Слово за взаемната љубов на христијаните

Свети Амвросиј Медиолански

Свети Амвросиј Медиолански e милански епископ, проповедник и химнограф, еден од четирите големи латински учители на Црквата. Учител на блажениот Августин.

Во книгата Дела Апостолски читаме дека благочестието на народот под грижата на апостолите било огромно и првото христијанско општество толку многу процветувало, што примајќи ја верата, никој веќе не го чувал својот дом само за себе, и ништо не сметал за свое, но, по правилата на братството, кај нив сè било заедничко. Оние, кои исповедале една вера, имале и братски односи помеѓу себе и во секојдневниот живот, имале и општ имот, и тие кои заеднички Го имале Христос, имале и заеднички трошоци за живот. Благочестивите мажи го сметале за престап да не го направат учесник во својот имот оној кој учествувал со нив во благодатта; затоа тие како браќа, заедно користеле сè. Братството во Христа е неизмерно подобро, отколку братството по тело, затоа што братството по тело е само телесно сродство; а братството во Христа е во едномисленоста и еднодушноста, како што е напишано: „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа“ (Дела 4, 32). Затоа, вистински брат е оној кој е сличен на нас не толку по телото, колку по душата. Јас велам дека вистински брат е оној кој со братот имаат еден дух и волја. И така, братството во Христа (како што веќе кажав), е подобро од братството по тело. Браќата по тело некогаш се во конфликт еден со друг; а браќата во Христа постојано се во мир помеѓу себе. Првите некогаш со завист го делат меѓу себе заедничкото нешто; вторите секогаш со радост еден на друг ја подаруваат дури и својата сопственост. Браќата по тело неретко јавно го презираат својот брат; а Христовите браќа често кај себе примаат и туѓ човек. Како што веќе реков, такво благочестие имале имале христијаните за време на апостолите, кога никој од нив не го нарекувал сопствениот дом како свој, никој ништо не си присвојувал за себе, како што говори светиот апостол Лука: „и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку сè им беше заедничко“ (Дела 4, 32). Затоа меѓу нив немало ниту еден беден. И така, блажен е оној народ, кој, имајќи многу богати во Христа, немал ниту еден беден во сегашниот век, и кој мислејќи за вечното богатство, ги ослободувал своите браќа од времената сиромаштија. Зашто, како што ни говори Светото Писмо, многумина ги продавале своите домови и имоти и средствата добиени од продажбата, ги ставале пред нозете на апостолите, за да бидат дадени на оној кој имал потреба од нив (Дела 4, 34-35). Ја гледате верата на светите мажи, како тие за Христа се лишувале од целиот свој имот и ништо не оставале за себе. Зашто не се грижеле дека ќе останат гладни, туку се грижеле другиот да не биде гладен.

Такво било благочестието кај народот кога апостолите биле меѓу нив! Дали сега можеме да најдеме нешто слично на ова? Се разбира дека и кај нас е Истиот Христос. Христос е Истиот, но не е исто нашето срце. Народот ја има истата таа вера, но ја нема таа дарежливост. Еден човек не мисли за бедноста на другиот и така се исполнуваат зборовите на апостолот: „Така што еден останува гладен, а друг се опива“ (1.Кор. 11, 21). Зашто многу христијани не само што не го раздаваат своето, но уште и го грабаат туѓото. Не само што своето богатство не го носат пред нозете на апостолите, но и оние браќа кои дошле ги влечат подалеку од нозете на свештениците. Сега настана тоа време, за кое пишува блажениот апостол: во последните денови „беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади“ (Мат. 24, 12). Сега е умножен гревот на скржавоста, кој претходно исчезнувал поради дарежливоста, и денес е изладена братската љубов, која некогаш била распалувана од Христовата љубов. За време на апостолите царувала братската љубов, така што во заедницата на верните немало сиромаштија: а сега има такво студенило кај христијаните, што едвај ќе најдеш еден богат меѓу нив. Јас овде под „богат“ не подразбирам богат човек со материјални работи, а човек богат со добри дела. Зашто апостолот рекол: „Нека богатеат со добри дела“ (1.Тим. 6,18). Тој сакал во општеството на верните да го сметаат за богат оној, кој е богат во Христа. И тоа сведоштво дека во времето на апостолите немало ниту еден беден, ни покажува дека тогаш имале толку голема благодат на верата, што сите имале преизобилство на богатството небесно. А денес меѓу христијаните ретко наоѓаме богат човек, иако многумина во домовите свои се богати со злато, но во црквата тие се бедни со благотворителност. Тие кога им помагаат на бедните не толку, колку што можат, тогаш и тоа што го даваат Му е непријатно на Бога, а истовремено и тоа што го заштедиле не ги заситува. Еве што му кажал Господ на Каин, кога овој принесувал жртва: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое?“ (1.Мојс. 4,6): така и ти христијанине, неправедно разделуваш, кога од големото богатство повеќе зачувуваш за стомакот, отколку што Му даваш на Господа. Така и Ананиј, кој се споменува во Делата апостолски, мислел дека тој правилно донел; но неправедно разделувајќи ги, ги изгубил и тие пари што ги донел, и тие кои ги оставил дома; ги изгубил не само парите, но и спасението. Тој кога скрил дел од ветеното, во истиот момент бил обвинет за светотатство (крадење на црковни, свети работи) и измама: за светотатство затоа што излагал пред Бога во своето ветување; за измама, затоа што решил да прикрие некој дел од целиот дар, па поради тоа, апостолот Петар му рекол: „Ти не излага луѓе, туку Бога!“ (Дела 5, 4).
И така, браќа, ако Ананиј бил осуден за тоа што не дал сè од тоа што самиот ветил: тогаш што ќе му биде на оној кој не сака ништо од ветеното да му даде на другиот? И така браќа, не испуштајте го од предвид она што вие сте Му го ветиле на Бога, кога за прв пат ја примивте благодатта на Верата. Еве, во нашиот град има многу туѓинци и дојденци, правете го тоа што сте го ветиле, за да не ви биде вам кажано, како што му било кажано на Ананиј: „Ти не излага луѓе, туку Бога!“

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 66

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑