Свети Никола Планас, свештеник Атински

Навикнати сме да читаме житија на светители, кои најчесто се монаси или епископи, а брачните свештеници се сосема маргинализирани, како да немаат ништо свето. Најголеми богослови на 20-от век беа брачните свештеници од Русија и Грција, и преку нив се обнови и оживеа запоставената богословска наука, која поради многувековното ропство и повеќе војни беше сосема заостаната. Во редовите кои следат е изложено краткото житие на еден свет и праведен брачен свештеник, од редот на свети Јован Кронштадски, о. Димитриј Гагастатис и многу други, кои ни покажуваат дека светоста е можна не само за безбрачните, туку и за брачните.

***

Светиот Никола Планас роден е на островот Наксос во 1851, од богати родители, кои на својот имот имале и своја црквичка посветена на свети Никола. Уште како дете тој влегувал во црквата, се завиткувал со чаршав за да личи на свештеник и пеел нешто „попски“. На четиринаесет годишна возраст останал без татко, а мајка му го зела него и сестра му и се преселиле во Атина. На 17 години го ожениле, но по раѓањето на нивниот син, неговата сопруга се упокоила, и тој целиот свој живот го поминал во безбрачност. Подоцна на 28 јули 1879 година, бил ракоположен за ѓакон, а по пет години за свештеник во црквата на пророкот Елисеј. Откако го разделил имотот со својата сестра и со соседот, се ослободил од светските грижи и целосно Му се посветил на Бога, како еден од великите подвижници од пустината.
Повеќе пати во животот му се јавувале разни светители и му помагале во неволјите, или му давале лек за некоја болест.


Овој вистински работник во лозјето Христово служел секојдневно, и лето и зима, од осум наутро до три попладне. Во летните горештини на одеждите му излегувала потта како пена. Ги служел сите служби, утрена, часови, литургија, молебен, акатисти итн. Бил целосно посветен на молитвата, па дури размислувал дека треба да се воведе типикот на Неусипајуштите (подвижници кои воопшто не спиеле), но неговите духовни чеда го убедиле дека тоа е невозможно во светот, без братство.
Сите пости ги постел без масло, а постел и две недели пред Крстовден.
Во џебовите секогаш носел снопови од ливчиња со имиња, кои луѓето му ги давале за да ги спомнува на литургија. Ги спомнувал со месеци сè додека некој од неговите чеда не му ги земел тајно, за да не се развлекува литургијата од толку спомнувања.
Кога влегувал во црква за да служи литургија или бдение, луѓето се туркале за да му целиваат рака, некои расото, а некои пак главата, затоа што бил многу низок. Во служењето бил многу величествен, сакал сè да биде величествено, како што Му прилега на Бога. Честопати на литургија се случувале чудесни нешта: појавување на светители, ангели, исцелувања на болни, или гестови од страна на старецот со кои се откривал неговиот дар на прозорливост.
Немал високо образование според световните мерила, така што дури ни евангелието на литургија не можел со леснотија да го чита; правел голем грешки кои понекогаш биле и смешни; не знаел ни кој е премиер на земјата, но, сепак, луѓето го сакале и почитувале поради неговиот свет и целосно Богу посветен живот. Но во животот тој никогаш не бил наклеветен или лажно обвинет, а самиот тој сметал дека се удостоил за таква закрила, токму затоа што секогаш, пред да излезе од дома се молел со стиховите од псалмите: „Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие“ (Пс. 118, 133); „Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди. Озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди“ (Пс. 118, 134-135); „Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја, и цел ден да пеам за Твоето велелепие“ (Пс. 70, 8). Денес овие работи се сметаат за претерани ситници, кои им доликуваат само на децата. И така, луѓето заминуваат без размислување, се гневат уште пред да ја напуштат куќата. Каде е молитвата? „Старомодни ситници…“ Нашиот сатански егоизам нè убедува дека ние знаеме сè. Тишината и мирот се протерани, а духовното бунило останува со нас.
Во облекувањето секогаш бил скромен, со старо и извалкано расо, затоа што редовно служел во стари и напуштени црквички. Одборниците го укорувале поради тоа што носел старо расо, па затоа му купиле ново. Но, додека служел литургија, дошол еден помлад свештеник, божем да сослужува со него, го соблекол своето старо расо, а го облекол новото на отец Никола и си заминал. Отец Никола го видел сето тоа, но ништо не проговорил.
Најпрво бил поставен во една мала парохија со околу 13 семејства, а кога еден свештеник му ја присвоил парохијата, тој добил нова парохија која ја сочинувале 8 семејства. Иако низ неговите раце поминале многу пари, тој за себе не задржувал ништо. Кога се качувал во кочија не му барале пари, бидејќи сметале дека е благослов да го возат поп Никола. Таксистите буквално се тепале кога требало некој да го превезува отецот, затоа што знаеле дека, оној што ќе го земе во својот автомобил, во тој ден Господ ќе му даде многу голема заработка.
Во времето кога Мелетиј Метаксакис бил архиепископ Атински, забранил служење на бденија и замонашувања, но и покрај забраната поп Никола служел тајно. По заминувањето на Мелетиј, дошла промената на календарот. Настапиле нови измачувања, нови страдања за старецот. На прашањето, кој календар е правилен, тој одговорил: „Според убедување стариот, а според обврска новиот“. Но по промената на календарот во Грција, тој, иако не се одделил од својот надлежен епископ, сепак тајно продолжил да служи литургија според стариот календар. Неколку пати бил во опасност да биде уапсен, и насила да му биде соблечено расото и да му биде избричена брадата, од страна на полицијата, која со благослов на црковните авторитети од официјалната Грчка Православна Црква ги гонела сите кои не се согласувале со оваа календарска реформа, но од сите неволји Господ го избавувал.
Во тој период се разгорело и комунистичкото движење, и многу свештеници пострадале од нивниот терор, а на списокот за ликвидирање бил и отецот Никола. Но поради неговото големо трпение, љубов и добрина кон претседателот на Комунистите, не само што бил поштеден, туку и целосно го преобразил срцето на овој млад човек, кој нешто подоцна, на возраст од триесет години, се упокоил од парализа на нозете, како добар христијанин и без притоа да убие било кого.
Многу чуда се случувале за време на неговиот едноставен но богоугоден живот на земјава: многумина го виделе како оди над земјата; едно дете го видело како лебди над земјата за време на литургијата; за време на обилен дожд го виделе како шета без чадор, а сепак со суво расо, без ниедна капка на него; еднаш кога никаде не можел да најде просфора за литургија, на чудесен начин на престолот нашол свежа просфора и ја отслужил литургијата…


Поради неговиот тежок подвиг – педесет години секојдневно служење Божествена Литургија и секојдневно причестување со Телото и Крвта Христови, Бог, Когошто тој Го беше возљубил со сето свое срце, со сета душа и со сета помисла, го даруваше со многу дарови уште во овој живот, и го удостои со вечна слава и радост помеѓу светиите во идниот живот. Неколку децении по неговата блажена смрт во февруари 1932 година, неговите свети и нетлени мошти беа откриени, по што следеше и официјална канонизација (акт со кој се признава светоста на една личност) и прибројување кон хоровите на светителите, од страна на Цариградската патријаршија. Неговите свети мошти од 1992 година се поставени во кивот и почиваат во храмот Свети Јован на булеварот Вулијагмени. Неговиот свет спомен се слави на 17 февруари/2 март (стар стил).
Чуда кои се случиле по смртта на свети Никола Планас:
Еден од неговите роднини страдал од остри болки на ревматизам и артритис, и не можел да се одмори ни дење ни ноќе. Додека седел во собата во агонија, тој го повикал поп Никола со солзи, и во исто време побарал да му донесат едно од расата на отецот. По малку време, му го донеле, и тој се завиткал со него, повикувајќи го него за помош. Толку требало! Болките прекинале, и измачениот човек отишол и заспал. Потоа отишол на работа без повторно да страда од болки.
Една жена, негова далечна роднина, имала ментално пореметена ќерка која ноќно време ја напуштала куќата и правела разни луди нешта. Ја завиткале во расото на отецот, и ѝ станало подобро.
Во текот на партизанската војна, едно семејство добило известување дека партизаните ќе бидат сместени во нивната куќа. Тие виделе прибежиште во посредувањето на отецот, и повикале по него со солзи и страв. Го виделе во сон, и тој им рекол: „Не плашете се, тие ќе дојдат и ќе си заминат без да имате било какви страдања“. И понатаму, го виделе како оди низ куќата и ги благословува собите. Следниот ден, дошле шестмина партизани; тие си легнале и ја поминале ноќта во широката гостинска соба, и си заминале утрото со наведнати глави, барајќи прошка за тоа што ги вознемириле!
Во Свети Јован обично кажувале дека многу жени кои имаат семејни расправии, ќе отидат на неговиот гроб и ќе земат неколку ливчиња од неговата земја и ќе ги искадат нивните куќи со нив[1], за да има помирување и мир.

Тропар на светиот Никола Планас, глас 5:
Да го пофалиме нашиот заштитник, божествениот Никола; како единствен надарен со блажена добродетел, кој заблеска како вистински свештеник на Севишниот Бог, и беше Негов горешт богослужител. Зашто, преку неговиот свет живот на земјата, тој ни остави највозвишени, божествени и непогрешливи учења на долготрпение, кротост, трпение, нелажно смирение и вистинска богоподобна љубов.

Подготвил и превел од англиски:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Mother Martha,
Papa-Nicholas Planas,
Holy Transfiguration Monastery,
Boston, MA. 2001.

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑