за љубовта, утре за рамнодушност и раздразнување во однос кон еден и ист човек… Значи, време е да се разделиме? А што ќе почувствуваме задутре? Можеби, ќе се вратат претходните чувства… а можеби и не.
Како второ, ние се мамиме со своите чувства затоа што го сакаме тоа. „Ах, не е тешко да ме измамат, јас постојано самиот се мамам“ (Пушкин). Ние потполно можеме да си ги вметнеме на себеси посакуваните чувства за определена ситуација, а понатаму да дејствуваме водејќи се, не од логиката, а од тие чувства. И често така постапуваме, „ги правиме“ своите емоции сами, според својата желба.
Сите секти се изградени имено на оваа измама од чувствата. Сектантите се индуцираат еден со друг со своите емоции, со своите „особени“ претстави за светот, за Бога: еден човек му раскажува на другиот за своите чувства во однос на смислата на животот, верата, Творецот, притоа многу убедувачки, за својот нереален свет во кој тој живее, претставувајќи си го за реален… На овој начин тој влијае на својот собрат-сектант, постепено му всадува и нему исти чувства, ист поглед на светот и на себе; понатаму, гледајќи ги во него истите чувства, што и кај себе, тоа го смета за потврдување на нивната „правилност“. Како краен резултат, сите членови на сектата влијаат еден на друг, како последица на тоа нивните лажни претстави за вистинитоста се засилуваат, и тие така и живеат во својот имагинарен свет, обидувајќи се во него да ги вовлечат сите луѓе што ги опкружуваат.
Најочевиден заклучок од сите овие расудувања е следниот: при решавање на важните прашања – како создавање и зачувување на семејството, воспитувањето на децата, изборот на животните приоритети – не смееме да им се доверуваме само на чувствата. Да се живее само според чувствата – тоа е ќор-сокак. Ние нема да ја гледаме реалноста.
За да го појасниме ова, ќе наведеме неколку примери.

  1. „Мене ми се ЧИНИ, дека јас не сум полош од другите. (Да обратиме внимание на зборот „ми се чини“). Јас навистина ова го ЧУВСТВУВАМ. Да, јас не можам да го поткрепам ова со факти, со логика, но јас никому нема да му дозволам во тоа да се сомнева!“ (Ова, особено е вообичаено чувство при развод).
  2. „Мене ми се ЧИНИ, дека јас во оваа конфликтна ситуација знам повеќе отколку другиот, дека јас правилно ја оценувам истата. Јас ова не можам да го објаснам, не можам да го докажам, но јас тоа го ЧУВСТВУВАМ, имам такво внатрешно чувство“.
  3. „Мене ми се ЧИНИ, дека во оваа сфера имам неверојатен талент. Јас ова го ЧУВСТВУВАМ, и не се во право сите оние кои не сакаат да го признаат мојот талент, кои не сакаат да видат дека јас сум гениј. Јас многу страдам од тоа што ме потценуваат“.
  4. Човек кој се наоѓа во психијатриска болница, искрено себеси се смета за Наполеон, нему така му се ЧИНИ. Тој не се исмејува над другите, а вистински се смета себеси за Наполеон. Тој се ЧУВСТВУВА како Наполеон, без разлика на тоа што освен него, никој друг не го гледа така.
  5. „Мене ми се ЧИНИ (повеќе од тоа, јас себеси успешно се убедувам во тоа), дека јас го сакам тој човек. Јас во тоа сум уверен(а)“. – „Зошто си решил(а) дека го (ја) сакаш?“ – „Јас тоа го ЧУВСТВУВАМ!“ – „А тебе ти се допаѓа неговиот (нејзиниот) однос кон себе? Ти само погледни како тој (таа) се однесува кон тебе!“ – „Зошто се потребни тука твоите расудувања? Јас подобро од сите знам за себе, јас ЧУВСТВУВАМ, дека го (ја) сакам. И ЧУВСТВУВАМ, дека тој (таа) ме љуби!“ – „Тој (таа) те изневерува, не те смета за човек, сака да си замине од тебе!“. – „А јас ЧУВСТВУВАМ дека сепак ме сака, дека сигурно ќе се врати кај мене. И јас ќе го (ја) чекам“.
    (продолжува…)
    Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 65

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑