Преп. Георги (Георге) Лазар – Поклоник

(1846-1916)
Игумен Јоаникиј Морој
Како верник, лаик, христијанин Георги Лазар е прототип на вистинскиот романски поклоник. Неговиот добродетелен живот главно го покажува како еден уникатен феномен во духовниот живот на нашата (Романската) црква во текот на последното столетие.
Старецот Лазар, како што се нарекува досега, се роди во општината Сугаг во областа Алба, во 1846. Кога имаше 24 години, неговите родители го оженија и го оставија за наследник на нивниот имот. И живееше со неговата жена околу 20 години, и беше благословен од Бога со пет деца. Живееше свет христијански живот, со благоразумност во работата, со молитва, со пост и милостина. Негова преокупација беше стекнувањето на добродетели.

Во 1884 година отиде да се поклони пред Пресветиот Гроб Христов и престојуваше во манастирите во Јорданската пустина и во Синај повеќе од една година. Потоа се подвизуваше околу година и пол на Света Гора и се врати во својата татковина. Поживеа уште многу години со своето семејство и ги среди своите деца, сѐ до 1890 кога замина како поклоник во молдавските манастири.
Откако се поклони на сите свети места, се насели најпосле во градот Пјатра во областа Њамц. Таму се насели старец Георги Лазар како еден вистински пустиножител во камбанаријата на Стефан Велики, која е среде градот, околу 26 години, значи сѐ до неговото блажено упокојување. Таму беше сам во пост и молитва, спротивставувајќи се на различните временски прилики.
Па така, славословејќи Го со благодарност Бога, ја предвиде својата смрт и се упокои во мир во својата ќелија, на празникот Успение на Пресвета Богородица, на 15 август 1916 година, и беше погребан на градските гробишта. Летото во 1934 година неговите мошти беа сместени во предворјето на манастирот Варатек.

*
За него се раскажуваат многу големи подвизи и чудеса. На пример, во зима, по снег и мраз одел бос, и не се разболувал. Псалтирот го знаел напамет, имал дар на прозорливост и непрестајна молитва, па многу негови млади духовни чеда станале големи подвижници во романските и светогорските манастири. Девојките кои доаѓале кај него за поука и кои сакале монашки живот, ги испраќал во манастирите Агапија и Варатек каде што денес почиваат неговите свети мошти.

Романската православна црква официјално го вброи во диптихот на светителите на 25.03.2018 година. Неговиот спомен се слави на 17 август, според новиот календар.
По неговите свети молитви, Господ да нѐ помилува и спаси. Амин!

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑