Врската со Бога – фундамент на нашата врска со ближните (1 дел)

Архимандрит Захарија Захару, манастир Есекс

Архимандритот Захарија Захару е познат современ богослов, духовник на Претечевиот манастир во Есекс, Англија, основан од преподобниот Софрониј Сахаров. Отец Захарија се подвизувал покрај старецот Софрониј повеќе од дваесет години и ги превел неговите книги на грчки јазик, а исто така напишал и свои лични, од кои дел се преведени и на други јазици. Кај нас е познат по книгата „Ширење на срцето“. Беседата која следи е од 5 септември 2015 година, кога на покана од романскиот патријарх Даниил, отец Захарија одржал серија беседи пред православната младина на Романија.

*

Темата која ви ја предлагам вечерва на вашето внимание е – врската со Бога како фундамент на нашата врска со ближните.

Во животот на човекот најголемо значење имаат два периода: младоста, кога човекот поставува цврст темел на сето свое пребивање на земјата – така што во сите свои години да го откупи богатството на вечноста – и потоа староста, во која ги запечатува добродетелите и побожноста на неговиот живот со венецот на праведноста, кој Господ Исус Христос, праведниот и вечен Судија, ќе им го даде на оние кои Го засакале при Неговото доаѓање на земјата и кои го почитуваат Неговото Евангелие.

Во младоста човекот е исполнет со ентузијазам, полн со ревност за светот на познанието, копнее по совршенство, усовршување, и повеќе од сѐ, се сврзува со слични на себе, гради врски со своите ближни, кои можат да ја покажат вредноста на неговите природни дарови. И ако човекот не престанува да се труди мудро да го искупува времето на овој живот, добивајќи во замена нетлена благодат, тогаш неговата старост ќе биде вдахновена од ревноста за тамошниот свет, когошто го очекува неговото срце и когошто тој брза да го достигне. Староста ќе биде украсена со натприродни дарови и воодушевена од живата надеж на милосрдните прегратки на Отецот на сите дарови и Бог на секоја утеха.

Оваа вечер би сакал, малку да се задржиме на врските со сличните на нас – тема која многу ги интересира сите млади, но всушност, сите луѓе. За да бидат овие врски конструктивни и животворни, треба да бидат исполнети одредени услови.

Оној кој поставува врска со другиот човек треба јасно да ги знае своите извори, исто како и својата цел и предназначеност. Бог го создал човекот од ништо и сосема Сам непосредно, земајќи земен прав со Своите раце и дувнувајќи во неговото лице дух животен. Бог го населил човекот во рајот на сладоста и му дал заповед, со цел да му помогне да го сочува смирението и да не преминува преку границите на својата материјална природа. Само така тој можел да остане во жива врска со својот Создател и на крајот да го исполни своето високо предназначение – да достигне високо совршенство.

Додека човекот ја запазувал заповедта, имал блиска врска со Бога и секогаш пребивал во Неговото присуство, исполнет со благодарност, мир и сладост од смирениот живот. Во светлината на лицето Божјо Адам имал и хармонични односи со Ева, што ја умножувало неговата радост и вдахновение. Адам ја сметал Ева за самиот свој живот и помила му била од сѐ што го опкружувало во рајот. Затоа, оддавајќи му на Бога благодарност за неа, за помошта, која ја добивал, тој вели: „Еве коска од моите коски, и плот од мојата плот“ (1.Мојс. 2,23).

Адам ја прифаќал Ева како тело од неговото тело, и тие биле толку чисти еден пред друг, што иако биле и обајцата голи, но биле лишени од секоја страст и не се срамеле. Меѓутоа, по некое време, Адам и и Ева паднале во соблазната од искушението на ѓаволот, мислејќи дека ќе станат богови, и ја отфрлиле заповедта од Создателот, што ја поколебало и нивната врска со Бога, а исто така и врската помеѓу нив. Станувајќи беззаконик и престапник на заповедта, Адам бил лишен и од чувството на дарежливост и дружба со Бог, која претходно ја имал, кога зборувал со Него лице в лице.

Тогаш, бидејќи и обајцата виновни, Адам и Ева се скриле од лицето на Господа Бога среде дрвјата во рајот. Нарушувањето на заповедта ги оддалечило првосоздадените од Создателот и ги исполнило со страв од смртта, која влезе во нивниот живот како праведна одмазда за гревот, како што ги предупредувал добриот Бог уште на самиот почеток.

Меѓутоа и меѓу нив веќе исчезнала претходната невиност и љубовна заедница. Кога Бог кротко побарал од нив одговор за нивната постапка, тие обајцата станале против Него, осудувајќи го како виновен за нивната трагедија, и секој од нив повеќе не го гледал во другиот својот живот, како претходно, туку само причина за смртта.

Следејќи ја историјата на човештвото, како што ни ја претставува Писмото, гледаме дека врските помеѓу луѓето стануваат сѐ повеќе трагични. Некогаш синот на Адам – Каин, Му принесувал на Бога нечиста жртва, и потоа Бог не покажал дека Му е угодно. Тогаш, гонет од завист и убиствена омраза, тој го убил својот брат. И бидејќи сиот род човечки живеел сега под власта на стравот од смртта, според силата на љубовта кон себе, тој во борбата за преживување правел не нешто друго, освен тоа што се уништувал себеси и пребивајќи во таа себеизмама, доаѓал во состојба на секакво беззаконие.

Во текот на повеќе векови потоа, само на неколку праведници им успеало да зачуваат во себе неколку црти од познанието на Бога, кое го имаа првосоздадените во рајот. Тие сочувале во својата свест малку од таа светлина на побожноста, која треба да се има кон Бога, и тоа им дало сила да се подвизуваат, за да ја обноват таа врска, која Му е угодна Нему. Во светлината на таа врска им било дадено пророчки да ја познаат состојбата, која ја најавуваше благодатта и вистината, кои требаше да слезат од небото при исполнувањето на времето.

Патријархот Јаков бил еден од старозаветните праведници, чиј живот може да ни послужи за пример. Скитајќи низ пустината и претрпувајќи таму многу зла, праведниот Јаков посакал да се врати во домот на својот татко Исаак. Но се откажал пред страшната дилема: ако остане во пустината, не ќе може да преживее, а ако се врати во домот свој, тогаш нема да ја избегне убиствената суровост и лутина на својот брат Исав.

Невозможно било на човечки начин да се излезе од тој ќорсокак, и тогаш, преполнет од тага, Му се обратил на Бога во молитва. Цела ноќ стоел, смирувајќи се себеси, за да стекне благодат пред Господа. На разденување Јаков почувствувал дека Бог му се приближува и ја засилил молитвата, велејќи, дека нема да го остави, додека не добие благослов од Него. И Бог почнал да Му зборува на Јаков, давајќи му многу важна поука: „Доколку со Бог си силен, тогаш и со луѓето ќе бидеш силен“ (1.Мојс. 32,28).

На следниот ден, покриен од печатот на Божјиот благослов, кој го добил од Него, Јаков излегол на средба со Исав. Иако овој претходно го гонел со голема војска, за да го убие, но сега го прегрнал и му се обесил на вратот, го бакнал и заплакал. Така тие повторно се поврзале со братска љубов. И како што сведочи Писмото, благословот Божји врз Јаков бил толку силен, што кога тој го видел лицето на Исав, нему му се причинило како да го гледа лицето Божјо (1.Мојс. 33,10).

Меѓутоа, Јаков се удостоил со тој благослов дури после тоа, откако се борел со Господ на молитва цела ноќ и се смирувал до крај. Се смирил себеси, меѓутоа, и пред Исав, бидејќи, пристапувајќи кај него, му се поклонил седум пати до земја. Бог одговорил на смирението, со кое Јаков се борел на молитва, предавајќи му поука, која станала за него основа и закон, која ја одржува и зацврстува секоја врска, правејќи ја плодоносна за нетлени и вечни плодови во вечноста: „Доколку со Бог си силен, тогаш и со луѓето ќе бидеш силен“ (1.Мојс. 32,28).

Пророкот Јоил исто така ни предава поучно слово, кое го просветува нашиот ум и го укрепува срцето на тоа, за да востановиме совршена врска со Бога и со сето создание. Тој вели: „Лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата кај синовите човечки исчезна“ (Јоил 1,12).

Согласно зборовите на пророкот, има само една радост, која ја заслужува нашата почит, а тоа е радоста, која проистекува од Самиот Бог, бидејќи само таа е совршена и полна. Бидејќи е дарувана од Бога, таа дејствува преку Светиот Дух. На бесценетата радост ѝ воздаваме должна чест, кога го пазиме својот живот и совест чисти преку запазување на заповедите. Тогаш срцето добива сила со слобода и страв да стои пред лицето на Христа, Кој му дава покој од помирувањето со Бог и неизбришлива утеха, што ѝ дава на душата уверување во нејзиното спасение во вечноста.

Светата и полна радост, која им ја ветил Христос на Своите слуги, вдахнува во нив страв и мудрост да не се потпираат на себеси, туку да останат во границите на својата материјална природа и да умеат да ја користат сета таа радост и утеха, кои може да им ги даде созданието во слава Божја и за осветување на душата. Но кога луѓето ја прават вистинската и непорочна радост која произлегува од Бога да биде горделива, тогаш сите извори на природна радост исушуваат и веќе не можат да им донесат утеха, бидејќи се лишени од животодавната благодат Божја. Тие носат тага од самољубието и семе на распадливоста и смртта. Напротив, ако во нашиот живот царува радоста Божја, тогаш и врските со сличните на нас стануваат извор на радост и стануваат трајни и полни со конструктивно вдахновение.

Но, кога човек премногу се потпира на нив (на врските), тогаш самите тие му го затвораат патот кон стекнување на натприродни дарови, кои Бог ги дава по Својата добрина и милосрдие.

Ова го констатираме и во насока на нашиот однос кон другите. Без цврста основа на нашата свештена врска со Бога односите со сличните на нас ќе бидат слаби, кршливи и во секое време готови да се распаднат и да се претворат во непресушен извор на болка и мачење. Затоа и Господ вели, дека секој мудар човек, кој ја достигнал тајната на Царството Божјо, изнесува од својата ризница старо и ново (види: Мат. 13,52). Со други зборови, тој прави така, за својствата на неговата падната човечка природа, т.е. старото, да служат за умножување на натприродните дарови, т.е. новото, со кои Бог го удостојува на патот на духовна обнова во Негова слава и за спасение на сите луѓе.

Се разбира, сѐ што се случувало со древните личности не било ништо друго, освен сенки, кои Бог требало да ни ги објасни во последните дни.

Во личноста на Господ Исус ни се откри апсолутната вистина, и ние ја познавме совршената врска со Бог и со ближните. Додека Христос пребиваше во тело ни ја откри врската на совршена љубов во прегратките на Света Троица. Синот го открива и прославува Името на Небесниот Отец, Отецот Го прославува Синот и сведочи, дека Синот пребива сиот во Отецот, дека Отецот пребива сиот во Синот и дека Он – е Син на Неговата љубов, во Кого е Неговата добра волја.

Синот Го прославува Отецот, а Отецот Го прославува Синот, и тоа Он го прави во тој миг на природен начин. А Светиот Дух исходи од Отецот, почива во Синот и Го прославува, го прави животот на Синот познат и ги поучува учениците Христови на секоја вистина, т.е. на полнотата на Божествената љубов.

Христос ни ја откри Својата Божествена личност преку врската со Небесниот Отец, запазувајќи ја Неговата заповед и покорувајќи се и пребивајќи на тој начин сецело во Неговата љубов, а во односот кон човекот Он исто така покажа совршена љубов: љубејќи ги Своите во светот, Он до крај ги возљуби (види: Јован 13,1). За да дознае светот дека Неговата љубов – како кон Бог, така и кон човекот – е вистинска и совршена, Христос појде по патот на страдањата и распнување на Голгота. Он слезе во гробот, и уште подлабоко, во подземниот дел на земјата, за да го исполни сето создание со Своето Божествено присуство и за да можеме на тој начин да Го сретнеме на секое место и во секоја околност на нашиот живот. Бидејќи невин и безгрешен, Он стана за нас клетва, та со Својата смрт и воскресение да нѐ помири со Небесниот Отец, а со вознесението над небесата ни ги даде даровите на Светиот Дух.

Овој чудесен Бог ни дал заповед да го следиме Неговиот пример, ако сакаме да станеме Негово вечно наследство. Он се смири (понизи) Себеси и стана Слуга на нашето спасение, предавајќи го Својот живот заради искупување, за да го избави целото човештво од смртта на гревот.

(продолжува…)

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 66

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑