Товит и Товија

 

Свештеник Јани Мулев

Во Стариот Завет сретнуваме книга за Товит, во која се работи за татко и син кои имаат слично име, па насловот на книгата се однесува на двајцата, бидејќи и двајцата се автори, и двајцата се херои во книгата.

Книгата се спомнува кај древните автори од првите векови: Климент Римски, Учењето на дванаесетте апостоли, свети Поликарп, Климент Александриски, Иринеј, Кипријан, Иларион, свети Амвросиј, блаженииот Августин, блажениот Јероним, во римските катакомби има често пати претстави од оваа книга, а конечно соборот во Картагина во 397 одлучува оваа книга да се почитува како канонска.

Се смета дека е напишана 150-250 години пред раѓањето Христово, но врз основа на постар ракопис. Ова тврдење се базира на фактот што во книгата се спомнува царот кој владеел во 700-680 пред Христа.

Историјата на Товит започнува со неговото заробување во асирскиот град Ниневија. Авторот ни раскажува дека Товит уште од детството чекорел по патот Господов во својата татковина, но и сега во заточеништво, во прогонство, повторно меѓу своите сонародници се истакнувал по својата богобојазливост, по својата милостивост, и неговиот уникатен подвиг, да се грижи за покојните, да ги погребува оние кои немало кој да ги погребе, иако тоа било дури и забрането во тој период, а Товит го ризикувал својот живот за да им угоди на покојните. Еднаш, додека погребувал некој мртовец, тој ослепел. Но не ја изгубил верата, туку останал цврст во ова искушение. Потоа ги зафатила голема сиромаштија, така што и неговата жена морала да работи надвор од домот. Товит останал непоколеблив, иако жена му го исмевала за неговата вера, бидејќи и покрај неговата побожност, како да биле оставени на милост и немилост, како да биле од Бога заборавени.

Раскажувањето овде преминува на друга сцена, на Сара, идната сопруга на нивниот син Товиј. Таа се молела за да ја избави Бог од големото искушение кое ја снашло. Имено, имала во домот демон кој ги убивал сите нејзини свршеници, и веќе никој не сакал да се жени за неа. Во тоа време и Товит се моли, Бог да го земе од овој живот, а истовремено го советува и својот син да живее побожно, и му заповеда да го најде Гаваило, нивниот роднина кој му должел извесна сума. Младиот Товиј иако се плашел да оди на толку долг пат во непозната земја, сепак тргнал, а во вид на маж го придружувал архангелот Рафаил. На патот, Рафаил и Товиј уловуваат од реката Тигар една риба, од која, по заповед на ангелот, Товиј ги зема срцето, црниот дроб и жолчката.

Двајцата стигнуваат кај таткото на Сара, и ангелот го советува Товиј да ја побара Сара за жена, како што и се случило, и нејзините со радост му ја дале. Младоженците се молеле во собата, покадиле со срцето и дробот на рибата, и демонот избегал, па така преживеал Товиј, и ја зел Сара за своја жена. Товиј останува кај неговите дедо и баба а ангелот оди кај Гаваило да го земе долгот. Во меѓувреме родителите на Товиј се загрижиле, затоа што толку се забавил по патот. Товиј, со благослов на својот дедо се враќа дома со Сара и со ангелот Рафаил, и настанува голема радост за сите, а уште поголема затоа што Товиј со жолчката од рибата го исцелил и својот слеп татко. Кога сакале да го наградат човекот, т.е. ангелот, тој им се прикажува вистински пред нив, и ги советува за понатаму.

На крајот од книгата се зборува за судбината на Ниневија и за крајот на Товит и Товија. Оваа книга е поучна, вистинско богатство за духовното и практичното живеење. Зборува за добродетели, милостина, молитва, пост, страв Божји, љубов кон луѓето, трпение во маките и надеж во Бога – тоа се главните карактеристики на книгата. А во сето ова се гледа промислата Божја, и се нагласува конечниот триумф на доброто над искушенијата, многу и разновидни. Издигнувањето на молитвата кон Бога, вистинското значење на бракот е сликовито опишано.

За Бога се говори како за личносен Бог, за еден Бог, Создател на сѐ, Бог на Израилот, Семоќен и вечен, и никој не може да избега од Неговите раце. Промислата Негова го чува светот, сѐ се случува по Негова волја, Он испраќа искушенија, за да нѐ испита. Бог е праведен, Татко, милостив.

За човекот се зборува библиски, дека е создаден од Бога и треба да живее како и другите народи. Има возвишен призив, а Бог возвраќа за нашите дела. Бракот се смета за извор на светост и тогаш е благословен, кога започнува со молитва. Бракот е свештен, во него треба да се влегува со чиста совест, а оние кои ја злоупотребуваат светоста на бракот, т.е. влегуваат во него само од телесни побуди, се предаваат себеси на демонот (Асмодеј), демонот кој ја уништува брачната љубов. Сите претходни сопружници стапувале во брак од страст, а не од љубов, и без благослов Божји, па затоа умирале. Товиј го започнал бракот со молитва за благослов од Бога. Затоа и добил благослов, и демонот си заминал. Сопружниците треба да си ги надополнуваат слабостите и да се сакаат еден со друг, и да се почитуваат.  Достоен за пофалба е животот на Товиј, како и на татко му Товит. Заради нивната длабока вера во Бога и посветеност на Бога и на ближните.

Зошто е искористена риба за чудесното исцеление?

Рибата на грчки се вика ИХТИС – акроним од Исус Христос Син Божји Спасител. Затоа кога ја уловиле рибата и ја изеле – тоа е пророштво дека од Христос ќе се храниме, а црниот дроб и срцето се органи поврзани со крвта – што значи дека со Крвта Негова ќе се избавиме од демонската власт. Исто така и самото кадење ги означува нашите молитви и присуството на Светиот Дух, што значи дека не избегал демонот само од органите на рибата, туку и од молитвите на сопружниците, од нивниот правилен однос кон бракот.

Жолчката го претставува Евангелието, кое за верните е слатко, а за неверните горчливо, кое го просветлува и осветлува секој кој доаѓа во светот. Како што Товит го доби видот преку жолчката, така и духовно слепите луѓе прогледуваат преку Евангелието Христово, со негово читање, изучување и практикување.

Текстот е објавен во Православна светлина бр. 65

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑